(07.12.2009)
Денес во Православниот центар на Вселенската Патријаршија во женевското предградие Шамбези се собраа претставниците на сите помесни автокефални и автономни Православни Цркви, испратени да учествуваат во Меѓуправославната подготвителна комисија за наредната петта сеправославна претсоборна конференција, на којашто ќе се разгледаат три од темите на списокот за Сеправославниот собор или како официјално се нарекува – Светиот и вселенски собор на Православната Црква. Оваа комисија има за задача да го подготви општоправославното гледиште по однос на три теми: автономија, автокефалија и диптих. Потоа темите ќе бидат разгледани и на ниво на сеправославна претсоборна конференција, за да бидат конечно донесени како документи за идниот собор.
Се очекува да се соберат над 30 експерти од помесните Цркви, коишто од името на своите црковни поглавари ќе заштитуваат одредени гледишта врз основа на светите правила на Православието и на црковното предание. Се очекува комисијата да биде предводена од Пергамскиот Митрополит Јован, којшто е раководител на делегацијата на Цариградската Патријаршија.
Преземено од МПЦ