Виена, 13 март 2013 (МИА) - Претставата „Одисеј“ на Горан Стефановски вчера во Театарот Акцент во Виена беше изведена со режисерски иновации и актерска прецизност, што создаваше амбиент гледачите сами да одберат - дали гледаат театар или филм.
Стефановски алудира на хомеровиот еп, но тој е само искористен за приказ на распаѓањето на поранешна татковина на авторот. Обидот на Одисеј да се врати дома, да не остане да талка во туѓина, претставува негово ново спознавање на значењето на семејните врски, лојалноста и достоинството. Стефановски го разобличува начинот на создавањето преданија и митови, кои ја искривуваат реалноста, така што на крајот ниту „боговите“ не знаат што било вистина, а што, мит. Нарачаниот текст е претворен во претстава од Алексанар Поповски, режисерот - „театарски волшебник“ („Вечерњи лист“).
Во улога на Одисеј, прикажан како негативец, настапи Озрен Грабариќ. Никола Ристановски го играше водителот на група музичари (членовите на македонската група „Фолтин“, автори на музиката, овојпат и актери), преку чии песни се прераскажувале настаните, додека тие ја менуваа содржината со тек на времето, зависно од политичките состојби на теренот.
Публиката ја прифати претставата со многу емоции. Пиесата е направена во копродукција на шест различни театарски групи, групата на Раде Шербеџија од Бриони, Гавела од Загреб, Словенско народно гледалишче од Марибор, Атеље 212 од Белград, Српско народно позориште и Стеријино позориште од Нови Сад, како и Театар на навигаторот од Скопје, со десет актери од Скопје, Љубљана, Белград и Загреб.
По претставата, режисерот Поповски, актерите, музичарите и претставници на копродуцентите, како и членови на Парламентот на градот Виена се дружеа со амбасадорите на Македонија и на Хрватска, Ѓорѓи Филипов и Гордан Бакота, со дипломатите и претставници на дијаспорите на овие земји. мд/скс/16:20