логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

А. И. Осипов


Во денешно време сите ние се наоѓаме во животна ситуација во која на никаков начин и со никакви ѕидови не можеме да се одвоиме од светот што нè опкружува. За каква ситуација станува збор? Ние живееме во светот на религиозниот плурализам. Се соочуваме со мноштво проповедници, и секој од нив ни предлага свои идеали, свои норми на живот, свои религиозни погледи. Постарите сигурно не би ни завидувале на ваквата ситуација. Порано било поедноставно. Основниот проблем, пред кој биле исправени луѓето во блиското минато, бил проблемот на религијата и атеизмот.  

Денес се манифестира нешто многу поголемо и многу полошо. Дали Бог постои или не постои – тоа е само првиот степен. Но, добро, човекот се уверил дека постои Бог. А понатаму? Вери колку сакаш – кон која да се приклучи? Христијанин... а зошто не муслиман? А зошто не будист? А зошто не кришнаит? Нема да набројувам понатаму. Вие самите знаете колку многу религии има. Зошто, зошто, зошто...? Но, добро, нека човекот, минувајќи низ таа многурелигиозна џунгла, на крајот станал христијанин. Зашто разбрал дека христијанството е – најдобрата, најисправната ... религија.

Но кое христијанство? Тоа е толку многулико! Каков да биде? Православен, католик, пентакостен, лутеран? Повторно мноштво. Ете пред каква ситуација денес е исправен секој млад човек. Притоа, претставниците на старите и на новите религии, претставниците на неправославните конфесии, по правило, се многу погласни и имаат значително поголеми можности за пропаганда во средствата за масовна информација одошто ние, православните.

И така, првото со кое се соочува современиот чове е – множеството вери, религии, светогледи. Затоа би сакал денес накратко да поминам низ таа долга низа соби коишто се отвораат пред множеството современи луѓе коишто ја бараат вистината, и да погледнам, макар и во најопшти, но принципиелни црти, зошто човекот е должен – не само дека може, туку дека навистина е должен – врз разумни основи да стане не просто христијанин, туку православен христијанин.

monahinja.molitva.jpg

И така, првиот проблем: „Религија и атеизам". Се случува, на мошне важни конференции и слични манифестации, да се среќаваш со луѓе коишто се навистина образовани, навистина учени, коишто не се површни, и се случува постојано да се судираш со едно и исто прашање. Кој е Бог? Постои ли? Дури и прашањето: Зошто е потребен? Или: Ако постои Бог, зошто не настапи од говорницата на Обединетите Нации и не се објави? Ете, дури и такви прашања можат да се слушнат. Што може да се каже на ова?

Ова прашање, како што ми изгледа, се решава од позиција на централната современа философска мисла, којашто најлесно може да се искаже преку поимот егсистенцијалност. Во што се состои основната содржина на постоењето на човекот, на смислата на човековиот живот? Да, се разбира, пред сè во – животот. А и како би било поинаку? Каква смисла јас доживувам кога спијам? Смислата на животот може да биде исклучиво во спознанието, во „вкусувањето“ на плодовите на својот живот и на својата активност. И досега никој не можел да смета, и во вечни векови нема да може да смета и да тврди дека смислата на човековиот живот е во – смртта. Тука лежи непремостивиот јаз меѓу религијата и атеизмот. Христијанството тврди: човеку, овој земен живот е само почеток, услов и средство за подготовка за вечноста; подготвувај се, тебе те очекува вечноста. Христијанството вели: еве што е потребно да сториш, еве каков треба да бидеш за да влезеш во вечноста. А што тврди атеизмот? Нема Бог, нема души, нема вечност, и затоа верувај, човеку, дека те очекува вечна смрт! Каков ужас, каков песимиза, каков очај – морници низ грбот минуваат од овие страшни зборови: човеку, тебе те очекува вечна смрт... Не, избавете ме од таквата вера! 

Кога човек ќе се изгуби во шума, го бара патот да излезе од неа, бара начин да се врати дома, и штом ќе сретне некого, го прашува: „Има ли излез оттука?“ Ако тој му одговори: „Не, и не барај, подготви се да останеш тука.“ – дали ќе му поверува? Се сомневам. Нема ли да продолжи да бара понатаму? И ќе сретне друг човек кој ќе му каже: „Да, има излез, и ќе ти ги кажам знаците по кои ќе можеш да излезеш оттука.“ Нема ли да му поверува на овој човек? Истото се случува и во сферата на изборот на светогледот, кога човекот ќе се најде пред лицето на религијата и на атеизмот. Сè додека во човекот има искра на барањето вистина, искра на барањето смисла на животот, тој не може, психолошки не може да прифати концепции коишто тврдат дека него, како лчичност, и – следствено – сите други луѓе ги очекува вечна смрт, за чие достигнување е потребно создавање што е можно подоби економски, социјални, политички и културни услови за живот. А понатаму сè ќе биде О.К., утре вие ќе умрете и ќе ве однесеме на гробиште. Колку „восхитувачки“!

