логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 СЛУЖБА НА СВЕТИТЕ И СПАСИТЕЛНИ СТРАДАЊА НА
НАШИОТ ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС



ВО СВЕТИОТ И ВЕЛИКИ ЧЕТВРТОК НАВЕЧЕР


По Шестопсалмие и големата ектенија: Алилуја: на глас 8, и тропарот.

Кога славните ученици, при миењето на нозете на Вечерата, се просветлуваа, тогаш злочестивиот Јуда, болен од среброљубие, се помрачуваше и на беззаконите судии, Тебе – праведниот судија – Те предава. Душо среброљубива, гледај каде оди да се обеси таквата душа; одврати се од среброљубието на Јуда, кој се осмели да Му направи такви работи на Својот Учител; Господи, Кој си добар за сите, Слава Ти (3-пати).


По тропарот мала ектенија и се чита првото Евангелие, според Јован, зачало 46 (13, 31-38; 14, 1-31; 15, 1-27; 16, 1-33; 17, 1-26; 18,1) по кое се пее: Слава на Твоето долготрпение, Господи. Потоа ги пееме антифоните, повторувајќи ги сите тропари.


Прв антифон.

Глас 8: Кнезовите народни се собраа против Господа и против Неговиот Христос.

Тие изнесоа против Мене законопрестапни зборови: Господи, Господи, не оставај ме.

Нашите чувства чисти да Му ги понудиме на Христа и, како Негови пријатели, за Него да ги жртвуваме нашите души и да не се задушуваме со животните грижи како Јуда, но тајно да повикаме: Отче наш, Кој си на небесата, избави нѐ од лукавиот.

Слава: Богородичен: Како девојка си родила и пак девојка си останала, Мајко безневестна, Богородице Марие, Христа, нашиот Бог, моли Го да нѐ спаси.

И сега: истиот.

Втор антифон.    

Глас 8: Јуда потрча да им каже на беззаконите книжници: Што ќе ми дадете за да ви го предадам (Исуса)? Ти, пак, Самиот си стоел невидливо меѓу оние што се договараа: Господи, Кој ги знаеш срцата наши, поштеди ги душите наши.


Со љубов да Му послужиме на Бога, како Марија на вечерата, и да не бидеме среброљупци како Јуда, но да бидеме секогаш со Христа Бога.


Слава: Богородичен: Оној Кого си Го родила неискажливо, Дево, никогаш не престанувај да Го молиш како Човекољубец, да ги спасува од неволи сите оние што бараат помош од тебе.


И сега: истиот.

Трет антифон.


Глас 8: Поради воскресението на Лазара, еврејските деца Ти пееја: Осана, Господи – Човекољупче: но беззакониот Јуда не сакаше да разбере.


На Твојата вечера, Христе Боже, на Твоите ученици си им претскажал: Еден од вас ќе ме предаде: но беззакониот Јуда не сакаше да разбере.


Кога Јован запраша: Господи, кој е тој што ќе Те предаде? – беззакониот, пак, Јуда не сакаше да разбере.


За триесет сребреника, Господи, и со лажен целив, Јудеите бараа да Те убијат, но беззакониот Јуда не сакаше да разбере.


За време на миењето на нозете, Христе Боже, на Твоите ученици си им заповедал: Вака правете, како што гледате; беззакониот, пак, Јуда не сакаше да разбере.


Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение, - си им говорел на Твоите ученици, Христе Боже наш, но беззакониот Јуда не сакаше да разбере.


Слава: Богородичен: Спаси ги од беди твоите слуги, Богородице, бидејќи, после Бога, сите приоѓаме кон тебе, како неразрушлив ѕид и застапништво.

И сега: истиот.
Мала ектенија, потоа:

Седален, глас 7: Хранејќи ги учениците на Тајната вечера, и знаејќи ја намерата за предавство, на неа си го изобличил Јуда, иако знаеше дека е тој непоправлив, бидејќи сакаше да знаат сите дека си се предал доброволно, за да го избавиш светот од непријателот: долготрпелив Господи, слава Ти.

Слава: Долготрпелив Господи, слава Ти.

И сега: истиот седален.
Свештеникот го чита второто Евангелие според Јован,
зачало 58 (18, 1-28), по ова се пее:

Четврти антифон.

Глас 5: Денес Јуда Го напушта Учителот, а го прима ѓаволот; се ослепува од страста на среброљубието; помрачениот отпаѓа од Светлината. Како ли можеше да гледа јасно оној што за триесет сребреника ја продаде Светлината? Но нам ни засветли Оној што пострада за светот, затоа кон Него да повикаме: Господи, Ти, Кој си пострадал за луѓето, слава Ти.


Денес Јуда се преправа дека е благочестив, а ја губи благодатта; од ученик – станува предавник; во обичниот целив ја прикрива лагата; наместо љубовта кон Господа, претпочита да му служи на среброљубието и станува водач на соборот на нечестивите; а ние, пак, имајќи го спасението – Христа, Него да Го прославиме.


Глас 1: Да го сочуваме братољубието, како браќа во Христа, и да не бидеме немилостиви кон нашите ближни; да не бидеме осудени како немилостивиот слуга заради стоте пенези; и по примерот на Јуда, откако ќе се покаеме, да не ни биде тоа од никаква полза.


Слава: Богородичен: За твојата слава се зборува насекаде, зашто си Го родила по тело Творецот на сите, Богородице Марие, севоспеана и неискусобрачна.


И сега: истиот.

Петти антифон.


Глас 6: Ученикот ја договараше цената на Учителот, и за триесет сребреника Го продаде Господа, со лажен целив предавајќи Го на смрт на беззакониците.


Денес Творецот на небото и на земјата им зборуваше на Своите ученици: Часот се приближи, и предавникот Јуда пристигна; никој да не се одрече од Мене, гледајќи Ме на крстот среде двајца разбојници: бидејќи ќе страдам како човек, и ќе ги спасам како Човекољубец оние што веруваат во Мене.


Слава: Богородичен: Богородице Дево, Која во овие последни времиња Го зачна и Го роди Твојот Создател, Него моли Го да ги спаси душите наши.


И сега: истиот.

Шести антифон.



Глас 7: Денес Јуда бдее за да Го предаде Господа, предвечниот Спасител на светот, Кој со пет леба насити мнозина: денес беззаконикот се откажува од Учителот па, иако ученик, Го предаде Господа: за сребро Го продаде Оној што со мана го насити човекот.


Денес на крст Јудеите Го приковаа Господа, Кој со жезол го раздели морето и ги проведе во пустината: денес со копје ги прободоа ребрата на Оној, Кој заради нив го погоди Египет со рани: и со жолчка Го напоија Оној, што за храна им пушти мана.


Господи, кога одеше на доброволно страдање, на Твоите ученици им велеше: Ако не можете ниту еден час да бдеете со Мене, како ветувате дека ќе умрете заради мене. Гледајте го Јуда, како не спие, но брза на беззакониците да Ме предаде. Станете, молете се, та некој да не се одрече од Мене, на крстот гледајќи Ме: Долготрпеливе, слава Ти.


Слава: Богородичен: Радувај се, Богородице, Која во својата утроба го смести Оној што не може да Го сместат ни небесата; радувај се, Дево, која беше навестена од пророците, од која ни засветли Емануил: радувај се, Мајко на Христа Бога.

И сега: истиот.
Мала ектенија, потоа:


Седален, глас 7: Која причина, Јудо, те направи предавник на Спасителот? Дали од соборот на апостолите те оддели? Дали те лиши од исцелителните дарови? Дали, кога вечераше со нив, од трпезата те отфрли? Дали кога нозете нивни ги изми, твоите ги презре? Колку ли добрина ти заборави, што Он ти направи? Твојот, пак, неблагодарен карактер се открива, а Неговото безмерно долготрпение и голема милост се проповеда.


Слава, и сега: истиот.
Свештеникот го чита третото Евангелие според Матеј,
зачало 109 (26, 57-75), потоа пееме:
    Седми антифон.    


Глас 8: На беззакониците што Те фатија, Господи, трпејќи, вака си им зборувал: Иако Го поразивте Пастирот и ги распрснавте дванаесетте овци – моите ученици, можев да повикам дванаесет легиони ангели; но долго трпам, за да се исполнат тајните непознати, што ви ги јавив преку Моите пророци: Господи, слава Ти.


Кога Петар се одрече трипати, веднаш го разбра она што му беше речено, но Ти принесе солзи на покајание: Боже, очисти ме и спаси ме.


Слава: богородичен: Како врата спаителна, и красен рај, и облак на Вечната Светлина, сите да ја воспееме Света Дева, велејќи ѝ: Радувај се.


И сега: истиот.
Осми антифон.


Глас 2: Кажете, беззаконици, што слушнавте од нашиот Спасител? Зар не го исполни законот и учењето на пророците? Како помисливте да му го предадете на Пилата, Бога Словото, Кој е од Бога, и Избавителот на душите наши?


Нека биде распнат, - викаа оние што секогаш се насладуваа со Твоите дарови, и бараа да биде ослободен еден злосторник, наместо Добротворот, убијците на праведниците: а Ти молчеше, Христе, трпејќи ја нивната свирепост, бидејќи сакаше да пострадаш и да нѐ спасиш нас, како Човекољубец.


Слава: Богородичен: Бидејќи немаме смелост, поради мноштвото наши гревови, Ти, Богородице Дево, моли Го Оној што се роди од тебе, зашто молитвата на Мајката може да ја придобие наклоноста на Господа: не презирај ги молбите на грешните, Сечиста, зашто е милостив и може да спаси, Оној што прифати за нас и да страда.


И сега: истиот.
Деветти антифон.


Глас 3: Цената на Бесценетиот синовите Израилеви ја одредија на триесет сребреника. Бидете будни и молете се, да не паднете во искушение, зашто духот е бодар, а телото е немоќно: поради тоа бидете будни.


Наместо храна, ми дадоа жолчка, а во жедта моја Ме напоија со оцет: Ти, пак, Господи, крени ме и јас ќе им вратам.


Слава: Богородичен: Од сите народи, те воспеваме, Богородице чиста, зашто си Го родила Христа, нашиот Бог, Кој преку тебе ги ослободи луѓето од клетвата.


И сега: истиот.
Мала ектенија, потоа:
Седален, глас 8: О, како Јуда, Твојот некогашен ученик, размислуваше за Твоето предавство: лукавиот предавник и неправедник, од Тајната Вечера појде кај свештениците и им рече: Што ќе ми дадете и јас ќе ви Го предадам Оној што го разурна законот и ја оскверни саботата? Долготрпелив Господи, слава Ти.


