Собир за македонскиот јазик во Охрид
Во Конгресниот центар во Охрид денеска, во 10 часот, свечено ќе биде отворен меѓународниот Семинар за македонски јазик. Собирот ќе го отвори ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Ѓорѓи Мартиновски, а ќе зборува и Емилија Црвенковска, директор на Семинарот за македонски јазик.Семинарот годинава ќе се одржи по 41. пат, а ќе трае до 28 овој месец. Ќе учествуваат стотина научници, студенти, лингвисти од 21 земја од светот. Најмногубројни ќе бидат учесниците од словенските земји, а ќе има и многу македонисти од САД, Канада, Италија, Германија, Швајцарија, Турција. Во следните три недели ќе се организираат курсеви за македонски јазик, литература и култура. Предавачи ќе бидат наши професори, книжевници, писатели. „Мозаик на култури или нов културен комплекс“, „Што има во македонската литература“, „Структура на реченицата во македонскиот јазик“, ќе бидат дел од темите на кои ќе се разговара годинава. На 25 и 26 август ќе се одржат и научни конференции за лингвистика и за литература.
Слависти од 21 земја од денес се во Охрид
"Од учесниците добиваме и повеќе од што очекуваме. Тоа не можеме да го оцениме со пари, туку тоа се пријатели, лобисти, амбасадори на Македонија во светот. Но, очекуваме нашите институции да го свртат вниманието кон оваа значајна манифестација"
Деведесет и тројца слависти од 21 земја го најавиле учеството на 41. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура кој од денеска до 28 август се одржува во Охрид. Најзастапени се научниците од словенските земји, но голем е и интересот на македонистите од САД, Канада и од западноевропските земји. Меѓу учесниците ќе бидат и академиците Влоѓимјеж Пјанка и Иван Доровски, професорите Волф Ошлис, Маќеј Кавка, Ирена Ставови-Кавка, преведувачката Олга Пањкина од Москва.
Директорката на Семинарот Емилија Црвенковска на прес-конференција информираше за програмата, која традиционално ќе ги има часовите за лекторски вежби, по две предавања дневно, преведувачка работилница, предавања на истакнати македонски академици и автори, поетска средба на десетина поети во пресрет на Струшките вечери на поезијата, а на 25 и 26 август ќе се одржи и 35. Научна конференција.
Семинарот веќе ги има подготвено и зборниците од минатогодишното издание, а објави и збирка на македонистички трудови на академик Франтишек Вацлав Мареш, кој минатата година од претседателот на државата посмртно беше одликуван со Медал за заслуги за Република Македонија, заедно со уште пет слависти. Тој е заслужен за развојот на македонистичките студии на Виенскиот универзитет, кои не се активни во последните неколку години.
- Од учесниците добиваме и повеќе од што очекуваме. Тоа не можеме да го оцениме со пари, туку тоа се пријатели, лобисти, амбасадори на Македонија во светот. Но, очекуваме нашите институции да го свртат вниманието кон оваа значајна манифестација, рече Црвенковска. Таа соопшти дека Семинарот за ова издание добил финансиска поддршка само од Министерството за култура, и искажа уверување дека нема да изостане и поддршката од Министерството за образование и наука, токму, како што рече, во 2008 - Годината на македонскиот јазик.
Семинарот развива меѓународна активност и се грижи за 12-те лекторати по македонски јазик во светот. Од октомври очекува да проработи и лекторат во Риека, зашто во Хрватска има голем интерес за изучување на македонскиот јазик.
- Навлегувајќи во петтата деценија, нам ни останува и големата обврска да го продолжиме да го негуваме овој сегмент од нашата меѓународна активност, рече Љубица Шутуркова, проректор на Скопскиот универзитет. Таа додаде дека Семинарот активно се вклучил во одбележувањето на Годината на македонскиот јазик и во организирањето на претстојниот Славистички конгрес кој ќе се одржи во септември во Охрид.
Извор: Вечер