Ви укажав само на едната страна, психолошки мошне суштинска, којашто, според мене, му е доволна на секој човек со жива душа за да разбере дека само религиозниот светоглед, кој за своја основа го прифаќа Оној Кого ние го нарекуваме Бог, дозволува да се зборува за смислата на животот.

И така, јас верувам во Бога. Ќе сметаме дека минавме низ првата соба. И, откако поверував во Бога, влегувам во втората... Боже мој, што гледам и што слушам тука? Полно народ, и секој вика: „Единствено јас ја зборувам вистината“. Има и муслимани, и конфучијанци, и будисти, и јудејци, и кои ли сè не... Многу има и од оние меѓу кои денес се наоѓа христијанството. Ете, стои и тој, христијански проповедник, среде другите, а јас барам кој е тука во право, на кого да му верувам?
Тука има два пристапа, можеби и повеќе, но јас ќе наведам само два. Едниот од нив, кој на човекот може да му пружи можност да се увери која религија е вистинита (односно која објективно соодветствува на човековата природа, на човековите барања, на човековото поимање ма смислата на животот) е споредбено-богословската анализа. Ова е мошне долг пат, потребно е добро да се проучи секоја религија. Но, секој не може да тргне по тој пат, потребно е време, многу усилби, па дури и соодветни способности за да се изучи сето тоа – а згора на тоа, тоа ì одзема и многу сили на душата...

Постои и друга метода. На крајот од краиштата, секоја религија му се обраќа на човек, таа нему му говори: ова е вистината, а не нешто друго. Притоа, сите светогледи и сите религии кажуваат една едноставна работа: сегашната ситуација, сегашните политички, социјални, економски, ... духовни, морални, културни и др. услови во кои живее човекот – сето тоа не ненормално, сето тоа не може да го издигне човека. Па дури и ако некого тоа лично го задоволува, огромно мнозинство луѓе на еден или на друг начин страдаат од таквата ситуација. Таа не го устројува човекот во целина, таа бара нешто друго, нешто поголемо. Човек треба да се стреми некаде, кон некоја непозната иднина, да го очекува „златниот век“ – сегашната состојба на нештата не може никого да го издигне. 

Оттука станува јасно зошто суштината на сите религии, на сите светогледи, се сведува на учењето за спасението. И ете, тука некаде и ние се судруваме со тоа, што веќе ни дава можност да извршиме обоснован избор кога ќе се најдеме пред лицето на религиозното многуобразие. Христијанството, за разлика од сите други религии, тврди нешто што другите религии (а дотолку повеќе нерелигиозните светогледи) едноставно не го знаат. И не само што не го знаат, туку, кога ќе се судрат со тоа, го отфрлаат со негодување. Тоа тврдење се заснива на поимањето за т.н. првороден грев. Сите религии, па, ако сакате и сите светогледи, сите идеологии, зборуваат за гревот. Навистина, го нарекуваат различно, но тоа не е важно. Но, ниту една од нив не смета дека човековата природа, во својата сегашна состојба, е болна. Христијанството, пак, тврди дека состојбата во која сите ние, луѓето, сме се родиле, во која се наоѓаме, растеме, се воспитуваме, созреваме – состојба во која се насладуваме, се забавуваме, учиме, откриваме итн. – сето тоа е длабоко болна состојба, длабоко повредена состојба. Ние сме болни. Се разбира, не станува збор за грип или за бронхитис, ниту, пак, за психички заболувања. Не, не, ние психички сме здрави, и физички сме здрави – можеме да решаваме задачи и да летаме во вселената – ние сме длабоко болни од друг аспект. Во почетокот на човековото постоење се случило некакво чудно трагично раздвојување на единственото човечко битие на автономни и често противречни меѓу себе делови: ум, срце и тело... Какво апсурдно тврдење од страна на христијанството, нели? Сите се бунат: „Јас ненормален? Простете, другите можеби се болни, но јас не сум.“ И ете тука, доколку христијанството е во право, се наоѓа коренот, изворот на она поради што човечкиот живот – како во индивидуална, така и во општочовечка смисла – води од една во друга трагедија. Зашто, ако човекот е сериозно болен, а не го гледа тоа и не се лекува, болеста ќе го погуби.   

