логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 (Обновено)

III. Символот на верата


1. Вовед

plaosnik.vecerna7.jpgВо животот на христијанската Црква одамна зазел и продолжува да зазема посебно место таканаречениот Символ на верата: релативно кратко исповедање на она во што верува Црквата. Зборот “символ” во неговото првобитно значење може да се преведа вака: она што “одржува заедно, соединува, содржи”. Така ете, Символот на верата ги содржи сите тие вистини кои - Црквата верува - се неопходни за човекот, за полнотата на неговиот живот и за спасение од гревот и духовната гибел.

Историскиот Символ на верата се појавил од подготовките на новообратените, т.е. оние кои повторно поверувале, подготвени да стапат во Црквата, кон тајната на крштевањето. Во древноста, главно крштевањето го примале возрасни. Како и денес, луѓето пристапувале на верата, го примале Христа, сакале да стапат во Црквата, да станат членови на црковната заедница - секој како резултат на својот посебен пат. Бидејќи секое обратување, секоја средба на човекот со Бога - е тајна на благодатта Божја, во која да проникнеме не ни е дадено. Едни му пристапуваат на Бога во страдание и мака, други во радост и среќа. Така било, така ќе биде секогаш.

Раѓањето на верата во душата на човекот е тајна. И се разбира, самата вера во Христа го приведува човекот кон Црквата, кон заедницата на оние кои веруваат во Христа. Самата вера бара и треба единство на верните кои со ова свое единство, со љубовта еден кон друг сведочат пред светот дека се ученици и следбеници Христови. “По тоа ќе ве познаат дека сте мои ученици, - рекол Христос - ако имате љубов меѓу себе.” Љубов и единство на верата, за која апостол Павле вели дека таа ја чини главната радост на христијаните: “многу сакам да ве видам - и пишува тој на христијанската Црква во Рим - за да се утешам со вас во заедничката вера, ваша и моја...”

Христијанскиот живот на неофитот започнувала со тоа што него го носеле кај епископот на помесната Црква, и тој со раката правел крст на челото на новиот христијанин, како на него да става знак Христов. Човекот пришол на Бога, поверувал во Христа. Сега, се разбира, треба да ја дознае содржината на верата. Тој станува ученик, го прогласуваат, како што се говори во црковните книги, за огласен. Бидејќи христијанството - тоа не е емоција, не е едноставно чувство, не, тоа е - средба со Вистината, тоа е - тежок подвиг на негово примање со цело суштество. Како човек кој страстно ја љуби музиката, за да ја изведува, треба да помине низ тешка обука, така и оној кој поверувал во Христа, го возљубил Христа сега треба да ја осознае содржината на својата вера и тоа на што таа го обврзува.

Во предвечерјето на празникот Велигден - бидејќи во раната Црква крштевањето се извршувало во велигденската ноќ - секој кој се подготвувал за крштевање торжествено го читал Символ на верата, го извршувал “давањето на себе”, го исповедал своето примање и своето стапување во единството на верата и љубовта. Во секоја поголема помесна Црква - Римската, Александриската, Антиохиската - имало свој символ на верата, и иако сите тие насекаде биле изразени со едната и неразделна вера, во стилот, фразеологијата, тие се разликувале помеѓу себе. На почетокот на ИВ век во Црквата се појавиле големи спорови кои се однесувале на основното христијанско учење за Христа како за Бога. Во 325 год. во градот Никеја се собрал првиот Вселенски Собор и на него бил изработен заедничкиот, за сите христијани единствен Символ на верата. По неколку десетлетија, на вториот Вселенски Собор, во Константинопол, Символот на верата бил дополнет и го примил називот Никео-Цариградски, заеднички за целата вселенска Црква. Најпосле, третиот Вселенски Собор во Ефес во 431 година, востановил, овој символ за вечни векови да остане неприкосновен, со други зборови, на него да не се прави никакво дополнување.


Оттогаш вселенскиот Символ на верата се пее или чита во Црквата на секоја литургија. Тој е сеопшт, за сите обврзувачки израз на Црквата на својата вера. И затоа секој кој сака да дознае во што верува Црквата, во што се состои нашата вера, во што е нашата Вистина која христијанството му ја носи на светот, - одговорот на тоа се наоѓа во Символот на верата.

Верувам...

Да се задржиме на оној збор со кого започнува Символот на верата. Тој збор е - верувам. Тоа со себе ја определува целата тоналност на Символот на верата, неговата духовна исклучителност и единственост. Затоа, макар тој збор да ни се чини познат и сфатлив, треба да се замислиме над него, секој од нас треба потворно да го открие и постојано да го открива.

Значи, што говорам, или подобро кажувам - за што говорам кога го произнесувам словото верувам? Ми се чини дека доволно е да се зададе ова прашање, за да се почувствува, пред се, најдлабоката различност на самиот збор “верувам” од сите други, со кои ја изразувам содржината на моето внатрешно “јас”.

Кога велам - “јас мислам” и на мене и на другите им е сфатливо за што станува збор: за усмереноста на моето сознание на овој или оној објект. Да се рече “јас мислам кој е Бог” - тоа значи да се искаже некоја претпоставка, изградена на овие или оние премиси... Кога велам “јас знам, убеден сум, чувствувам” - останувам во границите на потполно објаснивите, разумни состојби на моето сознание, кои во себе не содржат ништо загадочно. Ни на една од овие состојби зборот “верувам” не е применлив, бидејќи тој за нив не е неопходен. Да се рече “верувам дека ќе падне дожд” - едноставно е глупаво, бидејќи тука имам работа со објективен факт.

На тој начин, очигледно е дека зборот верувам се однесува само на она што во мене и надвор од мене е - лишено од очигледност. Инаку говорејќи, на она што е лишено од сетилна очигледност, и рационална очигледност, и најпосле, фактична очигледност.

А со тоа, и овде доаѓаме до она главното, зборот верувам не само што постои и, според тоа, соодветствува, макар и во мене, на нешто реално и исполнето со внатрешна сила, такаречено нема потреба од потврда однадвор. Јас велам “верувам” само за тоа што очите не го гледаат, ушите не го слушаат, рацете не го допираат, со што нема однос никакво “два плус два се четири”, туку она во што јас верувам и што низ таа вера знам.

“Бога никој никогаш не го видел...” За верните верата е различна од се, бидејќи во тоа е нејзината суштина, што таа е усмерена на она што “едноставно” да се знае и “едноставно” да се докаже не е возможно. Во таа смисла верата може да се нарече и чудо, и тајна. Преку чудото таа се чувствува. Навистина, од каде во душата, од каде во сознанието таа истовремено радосна и страшна несомненост на присуството, средбата, духот на љубовта која обзема? Како да не сум тоа јас, а некоја сила во мене говори верувам како одговор на таа средба. Јас не можам да ја објаснам со зборови, такаречено зборовите зборуваат - се за земното, за фактите, за видливото, за допирливото. А опитот на верата - толку очигледно - е опит одгоре - и како да се изрази, како тој да се пренесе? Како јас да не сум пришол некаде, а некој да пришол кон мене, се допрел до моето срце: “стојам пред вратата и чукам!”... тоа чукање, тоа доаѓање го почувствувала душата, се радува и знае...

Чудо и, според тоа, тајна. Верата е - тој допир со тајната, согледување на друга димензија, својствено на се во светот. Во верата оживува тајната смисла на животот. Зад мазната, објаснива, еднозначна површност на нештата започнува да светли нивната вистинска содржина. Самата природа започнува да говори и да сведочи за тоа што е над неа, внатре во неа, но различно од неа. Говорејќи со наједноставни зборови - верата гледа, знае, го чувствува во светот - присуството на Бога. Таа, според тврдењето на апостол Павле, е “обличје на нештата невидливи”, и навистина - за верниот се во животот и самиот живот започнува да се чувствува како пројава. “Небесата зборуваат за славата Божја, творбата на рацете негови светот ја возвестува”. Тоа не е - поезија, тоа е глас, тоа е сведоштво на верата. Чудо, тајна, знаење, радост, љубов. Се тоа прозвучува во зборот “верувам!” - кој истовремено е и одговор и утврдување. Одговор на Оној Кој ме возљубил, утврдување на моето примање на овој настан, реалност на оваа средба. “Верувам!” - и понатаму целиот Символ на верата - расказ, сведоштво за тоа што во оваа средба душата го узнала.

2. Во единиот Бог Отец...

Верувам во единиот Бог Отец. Ова исповед на единиот Бог е почеток на сите почетоци, основа на сите основи, на христијанството. Христијанството влегло во светот во кој царувало многубоштвото. Бидејќи дохристијанскиот човек бог ја нарекувал и ја обожувал природата, т.е. многуобразноста на силите кои дејствувале во неа. “Светот е полн со богови” - рекол грчкиот философ Талес, и тоа во превод на денешниот јазик, означувало дека во светот дејствуваат мноштво на сили и “закони”.

Христијанството со својата проповед, со своето исповедање на единиот Бог станало против обожувањето на светот. Единиот Бог - тоа значи дека сите сили, целиот живот, сите “закони”, се што живее во светот и самиот свет - е од Бога, но не е Бог. Незнабоштвото, многубоштвото го чувствувало божествениот извор на светот, но не знаело за Бога. Неговите “богови” биле само одраз на светот. Оттука во многубоштвото - постои соперништво на “богови”, оттука идолопоклоничкиот, магиски, карактер на незнабоштвото.
Затоа да се објави, исповеда единиот Бог - значи да се утврди првенството на духовното, повисоко битие, кое единствено е способно да ја пројави смислата на секоја појава во животот.

И истовремено Символот на верата го нарекува овој еден Бог - Отец. “Верувам во единиот Бог Отец...” Бидејќи ако зборот Бог ја означува апсолутната височина на Божеството, Неговото апсолутно превасходство над светот, опитот на Бога, како Возвишен, Недостиглив, Друг, тогаш именувањето на Бога со Оца не ја утврдува само врската на Бога со светот, но и таквата врска, чија суштина е во љубовта, блискоста и грижата. Ако христијанството го отфрла многубоштвото и го објавува Бога како апсолутно битие, со таква сила го отфрла и восприемањето на Бога кое се нарекува деизам. Тоа е сфаќање на Бога како “причина”, или, според знаменитата аналогија на Волтер, како Часовничар кој создал сложен механизам, го привел во движење, но во самото движење веќе не учествува.

Имено таквото - апстрактно, чисто философско - сфаќање на Бога и се отфрла во именувањето на Бога со Отец. Отецот дарува живот, но продолжува да го љуби своето создание, да се грижи за него, да учествува. За Бога во Евангелието е речено дека “Тој е љубов”. И затоа во тоа именување на Бога со Отец - веќе е заложена, веќе е изразена и нашата возвратна љубов кон Него, нашата доверба, нашето љубовно, синовско послушание на Него.
Нарекувајќи го Бога Отец, Символот на верата Го исповеда и како Седржител. “Верувам во Бога Оца, Седржителот”. Со овој збор ја изразуваме својата вера во тоа дека Бог, кого ние го нарекуваме Отец, во својата промисла го содржи - целиот живот, или подобро речено - тоа дека се во Неговиот свет, се е од Него, се живее преку Него.

За ништо христијанството не вложило толку усилби колку на борбата со таканаречениот дуализам, со верата на многу христијански религии во постоењето на две начала: светлото и темното, доброто и злото. Дуализмот се појавил од опитот на страдањето, злото, грдотијата, кои царувале во светот. Бидејќи пак, страдањето, злото, во сфаќањето на дуалистите - е од материјата, од неа е неопходно да се бега во чистата духовност. “Материјата” е - од злото, таа е зло... Понатаму уште ќе зборуваме за тоа, како христијанството го сфаќа злото, разлеано во светот кој е создаден од благиот и светол Бог. Сега ќе подвлечеме само дека ова сфаќање исклучува каков и да е дуализам.

Светот е создаден од љубов. И ако отпадне од љубовта, тоа е пад, а не суштина на светот.
И најпосле, Символот на верата го исповеда Бога Отецот. Седржителот и “Творецот на небото и земјата, на се видливо и невидливо”. Светот е создаден, неговиот извор е во Бога. Тој не е само од себе, не е случајно спојување на клетките, не е апсурд. Тој е осмислен, тој има почеток и има цел, и се во него е во однос со возвишената Божествена мудрост: небото и земјата, видливото и невидливото. “И виде Бог дека е добро...” Со оваа исповед се отфрла секое упростено сфаќање на светот, секое негово сведување на чиста “објективност”. Создаден од Бога, светот ја одразува Божествената мудрост, Божествената убавина, Божествената вистина. Се е од Бога, се е проникнато со повозвишена смисла - и во ова, како што ќе видиме понатаму е - и радоста, но и трагизмот на светот и животот во него.

3. И во единиот Господ Исус Христос

Зборот или титулата Господ, на грчки - Куриос во епохата на раѓањето на христијанството означувал - водач на кого му е доделена Божја власт и сила, испратен од Бога, во име Божјо, за да управува со светот. Оваа титула си ја присвоиле римските императори, за да го нагласат Божествениот извор на својата власт.

И оваа титула христијаните на императорот не им ја признавале, не плашејќи се ни од смртта, ни од гонењата, тврдејќи дека во светот постои еден Господ, еден носител на Божествената власт и дека овој Господ е - Исус Христос. И поради тоа, поради тоа откажување, Римската Империја два века ги гонела христијаните. Но затоа од овој збор и следува да се започне објаснувањето на христијанската вера во Христа.
“Верувам во Едниот Господ Исус Христос, Синот Божји Единороден”. Произнесувајќи ги овие зборови, ние веднаш влегуваме во срцевината на христијанството, неговата “оригиналност”. Верата во единиот Бог е својствена на сите поголеми религии - исламот, јудаизмот и на оној распливнат “деизам”, т.е. признавањето на повисоко Божествено начало и извор на животот, распространето среде милиони луѓе, кои не се прибројуваат на ниедна историска или традиционална религија.

Од сите овие религии христијанството се разликува по тоа што, истовремено со најчистиот монотеизам, т е. верата во едниот Бог, тоа исто така е вера обрната кон Христа: кон Човекот, по име Исус, кој живеел во Палестина пред околу две илјади години, чиј живот: доаѓањето, учењето, смртта - се опишани и запишани во книгата која се нарекува Евангелие - т.е. блага и радосна вест, составено од четирите евангелисти: Матеј, Марко, Лука и Јован.

