Редуцирана програма и недостиг од гости се проблемите со кои годинава се соочува еден од најреномираните филмски фестивали „Скопје филм-фестивал“. Во пресрет на 16-то издание, кое ќе трае од 19 до 27 месецов, директорката на СФФ, Татјана Јаневска, вели дека поради кратењето на буџетот, морале драстично да ја менуваат и годинашната фестивалска понуда.
- Со кратењето на буџетот се соочивме еден месец пред почетокот на фестивалот, што не ни остави многу простор за маневар. Годинашната поддршка што ја добивме од Министерството за култура изнесува 1,2 милион денари (20 илјади евра). Лани буџетот ни беше скратен за еден милион денари, а годинава, непосредно пред почетокот на фестивалот, за уште 800.000 денари - вели Јаневска.
Откажана ретроспектива и ретки гости
Поради преполовените средства, организаторите на „Скопје филм-фестивал“ морале да откажат две поголеми програми - ретроспективата на Акира Куросава и панорамата на светски авторски филм. Што се однесува до гостите, единствениот за кој е сигурно дека ќе се поклони пред скопската публика е српскиот режисер Срдан Голубовиќ, автор на филмот „Кругови“, со кој ќе биде отворен фестивалот во киното „Милениум“. Филмот на Голубовиќ е еден од поголемите успеси на српската кинематографија, кој се закити со награди и на годинашниот „Берлински филмски фестивал“ и на фестивалот „Санденс“.
Инспириран е од вистински трагичен настан, кога Србинот Срѓан Алексиќ ќе биде убиен од своите сонародници во обидот да спаси еден муслиман. Замислен како концентрични кругови, овој филм ја раскажува својата приказна по 12 години од настанот, посветувајќи се на прашањето што се случува кога ќе се направи едно големо и храбро дело. На „Санденс“ и во Берлин филмот предизвика огромно интересирање, а во Србија во повеќе градови тој иницираше да се именува улица по младиот Срѓан Алексиќ од Требиње.
„Предавство“ со Лилиќ ќе го затвори фестивалот
Во главната програма на 16. „Скопје филм-фестивал“, како и секоја година, ќе бидат претежно фестивалски филмски хитови.
- Ќе биде прикажано најновото остварување на Педро Алмодовар „Многу сум возбуден“, чија дистрибуција во светските кина беше пролетва, „Насилство 2“ на Такеши Китано, „Капитал“ на Коста Гаврас, „Лов“ на Томас Винтерберг, како и „Кралска афера“ на Николај Арсел, кој беше номиниран за „оскар“, и „Кралството на Месечината“ на Вес Андерсон, кој лани го отвори Кан - најавува Јаневска.
Фестивалот ќе го затвори рускиот филм „Предавство“ на Кирил Сребреников, во кој забележлива улога оствари и македонскиот актер Дејан Лилиќ. Филмот ја имаше својата премиера на ланскиот „Венециски фестивал“.
Ќе биде прикажан и биографскиот филм „Хана Арент“ на Маргарет фон Трота.
Во рамки на програмата насловена „Ај он филмс“ ќе бидат прикажани пет дебитантски филмски дела. На фестивалот се очекува и презентација на три кратки македонски филма, меѓу кои и еден на режисерот Горан Тренчовски. Традиционално, во рамки на фестивалот ќе биде поместена и селекција на документарни филмови. Фестивалската програма, освен во киното „Милениум“, ќе се одвива и во кината на „Рамстор“. Автор на годинашниот плакат на „Скопје филм-фестивал“ е сликарот Ване Костуранов.
Автор: Мимоза Петревска Георгиева