Скопје, 23 март (МИА) - Чешкиот и светски филмски режисер Јиржи Менцел, кој важи за еден од класиците на 20 век, утре и задутре ќе гостува во Кинотеката на Македонија. Неговата посета ја организираат Амбасадата на Република Чешка и Европската филмска академија ЕСРА, во соработка со Националниот филмски архив на Чешка.
Менцел (1938) ќе биде промовиран во професор honoris causa на ЕСРА, а Кинотеката ќе му додели Повелба за особен придонес во светската кинематографија. За време на престојот во Македонија, во вторник и во среда Кинотеката ќе ги прикаже неговите два најпознати филма „Строго контролирани возови“ (1966) и „Село мое мало“ (1985), а поради големиот интерес ќе има по две проекции, во 20 и во 22 часот. Влезницата е 50 денари.
За црната комедија „Строго контролирани возови“ Менцел доби оскар за најдобар странски филм во 1967, а за истото признание беше номиниран и во 1986 за „Село мое мало“. Покрај овие два култни филма на Менцел, во светското филмско културно наследство остануваат и антологиските „Животот и необичните доживувања на војникот Иван Чонкин“, „Стрижено-косено“, „Питачка опера“…
Овие филмови, како и филмовите на Вера Хитилова и Милош Форман, ја обликуваа естетиката на новиот чешки филм, кој почна во првата половина на шеесеттите години од минатиот век и му припаѓаат на „златниот период” на чешкиот филм. Во својата режисерска кариера тој најмногу соработувал со директорот на фотографија Јарослав Шофр, актерот Вацлав Нецкар и со писателот Богумил Храбал. Овој уметнички квартет заедно има потпишано неколку филмски дела од самиот врв на чешката и европската кинематографија.
Неговата филмска преоокупација е навестена уште со првиот филм „Смртта на господинот Балтазар“ - прв дел од „Бисери на дното“ (1965), работен според прозата на Храбал. Тој омнибус се смета за манифест на чешкиот нов бран. Менцел е вброен меѓу столбовите на чешкиот нов бран во филмот, а филмолозите го ставаат во редот на големите француски претставници на „новиот бран“ Годар, Рене, Трифо – режисерите кои внесоа нова синтеза на сликата, тонот и монтажата.
Во филмскиот опус на Менцел провејува специфичен, претходно не толку присутен вид хумор, кој е повеќеслоен и повеќезначен. Филмските комедии му станаа култни во тој жанр не само во чешки, туку и во европски и светски размери.
Во 2006 година Менцел го заврши спектакуларниот филмски еп „Му служев на англискиот крал“, а неговиот снимател Шофр за тој филм се закити со главната награда на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.
Менцел е добитник на „Златна камера 300“ за особен придонес во светската кинематографија, која лично ја прими на 13 април 2001 во Скопје. Меѓу многуте филмски награди што ги добил е и „Златна мечка“ на Берлинскиот фестивал во 1990 за „Ластовички на жицата“. Во 1989 Француското министерство за култура го одликува со Орден за уметност и писменост, а подолго време е член на Американската филмска академија. Во 1996 е одликуван со Медал за заслуги, лично од чешкиот претседател Вацлав Хавел.
Менцел настапувал и како актер. Играл во некои свои, но и во филмови на други чешки, унгарски, австриски, германски и француски режисери. Има триесетина забележителни ролји на филм и телевизија, но и во театарот, особено соработувајќи со Драмскиот клуб во Прага. Менцел повремено пишува сценарија, предава режија, автор е на книги есеи, а во последно време е се поприсутен како режисер на театарски претстави.хс/са/11:05