Христос. Произнесувајќи го ова слово, ние прво соединуваме две имиња - Исус Христос, и забораваме дека ако првото име - Исус - е навистина човечко име, кое доволно често се сретнува во Палестина во таа епоха, тогаш второто - Христос - е титула која означува Помазаник. Овој збор е преведен од древноеврејското Месија. Низ сите книги на Стариот Завет се сретнува пророштво за тоа дека Бог во светот ќе испрати Месија, Помазаник, т.е. Човек кого Тој, Бог, ќе го облече во божествена власт, ќе го исполни со Свет Дух, и ќе го испрати на луѓето за да им ја возвестува својата волја, да ги спаси од гревот и злото, да ги соедини со себе за вечни векови.

Како што царевите и пророците ги помазувале со елеј, символот на духовната сила, така и овој Божествен пратеник ќе биде Месија. Очекувањето на Месијата посебна напрегнатост достигнало во епохата опишана во Евангелието. Првото тврдење на Евангелието и се состои во тоа дека Човекот Исус, започнувајќи ја Својата проповед во Палестина, и е Месија, Помазаник Божји - Христос. Оној Кого го очекувале, за кого се молеле и кого го објавувале сите пророци, дошол. Човекот Исус - е Христос. Таков е почетокот на христијанската вера.

5...И во Единиот Господ Исус Христос, Син Божји, Единороден, Кој е роден од Отецот пред сите векови; Светлина од Светлина, вистински Бог од вистинскиот Бог, роден, нестворен, едносуштен на Отецот, преку Кого се станало...

И најпосле, последното, кое овенчува се со себе, сеопфатното откровение: овој Господ, овој Христос Кого Бог го испратил во светот, како Своја љубов и Свое спасение - е Син Божји Единороден. Нарочно велам - откровение. Бидејќи сите останати слова: Господ, Христос, Помазаник - ние ги наоѓаме во историјата на спасението, тие се уште можат да бидат ограничени со човечкото, тварното.
Но да го јави во Христа Синот Свој Единороден може само Бог, само Отецот. И во денот кога Исус Христос доаѓа да биде крстен од Јован Претеча, во смирено послушание на Бога, Бог ни ја открива таа тајна:

И во тие денови, дојде Исус од Назарет Галилејски
И се крсти од Јован во Јордан,
И кога излезе од водата, ги виде Јован небесата отворени.
И Духот како гулаб, кој слегуваше на Него.
И се слушна глас од небесата: Ти си Син Мој возљубен,
Во Кого е моето благоволение.

Тука завршува спорот. Бидејќи нема со кого да се спори. Овде е тајната, а за тајната не се спори, неа ни ја открива Бог. Тој нема потреба ни од “утврдување”, ни од оправдување. Целата историја на светот, историјата на спасението водела кон ова Божествено Откровение, кон овој дар на љубов и светлина, и секој кој е од светлината, ќе ги прими. Христос е Син Божји, Христос е Бог. И ние веруваме во ова, затоа што му веруваме на Отецот и му веруваме на Христа. Бидејќи “Бог толку го возљуби светот, што го даде Синот Свој Единороден, за секој кој верува во Него да не загине, но да има живот вечен”.

Символот на верата додава: “во Синот Божји Единороден”. Тоа значи дека Христос е - Син Божји не во онаа општа смисла, во која сите луѓе, бидејќи создадени од Бога, можат да бидат наречени деца Божји, а во смисла на единственото и исклучително слово Единороден, т.е. единствен, еден - несоздаден, а роден од Отецот пред сите векови. Така учел Христос за Себе, и оваа вера ние ја примаме од Него. Ние Му веруваме. И во оваа вера Бог престанува да биде апстрактна идеја. Тој се разоткрива како Отец на Синот Свој Единороден, затоа што Тој е вечна Љубов кон Синот, вечна радост за Него, Негово вечно возвратување: “...Отецот го љуби Синот - говори Христос - и се Му предал...” Исто така и Синот: вечна љубов, послушание, вечно возвраќање на љубовта.

Да, се истоштува нашиот ум, нашиот паднат и ограничен разум. Се изнемоштува пред длабочината, величието и - човечки речено - и непостигливоста на оваа тајна. Но оваа тајна ни ја возвестува Христос: сосем друго, ново за нас и неслушнато учење за Самиот Бог. И ете на ова Црквата не престанува да тврди дека Христос е - “Светлина од Светлина, вистински Бог од вистинскиот Бог”.

Тука, во ова неслушнато учење, поминува линијата меѓу оние кои оваа вера ја примаат и преку неа живеат, и оние кои не ја примаат, велејќи дека, иако Христос на луѓето им донел забележително, возвишено морално учење, Самиот Тој е - човек, а не Бог. Ќе се запрам на овој избор, затоа што тој, без сомнеж, го определува целото наше сфаќање на христијанството. Може да се каже вака: или целосно го примаме Евангелието, го примаме целото учење на Христа, како што тоа ни е дадено во Евангелието. Или, слично на Толстој, нешто примаме во него, а нешто отфрламе. Го примаме она со што се согласуваме, што го “разбираме”, а го отфрламе она што не го разбираме. Треба само да се сфати дека, ако го одбираме вториот пристап, ние самите стануваме судии на Евангелието, и што е уште пострашно, сметаме дека Христос погрешил и учел на невистина. Но ако во нешто Тој погрешил и учел на невистина, тогаш каква е вредноста на другите Негови слова и на целото Негово учење? Ако го читаме Евангелието без предубедување, тогаш не може да има никакви сомнежи во тоа дека Христос се сознавал себе како Син Божји, испратен во светот од Отецот, за да го спаси светот. И во тоа е целата смисла на Евангелието, т.е. на таа блага вест, која учениците на Христа ја разнеле по целиот свет, таа тајна, која Исус Христос му ја возвестил и јавил на светот.

Затоа со примањето на оваа тајна и започнува христијанската вера, и во вечното вдлабочување во неа се состои христијанскиот живот.
Во што се состои тајната, која Отците и учителите на Црквата ја нарекувале пресветла и прерадосна? Одговорот на ова прашање се наоѓа во едно слово, и ова слово е - Љубов. За Бога и Евангелието е речено дека Тој е Љубов. Не се работи за тоа дека меѓу Божествените “својства” е и призивот кон љубов, а самиот Бог е Љубов. Но нема љубов без оној кој љуби и оној кој е љубен и нивното единство. И ако оваа љубов е апсолутна, таа и се воплотува во апсолутно единство, така што оној што љуби може да каже: ние сме - единствени, ние сме - едно.

Затоа може да се каже вака: ако Бога го нарекуваме совршено Битие, ако совршенството ни е разоткриено како Љубов, ако “Бог Љубов е”, тогаш Бог не е осаменост, такво вечно Јас - без вечно Ти. Не, Бог е апсолутно, себлажено единство на Оној Кој љуби, Оној Кој е љубен и љубовта, или како што од Него Самиот ни е разоткриено: Отецот, Синот и Светиот Дух.

“Оче! - говори Христос во ноќта на предавството - да бидат сите едно - како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе, така и тие да бидат во нас едно - да поверува светот дека Ти си ме пратил”. Ете ја смислата на Символот на верата за Синот Божји Единороден.

6. Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од небесата...

 

Пред се, да се запреме на словото спасение. Да се запреме затоа што овде имаме работа со сфаќањето кое на секој верен му е извесно, на кое тој толку се навикнал, што тоа за него престанало да звучи во целата своја смисла. Затоа треба да се нагласи дека христијанството - тоа е религија на спасението. А тоа не значи - едноставно “подобрување” на животот, помош во секојдневните тешкотии, разоткривање на апстрактните норми и принципи на поведение, а спасение. Спасението ја претпоставува гибелта. За спасение, а не за утеха и утешни слова моли човекот кој тоне, или човекот чиј дом е во пламен, или човекот кој лета во пропаст. Меѓутоа, чувствувањето на гибелта - и затоа преживувањето на христијанството како спасение - како да изминало през долгите векови на христијанството и големото мнозинство на христијани, иако по навика и го повторуваат словото “Спасител”, “спасение” и молбата “спаси не”, внатрешно, потсвесно ги преживуваат поинаку, не така како што ги преживувале христијаните на почетокот.

Во христијанството се случила своеобразна замена на зборовите, или подобро е да се рече - не на зборовите - бидејќи зборовите останале исти - а на смислата на зборовите, на тоа како тие звучат. Таа замена се случила затоа што сме престанале да се чувствуваме како суштества кои навистина гинат, суштества чиј живот неумоливо се стреми кон бесмислено распаѓање, кој е проголтан од злото, бесмислата, ужасот на умирањето и смртта, животната борба за опстанок, страшната страст за власт, војната на сите против сите, лагата која ги труе самите извори на животот, сивилото и осудата на сите на смрт, то ест се она што се обидува, и за жал, со успех, да го задуши, да го извалка нашата таканаречена “цивилизација”. Сме се научиле да го не забележуваме се тоа, а така веќе е многу страшно да се живее. Се тоа сме се научиле да го заговоруваме со суетата на секојдневниот живот. Не, не случајно се посилно грми заглушувачката бучна музика, се прекарува ритамот на животот, се зголемува бројот на новини кои не заглушуваат со секој ден. Тоа е човештво кое се плаши да се запре, се плаши да се замисли, се плаши да остане насамо со себе и да ја увиди гибелта, стравот, омразата и злото како самиот живот на кој сме осудени. Меѓутоа, таквото чувствување е образот на животот во Евангелието. Христос доаѓа при луѓето, “кои во темнина се” и “сенка смртна”. Тоа е првата определба во Евангелието на судбината човечка. Радоста на божиќната ноќ веднаш е помрачена. Ирод сака да го убие Младенецот и заради тоа убива мноштво на младенци, и ете, евангелистот Матеј пишува: “во Рама се слуша глас, плач и ридање, Рахил плаче за своите деца и не сака да се утеши, зашто ги нема...”

Христос проповеда само за љубовта, само за проштевањето. Но од каде таа омраза која се збива околу Него и Го приведува, безизлезно, неумоливо, на крстот? Во центарот на Евангелието е овој ужас на предавството, изневерувањето, страшната злоба, потта која паѓа на земјата како крв. Човекот кој во претсмртната мака “започнува да се ужаснува и да тагува”, викајќи од крстот: “Боже мој! Боже мој! Зошто си ме оставил?” - го предава од страв пред толпата Пилат, му се потсмеваат, го тепаат, го плукаат римските војници, му се потсмеваат фарисеите, народот вика - распни, распни Го! - ете го во Евангелието образот на светот и животот. Доволно е да се замислиме еден миг, за да увидиме дека се ова секогаш се случувало, секогаш се случува, дека во светот царува и со животот управува гибелта. И ако човек не се врати кон ова чувствување, ако не започне од него, тогаш во христијанството нема смисла, и тоа, всушност, нема што да им каже на луѓето. Бидејќи само разоткривајќи ја длабочината и ужасот на гибелта, христијанството се разоткрива себе - или, поточно, Христа, Неговото учење и Неговиот повик - како спасение. Спасение не од ова или од нешто друго, а спасение на самиот живот, кој толку безнадежно се истргнал од сопствената содржина, од Бога, од светлината, од небото, од Вистината, од вечноста, и во ова истргнување станал страшно и смрдливо вриење на луѓето, еднакво осудени на бесмислена гибел. Се ова ние и го исповедаме кога во Символот на верата ги произнесуваме едноставните и вечни слова: “Заради нас луѓето и заради нашето спасение”. Заради нас, за мене, за тебе, за секој поединечно и за сите заедно; за нашето спасение. Секој пат кога го повторуваме тоа тврдење, ние исто така, го утврдуваме и нашето знаење за гибелта.

Многумина би сакале да ја оддалечат од христијанството оваа сврзка: спасение од гибелта, спасение затоа што постои гибел. Многумина би сакале да го “обезвреднат” христијанството, да го направат додаток на животот, бит, древност, добар обичај. Но како што од Евангелието не може да се истави крстот и распетието, така од христијанството не може да се истави овој сооднос на гибелта и спасението. Може да се каже: секоја вистинска средба со Христа ми ја разоткрива, пред се, темнината, гибелноста и бесмисленоста на мојот живот. Го гледам Христа, и затоа што Го гледам, сфаќам дека овој живот кој го живеам, не е тој, не е вистинскиот, а е живот проникнат со гибел, осуден на гибел. И мојата вера во Него, во Христа од таму започнува, со тоа што на некој таинствен и необјаснив и со тоа, не помалку самоочигледен, начин, дознавам дека само Тој, Христос, може да ме спаси, дека само Тој, само во Него е спасението и мое, и на ближните, и на сите, и на се. “Заради нас луѓето и заради нашето спасение”. Така целото Евангелие, целата вера, преку овие слова од Символот на верата, се однесува на мене и на мојот живот. И само ако го почувствувам тоа со целото суштество, станувам способен да се замислам над тоа во што се состои спасението.

7. И се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева, и стана човек...

 

Од Светиот Дух и Марија Дева. Мислам дека за неверните, за луѓето надвор од христијанството, нема поголем камен на сопнување и соблазна од верата на христијаните во тоа дека Исус Христос се родил од Дева. Од верата во тоа, за жал, се откажале и многу христијани, особено оние протестантски образовани луѓе /научници/ кои го изучуваат Евангелието и верата “научно” и на кои верата во Мајката-Дева им се чини неприфатлива, им се чини насилие над умот, суеверие. Не се сомневаат, смирено го прифаќаат ова евангелско учење простите луѓе и оние кои се смирени. И не само што го примаат, но го примаат и како радосен дар, како светла и радосна тајна, која на Бога му било угодно да ни ја открие. А бидејќи да се докаже “вистинитоста” на ова безмажно зачнување и раѓање е невозможно, и ние, било да веруваме, било да не веруваме во тоа, било смирено да го прифаќаме, било, такаречено, “принципиелно”, во името на науката и во името на разумот отфрлајќи го, па и говорејќи за него ние можеме да се обидеме само да раскажеме што оваа вера му дава на нашето сознание, на нашето срце, што ни открива таа во длабочина.

