Невена Поповска-Утрински весник
Од денеска до 16 септември, Охрид и Македонија прв пат во историјата на славистиката ќе бидат домаќини на најголемиот научен собир на светските слависти.
На 14. Меѓународен конгрес на славистите, кој свечено ќе биде отворен денеска во Охрид, ќе учествуваат околу 700 слависти од целиот свет. Покрај странските гости, на конгресот ќе учествуваат и околу 30 македонски слависти. Бројката на македонски учесници звучи скромно во рамките на целокупната бројка на гости, но како што потврдија организаторите, тоа претставува најголемо досегашно учество на македонски слависти на конгресот. Треба да се истакне податокот дека македонистиката ќе биде во фокусот и на излагањата не само на македонските учесници туку и на некои од странските слависти. За тоа говори и податокот дека дури осум реферати на претставниците од Русија и шест од Полска се на тема што ја третира македонистичката проблематика.
„Без претерување можам да кажам дека ова е најголемиот научен собир во Македонија и по бројот на учесниците и по значењето кое овој конгрес го има за нашиот јазик, за нашата култура, а со самото тоа и за нашиот национален идентитет. Ова е големо признание за Македонија кое не беше лесно да се добие. Повеќе земји конкурираа да бидат домаќини на овој собир, но Македонија успеа да го добие овој мандат. На 13. Меѓународен конгрес на славистите, кој беше одржан во Љубљана во 2003 година, на нашата земја и' беше укажана честа да биде избрана за организатор на следното издание на конгресот. Меѓу сите тие славистички конгреси победи Македонија, а со тоа и македонистиката“, вели академик Милан Ѓурчинов, претседател на Меѓународниот славистички комитет.
Меѓународниот славистички конгрес претставува извонредна прилика за меѓународна афирмација на македонскиот јазик, литература и национална култура. Учесниците на конгресот се во врвот на светската славистичка јавност и ова е една од ретките пригоди да го претставиме македонскиот јазик и она што го знаеме. Потврдено е присуството на угледни почесни гости, меѓу кои и Евгениј Борисович Пастернак, син на познатиот руски поет и писател нобеловецот Борис Леонидович Пастернак, како и некои од најголемите слависти од Франција, Германија, САД, Полска... Ова е голема шанса сите тие во живо да ја запознаат колепката на словенската писменост и на самото место да се уверат во нашата традиција.
По свеченото отворање на конгресот, предвидената програма ќе продолжи со реферат на Трајко Стаматоски посветен на развојот на македонскиот јазик, а ќе следуваат рефератите на Александар М. Молдован од Русија и Роберт Ходел од Германија. Во рамките на конгресот е и одбележувањето на јубилејот 100 години од раѓањето на Кочо Рацин, при што учесниците, секој на својот јазик, ќе се претстават со по една песна од „Бели мугри“ на Рацин. „Овој конгрес е строго научен собир, чија цел е да ги покаже денешните достигнувања на славистиката, но имаме и богата културна програма, односно ќе се обидеме да го презентираме сето она кое е есенцијално за Македонија, преку музичка и филмска програма, секако селектирана низ еден најстрог вредносен критериум“, вели академик Ѓурчинов. Во рамките на конгресот ќе биде отворена и самостојна изложба на дела од ликовниот уметник Владимир Георгиевски, која ќе трае до 16 септември.
Од програмскиот дел треба да се истакне и одржувањето на три тркалезни маси на теми: „Словенскиот свет и Европа“, „Местото на словенските јазици и нивната состојба во светот“ и „Универзитетите и иднината на славистиката“, ќе биде реализирана и една голема изложба на книги и публикации од сите словенски и несловенски земји кои ја третираат славистичката тематика. За таа цел во Охрид ќе пристигнат 3.000 книги кои по одржувањето на конгресот ќе и' бидат подарени на Македонија, а потоа ќе бидат распределени по соодветните институции. Воедно, ќе има и штандови за продажба на славистички изданија.