Другите религии не ја признаваат оваа болна состојба на човекот. Ја отфрлаат. Тие сметаат дека човекот е здраво семе, но кое може да даде и нормален и ненормален плод. Неговиот развој е обусловен од социјалната средина, од економските услови, од психолошките фактори – односно од многу нешта. Затоа човекот може да биде и добар и лош, но самиот тој, по своја природа, е добар. Тоа е главна антитеза на христијанското спознание. Не зборувам за нерелигиозното спознание, таму и нема што да се каже, таму, општо земено, важи: „човек – како тоа гордо звучи“.Само христијанството тврди дека нашата сегашна состојба е состојба на длабока повреда, и тоа таква повреда којашто, на личен план, човекот сам не може да ја исцели. На ова тврдење е изградена величествената христијанска догма за Христос како Спасител.

Оваа идеја поставува принципиелен јаз меѓу христијанството и сите други религии.

Сега ќе се обидам да покажам дека христијанството, за разлика од другите религии, има објективна потврда за своето тврдење. Дозволете да се повикам на историјата на човештвото. Да погледнеме како човештвото живее во текот на сета своја историја. Кон што се стреми? Човештвото сака да изгради Царство Божјо на земјата, да создаде рај. Едни со помош на Бога. И во тој случај Бог се разгледува само како средство за стекнување изобилие на земјата, но не како повисока цел на животот. Другите – без Бога. Но, нешто друго е важно во двата случаја. На сите им е јасно дека таквото Царство на земјата е невозможно без такви елементарни работи какви што се мир, праведност, љубов (само по себе е јасно каков е тој рај во кој царува неправда, злоба, во кој се води војна), заемно почитување. Односно, сите прекрасно разбираат дека без таквите темелни морални вредности, без нивна реализација, не може да се достигне никаква благосостојба на земјата. На сите им е јасно? На сите. А што прави човештвото во текот на сета своја историја? Што правиме ние? Ерих Фром добро рекол: „Историјата на човештвото е напишана со крв. Тоа е историја на насилство коешто никогаш не престанува“. Навистина.

Дваесеттиот век – според идејата, е век на највисок хуманизам. И тој го покажал тој врв на „совршенството“, надминувајќи ги, според пролеаната крв, сите претходни векови. Доколку нашите претци би можеле да видат што сè се случило во дваесеттиот век, тие би затрепереле пред размерите на жестокоста, неправдата, измамата. Некаков недостижен парадокс се содржи во тоа дека човештвото, со развојот на својата историја, постапува сè поспротивно и поспротивно во однос на својата основна идеја, цел и мисла кон кои во почетокот биле насочени сите негови усилби. 
 
Задавам реторичко прашање: „Може ли така да се однесува словесно битие?“ Историјата просто ни се потсмева, иронизирајќи: „Човештвото, навистина, е умно и здраво. Тоа не е душевно болно, не, не. Тоа само ги прави нештата малку подобро или – понекогаш – малку полошо отколку што истите тие нешта ги прават во домовите со умоболни.“

Но, тоа е факт од кој нема каде да се избега. И тој покажува дека во човештвото не се заблудени поедини единици, не и не (за жал, само единици не се заблудени), туку дека се работи за некакво парадоксално сечовечко својство.

Monah.vopana.jpg

Ако сега погледнеме на одделен човек, поточно, ако некој човек има морални сили „да се сврти кон себе“, да погледне на себе, тој ќе види не помалку впечатлива слика. Апостол Павле точно ја окарактеризирал:„Беден човек сум, не го вршам она, што сакам, туку она, што го мразам, тоа го правам“. И навистина, секој што макар и малку обрне внимание на тоа што се случува во неговата душа,  секој што ќе се судри со самиот себе, не може а да не види колку е духовно болен, колку е повреден од дејството на различни страсти, колку им робува. Бесмислено е да се прашува: „Зошто ти, беден човеку, се прејадуваш, се опиваш, лажеш, завидуваш, блудствуваш итн.? Ти со тоа се убиваш самиот себеси, го разурнуваш семејството, ги расипуваш своите деца, ја труеш сета атмосфера околу себе. Зошто се удираш самиот, зошто ги губиш своите нерви, својата психа, своето тело? Тебе ти е јасно дека тоа е погубно за тебе.“ Да, јасно ми е, но не можам а да не го правам тоа. Св. Василиј Велики рекол: „И не се роди во душите човечки попогубна страст од зависта“. И, како по правило, човек, страдајќи, не може да се справи со самиот себе. Тука, во длабочината на својата душа, секој разумен човек го постигнува она за што зборува христијанството: „не го вршам она, што сакам, туку она, што го мразам, тоа го правам“. Дали тоа е здраво или болно?