Се разбира, верата во раѓањето на Христа од Дева, која е објавена во Евангелието, повторно и остро го поставува прашањето за умот, за разумот и за границите на овој научен пристап кон сите појави, кои единствено нашиот разум и ги знае и во кои тој навистина е врховен судија. Ова прашање е толку важно затоа што девството на Божјата Мајка, како што Црквата ја нарекува Марија, Мајката на Исус, се отфрла преку разумот. Разумот говори: тоа не се случува, и затоа ова не може да биде, и затоа ова не се случило. И затоа тоа треба да се избрише од Евангелието. Така што, на крајот на краиштата, се се сведува на избор: што е на повозвишено ниво - Евангелието или разумот, кој кого суди, што со што се проверува - Евангелието ли со разумот, или разумот со Евангелието? Веднаш ќе забележам дека оваа дилема воопшто не се однесува само на тврдењето на верата - на раѓањето на Христа од Дева. Таа се однесува, како што ние одлично знаеме, пред се, на Самиот Бог. Истиот тој разум, истата таа наука не знае ни за Бог-Творец, ни за Бог-Љубов, ни за Бог-Спасител. Бидејќи науката знае само за она што може да го провери и низ оваа проверка, како што говори философијата, емпириски да го докаже. Според тоа, проблемот се проширува. Станува збор за тоа, постои ли сфера на знаење, на појави на животот, која, не станува збор за тоа дали е потчинета на умот, не - христијанството на умот му дава високо место - но во која умот, во секој случај, нашиот земен, човечки ум, нема потполна власт, не може и затоа не треба да донесува никаков потполн суд. Или уште вака: има ли умот граници, надвор од кои, ако само тој е вистински, такаречено, “умен ум”, говори: јас не знам. Велам “умен ум”, затоа што, надвор од секој сомнеж, постои и глупав ум, и тој обично и вика посилно од сите и се смета себе сезнаен. Вистинскиот ум, вистински образованиот човек за многу нешта говори: “јас се уште ова не го знам”, и ова незнаење е неизмерливо подостојно за вистинската наука, од надменото сезнаење.

Ете така, христијанската вера, христијанството во однос на умот зазема таква позиција: тоа, како прво, го признава умот за возвишен дар од Бога на човекот, навистина Божествен дар; тоа, како второ, тврди дека, како и се во светот, како и целиот човек, умот е помрачен и ограничен од гревот и затоа не може веќе се да познае и објасни. И најпосле, како трето, тоа смета дека умот може и треба да се просветли, просвети, задлабочен и роден низ верата. А за ова умот треба да се смири, а тоа значи - да се дозволи дека во светот не дејствува само тој и /од друга страна/ слепата и непромислена причинетост, која единствено умот ја достигнува, а тоа дека во светот дејствува Бог, за кого е речено, дека Неговите патишта не се наши патишта, Неговата мудрост не е наша мудрост, и дека Бог ја руши гордоста на умот, кој го утврдува своето сезнаење. Но тогаш отпаѓаат и сите аргументи /противења, несогласности/ за кои зборувавме на почетокот: тоа не се случува, и затоа тоа е невозможно, тоа не соодветствува на законите на природата кои ни се извесни, и затоа тоа не се случило, и така натаму. Бидејќи, најдлабоките закони на светот и не ни се познати, непозната ни е неговата мистична длабочина, со која умот се сретнува преку дејството во него на Бог-Творецот, Бог-Љубовта, Бог-Промислителот. Затоа што верата и Црквата сосема не утврдуваат дека тоа се “случува” и дека тоа е “возможно”, то ест деца можат да се раѓаат без татко, од дева. Верата и Црквата само тврдат дека овој нечуен, невиден и за нашиот паднат ум невозможен настан се извршил тогаш, само тогаш, кога на земјата, во образ човечки дошол Самиот Бог! Затоа верата во девството на Марија, Мајката на Исус, сосема не зависи од тоа “возможно ли е” или “невозможно ли е” тоа, се случува или не се случува. Самата Црква во една од своите молитви утврдува: “туѓо им е на мајките девството и туѓо му е девството на мајчинството”. Оваа вера зависи само од тоа, веруваме ли ние дека Христос е - Бог, кој дошол на земјата, при нас, “заради нашето спасение, заради нас луѓето”.

Ако веруваме, тогаш станува сфатлива (не, не на голиот разум, а на длабочината на нашето сознание) и тајната на безмажното раѓање. Бидејќи во оваа тајна и се содржи верата на Црквата во Христа, Неговото знаење како Бог и Човек, како Бог Кој станал човек, како Човек исполнет со Бога, обожен. На нас не ни е дадено да го сведеме Бога на земја и да Го вочовечиме. Тоа Божјо решение, Божја иницијатива, причината на Неговото вочовечување не е во земното, не е во еден од земните закони, но само во Бога, Христос е - Син Божји. Но своето човештво, својата плот и крв Христос ја прима од нас, луѓето, и ја прима од Дева Марија, на која преку Духот Божји, Неговата творечка сила и љубов и е дадено да стане Мајка и со ова мајчинство за вечни векови, засекогаш и до крајот да не сроди со Христа, Синот Божји, да го јави како еден од нас, како Син Човечки. Слободното решение на Бога, кој создава нов човек, слободното примање на човекот на овој дар: ете ја смислата на нашата вера, ете ја радоста нејзина. Бог снисходи од небото, за човекот да се искачи на небото. Низ Исуса Христа - ние сме деца Божји, низ Марија - Христос е со нас, во нас, наш брат, наш син, наш Спасител. Се ова и е изразено во краткото исповедање на Символот на верата: “и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева, и стана човек...

8. И кој беше распнат за нас во времето на Понтиј Пилат

Каква е смислата на ова спомнување - на Пилат, при набројување на се она во што верува Црквата? Зошто тоа име се спомнува во врска со распетието, смртта и воскресението на Христа, едно име среде безброј имиња на луѓе кои учествувале во осудата и мачењето на невиниот Учител? На ова прашање треба да се дадат два одговора еднакво важни за нашата вера, суштествени, централни.

Првиот одговор е ваков: името на Пилат се спомнува затоа што со тоа Црквата ја утврдува историчноста на овие настани, во кои го исповеда спасението на светот и човекот.

Постои и втора причина за спомнувањето на името на римскиот управник во Символот на верата, и таа јасно е укажана во зборовите на Пилат, кој тој, според Евангелието по Јован, му ги кажал на Христос Кој стоел пред него. Христос молчи. И Пилат прашува: “Зошто не ми одговараш? Зарем не знаеш дека имам власт да Те распнам и власт да Те отпуштам?” Тоа значи дека земната судбина на човекот кој стоел пред Пилат, смртта и животот на човекот зависеле од него, Пилат. И Пилат, како што ни е познато, знаел дека во овој човек нема никаква вина. “Оттогаш - пишува евангелистот Јован - бараше како да Го отпушти”, то ест Пилат барал случај, за да го отпушти Христа - и не го отпуштил. Не го отпуштил, бидејќи се плашел од толпата, бидејќи полесно му било да и угоди, предавајќи на смрт невин човек, отколку да го отпушти - да ризикува да дојде до немири, бунт, поткажувања во Рим и слични нешта. Пилат бил слободен. Неговата власт, говори Христос, му била дадена одозгора, и тоа значи - за правда, праведност, заштита на слабите. Пилат слободно го избрал злото. Имало еден момент, еден, само еден - кога се зависело од него, и тој го знаел тоа, и свесно постапил против совеста, против правдата... Не, тука немало судбина, Пилат не бил бесмислен исполнувач на туѓата волја, играчка во нечии раце. Пилат бил слободен. И токму таа слобода на Пилат ја прави неговата постапка толку безизлезна, толку страшна и апсолутно трагична. Затоа спомнувањето на името на Пилат во Символот на верата - (секогаш, секој ден, во тек на илјада години), тоа ни е напомнување, на секого од нас, за тоа дека ние сме слободни. Оној миг кога Пилат можел да го отпушти Христа или да го ослободи - тој миг трае вечно, трае во животот на секој од нас. Нема ден во кој ние не стоиме пред изборот, и нема ден во кој на секој од нас преку власта која му е дадена одозгора според гласот на совеста кој никогаш не лаже, да ја знае правдата /вистината/ - и или да ја одбере, или да ја отфрли.

Во секој човек можеме да го узнаеме образот на Христа, и или да му направиме добро, или да Го предадеме - од страв, од слабост и малодушност, како што тогаш, во тој петок пред Пасхата, во шестиот час тоа го направил Пилат. Само во однос на оваа слобода, која никој нема власт да ни ја одземе, и се решава нашето спасение или пак, нашата духовна гибел. Христос не спасил, но тоа спасение кое ни го дарувал да го направиме наше спасение - можеме само самите ние, само гледајќи на човекот кој стоел пред Пилат, од сите отфрлен, од сите предаден, од сите оставен. “Тогаш излезе Исус во трње и багреница. И му рече Пилат: ете човек!” - не знаејќи, дека во овие зборови е единствениот суд над нас, бидејќи секој од нас е слободен да го прими или да го отфрли и предаде Него. Така, спомнувајќи го името на еден човек, Символот на верата, за вечни векови ни ја разоткрива целата неопфатлива длабочина на човечката слобода. Самиот Бог стои пред нас - не во величие и слава - бидејќи тогаш би му се потчиниле и би станале Негови плашливи робови, не - во трнов венец и багреница. И само во однос кон Него ние сме слободни, како што бил слободен Пилат, и во оваа слобода секој ја решава својата вечна судбина.

9. Кој беше распнат...

Во човекот Исус Бог не соединил со Себе, ни ја јавил Својата безмерна љубов, ни го отворил пристапот во вечното царство на љубовта и светлината. И ете светот не Го примил и Го отфрлил, како што говори евангелистот Јован Богослов: “Он дојде при своите, и своите не Го примија...” Слезе од небото, и ете - распнат е. Се воплоти, и ете - осуден е на страдање. Се вочовечи - и ете, убиен е и погребен. Во овие спротивности, во овој судир на љубовта со омразата, во судирот на средбата и отфрлањето, дарот и непримањето, Символот на верата ни го разоткрива христијанското сфаќање, или - подобро речено - христијанското знаење, христијанскиот опит на злото, а исто така знаењето и опитот на победата Христова над злото, Неговото уништување на злото...

Првото прашање: зошто Христос бил отфлен? Од каде таа постепена растечка омраза кон Него, чиј последен израз вечно звучи во страшното викање на толпата: “Распни Го, распни Го!”? Бидејќи од моментот кога му се покажал на народот, целото служење на Христа, целата Негова проповед - тоа е едно непрекинато воплотување на љубовта, доброто, сострадувањето и милосрдноста. Христос говори за себе со зборовите на древниот пророк: “Духот Господов е на Мене, затоа што Он ме помазал да им благовестувам на ништите, и Ме испратил да ги исцелам скрушените по срце, на заробените да им проповедам ослободување, на слепите видело, измачените да ги отпуштам на слобода...” Христос оди низ градовите и селата, и толпа луѓе Го следат, кај Него донесуваат болни и страдалници, Го слушаат и, би се рекло, Го опкружуваат со љубов и почитување. Каде исчезна таа толпа, кога Христос стои пред првосвештеникот, а потоа пред Пилат, кога Го тепаат и Му се потсмеваат римските војници, кога Му ги пробиваат дланките и стапалата, заковувајќи Го на крстот? Или тоа е - истата таа толпа, истите тие луѓе? Но тогаш - што ја претворило љубовта во омраза, почитувањето - во отфрлање? Ете Пилат говори: “Не наоѓам во Него никаква вина”; ете разбојникот распнат спроти Христа, говори: “Овој човек не сторил никакво зло...” Но се е бессилно против страшниот напор на омразата, желбата овој човек да го нема повеќе, да биде убиен...

Смислата на евангелскиот расказ, ако се восредоточиме, замислиме, соживееме во него, е едноставна: Христос го отфрлаат, Христос го мразат, Христос го распнувааат не за тоа во што е обвинет, не за измислените престапи, за кои лажливо и клеветнички Го обвинуваат пред Пилат и кои, знаејќи дека тоа е лага и клевета, ги отфрла и Пилат, со тоа не помалку предавајќи Го Христа на срамна и страшна смрт. Не, тука нема недоразбирање, тука нема никаква случајност. Христа Го распнуваат само затоа што доброто и љубовта во Него, заслепувачката светлина која се излевала од Него, на луѓето им се покажале несносливи. Несносливи затоа што Неговата светлина го разобличува злото во кое луѓето живеат и кое тие сами од себе го кријат. Бидејќи во тоа е ужасот на паднатиот свет, во тоа што во него не само што царува злото, но уште и се издава себе за добро, секогаш се крие зад маската на доброто. Во светот царува кружна порака на злото, кое се издава себе за добро! Во името на доброто, слободата, грижата за човекот - и не само тогаш, а секогаш, и сега, во нашите денови - ги заробуваат и убиваат луѓето, ги мамат, лажат, клеветат, уништуваат; секое зло вика: јас сум - добро! И не само што вика, но уште и има потреба постојано да му одговараат. “Ти си - добро, ти си - слобода, ти си - среќа!”

Злото не би имало никаква победа, никаква власт во светот, ако тоа отворено би се покажувало како зло. Злото победува со измама, издавајќи се себе како добро. И таа измама му дава можност на човекот да ја оправдува омразата, убиството, ропството, лагата, изопаченоста. Ете оваа измама и ја разобличува и ја разоткрива Христос. Не ја разоткрива и разобличува само со своите зборови, а пред се со Себе, со своето јавување, со своето присуство. Христос е сведок, а секој престапник знае дека, пред се, треба да се уништи сведокот на престапот, да се огради кружната порака на злото. “И станаа оттогаш - од денот на предавството и убиството и Ирод и Пилат пријатели”. Во оваа кратка забелешка на евангелистот се содржи целата страшна вистина за злото.

Да, Христос го следела толпа, додека Тој помагал, исцелувал, творел чудеса. И истата таа толпа го отфрлила Христа, и врескала “распни Го!” Луѓето преку страшниот инстикт на злото почувствувале дека во овој совршен човек, во оваа совршена љубов е - нивното разобличување, дека со својата љубов, со своето совршенство - Христос од нив бара живот кој тие не го сакаат, љубов, вистина, совршенство, кои за нив се несносливи, и затоа овој сведок треба да го осудат, да го уништат.

Ете - само во ова е целата смисла, целата длабочина на крстот и распетието - во ова видливо торжество на злото, всушност, торжествува доброто. Бидејќи торжеството на доброто започнува со разоткривање на злото како зло. Првосвештениците знаат дека тие клеветат. Пилат знае дека тој предава на смрт човек кој за ништо не е виновен. И миг по миг, чекор по чекор, во ова страшно торжество започнува да се разгорува светлината на победата. Победата прозвучува во раскајувањето на распнатиот разбојник, во зборовите на стотникот, кој раководел со казната: “Навистина овој човек е - Син Божји! Човекот кој умира на крстот - го завршува своето сведоштво. И од него одвнатре - не, се уште не однадвор - е уништено злото, бидејќи е пројавено и вечно се пројавува како зло. Повторувам, крстот - тоа е началото на оваа победа, чиј завршеток е - во смртта и воскресението на Распнатиот.

10. И страдаше...

