Скопје, 18ти април 2020 год.- храм на св. Јован Крстител
Во Великата сабота го совршуваме Погребението на Божественото Тело и слегувањето во адот на Господа и Спасителот наш, Исус Христос, со кој го обнови родот човечки од распадливост и го преведе во живот вечен.
Затоа, со Своето неискажливо снисходење, Христе Боже наш, смилувај се над нас. Амин.
На 18 ти април 2020 година, на Велика Сабота, во храмот на св.Јован Крстител,во скопската населба Капиштец, ереј Игор Острески во сослужение на ѓаконот Игор Трпкоски отслужи Божествена Василиева Литургија. На Светата Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Велика Сабота
Од времето на страдањето на Господ Христос на крст на Голгота, секоја Велика сабота е исполнета со исчекување на благодатта на Неговото Воскресение. Смртта на Господ веќе ги воскреснала упокоените праведници во Ерусалим кои им се јавиле на мнозина, а први што трепереле пред можноста да се објави како воскреснат биле непријателите Негови (првосвештениците и фарисеите што побарале да биде убиен). Побарана е стража од римски војници да Му го чува телото. Сепак, Он како оној што невино и неправедно а Божествен претрпел понижувања, страдања и смрт на крст, незадржливо воскреснал. Смртта и пеколот (демоните) не нашле начин да воспостават власт над Таквиот. Воскреснатиот Господ им се јавил на Своите ученици онака како што сведочат Неговите апостоли и евангелисти. Долгиот богослужбен ден на Велика Сабота завршува длабоко во ноќта со бдението пред Пасха. А на живоносниот Гроб Господов во Ерусалим се празнува Светиот оган. Овој оган од Светиот гроб се пренесува по Светата Земја и ги осветлува сите домови. На денот на великата новозаветна жртва Сонцето на правдата – Христос, го разгорува Светиот оган. Овој празник е востановен со чудото во времето на патријархот Наркисос, кога во недостиг од масло кандилата биле налеани со вода и запалени од оган кој чудесно слегол од небото и за време на пасхалната служба горел како под масло. Древните христијански сведоштва говорат дека незгасливиот оган се чува на Светиот гроб од раните времиња на христијанството. На бдението пред Пасха (Воскресение) во Црквите ширум Православието Епископот, бидејќи е на местото и во образот Христов, самиот ги благословува и ги пали кандилата, а сите други земаат светлина од неговата свеќа.
Преминпортал (к.т.)