Пијанството и алкохолизмот
И не опивајте се со вино, од кое произлегува блуд, но исполнувајте се со Дух.
Ефесјаните 5:18
Како што беше покажано во претходните огледи, на развојот на „човекот во човекот“ може да му пречи неправилниот однос кон самиот себе, кон другите луѓе и, на крајот, кон стварите. За првите две категории веќе говоревме, а сега дојде на ред и прашањето каде може да нè одведе неправилниот однос спрема стварите и појавите во светот што нè опкружува. Ова може нагледно да се покаже преку примерот на алкохолната или наркотичната зависност.
Пред сè, треба да се каже нешто за алкохолизмот, зашто во секојдневниот живот овој термин не секогаш се разбира правилно. Од медицинска гледна точка, алкохолизмот е болест во чија основа лежи вклучувањето на алкохолот во процесите на размена на материи во организмот.
Како класични знаци на алкохолизам се сметаат:
1. Патолошката (болна) потреба од алкохол.
2. Порастот на толеранцијата: расте поднесувањето на алкохолот, за опијанување се потребни сè поголеми и поголеми дози.
3. Губењето контрола на количеството и контрола на ситуацијата. Со испивање на една чашка, алкохоличарот не се смирува додека не биде „мртов пијан“.
4. Присуството на синдромот на замена или на алкохолна апстиненција. Кога ќе престане внесувањето алкохол во организмот, човекот доживува болни реакции. Тоа е, всушност, познатиот „утрински мамурлак“: болка во главата, суво грло, мачнина итн.
5. Долготрајните пијанства: откако ќе го „разбие“ мамурлакот со чашка алкохол, алкохоличарот продолжува да пие.
6. Амнезиите за време на опијанетоста: откако ќе се отрезни, човекот не се сеќава што се случувало вчера.
Според својата длабока суштина, алкохолизмот како и секоја друга форма на зависност е резултат на премногу лесно влегување во животни проблеми и животни барања. „Она што не може да се постигне во секојдневниот живот, се компензира со консумирањето алкохол. Спасувајќи се од реалноста, човекот се обидува да најде начин да ја поднесе болката на животот. Тоа помага привремено да заборави на проблемите, но тие остануваат нерешени.“
Треба да се нагласи дека во православното предание нема категорична забрана на употреба на алкохолни пијалаци. Само по себе, виното не може да биде зло. Но, како и многу други нешта, тоа може да биде орудие свртено против човекот.
Воно принесуваат на трпеза и мирјани и монаси. Навистина, последните го користат поретко, а многумина се откажуваат од алкохолни пијалаци за целиот живот. Во Типикот се прави јасна врска со мислата од псалмот: „Виното го весели срцето на човекот“ (Псалм 103:15). Тоа се предлага во празнични денови, во денови на славење, кога човековата радост може да се зголеми со мали дози на вино, зашто „Гоштевања се приредуваат заради наслада и виното го весели животот“ (Проповедник 10:19).
Но, истовремено, почнувајќи од Стариот Завет, а особено во христијанската епоха, голем број мудреци и праведници предупредувале за излишното и неправилно користење на виното. Г. Честертон забележал дека пиењето станува неморално кога алкохолот станува лек против здодевноста и депресијата. Но, нашиот современик е веќе премногу склон кон пиење за да заборави на „тагата“, на „тешкиот живот“. Активното, молитвено доживување на тешкотиите, повикувањето на Бога на помош речиси и не го сметаме за лек против грижи.
Има ситуации кога на болнен, или на оној што е обземен со грижи, треба да му дадеме голтка вино за закрепнување [споредете го, на пр., советот на ап. Павле до Тимотеј (1 Тимотеј 5:23)], „нека пивне тој за да ја заборави сиромаштијата своја и да не ги чувствува веќе болките свои“ како што советува Соломон (Изреки 31:6-7). Но тоа не треба да биде единствениот начин на решавање на проблемот, зашто тоа повеќе наликува на оддалечување од какво било решение.
Да се пие заради задушување на гласот на совеста, за да се „заборави“ тоа е свесно пијанство за кое нема оправдување. А за чисто срце, молитвена голтка вино не дава повод за подгревање на страстите. И, како што напишал еден христијански автор, „ниту природата, ниту виното ништо на светот нема да ве израдува ако радоста не ја разбирате правилно“.
Алкохолизмот - страст или болест?
Гревот, прикрепувајќи се за човекот како дива гранка накалемена на благородно дрво, ги исцрпува соковите на својот хранител, ја потчинува под себе сета човекова природа и раѓа кисели и горчливи плодови нови гревови и страсти. Гревот не е способен да роди нешто полезно и благородно, зашто со соите корени проникнува длабоко во адот, од каде и ги црпи разурнувачките сили. Така и мошне раширениот порок на опијанување, коешто брзо прераснува во алкохолизам, односно во зависност на душата и на телото од една хемиска супстанца и од ефектите што таа ги произведува, расте врз гревот и ги принесува своите горчливи плодови разурнувачките страсти.
„Христијанинот верува дека човекот е создаден за да се стреми кон духовна полнота, кон стекнување единство со Бога, кон соединување со Него. Но, како последица на првородниот грев, од самото зачнување човечкото битие носи во себе некаква празнотија, неисполнета со Духот, како некаков волумен на бездуховност. Растејќи, детето започнува да се спознава како посебна личност. И, паралелно со тоа, почнува несвесно да ја чувствува својата духовна неполнота. А тоа раѓа силна потреба (најчесто несвесна) со нешто да ја исполни таа празнотија. Но недостигот од Дух може да биде исполнет само од Духот, при што тоа исполнување не му е достапно на самиот човек, туку само на Оној од Кого исходи Тој Дух, односно на Бога. Човек може само да посака (или да не посака) целосно да се предаде на Божјата волја. Ако не постои желба да се следи Божјата волја, тогаш стремежот да се исполни внатрешната празнина води кон обиди таа да се замени, да се „исполни“ со нешто што за извесно време може да се манифестира како илузија на живот, на лична духовна полнота и хармонија. Таква илузија може да ја манифестираат најразлични „сурогати“ меѓу нив и оние коишто безусловно се осудуваат од страна на општеството (наркотици, насилство, алчност), како и оние што во општеството предизвикуваат различни реакции (алкохол, хазардни игри, богати јадења, секс, власт). Згора на тоа, дури и голем број несомнени вредности (работа, дружење, човечка љубов, добротворност, религија), доколку престанат да бидат средство за човекот и се претворат во цел на активностите, исто така можат за него да станат еден вид наркотик. И човекот лесно може да стане зависен од таквите наркотици, губејќи ја слободата дарувана од Бога.“
Во односот спрема алкохолизмот постојат две крајности: едни сметаат дека алкохолизмот е само грев, други дека е само болест. Познато е дека во мозокот, според теоријата на А. Ухтомски, за време на опијанетост се формира патолошко жариште кое бара постојано внесување алкохол. Тоа ја определува физичката зависност, Но ако сè е поврзано само со патолошкото жариште, коешто се наоѓа во кората на големиот мозок, зошто не би можело да се „пресмета“ тоа место и физички да се отстрани? Имено, така расудувале научниците од Институтот за човечки мозок во Санкт Петербург. Од нивна страна е откриено местото во мозокот во кое се формира зоната на зависност, и е предложена метода за замрзнување на тој дел од мозокот преку отвор во черепот.
