Ти ми ги покажа патиштата на животот: со радост ме исполнува Твоето лице;
вечното блаженство е во Твојата десница.
(Псал. 15, 11)
Старец Емилијан, кој беше игумен на манастирот Симонопетра на Света Гора од 1973 до 2000 година, денес се упокои во Господ, во манастирот посветен на Благовештение на Пресвета Богородица, во Ормилија, Халкидики.
Бил роден во Пиреј, во 1934 година, од благочестиви родители, а по потекло бил од Мала Азија. Родителите му биле учители во Кападокија, кои подоцна се преселиле во Грција поради размена на населението. Иако во брак, тие живееле како монаси, во постојана молитва и бдение. Баба му била монахиња, а подоцна и мајка му се замонашила, добивајќи го името Емилијана.
Воспитуван во тој дух, Старец Емилијан уште од мал сакал да Му се посвети на Бог, па затоа го читал Светото Писмо и светоотечки книги, и постојано се молел со Исусовата молитва.
По завршувањето на средно образование, се запишал на Атинскиот универзитет, на студии по право, но по две години се префрлил на Богословскиот факултет. Во тоа време организирал веронаука, одржувал предавања и други активности. Прво размислувал да стане свештеник, но подоцна се премислил, сметајќи дека е најдобро подготовките за овој повик да ги исполни во манастир.
Во 1960 година пристигнал во Трикала и бил замонашен на 9 декември истата година, со името Емилијан. Се водел како монах на светиот манастир „Свети Висарион“, во Дусико. Истиот месец бил ракоположен за ѓакон, а потоа бил испратен во неколку манастири на Метеори, кои се соочувале со недостиг на монаси. Во 1961 година бил ракоположен за свештеномонах во Витумскиот манастир, на Метеори, на празникот Успение на Пресвета Богородица.
Таму поминал четири месеци во молитва и тихување. Наскоро бил поставен за игумен на Метеори и под негово духовно раководство се формирала голема монашка заедница. Но, поради сè поголемиот број поклоници кои ги посетувале Метеори, управата на Света Гора го поканил него и неговите браќа да се населат на Света Гора, која, исто така, имала недостиг од монаштво. Во 1973 година, заедно со братството од Метеори, се преселил на Света Гора, и бил избран за игумен на манастирот Симонопетра, на 25 ноември истата година.
Во 2000 година се повлекол од игуменското место, поради болест, во манастирот во Ормилија, Халкидики, кој е метох на светогорскиот манастир Симонопетра.
Нека му е вечен споменот!
***
„Ние луѓето имаме два проблема. Прво: живеење во секојдневно страдање, кое се состои од безизлeз на нашиот живот поради многу економски, политички, социјални, религиски, семејни и индивидуални проблеми.
Засипнува нашето грло за да постигнеме нешто, за да нè разберат, за да нè оправдаат, за да ни помогнат. И срцето наше е полно со желби, добри или лоши сонови, не е како утврден град – силен, возвишен, со еден храм на врвот свој во кој се наоѓа Бог, славата Негова, утехата Негова. Обично, во себе носиме срце со дупка во средина, длабок бунар полн со маки, јадови, незадоволства. Тоа е нашиот личен пекол, на чие дно, сепак, треба да слезе Христос, да го очисти, просветли, за да стане свештен кивот, исполнет со Бог, а на отворот од тој бунар [Христос] да стане жртвеник за нашите духовни жртви и молитви.
Поради тоа, кога чувствуваме дека сме изгубени, промашени, скршени, грешни, непокајани, да Го очекуваме Бог, Кој ќе влезе во нашето срце, по пеколот наш. Да не паѓаме во очај, зашто нашиот очај е гордост, најголемо станување против Бог. Да седиме во пеколот свој, да го дигнеме крстот свој, како што и Христос го подигна Својот Крст, и Он ќе нè најде таму каде што седиме и ја оплакуваме својата судбина, и тогаш ќе нè раздрма, како што му направи на Адам: „Адаме, каде си? Каде си, дете мое?“ Тогаш ќе станеме и ќе ја видиме Неговата рака, која ќе сака да нè издигне до поголемо богопознание“ (Старец Емилијан Симонопетриски).
извор: pemptousia.com
http://www.mpc.org.mk/svetaktuelno.asp?id=7087
Друго:
Црквата Христова му упати последен поздрав на блаженоупокоениот Старец Емилијан Симонопетриски
28 април/11 мај 2019 лето Господово