Слава, и сега: истиот.
Свештеникот го чита четвртото Евангелие според Јован,
зачало 59 (18, 28 -40; 19, 1-16) и потоа:
Десетти антифон.


Глас 6: Оној што се облекува со Светлина како со риза, необлечен стоеше на студот и по образите прими удари од рацете што ги создаде: беззконите луѓе на крст го приковаа Господа на славата: тогаш црковната завеса се раздра, сонцето се помрачи, не можејќи да го гледа понижувањето на Бога, пред Кого трепери сѐ што е создадено: Нему да Му се поклониме.


Ученикот се одрече, а разбојникот повика: Спомени ме Господи, во Царството Твое.


Слава: богородичен: Дај му мир на светот, Господи, Кој благоволи од Дева да носиш тело заради Твоите слуги, та едногласно да Те славиме, Човекољупче.


И сега: истиот.
Единаесетти антифон.


Глас 6: За добрата што си му ги направил, Христе, на еврејскиот род, Те осудија на распнување и Те напоија со жолчка и оцет; но дај им, Господи, според нивните дела, зашто не го разбраа Твоето понижување.


Незадоволен со предавството, Христе, народот еврејски мавташе со главите свои и Ти се потсмеваше: но дај им, Господи, според нивните дела, зашто не го разбраа Твоето провидение.


Ниту земјата што се потресе, ниту карпите што се распаднаа, ниту црковната завеса, ниту воскреснувањето на мртвите, не можеа да ги уверат Евреите, зашто не го разбраа Твоето понижување. Но, дај им, Господи, според нивните дела.


Слава: богородичен: Го познавме Бога Кој се воплоти од тебе, Богоридеце Дево, единствена чиста, единствена благословена, затоа непрестајно пеејќи те величаме.


И сега: истиот.
Дванаесетти антифон.


Глас 8: Ова им го вели Господ на Јудеите: Луѓе мои, што ви направив, или со што ви здодеав? На слепците ваши вид им дадов, лепрозните ги очистив, човекот на одарот го кренав; луѓе мои, што ви направив, или што Ми вративте: за маната – жолчка, за – водата – оцет; наместо да Ме љубите, на крст Ме приковавте. Нема повеќе да трпам; ќе ги повикам Моите народи и тие ќе Ме прослават со Отецот и Духот, а Јас ќе им дарувам живот вечен.


Денес црковната завеса се раздерува, за да ги изобличи беззакониците, и сонцето своите лачи ги скрива, гледајќи како Господ е распнуван.



Законоположниците израилеви, Јудеи и фарисеи, соборот апостолски ви вика: Ете го храмот што вие го разурнавте, ете Го Јагнето што вие Го распнавте и на гробот му Го предадовте. Но Он со својата власт воскресна. Затоа, не мамете се, Јудеи, зашто е Тој оној што во (Црвеното) Море ве спаси и во пустината ве хранеше. Тој е Животот, и Светлината и мирот на светот.


Слава: богородичен: Радувај се, врато на Царот на славата, низ која само Вишниот мина, и пак запечатена ја остави, за спасение на душите наши.

И сега: истиот.

Седален, глас 8: Кога си застанал пред Кајафа, Боже, и кога си му се предал на Пилата, Судијо, небесните сили од страв затреперија; а кога си се искачил на крстот, среде двајца разбојници, си се нашол меѓу беззакониците, Безгрешен, за да го спасиш човекот: незлобив Господи, слава Ти.


Слава, и сега: истиот.
Свештеникот го чита петтото Евангелие според Матеј,
Зачало 111 (27, 3-32), потоа пееме:
Тринаесетти антифон.


Глас 6: Собранието јудејско од Пилата испроси да Те распнат, Господи; иако не најдоа вина во Тебе, виновникот Варава го ослободија, а Тебе правениот Те осудија, и го наследија гревот на скверното убиство: крвта Негова врз нас и врз нашите деца.


Оној од Кого се плаши и трепери сѐ, и секој народ Го пее Христа, Божјата сила и Божјата Премудрост, свештениците го удираа по образите и Му дадоа жолчка, но Он прифати да страда за да нѐ спаси од нашите беззаконија со Својата крв, како Човекољубец.


Слава: богородичен: Богородице Дево, која Го роди Својот Создател, неискажливо примајќи Го Словото; Него моли Го да ги спаси душите наши.


И сега: истиот.
Четиринаесетти антифон.


Глас 8: Господи, Кој за сопатник го зеде разбојникот што своите раце ги извалка со крв, и нас придружи нѐ со него, како добар и Човекољубец.


Малку зборови кажа разбојникот на крстот, но неговата вера беше голема; за еден миг се спаси и прв влезе низ рајската врата: Господи, Кој го прими неговото покајание, слава Ти.


Слава: богородичен: Радувај се, ти, која преку ангелот ја прими радоста на светот; радувај се, ти, која Го роди Твојот Творец и Господ; Радувај се, ти, која се удостои да бидеш Мајка Божја.


И сега: истиот.
Петнаесетти антифон.