“И страдаше...” - говори Символот на верата. Зошто ова повторување, бидејќи зборот “распетие” го содржи во себе сфаќањето на страдањето? Како одговор на ова треба да се каже следното: говорејќи “распнат”, ние пред се, говориме за оние кои го распнале Христа, говориме за злото, за тоа видливо торжество и победа на злото, кои ги изразува крстот и распетието и низ кои од злото, бидејќи тие го изразуваат злото како зло, се симнуваат сите покривки - и започнува уништувањето на злото. Говорејќи пак, “и кој страдаше”, ние говориме за Христа, ние не се восредоточуваме на распнувачите, туку на Распнатиот на Кој го восредоточуваме својот духовен поглед. Ако, како што учеле некои лажни учители осудени од Црквата, Христос не страдаше на крстот, не ги искусеше ужасните физички и душевни страдања, тогаш се, решително се би се сменило во нашата вера во Христа, во верата во Него како Спасител на светот и човекот. Бидејќи тоа би значело дека ние од оваа вера сме го отфрлиле главното, а имено - верата во спасителноста на слободното страдање, самопредавање на Христа на најстрашниот, најнеобјаснивиот и безизлезен закон на “овој свет” - законот на страдањето.

Не ни требаат никакви докази за тоа дека светот е исполнет со страдање. Со физичко страдање и душевно страдање, со бол и мачење во потполна смисла на овие зборови. Со страдање кое често се покажува посилно од стравот од смртта, бидејќи за човек да се ослободи од него, за повеќе да не страда, да не се мачи, тој се убива себе, се откажува од животот. Но ете, толку е очигледно и тоа дека, без разлика на овој сеопфатен и сесветски закон на страдањето, човекот не го прима. Сите религии, сите философии, сите идеологии, кратко речено - сите “рецепти” кои му се предлагаат со векови на човекот, сите без исклучок, ветуваат ослободување од страдањата, прекратување на страдањата. Овде, во ова ветување, исчезнува разликата помеѓу “индивидуализмот” и “колективизмот”, меѓу религијата и атеизмот, меѓу конзерватизмот и радикализмот, и.т.н. И овој факт дека луѓето го примаат ова ветување, веруваат во него, и во извесна смисла само преку него и живеат, докажува дека во човекот неискоренливо е потсвесното или свесното чувствување на страдањата како нешто недолжно. Ако се нарекува нормално тоа што се случува секогаш и секаде, тогаш нема ништо “понормално” од страдањето. Но тоа “нормално” човекот од вечност го чувствува како ненормално.

И ете, треба со сета сила да се каже дека само христијанството, само тоа не му ветува на човекот ослободување од страдањето. “Во светот ќе имате тага” - вели Христос, иако самиот Тој, за време на целото свое служење, само тоа и прави, им помага на оние кои страдаат. Но правејќи го ова и на нас заповедајќи ни да го правиме истото, Христос ни еднаш, никаде не говори, дека Тој дошол да го ослободи светот од страдањето, да го прекрати и уништи. Христос, слободно, знаејќи што Го очекува, “влегува во Ерусалим”, оди да пострада и слободно го прима страдањето, и нас не предодредува за тоа, само ако и во најништожна мера Го следиме и постапуваме според Неговите заповеди. Зошто? Во што е смислата на оваа противречност која ни се покажува? Ете во што: ако Христос во својот земен живот, цело време страда, и сожалува, и исцелува, и помага, тогаш оттука е очигледно дека Тој, како и сите луѓе, не ги прима страдањата како нешто нормално и при средбата со нив, како и секој човек, “се возмутува во духот”. Не, не за страдање и мачење, а за радост и живот преизобилен Бог го создал човекот, и за Христа секое страдање - тоа е победа на злото и злото во светот, создаден од Бога. Сепак, во тоа е ужасот на злото, што тоа го направило страдањето нормално и, заедно со смртта, единствен апсолутен закон на светот и животот. И затоа ниеден “рецепт” против страдањата, меѓу другото дури и чудото на исцелување и оживување на мртвите, не го ослободува светот и животот од страдања, можеби дури и обратно - ја нагласува сесилноста на страдањето, неговата безизлезност. Ја нагласува сета ужаснувачка “нормалност” на ненормалното... Исцелениот повторно се разболува и умира. Утешениот и усреќениот повторно ја спознава тагата и болката на животот, торжеството на злото кое го опкружува, распаѓањето и маките. “Во светот ќе имате тага...” И само сфаќајќи го ова, може да се сфати дека и тоа само ако се има духовен слух, е одговор на Христа, одговор на христијанството - на страдањето. Овој одговор: не е уништување на страдањата, што е невозможно во паднатиот свет, а претворање на страдањето во победа.

Ете тоа претворање и го извршува Христос, слободно примајќи го страдањето, слободно предавајќи му се. Ние не можеме дури ни да ги слушаме тие зборови: претворање на страдањето во победа - или тие засекогаш би останале најбесмислено нешто од сите реторики, од сите самоутехи - ако нашето срце, нашето духовно сеќавање не го чуваше образот на Христос кој страда. Што ни говори тоа сеќавање? Христос, Синот Божји, сјајот и светлината на Бога на земјата, влегол во нашето страдање, го примил до крај, го направил свое страдање во неговата најпотполна и страшна мера: заедно со нас, како еден од нас, но само во натчовечка полнота, “Он започнал да се ужаснува и да тагува”. На тој начин, Тој со своето страдање ни ја открил можноста нашето страдање да го претвориме во сострадување на Него - и тоа значи во духовен подвиг, во духовна борба, во духовна победа. Страдањето - венецот и торжеството на бесмислата и апсурдот - Христос го исполнил со својата вера, својата љубов, својата надеж, и тоа значи - со смисла. Страдањето - од уништување на животот - Христос го направил можност за раѓање во вистински, духовен живот. Можност, велам, бидејќи нема ништо маѓијско во страдањата на Христа. И нема потежок, човечки расудувајќи, понапорен и невозможен подвиг, од претворање на оваа можност во реалност.

Човечки - ние се уште сакаме од Бога, од Христа, прекратување, а не претворање на страдањата, го сакаме она што го сакале луѓето од Него, кои во Христа гледале само исцелител, го гледале само Оној Кој може да го уништи страдањето. Но Христос не ги уништил страдањата ни за Себе, ни за нас. Христос не сметал достојни за неизмерливо поголеми работи: вклучувањето во Неговите страдања, примањето на страдањето како уништување на неговата уништувачка сила, како влез во верата, надежта и љубовта, како победа на духот, како влез во Царството Божјо. “Силата Божја во немоќта се покажува”. И само ако внимателно погледнеме околу себе, ќе се убедиме дека, ако во светот постојат вистински победи на духот, победи на верата, надежта, љубовта, победи во луѓето - на Христа, тогаш сите тие, без исклучок - тоа се победи на ова страдање на Христа, наше страдање со Христа. Се тоа, кажано на нашиот слаб и сиромашен човечки јазик, од вечност сјае и гори само во еден збор од Символот на верата: “и страдаше”.

11. И беше погребан...

По исповедањето на Христа Кој беше распнат и страдаше Символот на верата тврди и “беше погребан”. И повторно ние неволно се прашуваме: зошто овој збор, а не зборот “и умре”. Погребот, очигледно, ја вклучува во себе, ја претпоставува смртта, а сепак, не е случајно тоа што не се вели смрт, а погреб, кој Црквата го спомнува набројувајќи ги оние настани на животот и служењето на Христа, во кои и низ кои, верува таа, се извршило и вечно се извршува спасението на светот и човекот. И затоа, одговарајќи на прашањето за смислата на словото “и беше погребан”, се допираме до нешто многу важно, до нешто што е срцевина за христијанската вера.

Може да се каже вака: смртта, умирањето се уште се однесуваат на нашиот земен, видлив живот, тие се негов крај и завршување. Смртта, во нејзината биолошка суштина, е самоочигледен факт, непобитен како за оние кои веруваат во она што луѓето го нарекуваат “задгробен живот”, така и за оние кои не веруваат во него. Но погребот на умрениот веќе не се однесува на моментот на смртта, а на она што следува по неа, кон она, како што се однесуваат кон неа, како што мислат и веруваат за неа оние кои го извршуваат погребот. За едни тоа е обред на вечно разделување, признавање на неотповикливоста на смртта како апсолутен крај, како враќање на човекот во она небитие, од кое тој поради нешто се појавил и во кое безизлезно се враќа. Тоа разделување може да се организира со поголемо или помало торжество, да се украси со говори и цвеќиња, но тоа ништо не менува во чувството на безнадежност, бесмисленост, апсурд, со кое е проникнато погребното торжество; човекот постоел, а сега не постои. Крај. За друг погребот ја изразува верата во продолжување на животот по смртта: во древните незнабожечки култови во гробот на умрениот ставале храна, оружје, некогаш дури убивале и жена, за таа да може и во задгробниот живот да биде со својот маж. Таквиот погреб ние одамна сме го разоткриле како детска наивност, суеверие. Така или инаку, погребот секогаш е утврдување на определено сфаќање на смртта. И затоа Црквата во Символот на верата не говори за смртта, а за погребот на Христа. Повеќе од тоа, секоја година, на денот кој му претходи на Велигден, денот кој таа го нарекува Велика и Благословена сабота, Црквата како да го повторува овој погреб, повторно и повторно разоткривајќи го, јавувајќи го, тоа што се извршило, пред се, со самата смрт, кога ја примил, слегол и се нурнал во неа Исус Христос, Синот Божји. Кога по темнината на Великиот Петок, денот на распетието и смртта, денот на пројавување на сета сила на злото, кое се урнало на Христа, ние стапува во сабота - среде храмот се издигнува таканаречената плаштаница, то ест гробот со изобразба на него на мртвиот Христос. Но секој кој макар еднаш во животот, заедно со другите го доживеал тој ден единствен по својата длабочина, по својата  светлина, по својата бела тишина, знае - и знае не со разумот, а со цело свое суштество - дека овој гроб која, како и секој гроб, секогаш е сведоштво за торжеството и непобедливоста на смртта, започнува да се озарува со некоја видлива светлина, која речиси може да се почувствува, дека гробот, како што пее Црквата, се претвора во “живоносен гроб”. Да, видливо смртта торжествува во оваа неподвижност на мртвото тело, на овој човек кој не дише. Се се завршило, на се дошло крај. Но смислата, длабочината, со ништо во светот неспоредливата убавина на оваа служба е во тоа што, извршувајќи се крај гробот и околу смртта, таа е созерцување, јавување на необичноста, новина на оваа единствена смрт на овој единствен човек. “О Животе! Како ти умираш? Како можеш ти да се вселиш во гробот?” Ете го прашањето кое ние му го задаваме на Христа кој во гробот лежи. И постепено ни доаѓа одговорот. На ридањето, на недоумот, на очајот на својата мајка, на целиот свет, на целата творба, Христос одговара, и овој одговор прозвучува во потресувачките песнопеења на овој ден: “зарем ти, зарем вие не сфаќате - како да ни говори Христос. - Имав двајца пријатели на земјата: Адам и Ева. И дојдов кај нив и не ги најдов на земјата, која Јас им ја дадов. И љубејќи ги, се спуштив таму каде што се тие - во темнината и ужасот и безнадежноста на смртта”. Да, се тоа е изразено, се тоа е кажано, се тоа се пее на јазик детски, во образи, символи, како во сказна. Но како поинаку да се објави, покаже потресувачката нова вест на тоа што се случува? Оној за Кого Евангелието говори дека “во Него бил животот, и животот им бил светлина на луѓето” - Оној Кој е самиот живот - во љубов и сострадување се спушта во смртта, која Тој не ја создал, но која завладеала со светот, го отрула животот. Смртта го проголтува животот, но ете - во смртта на Христа истата се покажува проголтана од Животот. Во темнината и сенката смртна, во самотијата и ужасот на смртта се запалува светлина. Црквата пее: “Спие Животот и Смртта трепери...”

Рано наутро, се уште во потполна темница, ја носиме плаштаницата околу храмот. И ете веќе не се разнесува ридање, а победна песна: “Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртни!” Христос влегува во царството на смртта, на заробениците на смртта објавувајќи им, дека на тоа царство му се приближил крајот. Од сега секоја смрт, колку и да ни се чини ужасна, печална и страшна одвнатре, е победена со тоа што неа ја примил, преживеал и во себе ја изживеал Христос. “Смртта е проголтана со победата” - воскликнува апостол Павле, и крај гробот на секој умрен, ние пееме за “надгробното ридање, кое се претвора во победна песна Алилуја!”

“И беше погребан...” Тоа значи - примајќи ја смртта како своја судбина и исполнувајќи ја со љубов, и тоа значи - со живот, со вера, и тоа значи - со живот, надеж, и тоа значи - со живот. “Каде ти е смрт, осилото? Каде ти е, аду, победата?”
На сите нас ни претстои да влеземе во смртта, да умреме. Но со зборовите на Символот на верата Црквата тврди дека во смртта ние го сретнуваме Христа, дека Тој смртта ја обрнал во средба со себе, во предворие на воскресението.

12. И воскресна во третиот ден, според Писмото...

После крстот, после слегувањето во смртта, воскресението од мртвите - тоа е основното, главно, решавачко тврдење на Символот на верата, тврдење само по себе, на срцевината на христијанството. Навистина “ако Христос не воскресна, верата ваша е суетна”. Тоа се зборови на апостол Павле, и тие за христијанството остануваат основа до ден денешен. Христијанството - тоа, пред се, е вера во тоа дека Христос не останал во гробот, дека од смртта засветлел животот и дека во воскресението на Христа од мртвите, апсолутниот, сеопфатен закон на умирањето и смртта кој не трпи исклучок, одвнатре бил урнат и надвладеан...

Воскресението на Христа, повторувам, го чини самото срце на христијанската вера, на христијанската благовест. А сепак, колку и да ни е тоа чудно, во реалниот живот на христијанството и христијаните денес, оваа вера зазема малку место... Таа како да е замаглена, и современиот христијанин, и самиот не знаејќи, не како да не го прима тоа, а како да го избегнува, не живее со тоа, како што живееле со тоа првите христијани. Да, ако оди во црква, тој, се разбира, ги слуша ликувачките тврдења кои одекнуваат во христијанската богослужба: “со смртта смртта ја победи”, “проголтана е смртта со победата”, “животот царува”, “ни еден нема мртов во гробот”. Но ако го прашате што навистина мисли за смртта, тогаш често, премногу често, ќе слушнете некое распливнато тврдење за бесмртноста на душата, кое постоело и до христијанството, и нејзиниот живот во некој задгробен свет. Тоа е се уште добро. Во полоша смисла - ќе се сретнете едноставно со збунетост, незнаење: “знаете, јас никогаш вистински не сум се замислил околу тоа”. Меѓутоа, да се замислиш за “тоа” е апсолутно неопходно, бидејќи повторувам, на верата или неверата - не едноставно во “бесмртноста на душата”, а имено во воскресението - во воскресението Христово и на крајот на времињата нашето “општо воскресение” - на оваа вера се држи целото христијанство. Ако Христос не воскресна, тогаш Евангелието е лага, најстрашна од сите лаги. Ако Христос воскресна, тогаш радикално се менуваат, едноставно отпаѓаат сите наши дохристијански претстави и верувања во “бесмртноста на душата”, тогаш целото прашање за смртта се претставува во потполно различна, радикално различна светлина. Бидејќи воскресението, пред се, го претпоставува односот кон смртта, сфаќањето на смртта - на најдлабок начин различно од обичните религиозни претстави за неа, а во некоја смисла и едноставно обратно од овие претстави.