Да ја оставиме на страна етичката димензија на оваа метода, којашто потсетува на паролата: „Најдобро средство против првутот е гилјотината“. Но самите хирурзи, коишто спроведувале слична постапка, едногласно тврдат дека нивната метода само му дава шанса на човекот да престане да биде наркоман, отстранувајќи го само елементот на физичката зависност. Самиот човек останува истиот. Ако повторно проба наркотик, тој повторно станува наркоман. Притоа, според набљудувањата на лекарите, „дупката“ што се јавува по операцијата го тера човекот кон пренагласена сексуалност, кон склоност спрема агресија или гнев. Позната е евангелската сторија за „седумте зли духови“ коишто влегуваат во исчистен дом од кој бил избркан еден нечист дух (Лука 11:2426). Истото може да се случи со човек кој се надева само на медицината и на нејзините средства, а не на милоста Божја.
Се работи за тоа дека алкохолот не уништува само одреден орган или дел од организмот, туку страда целиот човек. Не постои ниту еден личносен квалитет кој не страда од изопаченото влијание на таа страст. Се работи за најтесна врска меѓу пијанството и моралната и духовната сфера, и оној што ја дозволува таа врска ризикува да биде победен во борбата за вечен живот. „Не лажете се: ... ни пијаниците... нема да го наследат царството Божјо“ (1 Коринтјаните 6:9-10).
Но, постои и друга крајност. Во православната средина е распространето мислењето дека алкохолизмот е само гревовна страст, и човек треба само да посака да се ослободи од неа за да повторно почне да води трезвен живот. Ваквата претстава е многу блиска со јуридичката теорија, којашто го третира гревот пред сè како нарушување на Божјата заповед, од каде и следи: „За грев треба да се суди, нарушувањето на нормите на Божествениот закон бара одмазда и казна.“
Спротивно со тоа, повеќето од Источните отци помалку гледаат на гревот како на престап против моралниот закон, а повеќе како на „заболување на душата“.Духовните лекари помалку ги интересирал правниот аспект на прашањето, а повеќе начините на исцелувањето на душата повредена од грев. Таквото разбирање на гревот во голема мера е карактеристично за руското Православие. За рускиот народ е карактеристичен стремежот да сочувствува со човек заболен од грев. Тука има место и за милосрдие, и за спознавање на тешкотиите при ослободувањето од таа тешка страст.
Тешко е човек да не се согласи со американските истражувачи А. Спикард и Б. Томпсон, дека „алкохолизмот претставува проблем на севкупната личност, а за лекување на општата болна состојба потребни се напрегнат труд, специфичен тренинг и време. Макар што алкохоличарот понекогаш може на чудесен начин да се излечи од својата физичка зависност од алкохолот, не постои моментално исцелување на духовните и на психолошките оштетувања предизвикани од наркотичната зависност.“
Тешко е да се опише колкава болка предизвикува таа „болест“ кај човекот и кај неговите блиски. И сите ние повторно слушаме: „болен“, „страдален“... нека биде така, нека љубовта на човековото срце не секнува, зашто само таа може да биде вистинско лекарство за секоја „слабост“. Но, ако човекот сака да се ослободи од тешките пранги на зависноста од алкохол, тој мора јасно да спознае: јас не сум само болен, јас сум грешник кој го губи својот живот. И нека милосрдието на оние што се околу мене не биде причина за самосожалување и за самооправдување.
Причини за алкохолизам
Пред сè, треба да се напомене дека на човекот, за неговото постоење, не му е потребен алкохол, како што му се потребни, на пр., воздухот, водата и храната. „Таа потреба ... се јавува затоа што општеството, како прво, произведува алкохолни пијалаци и, како второ, „создава“ и „пресоздава“ обичаи, форми, навики и предрасуди, поврзани со нивната употреба.“
Постојат одредени фактори на ризик, кои придонесуваат човекот полесно да падне во алкохолна зависност:
1. Наследен фактор. Деца на алкохоличари воопшто не мора нужно да почнат да пијат, како што сакаат да покажат некои истражувачи, но кај нив шансите за тоа се поголеми.315
2. „Традиција на пиење“, „алкохолна атмосфера“ што царува во голем број колективи и семејства.
3. Присуство на „алкохолни лидери“, коишто измислуваат повод за пиење, пропишуваат „процедура“.
4. Луѓе со проблеми при општењето, особено млади луѓе и личности со шизофреничен стил, често се обидуваат со помош на алкохол да ја урнат бариерата и постепено паѓаат во зависност.
5. Постојани стресови, непријатности во семејството и на работа, коишто се „решаваат“ со помош на алкохол.
Се издвојуваат неколку форми на мотивации за поттикнување на консумирање алкохол.
