Македонија домаќин на филмскиот фестивал „Џифони филм фестивал“
Петок, 01 Март 2013 12:50 Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во „Порта Македонија“ на прес-конференција на која присуствуваа и градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски, Клаудио Губитоси, директор на „Џифони филм фестивал“, Дарко Башески, директор на Филмскиот фонд на РМ и Фабио Кристијани, амбасадор на Италија во нашата земја, информираше дека во втората половина од годинава Република Македонија ќе биде домаќин на најпознатиот италијански детски филмски фестивал „Џифони филм фестивал“.
Фестивалот под мотото „Засекогаш млад“ ќе се одржи за првпат во Македонија благодарение на Италијанската амбасада, а ќе се реализира со поддршка на Министерството за култура и Град Скопје.
-Реализацијата на овој филмски фестивал во Република Македонија ќе има многу придобивки за нашите млади граѓани во подигнување на свеста за филмската уметност но, и во моделирањето на нивната перцепција воопшто, и за културата и за уметноста, истакна Канческа-Милевска. Таа додаде дека одржувањето на овој фестивал ќе биде убава можност за промоција на нашата земја, а ако се земат предвид културните релации што ги имаме со Република Италија, преку оваа манифестација, успешно ќе биде промовирана и мисијата на „Џифони“, за обединување на целиот свет преку културата и филмската уметност.
При крајот на септември се очекува Македонија да ја посетат над 50 млади луѓе на возраст од 12 до 18 години од седум држави кои ќе проследат 15-тина проекции на европски филмови и во текот на престојот ќе учествуваат во дебати и работилници кои ќе ја поттикнат нивната креативност и иновативност. Планирано е пред започнување на фестивалот, во текот на мај да се одржи ден на „Џифони“ на кој јавноста ќе се информира за овој настан, а во јули македонска делегација ќе престојува во Италија.
Фестивалот „Џифони“ со својата 43-годишна традиција е своевиден бренд на Република Италија и на италијанската култура поради квалитетната селекција на филмови и гости, но и поради социјалниот и едукативниот карактер и значењето на фестивалот. Секоја година над 50 земји испраќаат свои делегации на овој фестивал, кои придонесуваат овој настан да биде отворена сцена за културна интеракција на младите луѓе од целиот свет. Со поддршката од Амбасадата на Република Италија во Скопје, во последните десет години, континуирано се испраќаат учесници од Република Македонија на овој реномиран фестивал. Минатата година на „Џифони“ присуствуваше и 17-годишната Илина Димитровска, која го освои вниманието на големиот актер Николас Кејџ, кој на неколку јавни настапи и прес-конференции ја спомена нашата земја.
Една од главните определби на фестивалот „Џифони“ е негово ширење на сите континенти. Токму затоа, Република Македонија, од оваа година ќе им се придружи на останатите земји: Австралија, Полска, Германија, САД, Бразил, Канада, Мексико, Сингапур, Белорусија, Данска, Финска, Франција, Бугарија и Албанија кои во изминатиот период реализираа навистина успешни изданија на овој фестивал и кои го анимираа интересот за филмската уметност на младите луѓе од целиот свет.
Извор: Министерство за култура