„Чувството за праведност пребива и во срцето на најгрешниот човек. Извитоперен, себичен, болно чувствителен, кај него чувството за праведност не умира дури и кога му совеста му е изгорена, а срамот погребан.
Вистината е едно од Божјите имиња, таа е суштинско својство на Творецот, што по сродство му е својствено и на човекот. Но, како и љубовта, добрината, сезнаењето и семоќноста, таа кај Бога не може да биде самостојна добрина, одвоена од другите.
A, кај созданијата, после падот, може. И во тоа е суштината на трагедијата на гревопадот: кога Божјите дарови, фрлени во плевелот на страстите, започнуваат свој самостоен живот.
Тогаш имаме љубов без правда и правда без љубов,
вера без знаење и знаење без вера,
сила без милост и милост без расудување.
Да позборуваме за правдата без љубов.
Овој тежок разговор морам да го започнам со исповед. Моето обраќање кон Бога и Црквата се случи 90-тите години од минатиот век, и беше неочекувано за мнозина, а од голема важност за мене.
Кон Бога се обратив не сам, туку со мојата сестра. Пред нас се отвори еден светол, дотогаш непознат и неизмерно благодатен свет на православието.
Се покајавме, се измивме, со озаривме, и во овој свет влеговме како мали деца, верувајќи му. Околината ни изгледаше достојна, света, како што и ја замислувавме: тоа беа луѓе кои се беа посветиле на жртвено служење на ближните.
За време на годините на глад ги хранеле и облекувале сиромашните, им помагале на затворениците, на сиропиталиштата и на многудетните семејства. Се случи еднаш, на празникот на преп. Сергеј Радоњешки, во Троице-Сергиевата лавра, сестра ми да добие благослов од еден познат и многу почитуван владика.
Среќна, таа потрчала да ја сподели нејзината радост со една монахиња која се грижеше за нас, мали деца во Христа. Монахињата беше многу добра, пожртвувана до самозаборав, ревносна, кристално чиста и чесна.
Одговорот што таа ѝ го дала на сестра ми бил: „Како ужас! Па тој е главниот соработник на КГБ!“
И само оваа реченица направи следните десет години јас и сестра ми да ја анализираме книгата на митрополитот Јован Сничев за митрополитот Маноил Лемешевски, професионално и немилосрдно бележејќи ги и коментирајќи ги сите извори кои наводно сведочеа за соработката на митрополитот Маноил со тајните служби.
И во тоа време се случи на гости да ни дојдат духовни чеда на митрополитот Јован. Се разбира, ние не издржавме, и со нив ги споделивме нашите „откритија“.
Тие, пак, сосем изгубени, само ни рекоа:
„Нам ни се доволни нашите гревови“.
Секако, ние не бевме задоволни со таквиот одговор, но премолчено одлучивме дека рано е на нив, мали деца, да им даваме тврда храна. А длабоко во нас остана горчливиот вкус на нивното беспомошно:
„Што има ние да им судиме на другите?“ Злорадоста, зајадливоста и осудата на „отпадниците ја врзуваа нашата заедница на истомисленици со цврсти врски.
И, барем така изгледаше, имавме и љубов, но само кон „нашите“, верните и предадените. По цело време ги „млатевме“ епископите од врвот на Црквата – „екуменистичкиот епископат“. Мислевме дека токму тие се оние за кои пророкувал св. Серафим Саровски.
Да, можеби беше задушливо да се живее во таква атмосфера, но беше и топло, понекогаш дури и жешко. Одвреме-навреме се појавуваа сомнежи околу исправноста на патот што го бевме избрале, но тие сомнежи секогаш ги отфрлавме како ѓаволски искушенија.
Но, длабоко внатре, заклучено позади седум брави и катанци, завиено во непробоен превез на срав, се криеше чувството на длабока тага и беспомошност.
Сето ова се примени еден ден, кога светогорскиот старец, схимонахот Гавриил, рече:
„Вашиот духовник не е во право!“ Знаете, тој го кажа тоа со голем авторитет. И набрзо после тоа, сè се измени. Беше тешко, имаше кавги и навреди, но над сето тоа го чувствувавме чувството на новостекната слобода и полнота на постоење.
Најверојатно така се чувствува пеперутката која излегла од лаврата, или излечениот болен човек кој со полни гради дише свеж воздух.
Нашата радост страдаше од тага затоа што нашите ближни останаа заробени во таа капсула, во мракот на нивната човечка правда – правда без љубов, решени да се задушат во занесот на нивната самопрогласена
праведност – праведност без вистина.
Затоа и ми е тешко да пишувам за ова, за оваа незарасната рана што ми го пара срцето. Како последица на самопрогласената добрина, следи самодоволното мислење за себе кое ги карактеризира „борците“ за чистотата на верата и моралот.
Нема да наведувам примери, доволно е да погледнете некои навидум православни и зилотски сајтови...“
30.04.2017 год.
Избор од ФБ на Мина
Извор: http://pravoslavie.mk.
Друго: