Обрнете внимание на сѐ што изградил човекот – на куќите, на големите и малите згради, на градовите и селата... Обрнете внимание на луѓето и на нивната култура и цивилизација. Прашувајте, надградувајте го своето знаење за сѐ и сешто, не бидете рамнодушни. Тоа ви помага подлабоко да ги согледувате чудесата Божји. Сѐ ни дава можност да се поврземе со сите луѓе и со сета твар. Сѐ ни дава причина за благодарење и за молитва кон Господ на сѐ. Треба во сѐ да живеете – во природата, во сѐ што постои. Природата е таинствено Евангелие. Но кога некој нема внатрешна благодат, нема никаква корист од природата. Природата нѐ буди, но не може да нѐ воведе во рајот.
Духоносец, што значи човек што во себе Го има Духот Божји, забележува сѐ покрај коешто поминува. Тој е целиот око, целиот е сетило за мирис. Сите сетила му се живи, но живи со Духот Божји. Тој е поинаков. Сѐ гледа и сѐ слуша. Ги гледа птиците, каменот, пеперутките... Кога некаде поминува, чувствува сѐ околу себе, на пример, мирисот што доаѓа од некаде. Во сѐ живее: во пеперутките, во пчелите... Благодатта му дава да има восредоточено внимание или дар на забележување. Тој сака да биде во заедница со сѐ што постои. (МПЦ-ОА)