Битието на секој човек во својот темел го има она што Црквата го нарекува “образ и подобие Божјо”. Некои овој образ и подобие го
поистоветуваат со душата (меѓутоа, сфатена не како нешто што е заробено во телото и се бори да се ослободи, туку како еден вид содржина на битието кое го опфаќа, дури го обзема телото и се простира и надвор од него), некои со личносната потка во човекот. Се едно, важно е дека образот и подобието се вложени во најголемите длабочини на секое човечко битие. Друго нешто што никако не може да се отстрани од човекот е она што еден отец го нарекува “божествена честичка” во нас, односно духот на животот (“И Господ Бог го создаде човекот од земен прав и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа” - Бит. 2:7).
Значи, постоењето и живеењето на човекот не можат никако да се одвојат од Бога. Затоа еден христијански мислител вели дека секоја душа по природата своја е христијанка.
Сега, во врска со Вашето конкретно прашање, мислам дека и сами многу добро знаете дека е тоа Бог во Вас. Само, би сакал да дополнам нешто. Бог го повикува човекот на разни начини. И започнувањето на односот со Бога е далеку пред човекот да стане свесен за тоа. Па така, се случува човек после многу години да се сети на некои важни околности во самите почетоци на тој однос, а кои во времето кога станал свесен за својот однос со Бога просто не ги гледал со очите на свеста. Имено, тоа што Вие го опишувате ми личи на заплетот во уметничкото дело – бидејќи тоа има почеток, заплет, кулминација и расплет (може да се постави и поинаку, ама во основа најуспешните дела се темелат на оваа класична структура). Сакам да кажам дека не треба да останете на тоа. Видете што понатаму, зашто ако човек не одговори на повикот со целото свое битие, најчесто ќе пропадне во суеверие – кое е попогубно и од самиот атеизам.
Конкретно: запознајте ја Црквата, запознајте го Откровението, Литургијата на Црквата.
Бог – кој е со Вас – нека остане со Вас.