На 11.06.2019година, во Галерија Рудиќ, се отвори фотографска изложба на Владимир Арсовски, Мајстор на Фотографија на Фото Сојуз на Македонија. На изложбата беа изложени 22 фотографии со голем формат испечатени на врвен канвас материјал. Оваа изложба под назив “Моменти“ беше представена пред словенечка јавност во 2017 година во ФИАП-ов изложбен простор, каде привлече големо вниманије.Повелете ја рецензија на Проф. Небоиша Вилиќ, како и дел на фотографии од изложбата.
Боро Рудиќ
Моменти….
Визуелниот текст впишан во овој серијал на фотографии посветен на животот, е двозначен говор сочинет во знаковни дијади чија реторика се однесува на минливоста на времето како синхрона взаемност меѓу културата и природата. Преку него, Арсовски е во потрага по одговорот на прашањето: како да се естетизира навидум неестетичкото/неестетизираното или како да се естетизира непредвидливоста на животот?
Така, артефактот (културата), чијшто знак е чунот, се прикажува како метафора на животот, на човековиот живот како минливост (на природата). Од мугрите (кога се раѓа не само денот и виделината, туку и самото постоење), преку различните делови од денот (сончеви или тмурни, пријатни или поларно студени, како асиметрични периоди на искуствата), сè до квечерините и длабоките ноќи (во кои чунот, животот, е единствената светлина) се движи, тече, расказот за животот. Според овој расказ, невообичаено, животот не се воспева само како убавина, туку и како постојана борба со ретки мигови на спокој и задоволство, бидејќи животот е непредвидлив и, пред сè, незапирлив времетек.
Затоа, аистезисот создаден во овој серијал не е само естетизација (посетилнување) на мотивот (чунот и природата: од колористичките контрасти, преку јукстапозицијата и компонирањето на чунот со небото, водата и земјата, па сè до острината и сфуматото во кадарот), туку е и придвижена и придвижувачка сетилност на животот (од оптимизмот и неизвесноста на раѓањето, преку бурноста и суровоста на животот, па сè до неговото затишје и окончување), впишана со овој специфичен визуелен текст на Арсовски.
Проф.Небојша Вилиќ
ПреминПортал