Најчеста, според нашето мислење, е атарактичката мотивација. Нејзината суштина е обидот човекот да го ублажи отсуството на внатрешниот комфор. На православните христијани им е познато дека главната причина за душевна дисхармонија е гревот, и наивен е обидот спокојот да се најде во виното. Зашто, во спротивно, произлегува дека човек се обидува да го реши проблемот на своето битие со помош на проста хемиска супстанца. Алкохолот не е помошник во сложените животни ситуации. А такви ситуации може да бидат „отказ од работа, неуспех во некоја работа, болест, развод, смрт. Ниту еден од нас не е без лични кризи, и во текот на таквите периоди сите ние сме изложени на мошне висок ризик од созадвање погубна навика на консумирање алкохол“.317
„Алкохолниот пијалак секогаш ни ја подава раката кога претрпуваме неуспех, кога слабееме, кога сме исцрпени пишува Д. Лондон, кој оваа тема не ја знае само од слушање. Но, неговите ветувања се лажни: физичката сила, којашто ја ветува, е призрачна, душевниот подем е лажен“.Во една пригода, на една тренинг-група за психолози професионалци станало збор за алкохолната зависност. Во текот на работата на групата неколкумина присутни замолиле да одглумат друштво на маса, и да одиграат улога на другари по чашка. Кога дејствието завршило, учесниците продолжиле да седат околу „масата“ и не сакале да ја напуштат сцената... како што подоцна објасниле, сцената на заедничко пиење давала силно чувство на спокојство, топлина, човечка соработка, заштитеност и ослободеност од животни тешкотии и проблеми. Таму секој може да биде природен и притоа да смета на целосно прифаќање и разбирање од страна на присутните. И затоа не сакале да го напуштат таквиот прекрасен и безопасен свет.По разрешувањето на кризната ситуација често ја снемува и потребата од алкохол. Секако, многу нешта зависат од тоа како човекот го прима тоа што се случува со него како нешто што е испратено од Бога за негово спасение, или како случаен сплет околности, или, пак, како „одмазда на лошата судбина“. Особено често алкохолот се злоупотребува за „ослободување од стресот“ од страна на депресивните личности. Шизоидите можат да се навикнат да консумираат мали количества жестоки алкохолни пијалаци, за да можат полесно да комуницираат.
На спротивниот крај на емоционалниот спектар се наоѓа хедонистичката мотивација. Ако консумирањето алкохол поради атарактични мотиви се оправдува со нормализирањето на влошеното расположение, тогаш хедонистичката цел претставува обид уште повеќе да се подобри и онака нормалната состојба. Хедонистичката мотивација може да се смета за најмалку штетна. Колку и да ни е убаво, ние сепак пиеме алкохол во празнични денови, затоа што „виното го весели срцето на човекот“ (Псалм 103:15)
Треба да се напомене дека, и покрај раширеното мислење во општеството, алкохолот не претставува средство за генерирање возбуда, туку средство за угнетување. Само мали дози алкохол, земени во соодветна пригода, водат кон развеселување. „Постепено манифестираната привлечност на алкохолната опијанетост, којашто може да се зголемува, се крои ... во обемната несвесна психолошка мотивација на свртување кон виното, во желбите и во потребите коишто човекот се обидува да ги задоволи со нејзина помош“.321 Со други зборови, за нормален, здрав човек многу поголемо значење има тоа што тој очекува од аклохолот, а не самиот алкохол. А луѓето во производите на етил алкохолот бараат многу повеќе одошто тие можат да пружи, заборавајќи дека „лагата не води кон спасение“.
„Тука мнајчеста желба е човекот да се провесели, да се зголеми расположението на свадба, на роденден, при средба на пријатели, односно, во оние случаи во кои традицијата на пиење вино е особено силна. Празникот обично се исчекува, се вршат благовремени подготовки, се создава празнично расположение, се облекува празнична облека, што само по себе ја создава онаа атмосфера којашто човекот и без вино го прави возбуден, празнично настроен, радосен. Консумирањето алкохол, при коешто се менува состојбата на организмот и на нервниот систем, дава само слаб психофизиолошки фон на кој силно се проектира психолошкото очекување и сета претходна психолошка подготовка за дадениот настан. Самиот човек не е свесен за тој механизам, за него тој е сокриен, што создава општоприфатена претстава за особените својства на алкохолот.“
За да го проверат реалното дејство на алкохолот врз човековиот организам, истражувачите прибегнале кон методата на плацебо. Таа метода се состои во тоа што на одредена група болни божемно им се дава еден и ист медикамент. Всушност, на еден дел од групата навистина им се дава медицинскиот препарат, а на преостанатиот „плацебо“, односно „празна“ таблета, која по надворешен изглед и вкус наликува на медикаментот, но којашто е изработена од неутрална супстанца. Таков експеримент успеал да спроведе П. И. Сидоров.323 При „анонимно“ внесување алкохол, испитаниците по извесно време се пожалиле на лесна возбуда, зголемен тонус, проследени подоцна со слабост и сонливост. Притоа не се манифестирала некаква јасно изразена личносна, карактерна компонента. Но, ако пациентот претходно бил предупреден за природата на инекцијата, можеле да се забележат познати емоционални реакции: живост, шеговитост, коментирање. Со други зборови, се демонстрирала типична слика на опијанетост.
Во дадениот случај може да се повлече аналогија со примањето наркотици. Познато е, на пример, дека неискусен човек, откако ќе испуши цигара со хашиш, може да доживее единствено промена во восприемањето на просторот, волуменот, боите и сл. Истовремено, „кај лицата коишто за прв пат пушат хашиш, но коишто знаат што пушат и го очекуваат наркотичниот ефект, сликата на дејството на наркотикот е сосема поинаква. Таа е поубава и емоционално заситена“.324 Наркоманите пред примањето наркотик честопати посебно се подготвуваат. Истото може да се каже и за алкохолот. Постои цела „алкохолна култура“: како да се нареди масата, за што да се наздрави, колку да се наточи во чашите и сл. Тоа е нормално сè дотогаш додека за човекот главни остануваат вистинските вредности: семејството, дружењето, пријателството и сл. За алкохоличарот во прв план избива чувството коешто го „подарува“ самата физичка супстанца.
На тој начин, „не алкохолот сам по себе, ниту неговото физиолошко дејство земено само по себе, туку, пред сè, проекцијата на психолошкото очекување, на актуелните потреби и мотиви врз психофизиолошкиот фон на пијанството ја создава онаа внатрешна субјективна слика којашто човек почнува да ја припишува на дејството на алкохолниот пијалак“.325 „Оттука започнува процесот кој е крајно опасен според последиците врз животот и кардинален за генезата на пијанството сè поголемо децентрирање, деформација на восприемањата: човекот почнува во алкохолот да ја гледа главната причина за состојбата којашто го привлекува.“326 Како што гледаме, митот за алкохолот, за неговата способност да ги решава проблемите, е многу посилен од дејството на самата хемиска материја. Да се потсетиме дека Ное, откако се опијанил, не покажувал симптоми на пијанство коишто ни се општопознати, туку едноставно легнал да спие (Битие 9:20).