Заради споредба, погледнете како може да се промени човек со правилен христијански живот. Оние, коишто се очистиле од страстите, го стекнале смирението, „го стекнале – според зборовите на преподобниот Серафим Саровски – Светиот Дух“, дошле во состојба којашто е најинтересна за психолозите: тие почнале да сметаат за себеси дека се најлоши од сите. Св. Пимен Велики говорел: „Поверувајте, браќа: каде ќе биде врзан сатаната, таму ќе бидам врзан и јас“; лицето на ава Сисој Велики, додека овој бил на умирање, светело како сонце, така што во него не можело да се гледа – а тој го молел Бога да му даде уште малку време да се покае. Што е тоа? Некакво лицемерие, лажно преправање дека се работи за скромност? Да не даде Бог. Тие дури и во мислите се плашеле да не згрешат, затоа говореле од сета своја душа, го говореле она што навистина го доживувале. Ние тоа воопшто не го чувствуваме. Јас сум преполн со секаква нечистотија, а се сметам за мошне добар човек. Јас сум добар човек!! А ако и направам нешто лошо – па, кој е безгрешен...; другите не се подобри од мене, а јас и не сум толку виновен како другиот, како другата, како другите. Ние не ја гледаме својата душа, затоа и сме толку добри во своите очи. Колку драстично се разликува нашето духовно гледање од духовното гледање на свет човек!
Ќе повторам уште еднаш. Христијанството тврди дека човекот, по своја природа, во својата сегашна, „нормална“ состојба е длабоко повреден. Таа повреда, за жал, ние речиси и не ја гледаме. Бизарното, страшното, главното слепило присутно во нас е – слепилото коешто не дозволува да се забележи сопствената болест. Тоа навистина е најопасното нешто, зашто кога човекот ќе ја забележи својата болест, оди на лекар, бара помош, се лекува. А кога гледа дека е здрав, тогаш на лекар го праќа оној што му вели дека е болен. Тоа е најтешкиот симптом на таа повреда, присутна во нас. А што претставува таа повреда, за тоа ни сведочи како историјата на човештвото во целина, така и историјата на секој човек одделно. А, во прв ред, на секој човек за тоа му сведочи неговиот сопствен живот. Ете на што ни укажува христијанството.
Ќе кажам дека објективната потврда само на тој факт, само на таа вистина на христијанската вера – за повреденоста на човековата природа – е доволна да ми покаже кон која религија треба да се свртам. Кон онаа, којашто ги открива моите болести и ми укажува на средствата за нивно лекување, или кон онаа којашто ги прикрива, којашто ме храни со самољубие, којашто ми вели: сè е добро, сè е прекрасно, не е потребно никакво лечење, туку е потребно да се лечи светот што те опкружува, нужно е ти да се развиваш и да се усовршуваш. Историското искуство покажува што значи човекот да не се лекува.
Но, добро, дојдовме до христијанството. Слава Тебе, Господи, конечно ја пронајдов вистинската вера. Влегувам во наредната соба – а таму пак полно народ и повторно извици: мојата христијанска вера е најдобрата. Католиците повикуваат: погледни колкумина стојат зад мене – 1 милијарда и 45 милиони. Протестантите од најразлични деноминации кажуваат дека ги има 350 милиони. Православни има најмалку од сите, сè на сè 170 милиони. Навистина, некој дошепнува: вистината не е во квантитетот, туку во квалитетот. Но, прашањето сепак е сериозно: „Кое е вистинското христијанство?“
И за решавање на ова прашање се можни различни пристапи. Нам во семинаријата ни предлагаа да ја користиме методата на споредбено изучување на догматските системи на католицизмот и на протестантизмот со истите такви системи на православието. Да, тоа е метода која заслужува внимание и доверба, но која не е лесно прифатлива, зашто на човек без доволно познавање, без добро образование, воопшто не му е лесно да се снајде во густата шума на догматските студии и да одлучи кој е во право, а кој не. Освен тоа, таму понекогаш се користат толку силни психолошки пристапи, коишто лесно можат да го одвратат човекот од понатамошна анализа. Еве, на пример, дискутираме со католиците во врска со проблемот на приматот на папата, а тие велат: „Папа? Оф, таква бесмислица се приматот и непогрешноста на папата, што сте се фатиле за нив? Тоа е исто како што е кај вас авторитетот на патријархот. Непогрешноста и власта на папата практично по ништо не се разликуваат од авторитетот на изјавите и на власта на секој врховен водач на една православна помесна црква.“ Па сепак, во реалноста навистина постојат принципиелно различни догматски и канонски разлики во врска со оваа паралела. Така, споредбено-догматската метода воопшто не е едноставна, особено ако се најдете пред луѓе кои не само што ја познаваат догматиката, туку по секоја цена настојуваат да ве убедат во својата вистина. 
