А вистинскиот живот, браќа мои, е во тоа да го отфрлиме гнилежното и да пребиваме во она што е од нашиот Искупител. Времето бара од нас, особено денеска, да се уподобуваме на светиите и да сведочиме не само со зборови, туку и со дела. Ние се уподобуваме на нив кога Го исповедаме Оној Кој претрпе смрт; кога веќе не живееме за себе, туку кога Христос живее во нас, кога со сета своја сила се трудиме на Господа да Му возвратиме за Неговите добрини.
Кога на Господа Му возвраќаме, не даваме ништо што е наше, туку исклучиво она што веќе од Него претходно сме го примиле. И токму она, што Самиот Господ нам претходно ни го дарувал, го бара потоа од нас како наше. Без сомнение, ова претставува доказ за Неговото милосрдие.
За ова и Самиот Тој сведочи, велејќи: жртвите, што Мене ми ги принесувате, се Мои дарови, т.е. она што Ми го принесувате само малку вам ви припаѓа, бидејќи од Мене сте го примиле.
А даровите Божји се следни: совршена добродетел и вистински трепетен страв пред Него, што сме должни да ги принесеме на Господа како жртва. Затоа што, во побожност пребивајќи, должни сме Него да Го прославуваме, токму со она што Тој нам ни го дарува за наше осветување.
Св. Атанасиј Велики