Наивно би било да се мисли дека единствено стремежот кон избавување од неудопството или барањето наслада го раководат човекот при земањето алкохол. „Псевдокултурната мотивација се засновува на светогледните поставености и на естетските наклонетости на личноста.“327 При таквата мотивација важна е приликата во која се консумира алкохолот, суптилниот вкус, проучувањето по вкусувањето, демонстрацијата на самиот процес на вкусувањето пред присутните. Дегустацијата на различни сорти вино може да стане предмет на долга „естетска“ дискусија. Мото на ваквата мотивација би можела да стане античката девиза „In vino veritas“.
Понекогаш човекот зачекорува по патот на барањето надворешна или внатрешна слобода, доживувајќи некаков „духовен пробив“ за време на консумирањето алкохол. Голем број пеачи, музичари, „творечки“ луѓе, го сметаат алкохолот за некаков неодминлив услов за ослободување на творечките сили.
„Зошто луѓето пијат? прашува А. Ками. Затоа што по пиењето сè се исполнува со смисла, сите нешта ја достигнуваат највисоката напнатост. Заклучок: луѓето пијат заради тоа што се беспомошни, или во знак на протест.“328 Тинејџерските „тусовки“, коишто тие ги сметаат за вистинска смисла на постоењето, студентските собирања мотивирани од незадоволството од просечниот живот и од бездуховноста на надворешното опкружување, миговите на вистината ги бараат во опијанување со алкохол. Според мислењето на учесниците на таквите „вжештени“ собири, луѓето таму се поблиску еден до друг, односите се потопли и подушевни, присутни се искреноста и взаемното помагање. Земајќи го предвид сето тоа, тука се работи за барање на нешто подобро во самите себе и во своите пријатели. Тоа е оној миг на „слободата“ на стадото, за која се чуваат спомени во срцето и се создаваат легенди во рамките на групата, тоа е лајтмотив на сите пијанки и „тусовки“.329 Тука, навистина, има нешто подобро, нешто позитивно. Но тоа „нешто“ е само нејасен одблесок на она што во човекот треба да блесне како силно сонце, осветлувајќи сè наоколу, просветлувајќи го умот, срцето и волјата. Дотолку повеќе што празнината, којашто настапува по слични блесоци на измачениот дух, е премногу реална и немилосрдна. „Ние сме повикани да бидеме носители на Светиот Дух во овој живот; во нас треба да ликува вечниот живот, треба да блеска Божјиот живот преку преизобилен восхит, љубов, творечко вдахновение. Но, колку често вдахновението и опијанетоста ги бараме во нешто друго во материјалното вино коешто на човекот му дава илузија дека му е добро, дека е цврст, силен...“
„Ако човекот не најде во себе сили да Му се довери на Бога и на Неговата љубов, ако не може да ја почувствува таа љубов во животните настани и во односите со луѓето, во него се формира длабока празнина којашто тој, најверојатно, ќе се обиде да ја исполни со некаков сурогат.“331 Луѓе коишто го бараат „слаткиот миг на слободата“ во виното и во наркотиците, ја имаат предвид доволно вистинитата мисла дека надворешната слобода (односно, слобода од надворешните околности) не е идентична со внатрешната слобода. Меѓутоа, прекршувајќи ги природните закони („душата не ги создава законите, туку им се потчинува и не може да ги измени по своја волја“332), човекот сака да се насити надвор од духовната сфера: не во верата, во молитвата, во духовното творештво и во љубовта, туку во земното, душевното, бесовското (споредете Јаков 3:15).
Постојат уште неколку причини за опијанување, за кои тука нема да говориме (мотивација со хиперактивација на однесувањето, субмисивна мотивација). Како што напишал Р. Бернс:333
„За пијанство постојат безброј поводи –
Помени, празници, средби, проводи,
Крштевки, свадби и разводи,
Зима, лов, Нова Година,
Оздравување, нов стан,
Успех, награда, нов чин,
И уште пијанство без повод.“
За нас е важно нешто друго: што, на крајот на краиштата, добива човекот од опијанувањето, како завршува, и што станува со душата по долготрајното земање алкохол.
Така, алкохолизмот истовремено е и грев и болест . „Секоја зависност, на пример наркоманијата или алкохолизмот, има свои биолошки, социјални и психолошки причини и манифестации. Но, за еден христијанин е очигледно дека основната улога во формирањето на секоја зависност ја игра духовниот аспект на постоењето на човекот во светот, а самата зависност е недуховен одговор на духовните потреби коишто исконски се присутни кај човекот.“334
„Основна причина за бегството на голем број наши современици во царството на алкохолните или на наркотичните илузии е духовната опустошеност, губењето на смислата на животот, избледеноста на моралните ориентири“ се вели во Основите на социјалната концепција на Руската Православна Црква.
Навикнувањето на алкохол и механизмите на негово дејство
Од физиолошка гледна точка, постојат два типа луѓе според поднесувањето алкохол. Првиот тип е силен, во организмот има активно дејствувачки фермент кој го разложува алкохолот. Вториот тип е слаб. Кај таквите луѓе ферментот е слабо активен. Тоа се вродени карактеристики. Луѓето од првиот тип лесно поднесуваат големи дози алкохол, што предизвикува пофалби и восхит кај присутните. До мозокот допира помало количество отров, затоа патолошките центри на побудување, во кои се формира зависноста, не се формираат толку брзо, како кај луѓето од вториот тип реагирање на алкохол. Би можело да се помисли дека „силните“ се подобро заштитени од алкохолна зависност, одошто „слабите“. Меѓутоа, лажното чувство на својата сила, недостигот на страв од стекнување зависност, гордеењето поради својот „здрав“ организам – може да станат мамка за често консумирање алкохол.
Кај луѓе од слабиот тип, зависноста се формира побрзо, но нив често ги штити ниската толеранција спрема алкохолот. Попросто кажано, кај нив побрзо и почесто доаѓа до труење. Општопознатите непријатни симптоми на труење се фиксираат во сознанието и служат како заштита од злоупотребата на алкохолот.
