
ПЕТНАЕСЕТТЕ СКАЛИ
Денес е почеток на Божјата милост и на проповедта за спасение на луѓето.
Во храмот Божји јасно Дева се јавува и Христа на сите го предвестува. Нејзе и ние велегласно и извикуваме: Радувај се, исполнување на промислата на Создателот!
(Тропар на Воведение)
----+-+-+------
Не си достоен од твоите раце да се прими дар, бидејќи си бездетен. Не, не сум повеќе бездетен, и мене Бог ме благослови првосвештенику Исахар! – викаше Јоаким во сонот. Јоакиме, Јоакиме разбуди се, немој толку да викаш, ќе ја разбудиш Марија – го смируваше Ана.
Јоаким сиот облеан во пот, се исправи на постелата и си помисли – ах тоа беше само сон.
Тој полека стана од постела, ја потргна завесата од ленено платно, со која беше преградена собата каде што спиеше малата Марија и тивко, скоро бесчујно влезе внатре. Свеќата веќе догоруваше и на слабата светлина, ја погали Марија, која мирно спиеше. Некоја блажена насмевка и го осветлуваше лицето, тој полека ја покри, сакаше да ја погали по главата, но стравуваше да не ја разбуди.
За нив, утрешниот ден донесуваше долго патување.
Тој полека се врати назад во собата. Ана беше повторно заспала а тој тивко легна на постелата. Се трудеше да заспие, но повторно му се враќаа зборовите на првосвештеникот Исахар: „Не си достоен!”, и на сите оние кои го туркаа зад себе како недостоен, кога сакаше да принесе жртва во храмот.
Си споменуваше колку им беше тешко и како заедно со Ана паднаа на молитва пред Бога, за Бог и врз нив да направи чудо, како некогаш над Авраама и Сара и да им подари едно чедо, за утеха во староста. Си споменуваше за оној ден, кога пред него застана Архангел Гаврил. Тогаш, тој не можеше да го види од големата светлина, но неговите зборови беа тивки и милни, кога му зборуваше дека Бог ги услиша нивните молитви и дека ќе им се роди ќерка Марија.
Тие беа бездетни полни пеесет години, и затоа сега го обземаше некоја благодатна топлина и радост, а преку молитва му благодареше на Бога, за оваа голема радост со која ги награди во нивните старечки години.
Утре, Марија навршуваше три години од раѓањето и според нивното претходно ветување, требаше да ја одведат во храмот во Ерусалим. Тој ден, Назарет беше облеан во сончевина. Пред домот на Јоаким и Ана, мноштво народ, нивни роднини и пријатели беа собрани да ја испратат Марија до Ерусалимскиот храм. Сестрите на Ана, Марија и Софија, беа дошле многу рано, за да помогнат околу подготовките на Марија а исто така и Елисавета, ќерката на Софија која од Ерусалим пристигната со цел да помогне. Некоја посебна радост ги имаше озарено лицата на сите присутни, никој не размислуваше за долгиот тридневен пат од Назарет до Ерусалим.
Дојде моментот на поаѓање. Напред, пред толпата народ, беа застанати девици со запалени свеќи во рацете, па потоа Марија водена од нејзиниот татко Јоаким од едната страна и од нејзината мајка Ана, од другата страна. Зад нив, знак за поаѓање чекаа сите нивни роднини и пријатели.
Марија беше облечена во свечена царска облека. Погледите на сите се запреа врз неа, а сето ова изгледаше толку свечено и радосно.
Тогаш Јоаким даде знак да се тргне.
Поворката, која беше доста голема, со убавото пеење предизвикуваше љубопитност насекаде каде што поминуваше. Луѓето во полето ја оставаа работата за да го слушнат пеењето, а кога поворката ќе дојдеше до нив, со благи поклони им се поклонуваа. Сите ја прифаќаа песната, на сите им се гледаше радост на лицата. И во една таква благоугодна атмосфера, брзо им минаа двата дена пат.
На третиот ден веќе се гледаа портите на Ерусалим.
Јоаким погледнувајќи кон Марија, се присети на едно старо претскажување кое неговиот дедо честопати му го кажуваше, а кое го имаше изречено неговиот предок, царот Давид, за Царицата на Големиот Цар.
Тој го имаше запаметено и наеднаш почна да го шепоти: „Царски ќерки се во твојата почесна придружба, царицата стои покрај тебе оддесно во облека украсена и со злато проткаена. Чуј ќерко, види, приклони го увото свое и заборави го твојот народ и домот на таткото твој. Зашто царот ја посака твојата убавина, оти Он е Твој Господар поклони му се тогаш и ти”.
Шепотејќи го ова претскажување, му се чинеше како тоа истото, сега да се исполнува. Како нешто силно да проструи низ неговото тело.
Ана често погледнуваше кон Марија, прашувајќи ја да не се измори, да не сака да застанат малку да се одмори, но Таа, секогаш одговараше: „Не, не сум уморна” и со радост чекореше цврсто држејќи ги своите родители за раце.
