Во Градскиот парк во Скопје, вчера по трет пат ќе одржа мултимедијалниот спектакл „Види музика, слушни слика, добиј книга“. Почетокот на убавото доживување го одбележа, традиционално, настапот на оркестарот на Македонската филхармонија, а за ликовниот перформанс овој пат беше задолжен сликарот Сергеј Андреевски, кој сликаше на две платна со огромни димензии (10 х 3 м).
Час и половина публиката уживаше во убавините за сите сетила. Под диригенство на маестро Борјан Цанев, Македонската филхармонија изведе популарни дела од класичната музичка литература: Росини, Брамс, Чајковски, Григ, Бизе, Офенбах, Глишиќ и ја воодушеви публиката која во голем број ја имаше во Градскиот парк. Меѓу присутните беше и евроамбасадорот, Ерван Фуере, министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски, како претставници на политичкиот и културниот живот на земјава. Особен впечаток на присутните, кои беа едногласни дека локацијата за оваа манифестација дефинитивно е Градскиот парк, остави изненадувањето што музичарите го подготвиле за нив, а тоа беше нумерата од филмот „Пиратите од Кариби“.
Под инспирација на музиката, Андреевски го изведе перформансот пред очите на публиката, која како и во изминатите години, покажа големо интересирање и голем број од присутните се фотографираа со уметникот и неговите дела.
Организаторите, Младинскиот културен центар и Македонската филхармонија, и овој пат им подарија на граѓаните 20.000 бесплатни примероци на книги. Станува збор за книгата „Новеченто“ од Алесандро Барико, според која е снимен и филмот „Легенда за пијанистот на океанот“, во режија на култниот италијански режисер Џузепе Торнаторе. (Н.П.)