Веќе ни стана кристално јасно кој и заради какви интереси сака името на државата во која живееме да се смени, иако тоа не е поентата на целиов овој отпочнат процес
Главната поента е во оваа држава да не живеат Македонци, туку Северно, Горно или Долномакедонци, не е важно, важно да не се Македонци. Ова најубаво и најпросто се заклучува по следново: името наше е Република Македонија, името на еден регион во Грција е Македонија. Мислам дека и на мајмуните од Африка и на пингвините од Антарктикот, им е јасно дека имињата се разликуваат, а да не збориме дека не би требало да има какви било споредби меѓу држава и регион. Проблемот, како што последен кажа Маљас (од тинк-тенкот), а тоа го имаат кажано и грчкиот претседател, премиер и многу други, е во тоа што тука сме се нарекувале Македонци исто како и во Грција, и тука требало нешто да се додаде, допише, зашто нели, сега не може да се разликуваме, па се буниме, затоа. Значи, името не е проблемот. И токму поради ова, сите што ни тврдат дека добар компромис е кога името би се сменило, а истовремено, националноста и јазикот би останале македонски или се на пониско интелектуално ниво или од едното уво им влегува, а од другото им излегува.
Или ја знаат крајната цел, ама се прават на Тошо и ни прават обланди. Уште еднаш, Грција го наметна овој спор со крајна цел, бришење на сé што е македонско и затоа е нереално да се очекува дека ќе прифатат компромис за промена само на името, зашто им пречи целиот пакет Македонија и затоа добиваме предлози за решение во вид на пакет. И за тие што уште не знаат, ФИРОМ е референца, не име.
Референцата е привремена додека се разговара за името, и никаде не пишува дека името мора да се смени. За да не биде сé така монотоно, секогаш се грижат странските дипломати. Веќе ги знаеме поранешните изјави, како времето не е на наша страна или ѕвездите се совпаднаа, па затоа направете компромис, па еве од симулацијата во Охрид слушнавме уште една, времето било мирно, без предизборни кампањи што автоматски значело, сега е време за компромис. Или Грција прифатила северна и се покажала конструктивна, сега е на нас редот. Тешка работа имаат дипломативе, истата работа да ја кажуваат на различен начин, по можност во метафора и проследено со фразата сега или никогаш.
А да, добија и дополнителна, прекувремена работа. Да нé искараат дека хомосексуалците се дискриминирани затоа што во Законот за антидискриминација влегуваат во групата „останати“, а не се посебно напишани, и тоа кога тогаш ќе нé натерале да го поправиме. Очигледно тоа што и се случува на Македонија не им изгледа како дискриминација, па затоа и не се бунат. Може треба да се прекрстиме во Хомомакедонија, ем ново име, ем европски, ем модерно, ем никој нема да смее да нé пипне, а камоли вето да ни стави.
И малку за изјавата по која вријат во Брисел. Грујо кажа дека за Република Северна Македонија на референдум би гласал против. Тоа што е интересно е реакцијата на СДСМ, дека нема да учествувале на однапред пропаднат референдум. Автоматски се заклучува дека за нив успешен референдум би бил ако се прифати ново име за севкупна употреба, зашто тоа е од најдобар интерес за државата, така ќе се влезе во ЕУ и НАТО, и ќе бидеме богати како Грците, незадолжени како Шпанците, политички стабилни како Белгијците, а од вишокот пари ќе си го бришеме носот како Џим Кери во „Глупав и поглупав“. И капак на сé се нашите европски медиуми. Уште малку и на временските прогнози, ако дента врнело, ќе заклучат дека за тоа е крива Владата зашто не ги слуша Европејците кога и кажуваат дека и со промена на името, пак ќе си останеме тоа што сме си. Тогаш зошто воопшто е потребна промена, ако остануваме исти?
Јовица Вукобрат, студент
Извор: Нова Македонија