Глас 6: Денес виси на дрво Оној што земјата ја обеси на водите; со венец од трња е крунисан Царот на ангелите; во смешна багреница се облекува Оној што небото го облекува со облаци; шлаканици прима Оној што во Јордан го ослободи Адама; со клинци се прикова црковниот Младоженец; со копје се прободе Синот на Дева: се поклонуваме на Твоите страдања, Христе, се поклонуваме на Твоите страдања Христе покажи ни го и славното Твое воскресение.


Не празнуваме како Јудеите, зашто Христос – нашата Пасха – се жртвува за нас, но да се очистиме себе си од секаква нечистотија и со чисто срце да Му се помолиме: Воскресни, Господи, и спаси нѐ, како Човекољубец.


Крстот Твој, Господи, е живот и застапништво на Твоите луѓе и, надевајќи се на него, Тебе – распнатиот Бог наш – Те пееме, помилуј нѐ.


Слава: богородичен: Гледајќи Те распнат, Христе, Твојата Мајка викаше: Каква чудна тајна гледам, Сине Мој, како умираш на крстот, распнат со тело, Дарителу на животот.


И сега: истиот.
По ова мала ектенија, потоа:


Седален глас 4: Ти си нѐ искупил од клетвата законска, со Твојата чесна крв; на крстот прикован и со копје прободен, на луѓето си им станал извор на бесмртност, Спасителу наш, слава Ти.


Слава, и сега: истиот.
По ова свештеникот го чита шестото Евангелие според
Марко, зачало 67 (15, 16 -32), а по него
блажени, глас 4.


Во царството Твое, спомни нѐ, Господи, кога ќе дојдеш во царството Твое.

Блажени се бедните по дух, зашто е нивно Царството небесно.

Блажени се оние што плачат, зашто ќе се утешат.

Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата.

Блажени се гладните и жедните за правда, зашто тие ќе се наситат.

Со дрвото Адам беше иселен од рајот, и со крсното дрво разбојникот во рајот се всели: првиот, кога вкуси, ја отфрли заповедта на Творецот; вториот, пак, распнат со Тебе, Те призна за Бог, викајќи: Спомни ме, Господи, во Царството Твое.

Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани.

Беззакониците Го купија од ученикот Творецот на законот и, како престапник на законот, му го предадоа на суд на Пилата, викајќи: Распни го, - оние на кои во пустината им даде мана. А ние, подражавајќи го праведниот разбојник, викаме: Спомни си и за нас, Спасителе, во Царството Твое.

Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога.

Народот јудејски неправеден, собор од богоубијци, на Пилат безумно му вика: Распни го Христа невиниот, а пушти ни го Варава. А ние го подражаваме добриот разбојник и со вера викаме: Спомни си и за нас, Спасителе, во Царството Твое.

Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји.

Како извор од Рајот, Христе, од Твоите живоносни ребра тече река што ја напојува Твојата Црква – духовниот рај, делејќи се како некогаш на четири Евангелија кои го напојуваат светот, и го веселат созданието, учејќи ги народите верно да му се поклонуваат на Царството Твое.

Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е Царството небесно!

Си се распнал заради мене, за да ми бидеш извор на спасение; си бил прободен во ребрата, за да ми источиш капки на живот; со клинци си бил прикован та, гледајќи ја длабочината на Твоите страдања, да ја познам висината на Твојата сила и да Ти пеам: Животодавче Христе, слава на твојот крст и на Твоето страдање Спасителу.

Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно – заради Мене!

Гледајќи Те распнуван, Христе, сета твар трепереше, темелите на земјата се тресеа, светилата се скриваа, и црковната завеса се раздра, горите затреперија, и камењата се распаднаа, а верниот разбојник вика со нас: Спасителе, спомни си за нас во Царството Твое.

Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата!

На крстот со копје си го раздрал нашиот список и, вброен меѓу мртвите, си го врзал тамошниот мачител, Господи, Кој од адските окови ги избави сите, со Твоето воскресение.

Слава: Верни, сите еднодушно да се помолиме и да Го прославивме Отца и Сина и Светиот Дух: единство на Божеството, Кое пребива неслиено во три ипостаси, просто, неразделено и непристапно, со Кое се избавуваме од огненото мачење.

И сега: богородичен: Твојата Мајка, Христе, која бессемено Те роди по Тело, и која е вистинска Дева и по раѓањето остана нетлена, неа ја призиваме во молитвата, Владико многумилостиви, дарувај им прошка на прегрешенијата на оние што секогаш Ти пеат: Спомени нѐ и нас во Царството Твое.

Мала ектенија, потоа:
Прокимен (Псалм 21, 19) глас 4: Ризите мои ги разделија меѓу себе, а за облеката моја фрлаа ждрепка. Боже мој, Боже мој, чуј ме, зошто си ме оствил?
Свештеникот го чита седмото Евангелие според Матеј, зачало 113 (27, 33-54), по него Псалм 50. Од овде престанува кадењето пред Евангелие и читањето мала ектенија, по ова Свештеникот го чита осмото Евангелие според Лука, зчало 111 (23, 32-49). Потоа трипеснец на господин Козма, ирмоси по двапати, тропари на 12, глас 6.


Песна 5

Ирмос: Поранувам кон Тебе Кој, поради Твоето милосрдие, си се покажал неизменливо, дури и до страдања, бестрасно Слово Божјо; мир подај ми мене паднатиот, Човекољупче.

Откако им ги изми нозете и се очистија сега со причестувањето со Твојата божествена тајна, Христе, служителите од Сион се искачија со Тебе на Елеонската гора, пеејќи Ти, Човекољупче.

