[youtube height="350" width="600" align="none"]https://www.youtube.com/watch?v=QEZ6cf2bhzQ[/youtube]
Тропар глас 6.
Ти се воплоти во пештера тајно, но небото Те објави на сите, Спасителу, како уста употребувајќи ја sвездата, и таа Ти ги приведе мудреците кои со вера Ти се поклонија. Со нив и нас помилуј не.
А кога се наврши времето, Бог Го испрати Синот Свој Единороден (Гал. 4, 4) за да се спаси човечкиот род. И кога се исполнија девет месеци од благовеста којашто архангелот Гавриил Ѝ ја јави на Пресветата Дева во Назарет велејќи: „Радувај се, благодатна..., еве ќе родиш и ќе зачнеш син“ - во тоа време излезе заповед од кесарот Август да се попише сиот народ во римското царство. Сходно на таа заповед требаше секој да отиде во својот град и таму да се запише. Праведниот Јосиф со Пресветата Дева појде во Витлеем, градот Давидов, зашто обајцата беа од царското колено Давидово. А бидејќи во тој малечок град заради пописот се стекна многу народ, па Јосиф и Марија не можеа да најдат ноќевалиште во ниедна куќа, се засолнија во една овчарска пештера, каде што пастирите ги затвараа своите овци. Во таа пештера, ноќта меѓу саботата и неделата на 25 декември, Пресветата Дева Го роди Спасителот на светот, Господ Исус Христос.
Откако Го роди без болка, како што и Го зачна без грев, од Светиот Дух а не од човек, таа самата Го пови во ленени пелени, Му се поклони како на Бог и Го положи во јасли. Потоа пријде и праведниот Јосиф, и тој Му се поклони како на Божествен плод на девствена утроба. Тогаш дојдоа и пастирите од полето, упатени од Божјиот ангел и Му се поклонија како на Месија и Спасител, воскликнувајќи: „Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“ (Лука 2). Во тоа време пристигнаа тројцата мудреци од Исток, водени со чудесна ѕвезда, со своите дарови: злато, ливан и измирна. Тие на Младенецот Му се поклонија како на Цар над царевите и Го даруваа со своите дарови (Матеј 2). Така дојде во светот Оној Чиешто доаѓање беше пророкувано од Прорците, Којшто се роди онака како што беше пророкувано: од Пречиста Дева, во градот Витлеем, од коленото Давидово по тело, во време кога немаше веќе во Ерусалим цар од родот Јудин, туку царуваше Ирод туѓинецот. После сето мнозинство на Неговите предобрази и наговестувања, на пратениците и благовесниците, Пророците и праведниците, мудреците и царевите, најпосле се јави Он, Господарот на светот и Царот над царевите, за да го изврши делото на човечкото спасение, коешто не можеа да го извршат Неговите слуги. Нему Му припаѓа вечната слава. Амин. ( од Врскиот календар на МПЦ)
pp
По потекло е Македонец од околината на Скопје. Го наследи на престолот својот чичко Јустин. Големината на овој цар е неразделно поврзана со неговата длабока православна вера. Веруваше и живееше според верата. За време на Чесниот Пост не ја-деше леб и не пиеше вино, а се хранеше со зелје и пиеше вода секој втор ден. Завојува со дунавските варвари само затоа што ги кастрираа заробениците. Ова е еден од знаците на неговото човекољубие. Беше среќен и успешен во војните и во работата. Изгради голем број прекрасни храмови, од кои најубав меѓу најубавите е Света Софија во Цариград.
Ги собра и ги издаде римските закони. Самиот издаваше многу строги закони против неморал и распусност. Ја состави црковната песна Јединородни Сине и Слове Божји, којашто од 536 година почна да се пее на Литургија. Го свика Петтиот Вселенски Собор во 553 година. Се упокои мирно на 14 ноември 565 година во осумдесеттата година од својот живот и се пресели во Царството на небесниот Цар.
(избор-Мали житија „Пемин“)
Роден е во селото Витара кај градот Самосат во Месопотамија од христијански родители, Илија и Марта. Беше измолен од Бога од мајка му којашто беше бездетна и како син единец го посветија од малечок на служба на Бога. Во дванаесеттата година прими монашки чин, го посети Св.Симеон Столпник и го доби неговиот благослов. Желен за самотија, Данило го напушти манастирот и се повлече во еден запустен идолски храм на брегот на Црното Море. Овде претрпе безброј напади од демоните, но сите ги победи со трпението, молитвата и знакот на крстот. Потоа се качи на столбот на којштоостана се до својата смрт, поднесувајќи ги еднакво жегата и студот и нападите од луѓето и демоните. Околу неговиот столб се собраа голем број ученици и тој, со својот пример и поучувајќи, сите ги водеше кон живот во светост. Овој Свој слуга заради ползата на луѓето Бог го даруваше со голема благодат на чудотворство уште за време на животот. Беше голем проѕорливец на идните настани. Под неговиот столб притекнуваше народ од сите страни, во потрага по помош и совет од Божјиот светител. Кај него доаѓаа цареви, патријарси и прости луѓе. Царот Лав Велики своите гости државници од странство ги водеше под столбот
на Св. Данило и им го покажуваше светителот велејќи: Ете го чудото во моето царство!“ Преподобен Данило си го прорече денот на својата смрт, ги поучи своите ученици и се прости. Пред неговата смрт учениците видоа над столбот ангели, пророци, апостоли и маченици. Овој ангелски човек поживеа осумдесет години и се упокои во 489 година. (Избор-Мали житија „Премин“)
Најнапред беше министер на калифот Абдалмелех, а потоа монах во манастирот на Св. Сава Осветен. Заради ревносно застапување на иконопочитувањето во времето на иконоборниот цар Лав Исавријанин Јован беше наклеветен од овој цар кај калифот, којшто му ја отсече десната рака. Тој припадна на молитва пред Пресвета Богородица и раката му се состави и чудесно му зарасна. Кога го виде тоа чудо калифот се покаја, но Јован повеќе не сакаше да остане кај него како големец, туку се повлече во манастир, каде што во почетокот им беше пимер на монасите во смирението, послушноста и во сите монашки подвизи. Испеа посмртни песни, го состави Октоихот, Ирмологијата, Месецословот, Пасхалниот Канон и напиша многубројни богословски дела со вдахновение и длабочина. Голем како монах, и како поет, и како богослов, и како војник на Христовата вистина, Дамаскин се вбројува во големите отци на Црквата. Се упокои мирно во 776 година, во сто и четвртата година од својот живот.
Татко му на Григориј беше висок чиновник на дворецот на царот Андроник II Палеолог. Откако надарениот Григориј ги изучи светските науки не сакаше да се зафати со служба на дворецот, но замина на Света Гора и се замонаши. Се подвизуваше во Ватопед и во Лаврата. Водеше борба со еретикот Варлам и најпосле го победи. Беше посветен за митрополит Солунски во 1347 година. Се прослави и како подвижник и како богослов, и како јерарх и како чудотворец. Му се јавуваа наизменично: Пресвета Богородица, Св. Јован Богослов, Св. Димитриј, Св. Антониј Велики, Св. Јован Златоуст, ангелите Божји. Со солунската Црква управуваше тринаесет години, од кои една година беше во ропство кај Сарацените во Азија. Се упокои мирно во 1360 година. Моштите му почиваат во Солун, во прекрасната црква што му е посветена.
Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчакта философија Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како едиствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува. Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија Светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање. Кога требаше да биде посветен за свештеник се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава. Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на Светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го растолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу драгоцени книги со неговите беседи. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и Светиот маченик Василиск (под 22 мај), во чијашто црква ја прими Светата Причест. „Слава Му на Бога за сѐ!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на Св. Јован Златоуст главата почива во Успенскиот храм во Москва, а телото во Ватикан во Рим.
Родум од Халкидон. Татко ѝ беше сенаторот Филофрон, а мајка Теодорисија, обајцата благочестиви христијани. Ефимија беше прекрасна девица и по тело и по душа. Кога антипатот Приск устрои празник за жртвопринесување на Ареј во Халкидон, тогаш четириесет и деветмина христијани се засолнија од тоа скверно жртвопринесување и се сокрија. Но ги пронајдоа и ги изведоа пред Приск. Меѓу нив беше и Света Ефимија. Кога надмениот Приск ги запраша зошто не ѝ се покоруваат на царската заповед, тие одговорија: „И на царската и на твојата заповед треба да ѝ се покориме, ако не Му се противи на небесниот Бог; ако пак се противи на небесниот Бог, не само што не треба да ѝ се покоруваме туку треба и да ѝ се противиме.“ Тогаш Приск ги удираше на разни маки, и тоа деветнаесет дена наред, секојдневно. Дваесеттиот ден ја одвои од останатите Ефимија и почна да ѝ ласка за нејзината убавина за да ја придобие за идолопоклонството. Но бидејќи сите лаксања пропаднаа залудно, заповеда да ја мачат девицата. Ја мачеа прво на тркало, но ангел Божји ѝ се јави и го искрши тркалото. Потоа ја фрлија во огнена печка, но со Божја сила беше сочувана. Кога го видоа тоа, двајцата војници Виктор и Состен поверуваа во Христа, заради што беа фрлени пред ѕверовите и така славно го завршија својот живот. Потоа Ефимија беше фрлена во ров исполнет со вода и со секаква отровна нечистотија, но таа ја прекрсти водата кога влезе во ровот и остана неповредена. Најпосле ја изведоа пред дивите ѕверови, таа со благодарност Му се помоли на Бога и го предаде својот дух. Нејзините родители чесно го погребаа телото. Пострада во 304 година и се пресели во вечната радост. Се споменува и на 11 јули.