Пастирството
Да го управуваш човекот, најпаметното и променливо животно, е искуство над искуствата и наука над науките. Во тоа може секој да се увери, ако го спореди лекувањето на душите со лекувањето на телата – ќе се убеди колку тешко е последното и ќе разбере колку потешко е нашето лекување, истовремено и попретпочитано по карактерот на болеста, по силата на знаењето и по целта на лекувањето. Медицината се труди над телата, над материја гнилежна и соблазнителна; материја, што задолжително ќе се разруши и подметне на својата судбина, покрај помошта на искуството да се преодолее на појавеното во неа растројство; воопшто, телото, откако ќе се потчини на својата природа, и не ја помине границата на своето предназначување, ќе се разруши или од болест, или од времето. Пастирството пак, се грижи за душата, која е од Бога и е божествена; која е слична на небесната добрина и кон неа се стреми, макар и да е соединета со гнилежно тело, склоно кон зло. Тоа поврзување, по Божја промисла, има две назначувања: прво – да може душата да ја наследи небесната слава за борба и подвиг со земното; да биде искусена тука, како злато во оган и да ја придобие очекуваната награда за добродетел не само како дар од Бога; да се убеди во крајноста на Божјата благост, дека доброто не е само вкоренето во нашата природа, но е постигнато и со наше учество, дека е плод и на нашата слободна волја што е склона и кон добро и кон зло. Второ – да може душата да го привлече телото кон себеси, откако постепено ќе го откине од плотското и ќе го насочи кон небесното; да може да стане раководителка на служебната материја и да го упати во служба на Бога; таа да биде за телото тоа што е Бог за душата!
Не сум мислел и не мислам, дека е едно и исто нешто: да водиш стадо овци или волови и да управуваш човечки души. Во првиот случај грижата е една: да ги нахраниш овците и воловите и да ги направиш најдебели. Од пастирот се сака да избере место, да побара вода, да најде пасиште, да го води стадото со стап или свирка. Од него ништо друго не се сака, освен понекогаш да го пази стадото од волци и други ѕверови. Сè се исцрпува со даб, сенка, трева, вода, свирка, песна, кошара и, на крај – да го продадеш или изедеш најубавото. За добродетелите на овците и воловите никој никогаш не се грижи. Со духовното стадо, не е така. Ако е тешко да бидеш под власт – многу потешко е да началствуваш. Златото и среброто имаат вредност, кога се чисти – фалсификуваните монети не даваат звук и ја губат својата вредност. Добродетелта е тешко достапна за човечката природа, како што е огнот за влажната материја.
Мнозинството од луѓето се склони кон пороци, како сувата трска кон искрата. Светото дело сака чисти раце и чисти срца – не може да ги лекуваме другите, кога ние сме покриени со рани. Дури и кога сме целосно чисти од грев, не знам, дали сме готови, другите да ги учиме на добродетели! Мене ми е срам за некои, кои, без да се подобри од другите, ако не, дури и полоши, се посветуваат на светото дело со нечисти души и неизмиени раце – пред да постанат достојни за свештениот чин, па се втурнуваат во светилиштето и се туркаат околу светата Трпеза, сметајќи го тој позив не за образец на добродетели, а за некакво средство за заработувачка, што не е служение. Служението е сврзано со голема одговорност, и не е началствување, кое не дава никому никаков отчет!
Св. Григориј Богослов
Преземено од :МПЦ
(16.10.2011)
П.П. 2011-10-18 06:29:52
За Преминпортал подготви
Дејан Блажески