Не плашете се, пријатели, зашто сега наближи часот да бидам фатен и од рацете на беззакониците да бидам убиен: сите вие ќе се разбегате, откако ќе Ме оставите. Но Јас ќе ве соберам, за да Ме проповедате Мене, Човекољубецот.

Кондак, глас 8: Дојдете сите да Го воспееме, заради нас Распнатиот, зашто Марија Го виде Него на крстот и велеше: Иако трпиш и распнување, Ти си мој Син и Бог мој.

Икос: Марија, гледајќи го своето Јагне, водено на колење, го следеше заедно со други жени, викајќи вака: Каде одиш, Чедо? И зошто брзаш? Зар и друга свадба има во Кана галилејска, па таму сега брзаш, од вода вино да направиш? Дај ми збор, Слово (Божјо) и, молчејќи, не одминувај ме, Ти, Кој чиста ме сочува, зашто Ти си Син мој и Бог мој.


СИНАКСАР



Стихови на распнувањето:

О необлечен мртовецу и Слово на живиот Бог,
Ти си, Боже, Кој живееш и на крстот си умртвен.

Стихови за распнатиот со Христа разбојник:

Клучот на покајаниот разбојник ја отклучи рајската врата, кога рече:
Спомни си за мене (Господи, кога ќе дојдеш во Царството Свое).


ВЕЛИКИ ПЕТОК

Во светиот и Велик Петок ги славиме светите, спасителни и страшни страдања на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос, што заради нас доброволно ги прими: плукањето, биењето, шлаканиците, навредувањата, исмејувањето, пурпурната облека, трската, сунѓерот, оцетот, клинците, копјето и, по сето тоа - Крстот и смртта; а сето тоа се изврши во петок.

Откако беше продаден и предаден за триесет сребреника од својот пријател и ученик, најнапред Го одведоа кај Ана првосвештеникот, кој Го испратил кај Кајафа, каде што бил плукан и удиран по образите, а воедно и исмејуван и навредуван, и каде што ги слушал зборовите: „Проречи ни, Христе, кој Те удри?" (Матеј 26, 68). Таму дошле и лажните сведоци кои Го клеветеле, бидејќи беше рекол: „Урнете го овој храм и за три дена пак ќе го изградам", и затоа што беше рекол дека е Син Божји. Тогаш првосвештеникот, не поднесувајќи ја оваа „хула", ја раскинал својата облека.

Утрото Го одвеле кај Пилат во судницата, а тие самите не влегле, како што се вели, да не се осквернат и за да можат да ја јадат Пасхата. А Пасха се именува целиот празник што го славеле, според обичајот. Христос, пак, ја извршил законската Пасха еден ден пред оваа, бидејќи требаше да биде жртвуван во петокот. А кога Пилат излезе, ги праша за што Го обвинуваат тие. Бидејќи не најде никаква причина за да Го осуди, Го испрати кај Кајафа, а овој пак повторно кај Пилат, бидејќи тој беше оној што копнееше да Го убие. А Пилат им рече: Земете Го вие и распнете Го, и судете Му според вашиот закон. А тие повторно велеа: „Нам не ни е дозволено никого да убиеме", поттикнувајќи го Пилата да го распне. А Пилат Го праша Христа дали е Он Царот на Јудеите. А Он не призна дека е тоа, туку дека е Вечниот (Цар), бидејќи рече: „Царството Мое не е од овој свет." Сакајќи да Го пушти, Пилат прво им рече дека не наоѓа никаква вина кај Него, а потоа, предложи да се ослободи еден затвореник, според обичајот за секој празник. Но тие повеќе претпочитаа да биде ослободен Варава, а не Христос.


Пред да им Го предаде на Евреите, Пилат прво нареди да Го камшикуваат Исуса, потоа Го изведе со војници, облечен во црвена облека, покриен со трнлив венец, со трска во десната рака, додека војниците го исмејувале велејќи: „Радувај се, Цару Јудејски". Откако Го исмеја, за да Го помилува, Пилат повторно рече: „Не наоѓам ниту една вина за да Го осудам на смрт". А тие велеа: „Ние Него ќе Го казниме, затоа што себе се нарекува Син Божји". Додека го зборуваа тоа, Исус молчеше, а народот викаше кон Пилата: „Распни Го, распни Го", бидејќи сакаа да Го подложат на нечесна смрт, за да го исфрлат добриот спомен за Него. А Пилат, сакајќи да ги посрамоти, рече: „Вашиот ли цар да го распнам?" А тие одговарија дека немаат друг цар освен кесарот. Бидејќи и по оваа хула ништо не постигнаа, тие се повикаа на кесарот, та барем така да ја задоволат својата лудост. Затоа велеа: „Секој што се прави цар себе си, се противи на кесарот."

За тоа време, жената на Пилат, исплашена од страшни соништа, испратила луѓе да му речат: „Да нема ништо помеѓу тебе и овој Праведник, бидејќи поради Него ноќта многу страдав." А тој, измивајќи си ги рацете, ја отфрли од себе вината за крвта Негова. Но тие викаа: „Крвта Негова на нас и на нашите деца, ако Го ослободиш Него, не си му пријател на кесарот". Плашејќи се од кесарот, иако точно знаел дека Исус е невин, Пилат Го предаде на крсна осуда, откако им го пушти Варава. А Јуда, кога го видел ова, ги фрлил сребрениците и заминал и се предал на смрт, обесувајќи се на дрво и најпосле, надувувајќи се, прснал.


Војниците, пак, со трска го удираа по Неговата глава, Го исмејуваа, и му Го натоварија крстот. Потоа го принудиле Симон од Киринија да го носи Неговиот крст. Во третиот час, на местото наречено Лобно, Го распнале, а од двете страни обесиле и други двајца разбојници, за да се вброи меѓу разбојници. Војниците си ја разделија меѓу себе Неговата облека, а за Неговата ткаена облека фрлаа ждрепка. И не само тоа, туку и кога беше на Крстот, тие Му се потсмеваа и Му велеа: „Е, Ти, Кој го уриваш храмот и за три дена го изградуваш, спаси се Самиот." И повторно:


„Други спаси, а Себе си не може да се спаси?" И повторно: „Ако е Цар Израилев, нека слезе од Крстот и ќе веруваме во Него." Впрочем, ако тие ја говореа вистината, требаше без колебање да пристапат кон Него, признавајќи Го за Цар не само на Израил, туку и на целиот свет. Всушност, што сакаа тие повеќе? Зар не беше доволен знак тоа што сонцето се помрачи за три часа, и тоа среде денот, та страдањето да им биде објавено на сите! Тоа што земјата се затресе, камењата се распаднаа, изобличувајќи го непријателството на Евреите; многу тела воскреснаа, како потврда на општото воскресение и како објава на силата на Оној што страдал. Завесата на храмот се раздели, како храмот да се лути затоа што страда Оној што се слави во него и на мнозина им го открива невидливото. Значи, Христос беше распнат во третиот час, како што вели божествениот Марко. А од шестиот час, па до деветтиот час, настана мрак во целата земја, кога и Лонгин стотникот, гледајќи Го Преславниот и Поголемиот од сонцето, повикал: „Вистина, Овој беше Синот Божји".


Еден од разбојниците Го навредуваше Исуса, а другиот, пак, тоа му го забрануваше, исповедајќи дека Христос е Син Божји. А Спасителот, возвраќајќи на неговата вера, му вети дека ќе биде со Него во рајот. Додека над Него се исполнуваа сите овие навреди, Пилат наредил да се напише и натпис над Него, кој вели: „Исус Назареец, Цар Јудејски". Иако тој забранил да се напише така, Пилат им одвратил: „Што напишав, напишав. И потоа, кога Спасителот извика: „Жеден Сум", тие му растворија исоп со оцет. И, откако рече: „Се сврши", ја наведна главата и Го предаде Својот Дух. И кога сите си заминаа, Неговата Мајка стоеше при Крстот и нејзината сестра Марија Клеопова (ќерка на Јаков, а нејзиниот маж Клеопа умрел бездетен), како и Неговиот возљубен ученик Јован.


Неразумните, пак, Јудеи кои не биле задоволни ниту Телото на Крстот да го гледаат, го замолија Пилата, бидејќи бил петок и големиот ден на Пасха, на осудениците да им ги прекршат колената, за да умрат поскоро. Па така им ги прекршиле колената на двајцата, бидејќи се уште биле живи. И кога дошле до Исуса, тие виделе дека веќе бил мртов и не Му ги прекршиле колената, а еден од војниците, наречен Лонгин, угодувајќи им на безумниците, го кренал копјето и го прободел десното ребро Христово. И веднаш истекла крв и вода: крвта како од Човек, а водата како поголем од Човек. Односно: крвта заради причестувањето со божествените тајни, а водата заради крштевањето. Бидејќи Он е вистина двоисточниот извор Кој ја содржи оваа наша тајна. Јован го виде тоа и посведочи и вистинско е неговото сведоштво, бидејќи присуствуваше на сето тоа и, гледајќи, го запишуваше. Дури и кога лажно би говорел, не би пишувал измислици за да Го бесчести Учителот. Се раскажува дека во некаков сад тој ја прифатил божествената и света Крв од животочните Негови ребра.


По исполнувањето на овие работи кои ја надминуваат нашата природа, бидејќи веќе беше вечер, Јосиф од Ариматеја, кој беше таен ученик Христов како и други, дојде кај Пилата со смелост, бидејќи му бил познат, и му го побара телото на Исуса. Пилат заповеди да му го дадат. Откако го симна од крстот, тој набожно го положи. Кога настапила ноќта, дошол и Никодим носејќи некаква смеса од смирна и алој, подготвена навреме и, како што било обичај кај Јудеите, Го завиткале со плаштаница и Го положиле во Јосифовиот гроб издлабен во камен, во кој претходно никој не лежел за, кога ќе воскресне Христос, да не го припишат Неговото воскресение на некој друг. Смесата, пак, од смирна и алој Евангелистот ја спомнува за оние што би можеле да имаат приговори, со цел, гледајќи ги завоите и плаштаницата, да не мислат дека телото било украдено. Бидејќи, како би можеле арамиите, кои не би биле толку слободни, да ги извадат овие платна прицврстени за телото?!


