ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на преподобната
мајка Марија (Марин)
и преподобниот Евгениј
12 февруари / 25 февруари
Преблагиот ги услиша молитвите
и ти даде о Марио, по желбата на срцето твое o Марине,
така да ни машко, ни женско, туку се во сѐ е Христос,
Кој бдее над душите наши.
Он ги прими твоите подвизи, и на братот во Бога Евгениј,
устрои подвигот кој е над човечката природа чесно да заврши, во слава Негова, дозволувајќи вашите молитви,
да бидат за нас покров и заштита, во сите векови.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на свети Алексиј Московски
12 февруари / 25 февруари
глас 8
Како светлосјаен засветли денес твојот спомен,
верните ги озарија душите и телата,
и исцеленија добија од богопријатните струи,
кои по твоите молитви се источуваат,
славен оче Алексие, светителу,
затоа те молиме, како сопрестолен на архиереите
и необичен чудодејственик,
кој стоиш пред Христовиот Престол,
не престанувај да се молиш за нас.
Извор МПЦ-ОА
Тропар на светиот
Христов новомаченик
Ристе градинар
12 февруари / 25 февруари
Не само што устата твоја храбро Христа го проповеда,
туку мачеништвото посведочи за богатството
на Духот во срцето твое,
затоа свети новомачениче Ристе,
сега радувајќи се во градините Господови,
принеси за наше спасение плодови од твоите молитви,
за да Домостроителот се смилува над нашите души.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
архиепископ Антиохиски
Мелетиј
12 февруари / 25 февруари
Ликува денес Црквата Христова,
торжествува небесата, празнува земјата,
се прославува пастирот Божји, Мелетиј свети,
учителот на мнoштво светила православни,
исповедникот на Пресвета Троица,
закрепнат од Духот Свети,
преку него се зацари вистината,
моли се за нас о пастиру свети да останеме
во стадото Христово во вечни векови.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (25.02.2024)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Свети Мелетиј, архиепископ Антиохиски
Овој голем и свет маж беше извонреден толкувач и заштитник на Православието. Сиот негов живот беше посветен на борбата против Ариевата ерес којашто не Го признаваше Синот Божји за Бог и хулеше на Пресвета Троица. Еретиците трипати го оддалечуваа од неговиот архиепископски престол на прогонство во Ерменија. Борбата меѓу православните и еретиците се водеше толку огорчено, што еднаш кога Св. Мелетиј му зборуваше в црква на народот за Божествената Троица во единство, неговиот сопствен ѓакон, еретик, притрча и му ја затвори устата на владиката со рака. Не можејќи да зборува со јазикот Мелетиј зборуваше со знаци. Имено, ја подигна раката нагоре, ги отвори прво трите прста и му ги покажа на народот, потоа ја склопи раката и подигна еден прст. Учествуваше на Вториот Вселенски Собор, каде што уживаше особени почести од страна на царот Теодосиј. На тој Собор Бог покажа чудо преку овој свет архиереј. Кога Мелетиј им ја докажуваше на ариевците догмата за Света Троица, тој прво подигна три прсти, раздвоено, еден по еден, па потоа ги склопи во едно. Во тој миг пред сите присутни од неговата рака блесна светлина како молња. На тој Собор Св. Мелетиј го утврди Григориј Богослов на Цариградскиот престол. Порано тој го заѓакони Св. Василиј Велики, а го крсти Св. Јован Златоуст. По завршувањето на Соборот го заврши својот овоземен живот во Цариград. Неговите мошти се пренесени во Антиохија.
Свети Алексиј, митрополит Московски
Голем јерарх на Руската Црква во времето на тешкото ропство на рускиот народ под Татарите. Еднаш во детството ловејќи птици заспа и во сон слушна глас: „Алексиј, зошто залудно се трудиш? Ќе те направам ловец на луѓе“. Во својата дваесетта година се замонаши и со време стана митрополит московски. Двапати одеше во татарската златна орда; првиот пат за да го ублажи гневот на канот Вердевир против рускиот народ, а вториот пат на повик од канот Амурат за да ја исцели жена му од слепило. Оваа жена беше слепа три години, но оздраве и прогледа кога Алексиј ѝ прочита молитва и ја помаза со осветена водичка. После страдалниот и многуплоден живот се упокои во 1378 година во осумдесет и петтата година од животот и се пресели во дворците Господови.
Преподобна Марија
Девојка со машка храброст. По смртта на нејзината мајка татко ѝ посака да се замонаши. Но Марија не сакаше да се раздели од својот татко, па по договор обајцата се упатија во еден машки манастир, и тоа Марија со потсечена коса и во машка облека, како момче. Умре татко ѝ, а Марија се замонаши како машко и го доби името Марин. Во близина на манастирот имаше гостилница и ќерката на гостилничарот се загледа во божемниот монах Марин и откако неуспешно го искуша, го обвини овој монах за недопустлив однос со неа, а таа со некого зачна и роди син. Марија не се бранеше, па беше понижена и избркана од манастирот. Со туѓо дете на рацете проживеа пред портите на својот манастир три години трпејќи глад и студ и секаква мака и немаштија. По ова ќерката на гостилничарот полуде, а наскоро потоа Марија умре. Дури по смртта се дозна дека т.н. монах Марин бил женско. А кога лудата ќерка на гостилничарот се допре до моштите на Св. Марија, оздраве и потоа го призна својот страшен грев. Св. Марија се упокои и се пресели во бесмртната радост во 508 година.