Треба директно да се каже дека класичното верување во бесмртноста на душата ја исклучува верата во воскресението, бидејќи воскресението - и тука е коренот на се - ја вклучува во себе не само душата туку и телото. Едноставното читање на Евангелието не остава никакво место за сомнеж во ова. Откако го виделе воскреснатиот Христос, апостолите, според расказот во Евангелието, мислеле дека гледаат призрак, привид. И првото дело на воскреснатиот Христос било да им ја јави, да им ја даде, да ја почувствуваат, реалноста на Неговото тело. Тој зема храна и јаде пред нив. На Тома кој се сомневал Тој му вели да се допре до Неговото тело, со палецот да се увери во воскресението. И кога апостолите поверувале, имено објавувањето на воскресението, неговата реалност, неговата “телесност” и станала главната содржина, сила и радост на нивната проповед. Главна тајна на Црквата станува причестувањето со лебот и виното како тело и крв на воскреснатиот Господ - и во овој акт, како што говори апостол Павле, “смртта Господова објавувајќи ја, воскресението Негово го исповедаат”.

Оние кои се обрнуваат во христијанство не се обрнуваат кон идеи и принципи, а ја примаат оваа вера во воскресението, овој опит, ова знаење на воскреснатиот Учител. Повеќе од тоа, тие со оваа вера ја примаат верата во сеопштото воскресение, и тоа значи - во надминувањето, разорувањето, уништувањето на смртта како последна цел на светот. “Последниот непријател ќе се истреби - смртта!” - во некој духовен восхит воскликнува апостол Павле. И секоја велигденска ноќ ние воскликнуваме: “Каде ти е смрт, осилото, каде ти е аду, победата?... Христос воскресна и нема ниеден мртов во гробовите, воскресна Христос и животот царува!” На тој начин, примањето или непримањето на Христа и христијанството е, во суштина, примање или непримање на верата во Неговото воскресение, и тоа значи, говорејќи со јазикот на религиозните претстави, во соединувањето во Него на душата и телото, чие разделување, чие распаѓање и е смртта. Можеме да не говориме за оние кои го отфрлаат воскресението на Христа од едноставна причина, што тие го отфрлаат самото постоење на Бога, то ест можеме да не говориме за убедените, умислени дека се убедени, атеисти, безбожници. Тука очигледно спорот се префрла на друго ниво. Многу е поважно тоа чудно “замаглување” на верата во воскресението, за кое толку говорев, тоа замаглување среде верните, христијаните, кои на чуден начин го поврзуваат радосното празнување на Велигден со фактичкото, често дури и потсвесно отфрлање на воскресението Христово. Во историското христијанство како да се појавило навраќањето на дохристијанското сфаќање на смртта кое, како прво, се состои во нејзиното признавање како “закон на природата”, то ест појава својствена на самата природа, со која, од истата причина, колку и смртта да ни е страшна, треба да се “помириме”, која треба да ја примиме. Навистина, сите нехристијански, сите природни религии, сите философии во суштина само со тоа се занимаваат, не помируваат со смртта, се грижат да ни го покажат началото на бесмртниот живот, бесмртната душа, во некој друг, задгробен свет. И се разбира, како што учи, на пример, Платон, а по него и безброј негови приврзаници, ако смртта е посакуваното ослободување на душата од телото, тогаш верата во воскресението на телото станува не само беспотребна и несфатлива, но едноставно лажна, невистинита.
Значи, за да ја почувствуваме смислата на христијанската вера во воскресението, не треба да започнеме од него, а од телото и смртта, од христијанска гледна точка на разбирање. Тука е коренот на недоразбирањето дури и внатре во христијанството.

13. Бесмртност

Религиозното сознание го восприема воскресението на Христа, пред се, како чудо, какво, се разбира, тоа и се покажува. Но за битовото религиозно сознание ова чудо останува “единечно”, такво кое се однесува на Христа. А бидејќи ние Христа го признаваме за Бог, ова чудо во некоја смисла дури и престанува да биде чудо: Бог е сесилен, на Бога се му е возможно. И се разбира, што и да ни означува смртта Христова, Неговата божествена сила и власт, не Му дале да остане во гробот. Но се работи за тоа што ова ја составува само половината на почетното христијанско восприемање на воскресението Христово. Радоста на раното христијанство, радоста која и до сега живее во Црквата, во нејзините богослужби, во нејзините песнопеења и молитви, особено во празникот Велигден кој со ништо не може да се спореди - не го одделува воскресението Христово од “општото воскресение”, од воскресението на сите луѓе, воскресението кое започнало во воскресението Христово.

Празнувајќи го, една недела пред Велигден, воскресението на умрениот пријател Христов Лазар кое Тој го извршил, Црквата торжествено, радосно утврдува дека ова чудо е “потврда на општото воскресение”. Но ете во сознанието на верните верата во воскресението на Христа и верата во “општото воскресение” кое со тоа се започнало како да се разединиле. Останала негибната верата во станувањето на Христа од мртвите, Неговото воскресение во тело, за што го повикува Тома кој се сомнева да го допре: “Стави ги прстите твои во раните Мои и не биди неверен, но верен...” Во она што се однесува до нашиот последен удел и судбина по смртта, тие постепено престанале да се восприемаат во светлината на воскресението Христово и во однос кон него. За Христа ние утврдуваме дека Тој воскреснал, за самите себе говориме дека веруваме во бесмртноста на душата, во кое нешто долго пред Христа верувале Грците и Евреите и до ден денешен веруваат сите религии без исклучок, но за таквата вера воскресението на Христа, колку тоа и чудно да ни звучи - дури и не е неопходно.

Во што е причината на ова чудно раздвојување? Причината е во нашето сфаќање на смртта или, подобро кажано, во сфаќањето на смртта како одделување на душата од телото. Целата дохристијанска и нехристијанска “религиозност” се повикува на одделувањето на душите од телата, и истото го сметаат не само за “природно”, но и апсолутно сигурно, во тоа го гледаат ослободувањето на душата од телото кое и смета да биде духовна, чиста и блажена. Бидејќи во човечкиот опит злото, болеста, страдањето, страстите се - од телото, смисла и цел на религијата, на религиозниот живот природно станува ослободувањето на душата од овој “затвор” на телото”, ослободување кое ја достигнува својата полнотија во смртта... Но со сета сила треба да подвлечеме дека таквото сфаќање на смртта е - нехристијанско, повеќе од тоа - несовмесно со христијанството, отворено противно /противречно/ на него. Христијанството објавува, тврди и учи дека одделувањето на душата од телото кое го нарекуваме смрт, е зло. Тоа е она што Бог не го создал. Тоа е она што влегло во светот и го покорило на себе, но против Бога, нарушувајќи ја Неговата замисла, Неговата волја за светот, за човекот и за животот. Тоа е она што Христос дошол да го уништи. Но не за да се сфати, но за да се почувствува христијанското восприемање на смртта, на почеток треба да се кажат неколку зборови за таа Божја замисла, онолку колку што таа ни откриена во Светото Писмо и во својата полнота јавена во Христа: во Неговото учење, во Неговата смрт, во Неговото воскресение.

Кратко, упростено оваа замисла може да се прикаже вака: Бог го создал човекот со душа и тело, то ест истовремено духовен и материјален, имено ова соединување на духот, душата и телото во Библијата и во Евангелието се нарекува човек. Човекот како што го создал Бог - тоа е воодушевено тело и воплотен дух, и затоа секое нивно разделување, и не само последното - во смртта, но и до смртта, секое нарушување на нивното единство - е зло, е духовна катастрофа. Оттука е и нашата вера во спасението на светот преку воплотувањето на Бога, то ест преку Неговото примање на плотта, телото, и тоа не призрачно, “како тело божемно”, а тело во потполна смисла на овој збор: такво кое има потреба од храна, кое се уморува, кое страда. На тој начин, во смртното разделување на душата и телото се завршува она што во Светото Писмо се нарекува живот, то ест она во што и се одржува човекот како одушевено човечко тело и воплотување на духот. Не, во смртта не исчезнува човекот, бидејќи на творбата не и е дадено да го уништи она што Бог го повикал од небитие во битие. Но тој, човекот, се нурнува во смртта, во темнината на безживотноста и бессилноста, тој, како што говори апостол Павле, се предава на распаѓањето и тлението.

 Сакам уште да повторам и да подвлечам: не за ова разделување, умирање, распаѓање и тление го создал Бог светот. И затоа христијанското Евангелие објавува дека “последниот непријател се истреби - смртта!” Воскресението е повторно создавање на светот во неговата првобитна убавина и целосност, тоа е потполно одухотворување на материјата и потполно воплотување на духот во созданието Божјо. Светот му е даден на човекот како негов живот, и затоа, според нашето христијанско православно учење - Бог не ќе го уништи, а ќе го преобрази во “ново небо и нова земја”, во духовно тело на човекот, во храм на Божјото присуство и Божјата слава во творбата.
“Последниот непријател е истребен - смртта...” Ова уништување, ова истребување на смртта започнало тогаш кога Синот Божји слободно, од бесмртна љубов кон нас, самиот слегол во смртта и нејзината темнина, нејзиниот очај и ужас го наполнил со својата светлина и својата љубов. Ете зошто на Велигден ние пееме не само “Христос воскресна од мртвите...”, но исто така: “Со смртта смртта ја победи...”

Воскресна од мртвите само Тој, но ја уништи нашата смрт, го уништи нејзиното владеење, нејзината безнадежност, нејзината неотповикливост. Не, Христос не ни ветува нирвана, не ни ветува блед задгробен живот, а востановување на животот, ново небо и нова земја, радост на сеопштото воскресение. “Ќе воскреснат мртвите и оние кои се во гробовите ќе се зарадуваат...” Христос воскресна, и животот жителствува, животот живее... Ете ја смислата, ете ја бесконечната радост на ова навистина главно тврдење и срцевина на Символот на верата: “И воскресна во третиот ден според Писмото”. Според Писмото, то ест во согласност со она знаење на животот, со онаа замисла за светот и за човекот, за душата и за телото, за духот и материјата, за животот и за смртта, кое ни е откриено во Светото Писмо. Во ова се состои целата вера, целата љубов, целата надеж на христијанството. И ете зошто “ако Христос не воскресна, верата ваша е суетна...”

14. И се вознесе на небесата...

“И се вознесе на небесата - продолжува Символот на верата по исповедањето на воскресението на Христа од мртвите - и седна оддесно на Отца” (то ест, во преводот од црквенословенски “до десната рака на Оца”). На тој начин, наше следно прашање, тоа е прашањето за тоа што во нашата вера, а исто така и во нашиот живот изразуваат, кон што повикуваат овие зборови, ова тврдење за вознесението на Христа на небото. Овде треба да се запреме на христијанската смисла, христијанското “прозвучување” на зборот “небо”. Тоа е неопходно, бидејќи непријателите на религијата се ползуваат со него, недобросовесно толкувајќи го како сочувување на христијанството на првобитното, донаучно сфаќање на небото - како небо, такаречено “физичко”, како место во вселената, каде се наоѓа и престојува Бог.

Меѓутоа, ова древно верување нема ништо заедничко со христијанското сфаќање, чувствување и употребување на зборот “небо”. Да, се разбира, тој е земен од оној природен просторен символизам, кој е својствен на сите култури, и во оваа смисла тој треба да се разгледува по аналогија со нашето употребување на таквите зборови, како “висок /возвишено/” и “низок”, “широк” и “тесен”, и.т.н. Бидејќи кога зборуваме за некоја постапка дека таа е “висока”, а за друга - дека е “ниска”, за секого е очигледно дека овде не станува збор за простор, а за наравствена, духовна оценка на дадените постапки, исто како што, определувањето на човекот како “широк” или “тесен” самоочигледно нема ништо заедничко со неговиот телесен состав. Така ете, зборот “небо” на јазикот на речиси сите народи, секогаш имал, освен својата “природна” смисла, исто така и смисла символична или духовна, како што е символот на возвишеното, чистото, дури и задграничното. Да, во своите првобитни претстави за светот, за космосот, примитивниот човек често овој символизам го сфаќал буквално. Првобитната космологија го делела светот, вселената на три степени: небо, земја, пекол, и природно, светото, божественото, возвишеното го населувала на небото, а злото, гревовното и страшното - во пеколот. Така и во физичкиот свет, во физичкиот опит небото “природно” е прекрасно, светлозарно, чисто, возвишено. Но за тоа дека христијанството нема никаков однос кон оваа космологија, сведочат дури и зборовите на апостол Павле, кој ги повикува христијаните “да мислат на небесното, а не на земното”, или зборовите на свети Јован Златоуст, кој радосно говори: “...што ќе ми е небото, кога самиот станувам небо...”

На тој начин, повторувам, секој обид христијаните да се разобличуваат  со помош на зборот “небо” за ненаучност, примитивност, глупаво суеверие - тоа не е само обид со негодни средства, но и обид, пред се, нечесен. И се разбира, не може да има никаков сомнеж во тоа дека зборот, дека символот на небото во христијанската вера навистина има клучно значење. Пред се, во расказот за создавањето на светот од Бога, светот се определува како небо и земја. “На почетокот - така се отвора Библијата - Бог го создал небото и земјата”. На тој начин, небото - тоа во христијанската вера не е нешто надвор од светот, не е друг свет. Тоа е - својствено на светот, на творбата својствено духовно, такаречено, негово вертикално измерување. Небото - тоа во светот е нешто возвишено, чисто, духовно, тоа е она што во човекот христијанството го нарекува дух, душа. Оние кои не веруваат во Бога, материјалистите го отфрлаат постоењето на духовна, возвишена, света, реалност својствена за светот. За нив се во светот се објаснува од долу, од материјата, од нејзините чисто физички безлични закони. Но за верниот не земјата, то ест не материјата, а небото го мери со себе животот и неговата смисла, не се сфаќа небото преку земјата, а земјата и земното - преку небото. Носителот на небото во светот, според христијанската вера е - човекот. Човекот е создаден “според образот и подобието Божјо”, на човекот му е даден ум - и според тоа, сила на знаење, на човекот му е дадена совест - и според тоа, знаење на доброто, на човекот му е даден дух - и според тоа, можност да ја постигне убавината и совршенството. Но во својата слобода човекот може да отпадне од небесното во себе, може да посака да живее само на земјата, само со земното, или, соодветно говорејќи, да ги спушти очите свои - и тоа значи својот духовен поглед, своето срце - надолу. Ете тоа и го нарекува христијанството грев и пад. Христијанството верува и тврди дека од овој грев, од ова отпаѓање надолу, од ова оттргнување од небото и дошол да не спаси Христос.