Затоа, се она што се случувало во тој петок, богоносните отци ни заповеаа да си спомнуваме за нив со скрушеност на срцето и со умиление. Треба да се знае и тоа дека, ако Господ беше распнат во шестиот ден, односно во петок, тоа е затоа што во почетокот човекот беше создаден во шестиот ден. И тоа што во шестиот час од денот Он висеше на Крстот, беше затоа што во тој час, како што велат, и Адам ги пружил рацете и го допрел забранетото дрво и умрел. Бидејќи требаше, во оној час кога паднал, во истиот повторно да се пресоздаде, односно во градината, како и Адам во рајот. Горчливата напивка го претставува вкусувањето (од забранетиот плод). Шлаканиците ја објавуваа нашата слобода. Плукањето - нашето нечесно однесување, кое според нас е чесно. Трновиот венец е изгонување на клетвата од нас. Пурпурната облека е наместо кожните ризи, и за да и го врати на нашата природа нејзиниот царски украс. Клинците – секонечната неподвижност на нашиот грев. Крстот е дрвото во рајот. Прободените ребра го изобразуваат реброто на Адам, од кое е создадена Ева, а од неа, пак, престапот. Копјето, се чини, го симболизира пламеното оружје. Водата од ребрата е слика на крштевањето. Крвта и трската - со нив Христос, како Цар, со црвени букви го потпишува документот со кој ни ја дарува древната татковина. Се зборува и тоа дека главата на Адам лежи онаму каде што беше распнат Христос, Главата на сите. Значи Адам се крсти со истечената крв на Христа. Тоа место, пак, се нарекува Лобно затоа што, за време на потопот, Адамовата глава испливала надвор од земјата и била носена без останатите коски, како некое видливо чудо, но дека подоцна Соломон, заради честа на прататкото и со помош на својата војска, ја покрил со многу камења. Затоа тоа место се нарекува и Литостротон, односно прекриено со камења. Некои големи светии, според некои преданија, велат дека тука бил погребан Адам од некој ангел. А таму каде што е телото (лешот), таму доаѓа и орелот - Христос, вечниот Цар, Новиот Адам, Кој стариот и паднатиот преку дрвото Адам, го исцелува со дрвото на крстот.

Со Твоето натприродно и за нас неизмерно милосрдие, Христе Боже, помилуј не. Амин.

Песна 8

Ирмос: Божествените момчиња ја изобличија против Бога подигнатата статуа, но собранието на нечестивите кова завера против Христа, за да Го убијат Оној што на дланката од раката го држи нашиот живот и Кого сето создание Го благослоува и слави во веки.

Тргнете го сонот од веѓите, - си рекол Христе, бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение, а најмногу ти, Симоне, зашто посилниот го чека и поголемо искушение. Разбери, Петре! Јас сум Оној што сета твар Го благословува и Го слави во вековите.


Петар извика: Господи, никогаш нема да зборувам против Тебе, макар и сите да се одречат од Тебе, зашто ниту телото, ниту крвта, туку Отецот Твој ми откри дека Ти си Оној што сета твар Го благословува и Го слави во вековите.


Човеку, ти не ја разбра длабочината на премудроста Божја и на разумот; ти не ја сфати бездната на моите судови, - рече Господ. Ти си тело, и не фали се, зашто трипати ќе се одречеш од Оној што сета твар Го благословува и Го слави во вековите.


Симоне Петре, ти го одрекуваш она што ќе го направиш, но една слугинка наскоро тоа ќе го покаже: кога таа ќе ти се приближи, ти ќе се исплашиш, - рече Господи. Но, откако горчливо ќе просолзиш, ќе добиеш прошка од Оној што сета твар Го благословува и Го слави во вековите.


Песна 9

Ирмос: Почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите, која нетлено Го роди Бога Словото, тебе, вистинската Богородица, те величаме.

Криминална банда од богомрзци, лукав собор од богоубијци се крена против Тебе, Христе, и како неправедник го влечеше Создателот на сите, Кого ние Го величаме.


Не разбирајќи го Законот и гласот на пророците, Тебе – Господи, Те влечеа, неправедно да те заколат Тебе – што ние Те величаме.


Книжниците и фарисеите, ранети од злобата на зависта, на незнабожците им го предадоа да го убијат Изворот на животот, Кој е Животодавец по природа, Кого ние Го величаме.


Мнозина Те обиколија како кучиња, Цару, по образите Те удираа, Те прашуваа, и лажно против Тебе сведочеа и, откако сѐ претрпе, ги спаси сите.

Потоа егзапостилар.

Разбојникот благоразумен, за еден миг си го удостоил за рајот, Господи: и мене со крсното дрво просветли ме и спаси ме (3-пати).


По ова свештеникот го чита деветото Евангелие според Јован, зачало 61 (19, 25-37), по кое пееме Сѐ што дише: глас 3. И пееме стихири на 4: 3 стихири самогласни, повторувајќи ја првата, глас 3.

Мојот првороден син Израил ме предаде на два пати: Мене, Изворот на жива вода, Ме остави, и кладенец скришен си ископа; на крст Ме распна Мене, а испроси да биде пуштен Варава; небото се згрози од ова, сонцето зраците си ги сокри; но ти, Израилу, не се засрами, но на смрт си Ме предал Мене: Прости им Отче, оти не знаат што направија.