Алкохолот е хепатотоксичен и неуротоксичен отров. Попросто кажано, тој го разорува црниот дроб и ја менува психата на човекот. Тоа е истовремено дејство на гревовна страст и на хемиска супстанца врз мозокот и врз личноста, дејство коешто создава абнормални врски во мозокот и предизвикува патолошки доминанти , ги менува душевните и личносните квалитети на човекот.
Како симптомпредвесник на алкохолизмот може да се смета нарушувањето на духовниот живот. „Долго време пред човекот да стане алкохоличар, неговата врска со Бога постепено слабее. Пијанството го потиснува духовното созерцување и води кон нарушување на сопствените морални принципи.“336 На оваа етапа не е особено тешко да се сокрие почетокот на својот пад од самиот себе. Единствено кога човекот води црковен живот и ги препознава првите знаци на духовното заладување, тој почнува да се обеспокојува и да прави усилби за враќање во нормална состојба.
Што се однесува до причините за навикнување на алкохол, се смета дека голем број наркотици, слично на морфиумот, се „прицврстуваат“ на посебни рецептори на обвивката на нервните клетки, и дека така се однесува и алкохолот. Постојат, исто така, и одредени докази дека долготрајното дејство на алкохолот предизвикува промени во обвивката на нервните клетки, коишто им овозможуваат на клетките да функционираат нормално дури и при презаситеност со алкохол. А. Ф. Бојко пишува: „Нашите научници, изведувајќи редица експериментални истражувања, докажале дека, како резултат на редовно опијанување, во мозокот се појавуваат неврони чија единствена улога е да го стимулираат мозокот да бара алкохол! Имено, поранешните алкохоличари повторно посегнуваат по алкохолот не заради својата слабост не! туку затоа што тоа го бараат невроните!“337 Меѓутоа, според авторитетни истражувачи, „каква и да е физиолошката основа на алкохолизмот, навиката за консумирање алкохол не може да се објасни само со физичката зависност. Макар што физичката потреба за алкохол го потчинува алкохоличарот, таа сепак нераскинливо е поврзана со исто толку моќната емоционална зависност. Емоционалната зависност има свои корени во својството на алкохолот да го менува расположението, и таа дејствува на сите аспекти на човековата личност.“
Затоа, „кога говориме за потребата од алкохол, не треба да го сфатиме тој израз буквално. Од психолошка гледна точка, не станува збор за потреба од алкохолот како таков, туку за потреба од доживување на состојба на опијанетост доживување коешто има прилично сложен, активно-посреден карактер.“339
Еднаш едно младо друштво одлучило да ја прослави Новата Година без алкохол. Но атмосферата на празничната трпеза предизвикала зачудувачко дејство. Резултатот ги надминал сите очекувања: веќе по консумирањето на два пунча со рум (1,5 % алкохол), се манифестирала типична слика на слаба алкохолна опиеност, макар што порано за такво нешто била потребна прилична „доза“ алкохол.
„Човекот од виното очекува многу повеќе од обична состојба на еуфорија; принципот на задоволство е премногу тривијален за објаснување на појавата којашто е толку распространета и страшна според своите последици. Психолошките причини тука се подлабоки: тие се кријат, како прво, во оние можности (како што веќе напоменавме илузорни) за задоволување на желбите и за разрешување на конфликтите, коишто ги нуди состојбата на опијанетост кај човек што долго време пие и којшто научил во таквата состојба да ги разигрува и да ги доживува своите актуелни проблеми, и, како второ, во оние психолошки и социјални услови коишто го поттикнуваат да оди по тој пат. Таквиот човек во состојба на опијанетост може да ги задоволи и својата честољубивост (пофалба заради пијанството), и навредата (солзи, закани и пцости на адреса на некој што е отсутен), и потребата од уважување (сакраменталното; „ме почитуваш ли?“), и многу, многу други нешта“.340
На примерот на алкохолизмот може јасно да се проследи взаемната врска меѓу последиците од гревот и болеста. „Токсичното дејство на алкохолот сериозно ја ослабнува способноста на алкохоличарот правилно да расудува за адекватноста на своето однесување. Наоѓајќи се одредено време во подобрено расположение, со симнати забрани, алкохоличарот е во состојба дури и најсомнителните и најпогубните свои постапки да ги толкува така како тие да ја демонстрираат неговата особена проникливост во општеството.“341
Останува отворено прашањето за врската меѓу алкохолизмот и дејствувањето на демоните. Од една страна, има потврди дека во состојба на силна алкохолизираност човекот станува роб на демонски влијанија. Таквото однесување може сосема да наликува на постапките на обземените со демони. Напоредо со тоа, постојат и податоци коишто говорат дека алкохолот само симнува одредени морални забрани и дека човек во состојба на опијанетост го прави само она што сака да го направи. Едноставно, за да го направи тоа во трезна состојба, му попречуваат духовни, социјални и други правила. „Пијанството не раѓа пороци: тоа ги открива“ вели Сократ.342
На примерот на алкохолизмот јасно се гледа механизмот на покорувањето на човековата душа од страна на демоните. Знаеме дека разумните сили на душата попречуваат паднатите духови да влијаат врз човекот. Во состојба на опијанетост човекот останува без таа заштита пред дејствувањето на злите духови. Оние страсти коишто до тогаш не се пројавиле и како да дремеле во него, се активираат со очигледна сила.
Некој може да си помисли дека алкохолизмот сам по себе не претставува причина за обземеност на човекот од гревовна страст. Сметаме дека не е погрешно да се претпостави дека алкохолот, земен во неумерени дози, претставува алка којашто ги поврзува човекот и демонот. Гревот не се гнезди во виното, туку во душата. А хемиската супстанца (алкохолот), којашто дејствува на мозокот, само ја ослабнува контролата на разумниот дел од душата. „Понекогаш се доволни 20-30 грама чист алкохол, за да се наруши повисоката функција на мозокот, кога се исклучува кората на големиот мозок и функционира само „попримитивниот“ дел под кората.“343 Кажано со термини на психоанализата, свесното преминува на заден план, оставајќи му простор на несвесното, односно, почнуваат да дејствуваат страстите сокриени во тајните простори на душата.