Со своето доаѓање во светот, со своето “вочовечување”, Христос повторно го пројавил “небото на земјата”, образот на животот, обрнат кон височината, кон Бога, то ест, кон возвишеното, чистото, доброто, вистинското, прекрасното - кон се од што се оттргнал човекот во својата редукција, во своето сведување на животот на земјата и земното. Христос ни го отворил, ни го дарувал небото, преку себе ни ја укажал смислата на животот како искачување, восходење, вознесение и со силата, правдата, божественото совршенство на небото ја наполнил не само земјата, но говорејќи со јазикот на примитивните символи, и пеколот.

Христос слегол на земјата. Тој слегол во смртта. Но со Христа и во Него и во животот и во смртта било вратено небото, отворен патот кон победата над се она што е само земја, само земно, и чие крајно и безнадежно завршување е - темнината на смртта. Извршувајќи го се тоа Христос “се вознесол на небото”. И тоа за христијанската вера значи, дека во Христа на небото е вознесен Човекот, дека човекот е приопштен на небесната правда, и тоа значи - се вратил на Бога, на знаењето за Бога, и во Него - кон единствено вистинскиот, а затоа и вечен живот. Секогаш кога во Символот на верата тврдиме: “и се вознесе на небесата” - не говориме само за Христа, говориме и за самите себе. Ако веруваме во Христа, ако сме со Христа - тогаш и ние сме на небото, или, во секој случај, кон небото, кон Христа, кон Бога е устремена нашата вера, нашиот дух, нашата љубов. Ние го знаеме небото како наш вистински живот, и во ова знаење осмислен и радосен станува и нашиот земен живот, бидејќи тој во Христа станал воздигнување кон вознесението.

15. И пак ќе дојде...

“И пак ќе дојде да им суди на живите и мртвите и Неговото Царство не ќе има крај...” Христијаните секогаш верувале во второто доаѓање на Христа. За првите христијански поколенија оваа вера била радосна, самите тие христијанството, пред се, го преживувале како очекување на Христа. Последната книга на Новиот Завет, таканареченото Откровение или Апокалипса на Јован Богослов, се завршува со повикот: “Дојди, Господи Исусе!”

Апостол Павле во Посланието до Солунјаните говори за радоста на ова доаѓање: “И тогаш - вели тој - ние секогаш со Господа ќе бидеме...” Сепак, постепено, како минувале вековите, оваа радост како да се претворала во страв - страв од последниот суд, кои христијаните започнале да го нарекуваат страшен. И најпосле, релативно неодамна, во последните две столетија, може да се каже - ослабнал и овој страв од судот, кој му отстапил место на стравот веќе не пред судот, а пред смртта...

Затоа ние, христијаните, треба денес повторно да се замислиме околу првобитната христијанската вера во второто доаѓање на Христа, околу восприемањето на оваа вера во судот, кој ни е ветен од Христа. И најпосле, околу христијанскиот опит, христијанското сфаќање на стравот. И можеби од последното, од стравот, и треба да започнеме. Треба затоа што зборот “страв” во христијанското Писмо и Предание се употребува во две различни значења - потврдно и одречно. Најпрво, умесно е да се запреме на одречното значење. Оваа одречна, може да се каже, дури гревовна смисла на стравот, најдобро е изразена кај свети Јован Богослов. Во своето Прво Послание тој пишува: “Оној кој се плаши не е совршен во љубовта, зашто во стравот има мака. Совршената љубов го изгонува стравот...” Смислата на овие зборови е ваква: човечкиот живот - неопходно ли е тоа да се докажува? - сосема е проникнат со страв. Страв од неизвесност, страв од несреќа, страв од страдање, страв од умирање, страв од смрт. Страшен е животот и страшна е смртта, и од овој страв страсно сака и не може да се ослободи човекот... Не може и се обидува некако да го задуши. Се обидува да го скрие некаде, да не мисли, да не знае за него. Но основата на христијанската вера е дека Христос дошол да не ослободи од овој страв кој е својствен на целиот човечки живот. Во оваа смисла самата вера е победа над стравот. Бидејќи ние веруваме дека Христос ни го открил Бог како љубов, со својата смрт ја победил смртта, со своето воскресение ни го отворил пристапот во вечниот живот, во вечната радост. Ако веруваме во Христа и верувајќи, љубиме - му нема место на стравот во нашата душа, тој е уништен со светлината на верата, надежта и љубовта. Затоа за верниот - и имено за ова говори Јован Богослов - стравот е гревовен, тој покажува недостаток на љубов кон Христа, недостаток на вера во Него. И ова ја објаснува таа радост со која првите христијани го чекале враќањето на Христа, радоста на зборовите кои, ве молам, веќе и не замислувајќи се над нив, ние продолжуваме да ги повторуваме: “Да дојде Царството Твое...”

Според тоа, таква е христијанската смисла на зборот “страв”, смисла која јас ја нарекувам одречна. И само во однос кон неа ние можеме да ја почувствуваме втората, потврдна смисла. Таа е изразена во зборовите на Писмото: “Почеток на премудроста е - стравот Господов”. Тоа е страв кој не само што не се уништува во верата, надежта и љубовта, а им е својствен како нивна длабочина. Овој страв - не е од незнаење, а од знаење на Бога, од знаење на Неговата безмерна светост, љубов, од знаење на Неговиот повик, обрнат кон секој од нас: “Бидете свети, зашто јас сум свет”, “бидете совршени како што е совршен Отецот ваш небесен”. Неговата суштина е: благоговение, восхит, чувство на достоинство. Овој страв некогаш, многу ретко, го искусуваме и ние во нашиот живот - кога се сретнуваме со убавина, совршенство, кога се допираме до нешто високо, чисто и прекрасно, и во оваа светлина на средбата ја чувствуваме својата паднатост, гревовност и ситничавост на својот живот. Затоа овој страв е спасителен, страв, кој се раѓа од светлината и радоста, и според сведоштвото на светите, овој страв расте во душата човечка според мерата на нејзино приближување кон Бога. Него не е способен да го преживее ситничавиот, самовљубен, самодоволен човек, нурнат во суетата; на него му се спротиставува цинизмот, грубоста, гордоста, вулгарноста, се она што во паднатиот човек ја задушува способноста за очистување, за воздигнување кон совршенство. Овој страв ни ја открива смислата на оној последен, Божји суд над нас, кој го нарекуваме “страшен суд”. Не тоа не е суд на Домаќинот, Господарот над робовите. Ова е суд над нашата душа на самата Божествена љубов, Божествено добро, Божествена вистина и Божествена убавина. Така, во својата приказна за судот Христос не говори за нарушувањето на законот, Тој говори: вие не ме видовте Мене во браќата, не ме видовте во вашиот живот. Овде не се работи за страв од казна, бидејќи стравот од казната не ја придвижува љубовта кон Бога, не ја раѓа во човекот тагата по совршенство и по вистински живот. Тоа е стравот Божји, тоа е тажно сознание за предизвиканите промени, од нас, на Божествената љубов, која ни е дарувана во Христа. Првите христијани го чекале Христа, го чекале Неговото второ доаѓање, затоа што во нив - верувале и низ духовниот опит знаеле - ќе се открие вечното царство на љубовта, знаењето на Бога и во Него - животот вечен.

Да, тие го чекале Христа “со страв и трепет”, како што и кон причеста пристапуваме “со страв Божји и вера...” И тоа значи - со благоговение, со сознание за височината на дарот и нашето недостоинство - во однос на овој возвишен дар. Во светлината на нашето сфаќање на се ова може и треба да се каже дека нашиот однос кон второто доаѓање на Христа е мерило на нашата вера во Христа и нашата љубов кон Него. Ако само се плашиме од Него, како што слугите се плашат од господарот, тогаш верата наша е несовршена и во нас отсуствува љубов. Ако го чекаме Христа со “страв Божји и вера”, тогаш го знаеме и тоа дека во него засветлело простувањето на гревовите и дека бесконечна е милосрдноста Божја, и дека една солза на вистинско покајание и вистинска љубов се посилни од сите гревови.

16. Неговото Царство не ќе има крај...

Можеби во наши денови, денови на засилување на стравот на земјата, ни треба внатрешно да се вратиме на радосната и победоносна смисла на зборовите од Символот на верата: “Неговото Царство не ќе има крај”. Секој кој, макар еднаш во животот го прочитал Евангелието или го слушнал во Црква, знае, се разбира, дека проповедта на Христа, пред се, била проповед за Царството Божјо, возвестување за него. “Покајте се, зашто се приближи Царството Божјо” - тоа се првите зборови на Христос во Евангелието, кои говорат дека Христос ја минал целата земја, “проповедајќи го Евангелието на Царството”, поинаку кажано, проповедајќи ја благата, радосна вест за Царството.

Ако ги собереме сите приказни на Христа за Царството, ако се замислиме и се заслушаме над тоа што тие го говорат, како што и ни посведочиле за него светите, мачениците, апостолите, ако обрнеме внимание на тоа што ни говори, што секогаш ни говорела за него Црквата, тогаш смислата на ова сфаќање, на оваа реалност за која Христос не известил, ќе се покаже многу различна од распливнатото сфаќање на “задгробниот живот”. Царството Божјо - тоа е полнота на животот, полнота на радоста, полнота на знаењето, тоа е торжество на Божествениот живот - се она, за што Бог го создал човекот и светот, од што отпаднал човекот во гревот и самољубието и се она, што повторно ни го јавил и дарувал Христос - како конечна цел, но и како содржина на науката и светот. Во тоа и е посебноста, во тоа и е единственоста на христијанското учење за Царството Божјо, затоа тоа не може да се сведе на ниедна друга религија, затоа можеме да се молиме за Царството, да го посакуваме, да го љубиме, како најпоследна и највисока ризница уште сега, во нашиот земен живот. “Не ќе дојде Царството Божјо на видлив начин - говори Христос - и не ќе кажат за него - тоа е тука или таму, бидејќи Царството Божјо е внатре во вас . Бидејќи Царството Божјо, пред се, е во самиот Христос, во Неговиот живот - човечки, но таков кој светли со Божествена убавина, добро и вистина. Царството Божјо е во љубовта на Христа, во Неговото послушание, во Неговата самопредавање, во Неговата победа. Христос говори: “ако Ме љубите...” Ете така, Царството Божјо - тоа е љубов кон Христа како смисла, содржина и исполнување на животот. “Во Него имаше живот, и животот им беше светлина на луѓето” - воскликнува апостол Јован Богослов.
И ете овој живот ни се јавил, ни е даден, ние можеме да живеме во него, и тоа и е Царството Божјо внатре во нас. Загледајте се, на пример, во лачезарниот образ на преподобен Серафим Саровски, еден од најголемите руски светители. Зарем за “задгробниот свет” и за “бесмртноста на душата” мисли тој? Не, преподобен Серафим Саровски живее во Бога, во Христа, во радоста на познанието на Христа, Неговата близина, во таква мера радост што самата смрт ја прима како уште поголемо соединување со Љубениот. Тоа и е Царството Божјо. Ќе се заврши, ќе се исполни, ќе пријде во слава, како што говори Символот на верата, тоа што веќе се јавило, тоа за што истиот Јован Богослов говори: “за тоа што го видовме, за тоа што го допреа нашите раце...” И ова јавување, оваа радост е толку сеопфатна, што апостол Павле пишува: “Ни животот, ни смртта не ќе не разделат од љубовта Христова”.

Значи, за Царството Божјо може и треба да се каже, дека ние се молиме за него, затоа што го љубиме, го љубиме пак, затоа што го знаеме, затоа што Христос ни го открил и ни го дарувал. Тоа не доаѓа на “видлив начин”. Светот продолжува да живее со своите страсти и со своите стравови, со својата активност и својата жед. Милиони луѓе тапкаат на нашата планета, секој грижејќи се да дрпне малку среќа. Но оној кој, макар делумно, макар понекогаш, ќе го отвори својот живот на Христа - ќе узнае за друг живот, за друг начин на живот, одвнатре ќе се ослободи од својата заробеност од светската суета, и во неговата душа ќе завладее онаа “радост и мир во Светиот Дух”, кои никој не може да ги даде на земјата, а кои, меѓутоа, се внатре во нас. Ние паѓаме, грешиме, ги оставаме, но до крај да ги заборавиме не можеме - и ете се каеме и се враќаме, и повторно не зафаќа истата таа Божествена љубов, истата таа светлина. “И Неговото Царство не ќе има крај” - бидејќи, како што говори Христос, постои живот вечен, да го познаат Единиот вистински Бог и Оној Кој Тој Го испратил - Исуса Христа. За ова вечно царство, вечен живот и вечна радост - ни зборува Символот на верата.

17. И во Светиот Дух...

Ете го тој дел од Символот на верата во превод од црквенословенски на македонски јазик, бидејќи на словенски јазик тој, се плашам, би постанал понесфатлив од сите останати: “И во Светиот Дух - говори Црквата - Господ Кој животвори, Кој излегува од Оца, Кому Му се поклонуваме заедно со Отецот и Синот и Кој говорел преку пророците...” Кој е овој Свет Дух, Кого Символот го нарекува “Господ Кој животвори” и на Кого не повикува да се поклониме заедно, то ест, еднакво како на Отецот и Синот? Да се говори за Светиот Дух, да се објасни верата во Него на нашиот рационален човечки јазик е неизмерно потешко отколку да се говори за Отецот и Синот. Бог како Творец на светот, како Отец Кој љуби, како Седржител - тоа делумно нашиот ум може да го прими. Во Неговиот Единороден Син ние веруваме, затоа што Му веруваме на Христа, затоа што го љубиме Неговиот образ, затоа што Тој Самиот тврди за себе дека е - Син Божји. Но кога се обидуваме да говориме за Светиот Дух, тогаш ни е тешко, ако не и невозможно, да ја почувствуваме, примиме, сознаеме Неговата разлика од Отецот и Синот, или поедноставно, да ја примиме смислата на црковната вера во Троичниот Бог, во Единиот Бог, Кој ни се открива во три лица или личности. Меѓутоа, таквото знаење за Бога, таквиот религиозен опит за Него Црквата секогаш го сметала и денес го смета за врв на верата, врв на духовниот живот, таа најпоследна и сеопфатна вистина, како знаење кое Евангелието го нарекува вечен живот.