Пеењето на девиците одеднаш замолкна. Ерусалим! Погледнете, ене го Ерусалим, се слушнаа извици од сите. Во далечината се наѕираа неговите ѕидови кои како да се капеа на утринското сонце, кое силно ги осветлуваше.\
И Ерусалим изгледаше некако свечено и посебно тоа утро, сончевите зраци му даваа некој посебен сјај. Поворката застана восхитувајќи се од глетката на светиот град. Јоаким наеднаш се тргна, му се вратија спомените, кога како дете, со неговиот татко, доаѓаа во Ерусалим. Тие, секогаш влегуваа од кај Кладенечката Порта, бидејќи непосредно до неа се наоѓаа старата бања и бањата Силоам, каде по долгиот пат се освежуваа. Се присети и на тоа, како неговиот татко со чуден глас ќе почнеше да зборува кога ќе ги здогледаше Ерусалимските ѕидини.
Веќе стигнаа пред Златната Порта. Тој ден, мноштво народ влегуваше во Ерусалим. Народот, гледајќи ја свечената поворка, почна да и прави пат и сета онаа врева која се слушаше насекаде, одеднаш стивна.
Стигнаа пред храмот. Необична тишина. И птиците беа запреле со своето пеење. Девиците со запалените свеќи, застанаа од десната и од левата страна, пред скалите на храмот.
Јоаким и Ана држејќи ја Марија за рака, застанаа пред петнаесетте скали по кои требаше да се искачат, за да влезат во храмот. Тие ја подигнаа Марија на првата скала. Во истиот момент, нешто силно блесна, необична светлина го осветли местото. Во тој момент, од десната и левата страна на Марија застанаа Архангелите Михаил и Гаврил. Тие, ја подигнаа Марија и почнаа да се качуваат кон влезот на храмот. Веднаш зад нив, застана ангелските сили: Рафаил и Урил, Салатил и Јегудил, Варахил и Јеремил, а од левата и од десната страна, мноштво ангелски сили мафтаа со палмови зелени гранки.
Архангелите Михаил и Гаврил, брзо ја однесоа Марија до влезот на храмот, каде што ги чекаше Првосвештеникот Захарија. Тој, облечен во првосвештенички архиерејски одежди, сиот озарен од среќа, ја зеде Марија и ја воведе во храмот.
Сиот храм беше облеан со неовоземна светлина. Мирисот на темјан и смирна благоухано се чувствуваше насекаде. Кога Првосвештеникот Захарија стигна до големата завеса, со која беше одделена Светињата над Светињите од храмот, тој полека ја поттргна завесата и ја воведе Марија во Најсветиот дел од храмот. Таму, каде што првосвештениците влегуваа само еднаш годишно. Тогаш, Најсветиот дел од храмот наеднаш се исполни со силна светлина. Ангелите предводени од Михаил и Гаврил пееја: „Свет, Свет, Свет е Господ Саваот, се исполни небото и земјата со Неговата Слава”.
Над храмот се спушти бел, светол облак. Насобраниот народ веќе не можеше да го види храмот, само се слушаше пеење, какво до тогаш не беше имало. Сите опфатени од оваа необична појава, паднаа на коленици, молејќи се, сите чувствуваа дека нешто необично се случува тој ден во Ерусалим.
Народот не знаеше колку долго светлиот облак стоеше над храмот, и никој не виде кога облакот се крена, само видоа како пред храмот Јоаким и Ана принесуваа жртва на Бога, исполнувајќи го законот, и како првосвештеникот ги благословува.
Јоаким сиот исполнет со благодарност кон Бога, за радоста со која ги награди, за сето она што го виде и почувствува во храмот, сакаше да изрече благодарствена молитва, да ја искаже духовната радост која го исполнуваше, но неможеше да најде соодветни зборови, со кои би го искажал тоа. Тој чувствуваше дека неговата душа се моли и му благодари на Бога. Од неговите очи капеа солзи.
Ерусалим изгледаше величествено на зајдисонце. Последните патници го напуштаа градот, излегувајќи низ Златната Порта. Поворката која го напушташе Ерусалим, полека исчезнуваше од погледите на војниците кои беа на бадемите Ерусалимски, и им изгледаше нестварна, како песочна прашина која се креваше некаде далеку во хоризонтот. Со заоѓањето на сонцето, поворката сосема исчезна.
До доаѓањето на Христос Спасителот во светот останаа уште малку години и Божјиот храм беше повикан во тие години во најголема светост, чистота и божествена сила да ја одгледа и воспита чистата детска душа на Пресветата Дева, исполнувајќи ја со божество и припремајќи го во Неа самото Боговоплотување.
Пресвета Дева во храмот Божји од ден во ден растеше и телесно и духовно. Силите на духот на Пресвета Дева се нахранува, растеа и се укрепуваа со ангелска беседа, со молитва управувана од Бога. Нејзината телесна снага е поткрепувана со небесна храна, која и ја носел Архангелот.
Првосвештеникот Захарија, кој ни самиот не можел секој ден да влегува во Светињата над Светињите, со запрепастеност и страв ја слушаше беседата на Дева со Архангелот во Светилиштето.
Не наоѓајќи ништо слично во јавувањето на ангели на други луѓе,првосвештеникот стануваше сè посигурен дека дојде време да се исполни сеопштото очекување и дека од Благословената ќе дојде спасението,- од Жена – Ветениот, од Дева – Бог.
Бивајќи хранета со Божја благодат и губејќи ја, во последните години на своето престојување во храмот, единствената врска со светот – своите праведни родители, Марија се заветила на Бога дека до крајот на животот ќе ја сочува девственоста и ќе остане слугинка Господова, препуштајќи се секогаш и во сè на Неговата Света волја.
fb Pravoslavie.mk


