Доколку човекот воопшто не е повреден од дејството на страстите, тој не би се препуштил на нивното влијание и по внесувањето на алкохол во организмот. Но, онтологијата, како и историјата, не е премногу благонаклонета спрема спогодбено приклонување. „Така, произлегува дека алкохолот последователно ги активира сите осум страсти во човекот, ослабнувајќи ја волјата и можноста на човекот да ги контролира помислите и постапките. И, следствено, онаа страст спрема која човекот покажува поголема наклонетост, почнува да се пројавува во него и да дејствува посилно од другите.344 Во состојба на опијанетост човекот не може да го координира не само движењето и говорот, туку и своите морални принципи. Тој станува неправилен систем на координати: не може правилно да ги процени растојанието, времето, силата на ударот. Исто така не може правилно да го процени ни своето однесување: така, голем број уметници излегувале на сцена „загреани“, уверени дека најдобро можат да се изразат уметнички кога се во таква состојба. Всушност, тие пееле и играле мошне лошо, зашто едноставно не можеле адекватно да го проценат својот настап. Како резултат на тоа, на човекот сосема му „откажуваат кочниците“ и сите негови грди наклонетости, коишто тој во трезна состојба умее да ги држи под контрола, веднаш се пројавуваат.“345
Св. Димитриј Ростовски наведува пример на еден подвижник кој, по долг подвиг, решил да ја напушти пустињата. Од трите демонски искушенија пијанство, блуд и убиство тој го избрал, според него, најбезопасното пијанството. Но, откако се напил, тој извршил блуд и убиство. „И оние гревови, од коишто се плашел и се гнасел додека бил трезен, сега – пијан – ги извршил без страв и ги упропастил своите многугодишни трудови.“346
И така, алкохолот може да нè направи зависни доколку го злоупотребуваме. Треба ли, поради тоа, да се смета дека виното е „од лукавиот“? Не останува ли виното дар Господов, доколку умееме да се однесуваме соодветно спрема него?“
Алкохолна деградација на личноста
Во сите раководства по наркологија е опишана алкохолната деградација на личноста. Меѓутоа, треба да се прави разлика меѓу пројавувањата на органскиот психосиндром, кој се јавува како резултат на дејствувањето на отровот на мозокот, и душевната штета предизвикана од гревовна страст и од робување на злите духови.348
Имавме прилика да запознаеме луѓе со прилично високи душевни квалитети, милостиви и исполнети со љубов, но кои потпаднале под целосна зависност од алкохолот, со манифестации на психооргански синдром. Митрополитот Антониј (Блум) си споменува за еден таков свештеник.
Тој доаѓаше во црква, но речиси никогаш не служеше, зашто најчесто доаѓаше сосема пијан. Многумина го осудуваа. Паметам дури и еден интересен разговор, кога тој говореше за себе дека е лош свештеник, на што еден од присутните му одговори: „Знаеш, ти не си лош свештеник, ти си лош човек, а добар свештеник...“ Јас сосема се согласувам со таквата констатација. Се сеќавам како тој ја слушаше мојата исповед. Тој слушаше од длабочината на своето покајание, и плачеше над мене не со солзи на пијан човек, зашто тогаш беше сосема трезен, туку плачеше затоа што, ете, пред него е млад човек на дваесетина години, кој се бори и кој, исто така, може да биде поразен. И тогаш ми зборуваше од Евангелието. А ете, тој човек за надворешни бил пијаница. Поп а пие! Но, тој можел да ја пренесе Божјата правда од длабочината на своето страдање. Подоцна разбрав повеќе за него. Тој со дел од Белата Армија го напуштил Крим со еден брод, а на друг брод биле неговата жена и двете деца. Вториот брод потонал – тие се удавиле пред неговите очи, а тој не можел ништо да направи. И оттогаш почнал да пие.“349
Паралелно со тоа, може да се набљудуваат луѓе коишто многу пијат, коишто се душевно сосема растроени и коишто ги изгубиле остатоците од совеста, но притоа ги зачувале умствените функции на доволно високо ниво. Друга работа е што сите мисли и стремежи, сите сили на душата на алкохоличарот сè повеќе ì се потчинети на една единствена цел како да дојде до алкохол. Сиот свет се гледа низ „призмата на чашката“. Ова е силно изразено во поемата на В. Ефореев „Москва Петушки“. За алкохоличарот најсакан период од денот е времето кога се отвораат продавниците.350 Најголема среќа е да се снабде со алкохол и да се опијани.351 Саканата жена се памети во врска со заедничките пијанки.352 Па дури и во мигови на тешка болест на синот „пиев водка со лимун покрај неговото креветче“...353
Често се говори за безволието на зависниците, без оглед дали се работи за алкохоличари или за наркомани. Но „тоа не е сосема обично безволие. Тие имаат доволно селективен карактер. Бидејќи голем број од поранешните интереси и идеи за наркоманот изгубиле значење, нема основа да се говори за безволие во соодветни ситуации. Напротив, воден од гревовни побуди, наркоманот е способен да пројавува и настојчивост, и решителност во надминувањето најразновидни пречки за да дојде до наркотик. Се пројавуваат зачудувачки итрини, снаодливост, способност да се прекршат сите морални и правни норми, дури и ако тоа технички е тешко остварливо.“354
Луѓе со различни стилови на личноста различно се менуваат под дејство на алкохол.
Едни целосно престануваат да се интересираат за околината, затворајќи се во сопствениот свет. Ова особено е карактеристично за шизоидните и за депресивните личности.
Други стануваат мошне раздразливи и како одговор на одредена ситуација можат да „експлодираат“, особено ако ситуацијата е поврзана со алкохол. Ќе наведеме пример на кој бевме сведоци.
Еден наш пријател испробал множество средства во борбата со алкохолизмот на неговиот татко. Еден од начините бил – истурањето на шишињата со алкохол. Еднаш тој најде сокриено шише со домашна ракија и веднаш го истури во умивалникот. Таткото, којшто во тој миг влезе во кујната, просто се скамени, а потоа со викање и со пцости почна да го искажува својот револт во врска со постапката. Синот спокојно го стави празното шише пред татко му и му рече: „Можеш да се напиеш.“ Алкохоличарот не издржа, и во тој миг покрај нас пролета празното шише, се скрши удирајќи во ѕидот, а парчињата стакло се распрснаа над нас. „Ова ти е мило за драго!“ извика алкохоличарот, кој и самиот можеше да настрада од искршеното стакло.
