ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светиот
Христов подвижник
Онуфриј Велики
12 јуни / 25 јуни
Блажен си ти о велики Онуфрије,
кого Бог во борба го поведе,
да покаже и посведочи дека телото може да се победи,
стариот човек се соблече, и во смирението на новиот Адам се закити,
моли се ти кој пустината на овој живот со Христа ја исполни,
ангелите од нас да не отстапуваат,
и закрилени од нив по твоите молитви,
да бидеме прибрани во хорот на сите спасени.
Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче
Православен календар за 25/06/2023
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2023 лето Господово
Од житието на светителот
Преподобен Онуфриј Велики
Овој светител проживеа во пустина цели шеесет години, кога го посети монахот Пафнутиј. Косата и брадата му досегаа до земјата, а телото заради долгогодишната голотија му беше обраснато со долги влакна. Влакната на него беа сите бели како снег, а сиот негов изглед блескав, возвишен и страшен. Штом го виде дојдениот, тој го повика со името Пафнутиј, а потоа му го раскажа своето житие од пустината. На тоа место во пустината го беше одвел неговиот ангел пазител, којшто претходно му се јавил. Долго време се хранел само со зелјето кое ретко можело да се најде во пустината, а потоа, откако ги претрпел борбите со демоните и кога срцето сосем му се укрепи во љубовта кон Бога, се хранеше со леб што му го носеше ангел Божји. Освен ова, крај неговата келија по Божја Промисла порасна една палма со вкусен плод на урма и бликна извор со питка вода. „А најмногу“, рече Онуфриј, „се хранам и пијам од слатките зборови Господови“. Кога Пафнутиј го запраша како се причестува, пустиникот Онуфриј одоговори дека Божји ангел му носи Причест секоја сабота и го причестува. Следниот ден старецот му рече на Пафнутиј дека тоа е денот на неговото заминување од овој свет, ги преклони колената, Му се помоли на Бога и Му го предаде духот свој Нему. Во тој миг Пафнутиј ја виде небесната светлина што го осветли телото на упокоениот светител и го слушна пеењето на ангелските сили. Откако чесно го погреба телото на Свети Онуфриј, Пафнутиј се врати во својот манастир како жив сведок: за духовна полза на сите да им го раскажува житието на Божјиот човек и величината на Божествената Промисла за оние коишто целосно се предаваат себеси на служба на Бога. Светиот пустиник Онуфриј почина во 400 година.
pp