Но постои и друг пат, кој мошне очигледно покажува што е католицизмот и каде го води човекот. Се работи, исто така, за една метода на споредбено истражување, но овој пат во духовната сфера, во духовната област на животот, којашто нагледно се пројавува во животот на светиите. Имено, во духовната сфера на живеењето со сета своја сила и очигледност се манифестира – кажано со аскетски јазик – „прелеста“ на католичката духовност, прелест која за еден аскет, кој тргнал по аскетски животен пат, предизвикува најтешки последици. Вие знаете дека понекогаш настапувам со општествени предавања, и на нив доаѓаат различни луѓе. И не ретко, тие задаваат вакво прашање: „Но, според што католицизмот се разликува од православието, каде е неговата грешка? Не ли е тоа само еден од патиштата кои водат кон Христа?“ И многупати сум се убедил дека е доволно да наведам неколку примери од животот на католички мистици, за оние што прашуваат едноставно да кажат: „Благодарам, сега сè ми е јасно. Повеќе од ова не ми е потребно.“
Навистина, секоја помесна православна или инославна црква може да се оценува според своите светии: „Кажете ми кои се вашите светии, и јас ќе ви кажам каква е вашата црква.“ Зашто, секоја црква ги прогласува за свети само оние коишто во својот живот го воплотиле оној христијанскиот идеал, којшто таа црква го протежира. Затоа прогласувањето светец претставува не само сведоштво на црквата за христијанинот кој, според нејзина оцена, е достоен да биде прославен како светец и затоа го предлага како пример за другите, туку, пред сè, е сведоштво на црквата за самата себе. Преку светиите можеме најдобро да судиме да реалната или за фиктивната светост на самата црква.
Ќе наведам неколку илустрации коишто сведочат за поимањето на светоста во католичката црква.  
Еден од големите католички светии е Франциско Асишки (XIII век). Неговото духовно самосознание лесно може да се открие од следниве редови. Еднаш Франциско долго време се молел „за две милости“ (внимавајте на предметот на молитвите!): „Првата милост е ... да можам да ги доживеам сите оние страдања коишто Ти, најсладок Исусе, си ги доживеал во Твоите измачувачки страдања. И втората милост е да ... можам да ја почувствувам ... онаа неограничена љубов, која горела во Тебе, Синот Божји.“ Како што гледаме, Франциско не бил загрижен заради своите гревови, туку пројавувал отворени претензии да биде еднаков со Христос! За време на оваа молитва, Франциско се чувствувал „целосно преобратен во Исус“, Кого што го видел во облик на шестокрил серафим, и Којшто го прободел со огнени стрели на местата на крсните рани на Исус Христос. По ова видение, кај Франциско се појавиле болни крвави рани (стигми) – трагови на „Исусовите маки“.
Природата на овие стигми е добро позната во психијатријата: постојана концентрација на вниманието на крсните страдања на Христос крајно ги надразнува нервите и психата на човекот и долготрајната таква сконцентрираност може да ја предизвика спомнатата појава. Тука нема ништо благодатно, зашто во таквото сострадање (compassio) со Христос нема вистинска љубов, за чие постоење Господ директно рекол: кој ги пази Моите заповеди, тој Ме љуби (Јован 14:21). Затоа, замената на борбата со стариот човек во себе со мечтателни доживувања на „страдањата“ претставува една од потешките грешки во духовниот живот, којашто многу подвижници ги водела и ги води кон суета, кон гордост – кон очигледна прелест, често поврзана со психички растројства (на пр., проповедањето на Франциско на птици, на волк, на  змии... на цветови, неговата побожност спрема огнот, камењата, црвите).
Мошне е карактеристична и животната цел којашто пред себе си ја поставил Франциско: „Јас се трудев и ќе се трудам... зашто тоа носи чест“. Франциско сака да пострада за другите и да ги искупи туѓите гревови. Веројатно затоа, при крајот на животот, отворено изјавил: „Не познавам ниту еден свој грев кој не сум го искупил со исповед и со покајание“. Сето ова зборува за непознавањето на своите гревови, на својот пад, односно сведочи за целосно духовно слепило.