За пасивните личности карактеристичен е друг тип деформација. Пасивниот човек станува здодевен наметливец. Тој им приоѓа на непознати луѓе во кафеана и прв започнува разговор „за животот“, без да води сметка за тоа дека неговото присуство во друштвото најчесто не е потребно.
Не треба да се смета дека терминот алкохолна деградација е применлив само за поодминати фази на болеста. Штета за душата настапува уште тогаш кога човекот ја преминува невидливата линија, по која затапува чувството за мерата, за времето, за причината и за околностите на консумирањето алкохол. Имено во тој миг се менува системот на моралните вредности на човекот, и светот почнува да се гледа „низ чашката“.
Во прв ред страда критичноста, способноста за трезвено и објективно оценување на самиот себе, на своите постапки и на нивните последици. Се забележуваат своевидни пројави на механизмот на психолошка заштита, поточно на самооправдување, коешто се сведува на стандардни фрази како што се: „сите пијат“, „денес животот е таков“, „јас не сум толку голем пијаница“.355 Голем број луѓе ги привлекува состојбата на лесна опијанетост зашто во неа, божемно, почнуваат да ги пројавуваат своите „подобри квалитети“, ја зголемуваат комуникативноста, ги отфрлаат „прангите“. Всушност, сето тоа носи патолошки карактер во врска со изменетиот систем на потреби и мотиви. Човек што пие станува груб, престанува да ја гледа несреќата на другите луѓе, па дури и на најблиските. Водката го загрева мозокот, но не е способна да создаде нешто ново, нешто подобро во душата.
Според мерата на паѓањето во зависност, потребни се нови и нови оправдувања за своето паѓање, за заштита од гласот на совеста.
Во една стара анегдота се опишува следнава ситуација. По прегледот, лекарот му се обраќа на болниот:
За сите ваши проблеми со здравјето, виновен е алкохолот.
Ви благодарам, докторе му одговори болниот. Вие сте првиот кој не ја фрли вината врз мене.
Патем кажано, во психолошка заштита спаѓа и познатиот хумор на алкохоличарите циничен, груб и плиток. Тој се поврзува со самофалење, со зголемено самољубие, со обвинување на присутните.
Сите знаат колку е тешко да се комуницира со човек којшто многу пие. Причината за тоа, главно, е неговата внатрешна агресивност, поврзана со болна ранливост. Да се доведат таквите луѓе во Црква преку нивно разобличување е мошне тешко. Но, совеста на секој човек, дури и на оној што многу пие, суптилно реагира на демонстрирањето на искрено сочувство и разбирање. Имено, на допирната линија меѓу длабоко човечкиот однос од надвор, и неизгасивото внатрешно чувство на вина се раѓа покајничка желба да се остави алкохолот и да се промени начинот на живеење.
(Продолжува)
ОГЛЕДИ ОД СОВРЕМЕНА ЦРКОВНА ПСИХОЛОГИЈА
А. С, Бочаров, А. В. Чернишев
Издава : Преминпортал
(Превел од руски: Михајловиќ С. Драган)
ПРЕДГОВОР
Да се каже дека живееме во сложено време значи ништо да не се каже. Според зборовите на блажениот Августин, ние сме времиња. Имено, од нас зависи какво ќе биде нашето време. Но, сепак, не можеме а да не забележиме дека односот на Црквата спрема современиот свет е мошне сложен. Макар што е модерно во информативните медиуми грубо да се напаѓа Православието, гледиштата на нашите сонародници, макар што самите тие не се секогаш свесни за тоа, сепак се свртени кон Православната Црква. И макар што христијаните не се секогаш издигнати на доволно високо ниво, „Исус Христос е ист вчера, и денес и во веки“ (Евреите 13:8), а Црквата била и ќе биде Столб и Тврдина на Вистината (1 Тимотеј 3:15).
Повод за пишување на оваа книга е пријателството со еден виден човек кој во почетокот на својот црковен живот ја поминал „школата“ на служење како „младостарец“. Тој се заинтересирал за анализата на односот на луѓето, коишто пристапуваат кон Црквата, спрема многубројните феномени со коишто се среќаваат на тој пат. Резултатот на извршената анализа е мало психолошко истражување коешто ги одразува „сломовите на душата“ на современите православни верници. Ние се обидовме да ја истакнеме мислата дека Црквата е чиста и непорочна, и дека не треба да се поистоветуваат гревовите и проблемите на нејзините членови со некакво „разградување“ на Црквата. Затоа не треба да нè чуди што во гледиштата изнесени во оваа книга има толку многу описи на негативните карактеристики на луѓето коишто пристапуваат кон Црквата. Тоа воопшто не е проблем на самото Православие. Црквата е мајка, лекар, духовна тврдина кон која прибегнуваат оние што имаат потреба од исцелување. За луѓе со суштински проблеми и со аномалии во душевната сфера, само Православната Црква може да им даде сè што е неопходно за духот, без оглед на многубројните слабости на нејзините членови.
Гледано од страна, луѓе со различни отклонувања многу почесто се среќаваат во православната средина отколку во другите христијански конфесии. Таквото тврдење е само делумно точно. Зашто, каде на друго место ќе сретнеш толку многу духовно здрави луѓе? Каде на друго место сме виделе да се пројавува дејствувањето на вистинските благодатни дарови? Истовремено, се чувствува потреба да се постави прашањето: а каде на друго место треба да појде болниот, ако не во болница? „Денес во светот има мошне многу душевно болни луѓе. И особено многу ги има во Црквата“ смета протојерејот Владимир Воробјов.
Но, на оваа појава може да се гледа и од друг аспект. Се работи за тоа дека семожните патопсихолошки феномени се во разногласие со духот на Православието и јасно се видливи на неговиот фон. Навистина, карактеристично за Православната Црква е што таа јасно ги расветлува недостатоците и дисхармоничните црти на личноста. Како здрава средина, Православието не може да поддржува и да одгледува во себе каква и да е патологија.
За нас е очигледно дека Православието во целост го запазило вистинското Христово учење и дека претставува најздраво општество. Затоа, имено, во него и никаде на друго место јасно се забележуваат сите човечки слабости, меѓу кои и душевните, од кои произлегуваат пороците и телесните страдања (психосоматика).
И уште една теориска премиса од која тргнавме. Разгледувајќи ги акцентуациите и, воопшто, аномалиите на личностите, можеме да истакнеме два важни момента.
