Во изминатиот период на археолошкиот локалитет Стоби во целост беше завршен и проектот за конзерваторско-реставраторски работи на мозаикот во Старата епископска базилика, кој е најголемиот досега познат поден мозаик во Македонија ...
Со поддршка од Министерството за култура, на археолошкиот локалитет Стоби во тек се конзерваторско-реставраторски работи на мозаикот од нартексот на Епископската базилика (базилика на епископ Филип), кој датира од раниот 6 век. Мозаикот, со вкупна површина од 82 квадратини метри, е еден од најубавите мозаици откриени во Стоби, на кој во осум квадратни полиња се претставени зооморфни претстави комбинирани со геометриски мотиви, изведени со разнобојни камчиња.
iПроектот претставува продолжување на конзервацијата на мозаикот од нартексот на Епископската базилика, која започна со неговото отстранување од оригиналната позиција во 2012 година. Во моментов се врши чистење, консолидирање и леење на нова варова подлога на различните фрагменти, по што тие се фиксираат на носач од алуминиумско саќе. Со финализирање на работата, следната година мозаикот ќе биде подготвен да се врати назад на оригиналната позиција во базиликата.
Во изминатиот период на археолошкиот локалитет Стоби во целост беше завршен и проектот за конзерваторско-реставраторски работи на мозаикот во Старата епископска базилика, кој е најголемиот досега познат поден мозаик во Македонија.
Исто така, стручен тим од овластени конзерватори на локалитетот Стоби работи и на конзервацијата и реставрацијата на театарот. Со завршувањето на археолошките истражувања во источната половина на централниот циркуларен коридор, се отвори можноста за конзервирање на двата ѕида кои го формираат коридорот, како и за реставрација на оштетувањата на сводот. Конзерваторските активности се започнати и во моментов се консолидираат циркуларните ѕидови. Централниот циркуларен коридор на театарот е дел од системот за движење на публиката и има импресивна височина од околу шест метри, додека неговата широчина е 2,5 метри. Источната половина од коридорот, која е предмет на годинашните археолошки истражувања и конзервација, е долга околу 40 метри.
Извор: Министерство за култура на РМ