Пред се, да се запреме на зборот дух кој, иако за нас звучи вообичаено и “самоочигледно”, далеку е од таа самоочигледност уште при првиот обид да се определи. Ете, на пример, ние говориме: “целиот дух на творештвото на Пушкин е - светол”. Што значи тоа? Што сакаме со овие зборови да изразиме и пренесеме? Не тоа ли дека секоја реалност, со тоа и творештвото на Пушкин, ние можеме да ја примиме и ја примаме не само во нејзината “објективност”, “фактички”, но и во силата која ја излачува - потврдна или одречна. За Пушкин може да се каже, дека кај него има стихови кои се сериозни и шеговити, длабоки и површни, среќни и трагични. А сепак, велиме ние, духот на творештвото на Пушкин е - светол. И велиме така без разлика на тоа што Пушкин, во суштина, не проживеал многу среќен, а тежок, во последните години - и едноставно несреќен живот. На тој начин, она што го нарекуваме дух на творештвото на Пушкин - тоа не е едноставно одраз на неговиот карактер во неговите дела. Тоа е нешто многу подлабоко, најдлабокото во Пушкин, подлабоко од неговото сознание, идеи, настроенија, тоа што навистина живее и ни светли низ неговото творештво. Ние малку мислиме на ова, но од наведениот пример може да се заклучи дека постои духовна длабочина и духовна власт, духовна мера на животот. Духот со ништо не се поистоветува, а сепак - во се присуствува, низ се просветува, тој е, во најпоследна смисла - живот на животот. Тоа е она за што во Евангелието е речено: “Духот дише каде што сака, и не знаеме од каде доаѓа и каде оди...” На староеврејски јазик, на кој е напишана Библијата, зборот “дух” - “руах” - пред се, означува ветер, сила, која е невидлива за очите, а со тоа не помалку може да ги придвижува нештата, невидлива, но очигледна сила на животот. И затоа, кога го употребуваме зборот “Дух” за Бога, тогаш истовремено ја утврдуваме невидливоста на Бога и Неговото присуство, Неговото дејство, Неговата животворна сила во светот и во животот. Светиот Дух - тоа е Бог во Неговото дејство, во Неговата “животворна” сила во нас, во светот, во целата природа. Светиот Дух - тоа е присуство на Бога секаде и секогаш. Ете зошто и Го нарекуваме - Дух, а исто така Господ, и најпосле, животворен. Без опитот на ова присуство - на невидливиот, но достапен за чувствата Бог - Бог би бил “идеја”, и при тоа, најслаба, најнедокажлива, такаречено, најапстракна од сите идеи. Ние не можеме да го “покажеме Бога” и затоа не можеме да Го докажеме, како што не можеме ни да му ја покажеме, ни да му ја докажеме радоста и убавината на сончевата светлина на слепородениот, како што не можеме да му го докажеме светлиот дух на творештвото на Пушкин на оној кој, не знаејќи го рускиот јазик, не може да го прочита. За идејата на Бога бескрајно може да се спори и да не се дојде до ништо. Но на опитот на Неговото духовно присуство не му требаат никакви докази. Овој опит еднаш засекогаш го изразил, воплотил апостол Павле, велејќи: “радост и мир во Светиот Дух”.

Понатаму Символот на верата говори: “Светиот Дух Кој од Оца исходи”. И повторно, за да сфатиме што ова значи, се ползуваме со истиот земен пример. Духот на творештвото на Пушкин е од Пушкин, но тој не е Пушкин. Низ духот на творештвото на Пушкин ние можеме да го узнаеме Пушкин, но дури знаејќи ги сите подробности од биографијата на Пушкин, не ќе го узнаеме духот на неговото творештво, ако не ги прочитаме неговите дела. Светиот Дух - тоа е присуство, јавување, дејство во светот на љубовта на Отецот, мудроста на Отецот, созданијата на Отецот, но Тој не е Отецот. Тој целиот е од Бога-Оца, затоа што самиот Тој е - Бог, но Тој не е Отец. Духот Божји од Оца исходи, за Отецот и Синот сведочи, кон Оца приведува, но Тој не е Отецот, не е ни Синот. Ако Бог е Оној Кој љуби, Синот е Оној Кој е љубен, тогаш Светиот Дух е Љубовта, која ги соединува, нивното единство, нивната единствена светлина, сила и вистина. Тој е здив на Бога во светот, Тој е Оној низ Кого ние, според зборовите на Достоевски, “се допираме до други светови”. Тој е отсјај на Божествената убавина и Божественото добро, Тој е Оној Кој се во светот го разоткрива како пат кон Бога, како стремеж кон Него, како радост на Неговото присуство. Оној Кој љуби, Оној Кој е љубен, Љубов: светлата тајна на Троица, откровение на последната тајна на битието Божјо.

Ние веруваме во еден Бог, но не во Бог-самец, не во Бог-самољубец, не во Бог кој во себе и низ себе живее. Бог е Љубов, говори христијанството. А љубовта е свртеност кон Другиот - давање на себе на Него. Отецот, говори Евангелието, Го љуби Синот и се Му дал Нему. Синот, говори Евангелието, Го љуби Оца и Себеси се дава Нему. И најпосле, дарот на љубовта, самата љубов - како дар, радост, полнота, битие, жед и владеење, давање и примање - е Светиот Дух. И низ оваа љубов, низ ова давање Бог го создава светот, секого од нас го повикува во битие, секого од нас го прави љубен и својата љубов, својот дух му го дарува на секого, за секој да може да се приопшти на Божествениот живот. И ние Му се молиме на Духот: “Дојди и всели се во нас!” Ние Му говориме: “Утешител, Ризница на добрините, Животодавец...” И Тој се вселува во нас, не поучува, според зборовите на Христа, на секоја вистина, ни дарува вечен живот. Ете ја светлозарната тајна на христијанската вера, тајната на Бога - Троица, на Бога - Љубов...

18. Кој говорел преку пророците...

Да се запреме на зборовите на Символот на верата за Светиот Дух: “...Кој говорел преку пророците”, то ест, во превод од црквенословенски: “Светиот Дух... Кој говорел низ пророците”. Во христијанската вера сфаќањето на пророштвата и пророците зафаќа огормно место. Ќе забележиме дека во обичната употреба на зборот “пророштво” станал истозначен со зборот “претскажување”. Пророк - тоа во нашето сознание е оној кој ја претскажува иднината, нешто како “јасновидно”. Со целата сила треба да се нагласи дека  иако “претскажувањето на идината”, без сомнеж, влегува во религиозното, христијанско восприемање и сфаќање на пророштвото, тоа, како прво, со себе не го исцрпува ова сфаќање и, како второ, не се покажува во него како главно, централно. Добра половина од Стариот Завет се состои од пишувањата на пророците, но тие сосема не се сведуваат на претскажувањето на иднината. Суштината, длабочината на пророштвата е во друго, и само во однос кон ова “друго” може вистински да се сфати односот на пророците и пророштвата за иднината. Суштината на пророштвата е во дарот на возвестување на луѓето на волјата Божја, скриена од човечкиот поглед во настаните од човечкиот живот и историја, но која се открива на духовниот поглед на пророците. Оваа суштина на пророштвата особено добро е изразена во генијалната религиозна песна на Пушкин “Пророк”. “...Кон мене стаса глас на Бога / Пророку, стани, гледај, слушај / Со моја волја в твоја душа / Мориња мини, мини низ гори / и со збор срца на луѓе гори!“

Можеме само да се восхитиме со каква полнота и сила во овие малку, а прекрасни и бесмртни стихови, е изразена суштината на пророштвото и повикот на пророкот. Пророк - тоа е оној кој го слушнал гласот Божји, то ест некој таинствен, кон него и само кон него свртен повик, заповед. Овој глас говори: “стани”, и тоа значи - излези од суетниот и празен живот, кој ти, како и повеќето луѓе го живеат, раскини ги патиштата на прозаичноста, која од нас ја сокрива длабоката, потајна смисла на она што се случува. Потоа овој глас говори: “гледај, слушај”. Тоа е заповед да се види, тоа е заповед да се слушне. Да се види тоа што не го гледаме со нашиот обичен, кон земјата и кон земното, прикован поглед... Да се слушне тоа што ни пречи да ја слушнеме вревата на секојдневната суета. Да се увиди другото - главното, да се слушне другото - главното. И понатаму: “со Моја волја в твоја душа”. Тоа значи - стани служител не на твоите земни и човечки мислења, планови, желби, а на Мојата - Божествена - замисла, Мојата - Божествена - волја. И завршува гласот, обрнат кон пророкот: “Мориња мини, мини гори, и со збор срца на луѓе гори!” Мориња и земји - тоа значи целиот свет, целата вселена, целата творба Божја. И тоа значи дека, иако пророкот, како и секој човек, е ограничен со времето и просторот, живее во определени услови, е сведок на определени настани, неговата Божествена мисија која го повикува светот, ја надвладува оваа ограниченост. Или, можеби, подобро е да се каже вака: во најмалото нешто тој гледа, тој слуша, тој ја разликува волјата Божја, то ест смислата и значењето на ова најмало нешто за целиот свет, за секој човек, за цела историја.

Почитувајте ги старозаветните пророци. Тие пишуваат за настани: војни, преврати, убиства, освојувања, во светска перспектива, на некои малечки држави, за луѓе и настани одамна заборавени од сите и од точка на гледање на нашите современи проблеми, современи знаења - всушност, ништожни. Сите овие царства на историјата, меѓусебни војни на кој е посветен огромен дел од Библијата, денес можат да се поминат со авион за два-три часа. Зошто треба се тоа, не само да го знаеме и помниме, но уште и да го признаваме за свештено, боговдаховено Писмо, Слово Божјо? Затоа што пророците - во овие мали настани - самите ја гледаат и ни ја разоткриваат - волјата Божја, веќе не само за овие народи и настани, а за самиот човек, за животот, за светот. За нив, пророците, се станува знак, откровение, повик, поука. Низ малото нешто во целата своја неизречена величина се разоткрива замислата Божја за нас. Замисла не само за тоа што се извршува сега, но исто така, и пред се, за крајната цел на создадениот свет. Во оваа смисла пророштвото повикува и на сегашното, и на минатото, и на идното.

Ова “видување”, оваа волја Божја, оваа замисла Божја и ја разоткрива пророкот, со неа ги гори срцата на луѓето. Бидејќи тоа не е едноставно “објаснување” и не е едноставно “претскажување”, како кај гатачките и јасновидците. Тоа е повик, и не само повик - тоа е и суд. Тоа е разоткривање на волјата Божја и повик таа да се прими. Тоа е разобличување на злото и повик за борба со него. Тоа е пројава на љубовта Божја и повик да се љуби Бог. Црквата решително го отфрла и осудува одењето кај севозможните гатачки и претскажувачи на идното. Зошто? Затоа што ова одење го претпоставува фатализмот, и тоа значи - одрекување на слободата. Пророштвото, напротив, е страстен повик кон слобода, кон ослободување од фатализмот и пасивноста кои го поробуваат човекот.
“Ако не се покаете, ќе загинете!” Ете ја, на крајот на краиштата, суштината на пророштвото. Тоа секогаш е пројава на два, и само два пата, меѓу кои цело време, секогаш, во поголема и помала мера е повикан да одбере човекот. Патот Божји и патот не-Божји, и затоа против-Божји.

“Ако не се покаете...” Но тоа значи дека човекот може да се покае, може да го надвладее гревовниот фатализам, може да се промени, може да ја одбере волјата Божја... Мисијата на пророкот - ги гори срцата на луѓето со овој повик, ги повикува кон овој избор... Пророштвото е од Бога, од Светиот Дух. Бидејќи на нашето земно знаење не му е дадено да ја види таинствената и Божествена смисла на се она што се случува во светот. Може да се каже дури дека колку е пошироко нашето знаење за светот (а денес тоа достигнало нечуена ширина), толку е се помалку тоа длабоко. И ете возвестува тоа длабоко знаење и испраќа Свет Дух на пророците.
Треба да се додаде дека, според христијанската вера, дарот на пророштво му е даден, во некоја смисла, на секој христијанин, бидејќи секој од нас го примил дарот на Светиот Дух. Секој од нас е повикан кон длабок живот и кон длабоко знаење. И секој од нас, овој повик го задушува во себе и го заменува. И за тоа, тој да се воспостави во нас, ние се молиме во молитвата упатена на Светиот Дух: “Пријди и всели се во нас”. И уште на крајот: “Пророштвата не гаснете ги” - ни говори апостол Павле.

19. Во едната, света, соборна и апостолска Црква...

Пред се, треба да се запреме на самиот збор Црква. Во грчкиот оригинал на Символот на верата ние го наоѓаме зборот еклисија, кој на македонски јазик може да се преведе вака: “собир на повиканите”, то ест луѓе кои на тој собир ги повикале, луѓе кои со тој повик се согласиле. Говорејќи поинаку, тоа не е едноставно собир кој може да биде и случаен и нема никакво посебно назначение или задача. Не, како прво, собирот е со одредена цел, и затоа, како второ, собирот е на луѓе повикани и способни да ја постигнат оваа цел, да ја отстварат. Значи, за да се сфати централното место на Црквата во христијанската вера, ние треба да се запрашаме: кој го собира овој собир и за каква цел? На првото од овие прашања ни одговара самиот Христос во Евангелието: “Ќе ја изградам - говори Христос - Црквата моја...” Црквата ја гради Христос. Тоа е собир, тоа е единство на оние кои Христос ги повикал и ги повикува. Христос ја создава Црквата пред да им се обрне на луѓето со проповед. Навистина, Христос го започнува своето дело со тоа што ги повикува при Себе дванаесете луѓе, на кои им говори: “Не ме избравте вие Мене, а Јас вас ве избрав...” И по Неговото заминување овие дванаесетмина остануваат како Црква, и тие “ги повикуваат” луѓето да се присоединат кон нив.

 На таков начин, Црквата е основана на Христос. Тоа е Негова Црква, одговор на Неговиот повик, послушание на Неговата волја. Да се напомне ова е важно затоа што самите христијани многу често го забораваат тоа, започнуваат да ја восприемаат Црквата како своја, како организација, која, всушност, е повикана да им служи, да ги задоволува нивните потреби, нивните духовни и не само духовни потреби. Меѓутоа, како што самиот збор “црква”, пред се тоа го означува, Црквата е единство на оние кои му служат на Христа, го продолжуваат Неговото дело. Тоа не е служење на себе, а на Бога. Во што се состои служењето, или поинаку - во што е таа цел, тоа дело, заради која Христос ја заснова, или како што Тој говори, “ја гради” својата Црква? На ова второ прашање одговараат четири определувања, кои во Символот на верата му претходат на зборот “црква”. “Верувам - говори секој од нас - во едната, света, соборна и апостолска Црква”. Да се запреме на кратко на секое од овие определувања.