За споредба, ќе го наведеме претсмртниот миг од животот на преподобниот Сисој Велики (V век). Во миговите пред неговата смрт, ава Сисој бил опкружен со браќата.  Тие забележале дека преподобниот разговара со невидливи лица. „Оче, кажи ни со кого разговараш?“ – прашале браќата. Старецот одговорил: „Ангелите дојдоа да ме земат, но јас ги молам да ме остават уште малку, за да се покајам.“ Браќата, знаејќи дека преподобниот Сисој е совршен во добродетелите, му рекле: „Тебе не ти е потребно покајание“, а старецот возвратил: „Јас навистина не знам дали воопшто сум почнал да се каам.“ Ова длабоко согледување на својата несовршеност претставува една од главните одлики на сите вистински светии.  
А еве и неколку извадоци од „Откровенијата на блажена Анџела“ (†1309) 
Светиот Дух – пишува таа – и велеше: „Ќерко Моја, сладост Моја... Јас многу те сакам. Бев со апостолите, и тие Ме видоа со телесни очи, но не Ме чувствуваа така како што ти ме чувствуваш“. А еве што друго открива за себе Анџела: „Ја гледам во темницата Света Троица, и во Самата Троица, Којашто ја гледам во темницата, ми се чини како да стојам и пребивам среде Неа.  Својот однос спрема Исус Христос таа го искажува со вакви зборови: „јас можев сета да влезам во Исус Христос“. Или: „Јас, пак, заради сладоста од Неговото присуство и од грижа да не си отиде, викав и сакав да умрам – притоа, во својата раздразнетост, таа толку многу самата се удирала, што монахињите биле принудени да ја изнесат од црквата.
Остра, но вистинита оценка на „откровенијата“ на Анџела дава еден од најголемите руски религиозни мислители на XX век, А. Ф. Лосев. Тој, меѓу другото, пишува: „Соблазнувањето поради плотта доведува до тоа Светиот Дух да ì се јавува на блажената Анџела и ì дошепнува вакви љубовни зборови: „Ќерко Моја, слатка Моја, ќерко Моја, храму Мој, ќерко Моја, сладост Моја, сакај Ме, зашто Јас те сакам многу повеќе одошто ти Мене Ме љубиш.“ Светицата се наоѓа во слатка љубовна истоштеност, не може да се смири од љубовните измачувања. А возљубениот ì се јавува и ì се јавува, и сè повеќе го распалува нејзиното тело, нејзиното срце, нејзината крв. Крстот Христов за неа е брачна постела... Што може да биде поспротивно на византиско-московското сурово и целомудрено подвижништво, ако не тие постојани богохулни зборови: „Душата моја беше преземена од несоздадената светлина и вознесена“ – тие страсни погледи на Крстот Христов, на раните Христови и на поедините делови од Неговото Тело, тоа насилно предизвикување на крвави дамки на сопственото тело, итн., итн.? Како круна на сето ова, Христос ја прегрнува Анџела со раката, којашто е закована на Крстот, а таа, сета во љубовни измачувања, страдања и среќа, вели: „Понекогаш, од таа  стегната прегратка, на душата ì се чини дека влегува во телото Христово. И таа радост, којашто душата таму ја прима, и тоа просветление не можат да се опишат. Зашто, тие се толку големи, што понекогаш не можев да стојам на нозете, и морав да лежам, и јазикот ми се одземаше... И јас лежев, и ми се одзедоа јазикот и рацете и нозете“.      
Силно сведоштво за католичката светост претставува и Екатерина Сиенска (+1380), прогласена од страна на папата Павле VI за светица од висок ранг – за "учител на Црквата“. Ќе наведам неколку цитати од католичката книга на Антонио Сикара „Портретите на светиите“. На цитатите, според мене, не им е потребен коментар.
Екатерина имала околу 20 години. „Таа чувствувала дека во нејзиниот живот мора да се случи решавачки пресврт, и продолжувала ревносно да му се моли на својот Господ Исус, повторувајќи ја онаа прекрасна, најнежна формула којашто ì станала навика:
"Склучи со мене брак во верата!" 
„Еднаш Екатерина имала видение: нејзиниот Божествен Младенец, прегрнувајќи ја, ја привлекол кон Себе, но потоа го извадил срцето од нејзините гради, за да ì даде друго срце, коешто повеќе наликува на Неговото“.
Еднаш се пронесе вест дека Екатерина починала. „Таа самата подоцна велела дека нејзиното срце било растргнато од силата на божествената љубов и дека таа минала низ смртта, при што ја видела „вратата на рајот“. Но, „врати се, дете Мое – ми рече Господ – ти мораш да се вратиш... Јас ќе те одведам кај кнезовите и водачите на Црквата.“ „И смирената девојка почнала низ целиот свет да ги испраќа своите писма, долги посланија, коишто ги диктирала со поразувачка бистрина, често по три или по четири истовремено и по различни поводи. Сите тие писма завршувале со страсната формула: „Исус најсладок, Исус Љубов„ и често започнувале со зборовите: „Јас, Екатерина, слугинка и роб на Исусовите робови, ви пишувам со Неговата најскапоцена Крв...“
„Во писмата на Екатерина паѓа во очи, пред сè, честото и настојчиво повторување на зборовите: „Јас сакам...“
„Некои велат дека решителниот збор „јас сакам“ таа, во состојба на екстаза, му го упатувала дури и на самиот Христос.
Од преписката со Григориј XI, кого што го убедувала да се врати од Авињон во Рим: „Ви говорам во името на Христос... Јас ви говорам, оче, во Исус Христос... Одговорете на повикот на Светиот Дух, Кој ви се обраќа“.
А на кралот на Франција му се обраќа со зборовите: „Извршувајте ја волјата Божја и волјата моја".
Не помалку сликовити се и „откровенијата“ на Тереза Авилска (XVI век), која исто така, од страна на папата Павле VI, била прогласена за „учителка на Црквата“. Пред смртта таа вокликнува: „О Боже мој, Сопругу мој, конечно ќе те видам!“ Овој, во најголема можна мера чуден извик не е случаен. Тој е закономерна последица на сиот „духовен“ подвиг на Тереза, чија суштина може да се открие од следните фрагменти.
По своите многубројни појавувања, "христос" ì вели на Тереза: „Од денес ти ќе бидеш Моја сопруга... Јас од сега не сум само твој Творец, Бог, туку и Сопруг.“ „Господе, или да страдам со Тебе, или да умрам за Тебе!“ – се моли Тереза и паѓа истоштена од ваквите умилкувања... Затоа не треба да нè чуди кога Тереза признава: „Возљубениот ја повикува душата со таков пронижувачки писок, што е невозможно таа да не го слушне. Тој повик дејствува на душата така што таа изнемоштува од желби.“ Познатиот американски писхолог Вилијам Џејмс не случајно напишал, оценувајќи го нејзиниот мистичен опит, дека „нејзините претстави за религијата се сведувале, ако може така да се каже, на бесконечен љубовен флерт меѓу неа и нејзиното божество“.
Уште една илустрација за претставите за светоста во католицизмот претставува Тереза од Лизје (Тереза мала, или Тереза на Исус Младенецот), која живеела само 23 години. По повод стогодишнината од раќањето, во 1997 година, со „непогрешлива“ одлука на папата Јован Павле II, таа била прогласена за уште една „учителка на Црквата“. Еве неколку цитати од духовната автобиографија на Тереза, „Раскази за една душа“, кои красноречиво сведочат за нејзината духовна состојба.  
„За време на разговорот, кој му претходеше на мојот потстриг, јас раскажував за делата коишто имав намера да ги извршам во Кармел: „Јас дојдов да спасувам души и, пред сè, да се молам за свештениците“ (Не да се спасува себеси, туку другите!)
Зборувајќи за своето недостоинство, таа пишува: „Јас постојано ја имам смелата надеж дека еден ден ќе станам голема светица... Сметав дека сум родена за слава и го барав патот за да ја достигнам. И ете, Господ Бог ... ми откри дека мојата слава нема да биде откриена на смртен поглед, и дека нејзината суштина е во тоа што јас ќе станам голема светица!!!“ [споредете со св. Макариј Велики (кого што соподвижниците, за неговиот ретко виден возвишен живот, го нарекле „земен бог“), кој само се молел: „Боже, очисти ме грешниот, зашто ништо добро не направив пред Тебе“]. Подоцна Тереза пишува уште поотворено: „Во срцето на мојата Мајка-Црква јас ќе бидам Љубов... и преку тоа мојата мечта ќе се оствари!!!“
Учењето на Тереза за духовната љубов е мошне „интересно“: Тоа беше целивање на љубовта. Чувствував дека сум сакана и велев: „Јас Те сакам и Ти се предавам засекогаш“. Немало ниту молитва, ниту борба, ниту жртва; уште одамна, Исус и малата, кутра Тереза се погледнале еден со друг, и сè разбрале... Тој ден не донел размена на погледи, туку слевање, кога веќе немало двајца, и Тереза исчезнала, како капка вода падната на океанската шир.“ Едвам дека може да се даде некаков коментар на таквиот роман на мечтите на кутрата девојка – „учителка“ на католичката црква.
На методичниот развој на вообразбата се базира и мистичното искуство на еден од столбовите на католичката мистика, родоначалникот на језуитскиот орден, Игнатиј Лојола (XVI век).
Неговата книга „Духовни вежби", која ужива голем авторите во католичката црква, постојано го повикува христијанинот да си ги претстави, вообрази, созерцува Пресвета Троица, Христос, Богородица, ангелите итн. Сето тоа принципиелно му противречи на духовниот подвиг на светиите на Вселенската Црква, бидејќи го води верникот кон целосно духовно и душевно растројство. 
Авторитетен зборник на аскетски текстови на древната Црква „Добротољубие“ решително забранува такви „дховни вежби“. Еве неколку извадоци од таму.
Преподобниот Нил Синајски (V век) предупредува: „Не посакувај да ги видиш сетилно Ангелите или Силите, или Христос, за да не го изгубиш умот примајќи волк за пастир и поклонувајќи им се на ѓаволите-демоните".
Преподобниот Симеон Нов Богослов (XI век), расудувајќи за оние коишто за време на молитвата "ги вообразуваат небесните богатства, ангелските чинови и пребивалиштата на светиите“, директно вели дека тоа е „знак за прелест“. „Стоејќи на таков пат, се прелестуваат и оние коишто ја гледаат светлината со своите телесни очи, го чувствуваат благоуханието со својот нос, слушаат гласови со своите уши“.
Преподобниот Григориј Синаит (XIV век) напоменува: „Никогаш не прифаќај ако видиш нешто сетилно или духовно, надвор или внатре, макар тоа да е и образ Христов, или на ангел, или на некој светија... Оние што го прифаќаат тоа, лесно паѓаат во прелест. Бог не негодува на оној што сестрано внимава на себе, ако тој, стравувајќи од прелест, не прифати нешто што е од Него, ... туку, напротив, ќе го пофали за неговата мудрост.
Толку за католицизмот.
За споредбата меѓу православието и протестантизмот, според мене, е доволна и догматиката. За да се насети суштината на протестантизмот, ќе се ограничам на само едно негово убедување: „Човек се спасува само со вера, а не со делата, затоа на оној којшто верува гревот не му се смета за грев“. Тоа е основното прашање во кое се изгубиле протестантите. Тие почнуваат да го градат домот на спасението од десеттиот кат, заборавајќи го учењето на древната Црква за тоа каква вера го спасува човекот. Секако, не верата во тоа дека Христос пред 2000 години дошол на земјата и направил за нас сè што било потребно.
Која е разликата меѓу поимањето на верата во православието и во протестантизмот? Православието исто така тврди дека човекот го спасува верата, но дека на оној што верува, гревот му се смета за грев. Каква е таа вера? – таа не е „умствена“, според св. Теофан, односно разумска, туку е состојба која што се стекнува при правилен – подвлекувам: правилен – христијански живот на човекот, и единствено благодарение на таквиот живот, тој може да се увери дека само Христос може да го спаси од ропството и од измачувањето на страстите. Како се достигнува оваа вера-состојба? Преку исполнување на евангелските заповеди и со искрено покајание. Преподобниот Симеон Нов Богослов вели: „Темелно исполнување на Христовите заповеди го учи човекот на неговите слабости“, односно му ја открива неговата беспомошност самиот, без Божја помош, да ги искорени своите страсти. Сам, човекот не може, со Бога, пак, „двајцата“ можат сè. Правилниот христијански живот му ги открива на човекот, прво, неговите страсти-болести, второ – дека Господ е блиску до секој од нас, и трето – дека Тој е подготвен во секој миг да притекне на помош и да нè спаси од гревот. Но, Тој не нè спасува без нас, не без нашите услилби и борби. Неопходен е подвиг, кој нè прави способни да го примиме Христа, зашто ни покажува дека сами, без Бога, не можеме да се исцелиме. Само ако тонам, ми станува јасно дека ми е потребен Спасител, а кога сум на брегот, никој не ми е потребен; само кога ќе забележам дека тонам во измачувањето на страстите, јас Му се обраќам на Христос. И Тој ми приоѓа, ми помага.  Оттука и започнува живата спасителна вера. Православието учи за слободата и за достоинството на човекот како соработник на Бога во своето спасение, а не како „солен столб“ – според зборовите на Лутер – кој ништо не може.Оттука станува јасно значењето на сите евангелски заповеди, а не само на верата во делото на спасението на христијанинот, и станува јасна вистинитоста на православието.

Подготви: д-р Драган Михајловиќ

Посети:{moshits}

 

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3123
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7595
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

15/11/2024 - петок

Светите маченици Акиндин, Пигасиј, Анемподист, Автониј, Елпидифор и другите со нив; Преподобен Маркијан Кирски; Светиот свештеномаченик Викторин, епископ Патавски;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св.бессребреници  и чудотворци Кузман и Дамјан 1/14 ноември 2024

Тропар на св.бессребреници и чудотворци Кузман и Дамјан 1/14 ноември 2024

Свети бессребреници и  чудотворци, Козмо и Дамјане, посетете ги нашите немоќи,   бесплатно примивте, бесплатно давајте ни.

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

О достославни ученици Христови,вие Бисерот го најдовте,радоста со родот човечки ја споделивте,со неа исполнети маките и прогоните за трици ги...

Тропар на св. Христови апостоли  Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Апостоли свети Христови,трагајќи по патот на слободата Христа го пронајдовте,со учењето за бесмртноста темнината на незнаењето ја осветливте,молете се о...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная