Секогаш се прашуваме:
Зошто Господи ова се случи?
Зошто ова им се случува само на добрите души?
На млади, на оние кои не знаеле да ти кажат лош збор, на оние кои на сите им посакувале само добро, на оние што се труделе, живееле, дишеле за другите и нивната радост....а оние другите пак, тие се сеуште живи, здрави, ништо не им е, а нанесуваат зло....
Таа тајна Божја промисла сите ги мачи, ама мали сме, затоа не разбираме.
Не можеме да разбереме, зашто гледаме само со телесните очи.
И, секогаш на овие личности гледаме дека им се случува се' најлошо, или страшна, најстрашна смрт.
Пожар, сообраќајна несреќа, тешки болести... Телото веќе нема лик, ни облик, ама пак гласот на тој страшен миг како молња ги допира сите, некои што ги знаеле, некои ни што не ги ни знаеле тие души.
Морам да го споменам нашиот Тоше Проески, Човек со едно големо Ч напред. И неговиот земен крај беше сличен.
Додека беше жив, скоро никој и не знаеше за неговата големина на душата. Или ја негираа таа добрина. Се знае, добрината на сите им пара очи. Ех, тоа не се гледа пак толку очигледно, тоа се чувствува. А каква беше неговата смрт?! Страшна!
Најбрзо...
Каква беше смртта на нашите блиски од нашиот град, на лекарите, на Др. Никола, на Др. Александар, на Фанче...на Х други личности кои би ги наброила, меѓу кои и денес и Андреј да го истакнам од срце. И конкретно него лично не го познавам, но како музичка група толку многу ги сакав, лично за себе си кажувам. И иако сум попадија, моето место е црквата и Литургијата, често знаев на отецот да му кажам...толку сакам барем еднаш да им бидам на еден концерт!
Дали си на телевизија, или не, зрачиш. Зрачи енергијата што е внатре во душичката. Затоа и ги сакав.
Ама Божја волја.
И денес, овие невини души заминаа заедно на Небесата кои се радуваа на песната, а таа беше нивната последна радост на овој овоземен свет.
И додека сите плачеме, се прашуваме зошто така погинаа, има само еден одговор.
Се враќаме низ вековите назад...
Една Личност пред векови, векови назад Го распнаа на крст. Смрт на крст. Најстрашната и најсрамната смрт во тоа време.
Тука ни е одговорот, зошто секој добар, секоја добра душа поминува низ најстрашни маки, таги, загуби во овој свет. А зошто?! Бидејќи не се бориме со плотска сила, туку со невидлива друга сила, со сила која ни малку го сака доброто.
Ама едно е важно. Одговорот што сите ги мачи, зошто таква смрт, зошто баш таква?!
Да запамтиме, така е зашто Некој промислил на тоа наше земно заминување, на нечија добра душа, да замине на начин сличен како Неговиот, ама пак и да тој начин стане глас, силен глас што ќе допре до сечие срце, до сечија душа, да пуштиме барем една солза, која ќе биде исткаена со молитва.
Ни една душа не може да им даде утеха на оние кои останаа тука завиени во тага заради загубите. Но постои само Еден кој живот дава, но и живот зема Горе, а Тој и само Тој дава мир, дарува утеха, дарува трпение...
Животот тука е краток, многу краток. Блазе и на таа душа која ја дознала таа вистина, која ја живее таа вистина, која прави добри дела, која не се плаши од искушенијата што и претстојат, па макар и да не може на било кој видлив начин да направи нешто добро, тоа го прави на најубавиот, на невидливиот.
Молитвата.
Зашто со таа молитва Бог испраќа Ангел пазител на таа душа, на сите души кои се спомнати во молитвата.
Може и ќе направиме се'. Ќе се промени некоја власт, ќе се воведат нови закони, мерки, и ред други правни и системски поправки за поука да не се случуваат Х ситуации во иднина.
Убаво е, најубаво е тоа да се промениме на добро.
Но како се променува "умот" или "помислата" или "планот" на некоја душа која сака на нанеси зло по секоја цена?! Со кој закон ќе се забрани, со кој ќе се казни, или најважно вразуми некој?
Таа сила ја има само молитвата.
Кога човек застанува со смирено срце пред Бог. Со жртва од љубов.
А која е таа жртва?
Постот, благодарноста на една душа. Со што ќе се заблагодари човек што дише, живее, работи, создава, просперира, што има благослов на секое поле, ако не е тоа она мало послушание што можеме да го дадеме на Бог уште од Рајот( од се' јади, само од тоа дрво не јади!), таа мала жртва, да бидеме послушни, да постиме. Кога човек пости, се труди да не живее некој грев кој му бил омилен или се борел со него, па се труди да го остави, се бори, се моли Бог да помогне, се труди да биде повлечен во молитва, во себе, да ги согледа своите гревови, а не туѓите...Таа е нашата најмала жртва за Бог, најмалата.
А кога човек истапил духовно скалило погоре, тогаш од таа љубов не гледа на себе, гледа за другите, го дава својот живот за другите.
Да, кога НИЕ ќе бидеме послушни, кога ние ќе се жртвуваме за оние кои најмногу ги сакаме, кога ние ќе ги жртвуваме нашите гревови и страсти за нашите блиски, ете тогаш Бог ќе ни ги слушне и услиши молитвите.
Секогаш го спомнувам примерот со св. Пајсиј Светогорец. Кога еден татко доаѓа да го моли да ја исцели неговата ќерка од рак што го имала во главата. А тој му рекол:
- Синко, дали си спремен да жртвуваш една своја, само една своја страст за својата ќерка?
А тој на тоа одговорил, каква се таа страст?!
- Пример, да не пушиш цигари.
А бидејќи тој и многу ја сакал таа своја страст, за својата ќерка се согласил.
За краток период од неколку месеци, без операција, без терапии, ракот се повлекол.
Но кога си заминал му рекол:
- Внимавај да го држиш ветувањето, зашто ако го прекршиш, ситуацијата ќе биде иста.
Поминале многу години, се омажила, станала мајка, а таткото заборавил на ветувањето. Само за краток период откако започнал повторно да пуши, ракот се појавил на истото место, но сега и и го одзел животот.
Жална поука, но вистинита за нашата сурова реалност. Колку забораваме на Бог, на нашите ветувања, кога го бараме само кога ни е тешко нас. А благодарноста кај ни е?!
Ако нешто можеме да се поучиме тоа е колку е силна молитвата на човекот додека е жив. Никој, никој ја нема таа сила колку ние.
Зошто ја забораваме таа молитва?
Зошто не разбираме дека со таа молитва, со таа наша мала жртва го топлиме Бог. Можиме да промениме СЕ' со Неговиот благослов. А Тој се радува, се радува за спасението на една, макар на една душа.
Заради св. Серафим Саровски, заради неговите молитви, Бог ја чуваше цела Русија. Цела држава.
Да плачеме денес знаете за што? За тоа што никој не се трудиме за ничие спасение. Ве молам прочитајте ја убаво реченицава.
НЕ СЕ ТРУДИМЕ ЗА НИЧИЕ СПАСЕНИЕ!
Што не се молиме.
Ако имаме барем еден молитвеник во оваа наша мала државичка, ништо, ама ништо од ова нема да се случува.
Ако апелираме да се промени нешто, да се промени и преобрази е духовно само самите себе.
Ако сакаш да се спасат, променат сите на добро, коренот е најпрво во себе. Ако себе се спасиш, се трудиш, спасуваш безброј други околу себе.
Никогаш не знаеме кој ќе биде тој молитвеник, чија ќе биде таа молитва што вчера, денес, утре ќе спаси нечија душа.
Може да биде тоа нечија молитва, сечија молитва или можеби твојата, или мојата...само Бог знае.
Со почит кон сите Вас души златни.
fb Марина Тодороска
16.03.2025 лето Господово