Како прво, сите тие се развиваат врз основа на одредени гревовни страсти, растат според мерата на нивното продлабочување и се намалуваат според мерата на борбата со нив.
Како второ, сите аномални црти имаат механизми на заштита од нападите на совеста и на чувството за покајание. А таа заштита не може лесно да се совлада. Тука спаѓаат сублимацијата, истиснувањето, проекцијата нешта коишто не ги разбираме во смисла на фројдовската психоанализа, туку како психопатолошки механизми коишто овозможуваат да ја избегнеме духовната работа.
И така, Православната Црква ја има полнотата на благодатта којашто го храни човековиот дух. Меѓутоа, работите се посложени кога е во прашање организацијата на душевниот живот, зашто таа сфера директно зависи од оние луѓе коишто ја сочинуваат заедницата, парохијата, од личноста на духовникот.
Во процесот на пишувањето, оваа книга стана поопширна одошто планиравме. Во неа ги додадовме поглавјата за алкохолизмот и за психологијата на болеста. За жал, денес кај нас има многу малку целосни, завршени трудови од областа на православната психологија. Затоа и нашиот труд, кој ни најмалку не претендира на сеопфатност и на непогрешност, ги повикува читателите на размислување, па дури и на полемика.
Кратките поглавја „Ако заминуваш заминувај“, „Пијанството и алкохолизмот“, „Гласот на песимистот“, „Психологија и психопатологија на духовното раководство“ и „Некои аномалии на личноста од гледна точка на православната психологија“, коишто влегоа во оваа книга, се посветени на анализата на дисхармоничните црти на личноста, со цел да се помогне во понатамошниот избор на правилен пат и на правилни средства за исправање на состојбите.
Описите на растројствата на личноста ги наведуваме како според одделните симптоми, така и според крупните синдроми, користејќи ги термините „хистероиден“, „параноиден“ или „депресивен“ тип на карактерот. Но, во практиката ретко се среќаваат апсолутно чисти типови. Најчесто во секој од нас, во чудни комбинации, се помешани аномалните и вредните својства, така што можеме да воскликнеме заедно со св. Теофан Затворник: „Еве ред во гревовната сфера! Секој грешник е целиот во неа, но главно се фаќа за еден грев!“Не треба да се заборави и на заострените црти на карактерот кои се резултат на одредени ситуации. Така, научник што работи на нова статија може со месеци да остане заглавен во својата тема, претставувајќи на тој начин упорна личност. Човек што претрпел тежок губиток може долго време да пројавува црти на депресивна личност, и сл.
Прашањето за тоа што се смета за норма, а што за патологија, секогаш било мошне сложено. Методолошкиот арсенал на православниот психолог е збогатен со такви јасни аскетски поими како што се грев, страст, гревовни навики и сл. Тоа знаење го става во поповолна положба во споредба со световните научници, коишто не ги разграничиле нормата и патологијата. Да се потсетиме дека во современото општество постои тенденција психичкото растројство да се смета како некаква варијанта на нормата, со тоа што таа не е применлива на доминантен општествен стереотип.
Уште една премиса од којашто тргнавме. Еден од важните поими во Православието е преобразбата не претворањето, туку одухотворувањето, возвишувањето, облагородувањето на сè што е природно, на сите нешта што се во човекот, меѓу другото и на неговите душевни сили. Ова пресудно влијаело врз утврдувањето на насловот на книгата.
Како автори, не направивме ниту најмал обид да ги класифицираме аномалиите користејќи се со веќе познати термини и поими. Не си го поставивме како цел ниту описот на сите можни патокарактеролошки феномени. Темите на нашите поглавја се ограничени на проблемите на патопсихологијата во контекстот на православниот поглед на душевниот живот на човекот. Тоа се нафрлени анализи на портрети на аномалните, невротичните, акцентуираните „стилови“ на егзистирање во ентериерот на црковниот начин на живеење, напишани со перото на православен психолог.
Меѓу задачите на оваа книга е и утврдувањето како се формираат одредени акцентуирани карактери, како личностите со таков карактер дејствуваат во условите што владеат во црковната заедница, со какви тешкотии се среќаваат, кои се патиштата на хармонизацијата на личноста и на преобразувањето на душата.
Во сферата на нашето интересирање најчесто влегуваа акцентуирани личности . Ние се обидувавме да ја разгледаме врската на акцентуацијата со гревовните навики, не заборавајќи дека и „здравиот“ човек може да биде голем грешник, без притоа да покажува знаци на растревоженост или грижа на совеста. Од друга страна, човек со сериозно нарушено психичко здравје може да биде значително почист и подлабок од т.н. просечен, „нормален“ човек.
Авторите воопшто не претендираат на оригиналност и на систематичност на излагањето. Оваа книга попрво претставува збирка огледи, обединети во една општа идеја. Освен тоа, ние намерно не го упростувавме материјалот, зашто за длабоките појави најдобро може да се зборува на јазикот на професионалниот психолог. Се смета дека е полезно секој човек, којшто се интересира за православната психологија, да влезе во светот на најдобрите достигнувања на психолошката наука. Од друга страна, сите психолошки феномени се разгледуваат во книгава од гледна точка на православната антропологија, затоа во текстот има толку многу повикувања на богословски текстови. Соодветно, оваа книга е наменета за луѓе коишто размислуваат и творат.
+++
а. Антипсихијатриска струја во 60-70-тите години во Западна Европа и во САД, а во почетокот на 90-тите години и во Русија.
б. Поимот „стил на личноста“ е авторски термин на современиот психотерапевт Д. Шапиро.
ц.Термин предложен од страна на германскиот психијатар Karin Leonhard.
Друго:
А. С. Бочаров, А. В. Чернишев: АКО ЗАМИНУВАШ - ЗАМИНУВАЈ
http://preminportal.com.mk/content/view/5879/54/
А. С. Бочаров, А. В. Чернишев: Психологија и психопатологија духовното раководство
А. С. Бочаров, А. В. Чернишев: МОТИВОТ НА ДЕПРЕСИЈА
А. С. Бочаров, А. В. Чернишев: ВЕЧНИОТ МОТИВ ИЛИ НАМЕТЛИВИ ЛИЧНОСТИ
http://preminportal.com.mk/content/view/9000/1/