Културниот комплекс „Свето Преображение” се наоѓа на 35 километри северозападно од градот Прилеп и го опфаќа централниот дел на една заокружена биографска целост западно од селото Зрзе. Во средиштето на овој микрорегион е лоцирана бигорна карпа врз чија горна површина е изграден средновековен манастирски комплекс со црква посветена на Свето Преображение.
Во рамките на систематските археолошки истражувања 2008 – 2009 година, кои ја опфаќаа јужната, источната и северната падина од бигорната карпа како и делови од горното плато на карпата се откриени остатоци од средновековна монашка наелба, при што со сигурност се евидентирани 48 функционални целини, именувани како испосници, тихувалишта, работилници, комуникациски платоа и сл., како и делови од уште 17 објекти.
Сегментите од средновековната монашка населба се распоредени во седум нивоа/спратови, а врз основа на стратиграфските анализи и функционалните согледби се издвоени три основни етапи на егзистенција.
Со првата етапа со сигурност се поврзуваат тринаесет функционални целини, во најголем дел испосници, распоредени во горните сегменти од јужните, источните и северните падини од бигорната карпа. Треба да се напомене дека за конституирање на овие објекти се користени природните вдлабнувања – пештери во бигорната карпа, хоризонталните платоа оформени после експлоатацијата на бигорот во III – IV век, како и зарамнетите површини врз срушените објекти на доцноантичкото подградие. Хронолошкото детерминирање на оваа етапа во времето од доцниот IX до последните децении на XI век со сигурност го потврдуваат големиот број фрагменти од садова керамика чии аналогии во голем број ги следиме меѓу наодите од централните делови на Балканскиот Полуостров.
втората етапа, хронолошки детерминирана во времето од раниот XII до првите децении на XIV век се поврзуваат десет функционални целини, како и делови од уште пет објекти, меѓу кои се и јужната пештерна црква, четири испосници со јасно издиференциран живеалишен простор и сегмент за ракоделие, пет тихувалишта на кат во внатрешноста на карпата и др. За оваа етапа од особено значење е конституирањето на комплексот на централната пештерна црква, кој, покрај црквата го сочинуваат: егзонартекс, три тихувалишта на кат и параклис. За градбените методи на оваа фаза е карактеристична употребата на внимателно обработени подни камени плочи.
Третата етапа, која хронолошки ја поврзуваме со почетната фаза од егзистенцијата на манастирската црква изградена врз горното плато од бигорната карпа, се карактеризира со понатамошната егзистенција на поголемиот дел од отпорано конституираните испосници, тихувалишта и комуникациски платоа, со тоа што кај работниот сегмент на испосниците следиме процес на усовршување на техничко – технолошките постапки на работа со јасно диференцирање на печки, огништа, работни платоа и сл. Според типолошко – хронолошките особености на наодите (садова керамика, фрагменти од фрески, монети, фреско – натпис, орудија, градежна керамика и сл. ), оваа етапа ја датираме во времето од третата деценија на XIV до последните децении на XV век од кога што следиме процес на нагласено напуштање на монашката населба врз падините од карпата и пренесување на содржините на просторот од горното плато на бигорната карпа.
Автор: Бранислав Ристески
Извор: http://off.net.mk/links/nabrzinka/31516