Црквата е една. Веднаш да подвлечеме дека овој збор не ја определува Црквата однадвор, а одвнатре. Тоа не е нејзина надворешна, а внатрешна, духовна определба. Бидејќи надворешно Црквата е разделена на множество на “цркви”, или како што говори еден од древните христијански споменици, “расеана” по целиот свет. И се разбира - каде и да е, колку и да е расеана, Црквата насекаде е повикана на луѓето да им го покажува тоа единство, кое во светот ни го јавил Христос. Бидејќи светот, човештвото живее според законот на разделувањето и спротивностите. Се на земјата ги разделува луѓето, се - дури и тоа, што некои од нив ги “обединува”, то ест, нацијата, убедувањата, идеологиите, вкусовите и слично на тоа. Гревот на светот и неговата трагедија е во тоа, што целиот живот на светот - тоа, во длабочина, е војна на сите против се - заради себе. И ете, на ова разделување Христос го противпоставува единството. Единство, пред се, со Бога, единство одозгора. Колку поблиску се луѓето на Бога, толку се поблиски еден на друг. Понатаму, единство со себе. Христос дошол кај сите и за сите, и затоа во Христа, во Неговото учење, во Неговиот живот, луѓето можат да го најдат тоа единство на верата, надежта и љубовта, кое ништо друго во светот не може да го даде. Единство, најпосле, на крајната цел, на крајниот повик на светот и човекот - како единство на сите и се во Бога. Ова единство и е Царството Божјо, и имено на ова ново единство, единство во Христа е повикана да го покажува, да му служи, да го остварува Црквата секаде и секогаш.

“Верувам - говориме ние понатаму - во светата Црква...” И повторно тој збор, секако, не означува дека Црквата се состои од свети и совршени луѓе. Тоа означува дека делото на Црквата го осветува нашиот живот, и тоа значи - да го очистуваме со силата Божја, да го ослободуваме од ропството на гревот, да го вознесуваме на Бога, да го усмерува кон горе, да го преобразуваме преку Светиот Дух.
По светоста ние ја исповедаме соборноста на Црквата. Зборот “соборна” - тоа е словенски превод на грчкиот збор “католики” кој, како прво, ја означува Црквата расеана по целиот свет и универзална, и како второ, нејзината целосност и полнота. Црквата е - вселенска, универзална, затоа што Христос и Неговото учење не се обрнати кон еден народ и не кон една епоха и култура, а кон целото човештво, кон сите култури и кон сите епохи. Ние тоа често го забораваме, ја стеснуваме Црквата и христијанството до својот народ, правиме од неа нешто тесно, провинциско, делумно. Но Христос говори: “Одете по целиот свет, проповедајте го Евангелието на целата творба...” И на ова со векови одговара Црквата: “Целата земја да Ти се поклони Тебе...”
И ова е така затоа што учењето на Христа е целосно, и тоа значи: сеопфатно, кое со себе го опфаќа целиот живот на човекот, одговарајќи на сите негови прашања, обрнато е кон целиот живот...
И најпосле, ние ја исповедаме Црквата како апостолска. Апостолите - тоа се оние први дванаесет ученици кои, како што реков претходно, Христос ги одбрал и ги направил еден вид на основа на Црквата. Зборот “апостол” на грчки означува “пратеник”. Тоа значи дека Црквата, како прво, секогаш и во вечни векови е основана на сведоштвото, на учењето, на проповедта на тие апостоли кои ги одбрал и научил самиот Христос, и како второ, дека Црквата секогаш е повикана кон апостолство, секогаш испратена во светот, кај луѓето, кон секоја творба, секогаш останува како мисија, то ест служење на делото Христово во светот. Таква е смислата на зборовите од Символот на верата за Црквата, смисла за која да си спомнеме е бесконечно важно во нашиве денови.

20. Во едно крштевање...

“Исповедам едно крштевање, за опростување на гревовите...” Евангелието по Матеј завршува со заповедта на Исуса Христа на своите ученици: “Дадена Ми е секоја власт на небото и на земјата; одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, учејќи ги да чуваат се што сум ви повелал, и Јас сум со вас во сите денови до свршетокот на векот. Амин”.
Во светлината на овие зборови, а исто така во светлината на смислата на зборот “крштевање” како што тој се употребува во Евангелието, ние и треба да се погрижиме да го сфатиме исповедањето на крштевањето во Символот на верата.

Ќе започнеме со последното. Ако Евангелието завршува со заповедта да се крстат сите народи, тогаш тоа започнува со расказот за крштевањето, со кое крштевал Јован Претеча, и кое од него го примил во реката Јордан и самиот Христос. За современиците на Евангелието крштевањето, на грчки “баптизам”, то ест символичко нурнување во водата, било сфатлив обред. Тоа означувало дека човекот се спознал себе извалкан од гревот, се кае и жедува да се очисти, да му се прости, и повторно да се роди. Водата, изворот на животот, изворот на очистувањето, овде била најсоодветен, “самоочигледен” символ, а нурнувањето во водата - најраспространет обред. Примајќи го крштевањето од Јован, Христос на овој обред му дал нова смисла. Тој го соединил овој обред со Себе. “Ете го Јагнето Божјо, кое ги зема на себе гревовите на светот” - говори Јован Крстител, гледајќи го Исус како му се приближува. И кога пред вознесението на небото воскреснатиот Христос им заповеда на апостолите да ги крстат сите народи, тоа значи дека Тој им остава на нив и на нивните следбеници, на заедницата на сите оние кои ќе поверуваат во Него - знак, дар, сила на простување на гревовите и обновување на животот, кој Тој, Синот Божји и Спасителот, им го донел на луѓето. Учењето на Христа за љубовта кон Бога и кон ближниот, за праведноста и чистотата може да се восприеми со умот. Но на секој оној, кој макар еднаш во животот го прочитал Евангелието, не може, а да не му стане очигледно, дека примањето на учењето на Христа во христијанството, во Евангелието е неразделно од верата во Него. Бидејќи Неговото учење - не е философија, не е морал, и односот кон тоа учење не зависи од нашиот однос кон тоа, која философија и морал ни го предлага. Учењето на Христа - тоа е пред се, блага вест, возвестување дека во светот се јавил Бог, и се јавил - за да ги спаси луѓето од гревот и смртта, да им дарува нов, свет живот. Затоа оној кој поверувал во Христа жедува за соединување со Него, жедува за дарот на спасението, за нов живот. Крштевањето во христијанството - е знак на овој дар, или, како што говори Црквата - тајна; во тајната, то ест во нурнувањето во водата во името на Отецот, Синот и Светиот Дух - невидливо се отстварува соединувањето со Христа, и во Него со Бога Отецот и со дарот на Светиот Дух.

Апостол Павле говори дека во крштевањето ние се соединуваме со Христа низ подобието на смртта и воскресението. Нурнувањето во водата - тоа е знак на смртта, смртта на човекот, во неговата потполна заробеност во материјата, гревот, егоизмот, страстите. Излегувањето од водата - тоа е знак на воскресение и оживување, почеток на нов живот во единство со Христа. Христос - според верата на Црквата - воскресна од мртвите и смртта, според зборовите на апостол Павле, врз Него повеќе нема власт. И ете, својот воскреснат и бесмртен живот, својата љубов, силата на својата победа Тој ни ја дарува во крштевањето. Оттука е таа восхитувачка радост, која го опкружува крштевањето во раната Црква, оттука е верата во него, како во духовно, но реално соединување со Христа. “Сме се погребале со Него низ крштевањето во смртта, како и Тој да одиме во обновен живот” - пишува апостол Павле.

За христијаните крштевањето - тоа е основа на Црквата. Бидејќи Црквата, т.е. заедницата на верните во Христа, тоа не е едноставно организација за распространување на учењето на Христа и за взаемна помош и подршка. Тоа е единство во Христа на сите оние кои од Христа го примиле дарот на новиот живот и простување на гревовите. Единството на верата, т.е. примањето на Христа како Бог и како Спасител. Единство на љубовта кон Него, и во Него - еден кон друг. Расејана по целиот свет, среде сите народи, Црквата сочинува нов народ Божји, кој не е соединет преку крвта и плотта, ни преку земни интереси, како што се државата и нацијата, не преку јазикот, и дури не преку заедничката историска судбина, а народ соединет преку верата во Христа, љубовта кон Него и Неговиот опит на присуство. “Јас сум со вас во сите денови до свршетокот на светот”.

На земјата човекот се раѓа како член на определен народ или нација. Но христијанинот се раѓа и стапува во новиот народ Божји преку крштевањето. “Водата на крштевањето - пишува еден христијански светител - за нас е гроб и мајка”. Гроб затоа што во оваа вода човекот умира, ограничен само на земното и материјалното, само на “плотта и крвта”. Мајка затоа што во оваа вода се раѓа новиот човек, простен, очистен, повторно роден, кој веќе овде и сега живее со нов и вечен живот...
Цело време луѓето Му приоѓаат на Христа, го слушаат Неговиот глас, Му го даваат своето срце, својата љубов, својот живот. Ова самопредавање на Христа и е крштевањето. Давајќи се себе на Него, тие од Него го примаат Неговиот живот, Неговото самопредавање на нас. И ова самопредавање на Христа на нас - е крштевањето.

21. Го чекам воскресението на мртвите...

До тука, низ целиот Символ на верата клучен, краеаголен збор беше почетниот: “Верувам...” Тоа се подразбираше во секое тврдење: верувам - во единиот Бог, верувам - во Неговиот Син Исус Христос, верувам - во Неговото воплотување “заради нас луѓето и заради нашето спасение”, верувам во Светиот Дух, и најпосле, верувам во Црквата.

Но ете сега, во заклучното тврдење, кое како да ја сумира целата наша вера, целата ја опфаќа и ја обединува, ние слушаме друг збор. Тој збор е - го чекам, то ест во превод од црквенословенски го очекувам. Го очекувам воскресението на мртвите и животот на идниот век. На овој збор ни следува да се запреме, на него - духовно да се восхитиме... Бидејќи не само зборот “вера”, но и тврдењето “јас верувам” може различно да се преживува и сфаќа. Да се рече, на пример, “јас верувам во непоколебливите закони на природата” - се уште не го разоткрива мојот личен, внатрешен однос ни кон оваа непоколебливост, ни кон самите закони, не изразува ни радост, ни печал за нив. Но кога, набројувајќи го се она во што верувам, јас додавам - очекувам, тоа значи дека мојата вера во мене се претвора во некоја активна состојба која ме проникнува и вака или онака го определува мојот живот. Јас верувам и затоа очекувам. Јас го очекувам она во што верувам. Тука очекувањето се разоткрива како усмереност, како дејство на верата, а верата - како извор на очекување. Словенското “чекам” е посилно од руското “очекувам”. “Го чекам” во себе ја вклучува желбата за тоа што го очекувам, радоста за неа како за среќа која ми се приближува. Но да се чека, да се очекува во оваа смисла може само нешто што јас веќе, макар делумно, го знам. Ете тука и ни се разоткрива она што јас го нарекувам посебност - радосна и бесконечно длабока - на христијанската вера. Оваа вера - не е во тврдењето на апстрактните умствени вистини. Таа самата, пред се, е средба со Оној Кого таа го потврдува, и затоа - знаење, видување на душата, проникнатост на срцето. Јас го чекам, го очекувам воскресението на мртвите, затоа што самата вера во мене, макар во добрите, чисти и високи минути од мојот живот, е проникната со пасхалната светлина, со тајно, но толку радосно знаење, дека Христос воскресна од мртвите, за да ни го отвори патот кон нашето воскресение. Тој ни ја дарувал својата бесмртност, која од гробот засветли, живот ослободен од смрт, и со самото тоа - нашата смрт ја направил влез, приближување, начало на победата. Јас го очекувам, го чекам воскресението на мртвите, затоа што тоа ми е дарувано, затоа што целата христијанска вера не е ништо друго, освен внатрешно, недокажливо со умот, а сепак очигледно знаење, дека човекот е повикан за вечност.

Ете зошто Символот на верата се завршува со ова радосно го чекам, го очекувам... Животот тече. Секој ден ни ги носи своите таги и радости. Паѓаме, стануваме, повторно паѓаме... Но ако некогаш во нашата душа влегла верата, ако се одржала, се случила, некогаш речиси сосема незабележлива, средба со Христа, и во Него - со Благиот и љубовен Отец, ако душата ја допрело дишењето /здивот/ на Светиот Дух, ако ни се разоткрил не надворешниот, а внатрешниот живот на Црквата, нејзиното постојано восходење кон трпезата на Царството, ако сме го возљубиле лачезарниот образ на Девата Мајка, со срцето сме ја увиделе љубезната насмевка на преп. Серафим, внатре во себе сме го слушнале гласот кој вечно не вика дома, кај Бога - тогаш “верувам” во нас се претвора во “го чекам” - “го очекувам”. Го сакам, го љубам, го очекувам... И надворешно, можеби, ништо не се случило и не ќе се случи, со мојот живот. Но во неговата длабочина се зацарува тоа “го очекувам”. О, суетата на животот цело време ќе го задушува, ќе бидам затрупан од секојдневието. Но до крај не ќе заборавам, до крај не ќе ја предадам оваа светлина, оваа радост, овој нов живот, кој тивко се загорел во мене.

“Го чекам воскресението на мртвите и животот на идниот век”. Со некој раб на душата веќе сум го вкусил овој живот и знам дека тој уште сега, уште тука започнал и е достапен. И затоа секој кој верува во Христа не бара помош од Него само во “овој век”, во овој живот. Тој Го очекува. “Дојди, Господи Исусе!”

Завршен е Символот на верата, и самата вера живее и победува, знае и очекува...

(Продолжува)

Подготви: А. И.

Друго:

 


 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3118
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7588
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

13/11/2024 - среда

Светите апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј и Аристовул; Светиот маченик Епимах; Светиот маченик Никола Хиоски; Преподобните Спиридон и Никодим;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

О достославни ученици Христови,вие Бисерот го најдовте,радоста со родот човечки ја споделивте,со неа исполнети маките и прогоните за трици ги...

Тропар на св. Христови апостоли  Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Апостоли свети Христови,трагајќи по патот на слободата Христа го пронајдовте,со учењето за бесмртноста темнината на незнаењето ја осветливте,молете се о...

Тропар на светата Христова великомаченица преп. Анастасија Римјанка 29 октомври / 11 ноември 2024

Тропар на светата Христова великомаченица преп. Анастасија Римјанка 29 октомври / 11 ноември 2024

Света девојко Анастасио,ние кои те прославуваме,срцата кон Небесата  ги подигнуваме,со солзи духовни радосно твоето име го повикуваме,моли се за нас...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная