Денес, недела 3 февруари 2019 година, во историскиот соборен храм на Премудроста Божја (света Софија) во Киев, се изврши интронизацијата на претстојателот на новосоздадената автокефална Црква на Украина, митрополитот Киевски и на цела Украина г. Епифаниј.
Интронизацијата беше извршена во присуство на претседателот на Украина, Петро Порошенко и на претставници на Вселенската патријаршија: митрополитот Француски г. Емануил, митрополитот Адријанополски г. Амфилохиј и игуменот на манастирот Ксенофонт на Света Гора, архимандрит Алексиј. Присутен беше и егзархот на Вселенската патријаршија во Киев, о. Михаил Анисенко, како и старецот Хризостом од Кутлумушкиот скит „Св. Пантелејмон“ на Света Гора.
Митрополитот Епифаниј беше интронизиран од претставникот на Вселенскиот патријарх, митрополитот Емануил и од митрополитот Макариј, поранешниот претстојател на поранешната т.н. „Автокефална Црква на Украина“.