Многуговорливоста е престол на суетата, на кој таа радо се појавува во целиот свој сјај.
Многуговорливоста е знак на незнаењето, капија на оговарањето, предводник во шегувањето, слуга на лагата, лишување од смирението, повикувач на унинието, претходник на соништа, расејување на молитвата, губиток на вниманието, ладење на топлината, гасење на молитвата.
Разумното молчание е мајка на молитвата, ослободување од ропството, чување на пламенот, чувар на помислите, извидник на непријателите, живеалиште на плачот, пријател на солзите, делатник на сеќавањето на смртта, живописец на страдањата, зафатеност со представата на последниот суд, помошник на спасоносната потиштеност, непријател на дрскоста, сопатник на безмолвието, творец на виденија, противник на тежнеењето да учиш други, умножување на знаењето, незабележливо напредување, скриено искачување.
Оној што ги запознал своите гревови, загосподарил и со својот јазик. А оној кој многу зборува, уште не се познава себе онака како што треба да се познава.
Пријателот на молчанието се приближува кон Бога, и разговарајќи со Него тајно, бива осветлуван од Него.
Исусовото молчење го посрамило Пилат, а молчанието на побожниот човек ја уништува суетата. Изговарајќи го зборот, Петар заплакал горко, зашто заборавил на оној што рекол: Реков - ќе пазам на патиштата свои, да не згрешам со јазикот свој (Пс. 38,1), и на другиот кој рекол: Подобро е на земјата да се падне од високо, отколку со јазикот. (Сирах,20,18)
Општо земено многуговорливоста се раѓа од некои од следните причини: или од незауздан живот и навика, или пак, најмногу кај подвижниците, од суета, а понекогаш и од алчност. Затоа често се случува кај многумина кои го обуздале стомакот, со него заедно да го обуздат и јазикот и многуговорливоста.
Оној што мисли на смртта, го пресекол зборувањето. И оној кој стекнал духовен плач бега од многуговорловоста како од оган.
Оној што го засакал безмолвието, ја затворил устата. А оној што сака да скита, од келијата го истерува страста.
Кој го осетил мирисот на небесниот оган, го избегнува собирот на луѓе, како пчелите што бегаат од чад. Зашто како што чадот ја истерува пчелата, така и он не го поднесува големиот собир на луѓе.
Малкумина се оние кои можат да ја сопрат водата без брана. Уште помалку се оние кои можат да ја сопрат незаузданата уста.
Оној што го достигнал единаесеттиот степен на Лествицата, со еден замав одсекол многу зла.
Извор: Лествица - Свети Јован Синајски
Превод сестринството на манастирот
Преземено од:
https://www.manastirslepche.mk/novost/za-mnogugovorlivosta-/