„Односот на книжевниот преведувач кон идиомите во оригиналот“ е темата на годишнава, 37-ма по ред, традиционална меѓународна средба на книжевни преведувачи во Лешочкиот манастир. Според организаторите, книжевниот преведувач има тешка и одговорна задача да ја игра улогата на посредник на едно дело меѓу две култури. Нам ни е доверена одговорноста да поставуваме мостови меѓу два света и цивилизации - рече претседателот на манифестацијата Стефан Симовски. Според поетот Илхами Емин, долгогодишен учесник на манифестација која од 1972 година се одржува во Лешочкиот манастир, ова е единствена манифестација од ваков карактер во Македонија и поради тоа е многу значајна. Организаторите истакнаа дека годишнава манифестација е посветена на 100-годишнината од раѓањето на Коста Солев Рацин. Учесниците рекоа дека се работи за интернационален поет, кој во социјалната поезија внесувал македонски мотиви давајќи и' висока уметничка вредност. Во негова чест беше прочитана песната „Ленка“ на македонски, грчки, турски, француски и на чешки јазик. На манифестацијата учествуваат над 50 преведувачи.
(И.Ц.)