Секој дел од Твоето тело, заради нас претрпе бесчестие: Главата – трње; лицето – плукање; образите – шлаканици; устата – оцет растворен со жолчка; ушите – злочестиви хулења; плеќите – биења; рацете и нозете – клинци, а ребрата – копје. Спасителе, Кој пострада за нас, и од страстите нѐ ослободи, Кој од човекољубие при нас слезе и нас, Сесилен, нѐ вознесе, помилуј нѐ.

Кога се распна Ти, Христе, сета твар гледајќи трепереше, основите на земјата се тресеа од стравот на моќта Твоја; кога Ти се издигна денес, родот еврејски погибе, црковната завеса се раздра надве, и мртвите од гробовите вскреснаа. Кога капетанот го виде чудото, се исплаши; Твојата Мајка, стоејќи под крстот, викаше ридајќи мајчински: како да не плачам и не се удирам по утробата, гледајќи Те необлечен како висиш на крстот осуден: Господи, Кој си се распнал, погребал и воскреснал од мртвите, слава Ти.

Слава: глас 6: Ги соблекоа од Мене ризите Мои, и Ме облекоа во црвена багреница; трнов венец положија на главата Моја, а во десната рака Ми дадоа трска, за да ги скршам како глинени садови.

И сега: Плеќите Мои ги дадов на биење, а лицето Мое не го свртев од плукањето; пред судот Пилатов застанав и крст претрпев за спасение на светот.

По ова свештеникот го чита десеттото Евангелие според Марко, зачало 69 (15, 43-47), потоа се чита мало славословие, а свештеникот – ектенијата Да ја исполниме нашата утрена молитва: Возглас Зошто си Бог милостив и Човекољубец:

Свештеникот го чита единаесеттото Еванглие, според Јован, зачало 62 (19, 38-42), потоа се пеат стиховни стихири самогласни.

Глас 2, стих: Ризите мои ги разделија меѓу себе, а за облеката моја фрлаа ждрепка.

Луѓето злочестиви и неправедни, зошто планираат лоши работи? Зошто го осудија на смрт Животот на сите? Големо чудо! Во раце на беззаконици се предава Создателот на светот, и Човекољубецот на дрво се издигнува, за да ги ослободи адските заробеници, кои викаат: Долготрпелив Господи, слава Ти.

За храна Ми дадоа жолчка, а во жедта со оцет Ме напоија.

Денес, гледајќи Те на крстот распнуван, Слове, непорочната Дева, со мајчинска нежност редејќи, од дното на душата треперејќи, во својата болка ти викаше: Тешко мене, Божествено чедо! Тешко мене, Светлино на светот! Зошто ги напушташ очите мои, Јагне Божјо? Зошто ги напушташ очите мои, Јагне Божјо? Затоа и бесплотните воинства од страв беа обземени, говорејќи: Недостижен Господи, слава Ти.

Бог е нашиот Цар од пред вековите, Кој го изврши спасението среде земјата.

Слава: глас 8: Господи, кога се качуваше на крстот, страв и трепет ја обзеде тварта, а на земјата ѝ бранеше да ги проголта оние што Те распнуваа. На адот си му заповедил да ги ослободи заробените, заради обновување на луѓето. Судијо на живите и мртвите, си дошол да дадеш живот, а не смрт; Човекољупче, слава Ти.

И сега: глас 6: Одлуката од неправедните судии е веќе изречена; пресудата е донесена, и Исус е осуден на крст; созданието страда гледајќи Го на крст Господа; но, Преблаги Господи, Кој телесно страдаш заради мене, слава Ти.

Свештеникот го чита дванаесеттото Евангелие според Матеј, зачало 114 (27, 62-66), потоа: Добро е да се слави Господ: и Трисвето, По возгласот пееме:


Тропар, глас 4: Ти си нѐ искупил од клетвата законска, со Твојата чесна крв; на крстот прикован и со копје прободен, извор на бесмртност си им станал на луѓето, Спасителу наш, слава Ти.

Извор: ПОСЕН ТРИОД

Подготви: Светланка Трајчева

Друго:

На Твоите ученици си им рекол, Благи: Бидете будни, оти не знаете во кој час ќе дојде Господ, за да суди секому (според неговите дела).

 

 

 

 

 

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3226
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7718
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

27/12/2024 - петок

Божикен пост (строг пост)

Св. маченици Тирс, Левкиј и Калиник; Св. маченици Филимон, Аполониј, Аријан и други;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Христов свештеномаченик Елевтериј Илирски и неговата мајка Антија 15 декември / 28 декември 2024

Тропар на светиот Христов свештеномаченик Елевтериј Илирски и неговата мајка Антија 15 декември / 28 декември 2024

Глас 3Свети свештеномачениче Елевтерие,ти кој ѕверови скротуваше, со благодат Божја срца човечки лекуваше,Христос преку тебе луѓе во ангели приведе

Тропар на светите Христови маченици Тирс, Левкиј, Калиник, Филимон, Аполониј и други со нив 14 декември / 27 декември 2024

Тропар на светите Христови маченици Тирс, Левкиј, Калиник, Филимон, Аполониј и други со нив 14 декември / 27 декември 2024

Маченици свети Христови, вие кои со благодат Господова огнот во вас го скротивте,  а силата негова во ревност за Бога ја...

Тропар на св. Христови маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест 13 декември / 26 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест 13 декември / 26 декември 2024

Низ оган злато поминува за да се очисти, о свети Евстратие, но огнот тебе не те допре, затоа што напоен од благодатта...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная