СТРАВОТ ШТО ГО ПОБЕДИ МОЈОТ СТРАВ
Автор: о. Спиридон Василакос
Стравот, мојот анонимен пријател. Тој страв што го чувствувам уште пред да го научам неговото име. Тој е со мене од моментот кога Бог ме благослови да го направам мојот прв чекор надвор од мајчината закрила, и оттогаш сме неразделни. Заедно сме насекаде - во лулката, во игрите, во неволјите. Кога се втурнувам во прегратката на мајка ми, тој стои во близина и чека да излезам од моите прегради - нејзините две раце. Навечер неговите посети стануваат се почести бидејќи сака да си игра со темнината и сенките. Ми кажаа дека растејќи, ќе го оставам зад себе стравот од детските години, заедно со играчките, невиноста и се друго што оставам надвор од куферите на животот. Ова е веројатно последната бајка од детството.
Стравот, мојот познат придружник. Растам и заедно со мене расте и стравот или подобро кажано стравовите. Сега ги има многу. Едниот го раѓа другиот. Едниот го храни другиот. Сега се плашам од лицата што ги сакам. Колку страшно! Тоа што го сакам ме плаши. Дури и мојот живот. А она што ме плаши, многупати го поразувам, војувам со него и го убивам. Сегашноста ме плаши, иднината ме плаши. Другите ме плашат, ме плаши осаменоста. Се плашам дека нема да се покајам, се плашам да не изгубам, да не бидам поразен. Се плашам дека можеби нема да живеам, но се плашам и да живеам. Се плашам од смрт, болка, неуспех, разделба. Добро знам дека преувеличената леќа на мојот страв е мојот егоизам и цврстата прегратка со мојот живот.
Со страв Божји. Само еден страв може да го победи мојот страв. Страв сосема поинаков од оној што тирански ме придружуваше толку години. И тука се плашам. Се плашам од верата што не е доверба, од љубовта што носи со себе полза, од молитвата што почива на обичај или почива на правило, од смирението што ја храни себичноста, од свештенството што го изгубило заветот, од будноста што го остава умот да спие, од пост, кој не е глад за Бога, од исповед, кој не познава покајание, од покајание, што не се напојува со „притискање“ на душата, од Светата Причест, што не е средба, допир, единство, од духовниот живот кој нема Дух!
И тука се плашам, но нештата од кои се плашам раѓаат Воскресение и го отфрлаат стравот од смртта. Го покажуваат крстот таму каде што се спријателуваш со болката. Овој страв те води таму каде што смртта станува живот, болката станува добродетел, стравот станува победа, времето станува вечност. Таму гледате дека вашиот страв ја губи својата моќ и го слушате запечатувањето на победата: „Бидете храбри, Јас сум, не плашете се!“.
bogonosci.bg / За Преминпортал С.Стефковски
16ти јуни 2023 лето Господово