Културното наследство на секоја држава има огромно општествено значење, претставува идентитет на една држава, но и мост на поврзување меѓу државите, беше потенцирано на дводневната министерска конференција што се одржа во Скопје викендов, во рамките на претседавањето на Република Македонија со Советот на Европа.
За време на конференцијата усвоени се три документи кои се од посебно значење за Македонија. Со усвојувањето на Агенда Скопје, Македонија ќе врши мониторинг на проектите на Советот на Европа во Југоисточна Европа.
Во рамките на конференцијата Република Македонија ја потпиша и Конвенцијата за општествената вредност на културното наследство Фаро 20055, со што таа стана десетта земја-членка на СЕ што го ратификувала овој документ. Со ова ќе се прифатат препораките на Советот на Европа за примена на современ и одржлив третман на културното наследство. Истовремено донесена е и согласност за формирање на Советот на министри на Црноморскиот регион и Јужен Кавказ.
Министрката за култура на РМ, Елизабета Канческа-Милевска, која беше и модератор на конференцијата, заедно со министерот за Бугарија ја потпиша програмата за културна соработка за периодот 2010-2012 година. Исто така, министерката се сретна и со државниот секретар на Република Словенија, Стојан Пелко, и со него ја потпиша Програмата за културна соработка за периодот 2010-2013 година.
Преку потпишувањето на вакви документи се создава правна рамка за интензивирање на односите во областа на културата помеѓу земјите-потписнички.
На конференцијата учествуваа 48 делегати од 23 земји-членки на Советот на Европа.
Извор: Вечер