ЗА ПРИЧЕСТУВАЊЕТО НА СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ И ВЕРНИЦИТЕ
Причестување на свештенослужителите
Откако свештеникот (или ѓаконот) ќе ја влее топлотата во Путирот, почнува причестувањето на свештенослужителите. Како што веќе рековме, служењето на Литургијата без примање на Света Причест за јерејот е незамисливо. Канонските правила тоа одлучно го забрануваат (8 правило на светите апостоли). Исто така и за ѓаконите - ако во некои, сосема исклучителни случаи е и дозволено - не е ни малку појава за пофалба, што секогаш треба да се одбегнува.
Денешниот Устав пропишува причестувањето на јереите и ѓаконите да се врши во олтарот на следниов начин: Олтарските двери, не само Царските, туку и оние страничните мора да бидат затворени, а пред затворените царски двери, на солеата мора да биде поставена запалена свеќа на свеќник.
Певците за тоа време го пеат "киноникот" или причесниот на празникот или денот. Бидејќи пеењето на краткиот причесен обично не трае доволно долго за да можат свештенослужителите (за тоа време) да го завршат причестувањето, обично, покрај киноникот, се пеат и други песни на празникот или денот, или пак, се читаат молитви пред Света Причест. Понекогаш во тоа време се кажува поука на верниот народ. Но, во тоа време би требало да се избегнува пеењето на т.н. "концерти", па на колку познат композитор тие и да му припаѓаат, зашто тие по својата овосветност и накитеност на стилот ја нарушуваат светоста на тој момент.
Би било сосема корисно тој момент на светата Литургија да се посвети на поучно читање или пеење. Ако на свештеникот му претставува тешкотија да одржи проповед, или пак, ако нема друг проповедник, живиот збор може успешно да биде заменет со некакво поучно читање. Треба да се напомене дека со Уставот е предвидено во текот на богослужбата да се читаат поучни извадоци од делата на Светите отци или од Житијата или од Отечникот. Со Уставот е предвидено на сеноќното бдение да се читаат од шест до седум таканаречени "уставни читања", т.е. посебно одбрани извадоци од свето-отечките толкувања на одредени книги од Стариот и Новиот завет, или извадоци од житијната литература како што се: Лавсаик, Лествица, Пролог, Синаксар и сл. Тие извадоци се читаат по читањето на катизмите од Псалтирот, по третата и шестата песна на канонот или на крајот од бдението, а пред првиот час (како на пример, Поука на преп. Теодор Студит). Тие извадоци претставуваат богато четиво за богословско, аскетско и мистично изградување. Внимателно слушајќи ги таквите поучни читања, древните Византијци и Руси во храмот не примале академско и школско, туку едно сестрано богословско образование и своевидна (духовна) ерудиција, која христијаните подоцна ја загубиле. Денес вакво читање не се спроведува во сите православни храмови, или поради недостаток на време, или поради недостаток на потребните книги. На верниот народ, во времето на причестувањето на свештено-служителите, би можело да му се чита од книгите кои ги поседува црковната библиотека. Можат, исто така, да се пеат и за верниот народ и - изградувачки богослужбени песни (ирмоси, стихири, догматици и сл.), одбрани во склад со празникот или денот.
Во олтарот се причестуваат свештеници и само свештеници. Свештениците кои се под забрана (на свештено-дејствување) се причестуваат, според мислењето на митрополитот московски Филарет, исто така, во олтарот, но не самостојно, туку така што ги причестува јерејот кој служи, при што јереите ги причестува од десната, а ѓаконите од левата страна на Светата Трпеза.
Свештениците кои не служат, за примање на Светата Причест го облекуваат епитрахилот, фелонот и нараквиците, а ѓаконите кои не служат стихарот, орарот и нараквиците. На болните свештенослужители кои не служат - за да се избегнат (евентуалните) несакани движења, а и од страв да не ја истурат Светињата - Светите Дарови им се даваат со лажичка, а не одвоено.
При соборното служење најпрво се причестуваат постарите, а потоа помладите свештенослужители. При служењето на свештеник со ѓакон, најпрво свештеникот го причестува ѓаконот со Светото Тело, а потоа и самиот се причестува со Светото Тело. Потоа свештеникот се причестува со Светата Крв, па го причестува со Светата Крв и ѓаконот. Свештено-служителите се причестуваат од раздробената честица ХС, а ако се повеќе и ако таа честица не е доволна, може да се раздроби и една од честиците НИ или КА.
Откако ја влеал топлотата и ја раздробил честицата ХС, свештеникот, ги брише прстите на рацете со антиминскиот сунѓер, ги подига рацете и говори заедно со ѓаконот: "отпушти, остави, прости..." и прави земни поклони. Тие потоа се поклонуваат еден на друг и на другите кои се во олтарот. Тие исто така се поклонуваат и на верниот народ кон запад, велејќи: "Простете ми, отци и браќа, се што погрешив со дело, со збор, сомисла и со сите свои сетила"
Јерејот потоа му се обраќа на ѓаконот велејќи: "Ѓаконе, пријди." Ѓаконот приоѓа кон Светата Трпеза од левата страна, прави земен поклон и вели: "Пристапувам кон бесмртниот Цар и Бог мој". (Овие зборови не се наоѓаат во Службеникот, туку во Чиновникот, откаде што се земаат по аналогија) и Дај ми го, Владико, чесното и свето Тело на нашиот Господ и Бог и Спасител Исус Христос". Ѓаконот, потоа, го целива светиот антиминс и раката на свештеникот што му го дава Светото Тело. Свештеникот му дава на ѓаконот честица од Телото Христово велејќи: "На (името) свештено-ѓаконот се предава чесното и свето и пречисто Тело на нашиот Господ Бог и Спасител Исус Христос, за оставање на гревовите и заживот вечен"
Телото Христово се дава со десна рака и се прима на десната дланка која е ставена врз левата дланка. Свештено-служителот со наведната глава, за себе, ја чита молитвата пред Светата Причест над Телото Христово, потргнувајќи се претходно на страна. При соборна служба, треба посебно да се обрне внимание свештенослужителите со Телото Христово во рацете да не минуваат зад грб на другите свештеници.
Свештеникот за време на причестувањето постапува слично како и ѓаконот и тоа: прави земен поклон говорејќи: "Пристапувам кон бесмртниот Цар и Бог мој..." се крсти, го целива Светиот Антиминс и говори: "Чесното и пресвето Тело на нашиот Господ и Бог и Спасител Исус Христос ми се предава мене (името) свештеникот, за оставање на Гревовите мои и на живот вечен." Тогаш ја зема со лева рака честицата на Светото Тело Христово и ја става на дланката од својата десна рака. Десната дланка ја придржува со левата, како и ѓаконот, токму онака како што се постапува при примање на свештеничкиот благослов. Потоа ја наведнува главата над Телото Христово и за себе ги кажува пропишаните молитви, а потоа се причестува. По причестувањето со Светото Тело, свештенослужителите ги прегледуваат своите дланки, со јазикот ги собираат сите останати честици прилепени на дланката и со антиминсниот сунѓер грижливо ги бришат дланките. Потоа се причестуваат со Светата Крв.
Свештеникот и ѓаконот пред примањето на Светата Причест ги читаат истите молитви што ги читаат и мирјаните: "Верувам Господи, и исповедам..." "Прими ме денес, Сине Божји, за причесник на Твојата Тајна Вечера" и "Причеста со Светите Тајни да неми биде за суд или за осуда..."
За да се причести со Светата Крв јерејот со двете раце го зема Светиот Путир заедно со убрусот (ткаенината за брише¬ње на устата) и трипати од Него пие претходно велејќи: „Со чесната и света Крв на нашиот Господ и Бог и Спасител Исус Христос се причестувам јас, работ Божји, свештеникот (името), за оставање на Гревовите и за живот вечен. Амин.“ Служебникот не пропишува за време на самото причестување од Светиот Путир нешто да се зборува, но во пракса, сепак, се изговараат одредени молитви. Не ги изговараат сите истите молитви. Едни кажуваат: "Во името на Отецот, и Синот и Светиот Дух. Амин“, а други: „Свети Боже, свети Крепки, свети Бесмртни, помилувај не“ Според мислењето на митрополитот Филарет, поправилно е да се произнесува „Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин?“
Јерејот треба да внимава да не остане од Чесната Крв на мустаќите (и брадата). Во „Поучно упатство“ им се обрнува внимание на свештениците да водат сметка за "долгите мустаќи". На Исток свештенослужителите (поради тоа) ги поткаструваат мустаќите. Откако ќе ја избришат внимателно устата и работ на Путирот со убрусот, свештенослужителите веднаш по причестувањето го целиваат Светиот Путир. Додека тоа го прави ѓаконот, јерејот вели: „Овој Путир се допира до усните твои“, а пред самиот да го стори тоа ја изговара следнава формула: „Овој Путир се допира до усните мои, и ќе ги земе беззаконијата мои, и гревовите мои ќе ги исчисти.“ (Иса. 6,6).
Откако ќе се причести најпрво самиот, свештеникот го повикува ѓаконот кон причестување со Светата Крв: „Ѓаконе, пријди“ Ѓаконот се поклонува, (но, се разбира, не со земен поклон) и вели: „Еве пристапувам кон Христа, бесмртниот Цар.“ и „Дај ми ја владико пречесната и пресвета Крв на нашиот Господ, Бог и Спасител Исус Христос“ Јерејот, потоа, му вели на ѓаконот: "Слугата Божји - ѓаконот (името) се причестува со пречесната и пресвета Крв на нашиот Господ, Бог и Спасител Исус Христос за отпуштање на гревовите и заживот вечен“.
Ѓаконот, како што веќе е речено, ја брише устата и го целива Светиот Путир.
Треба да се забележи дека кај нас, (православните на Запад - заб. на прев.) се востанови обичај пред причестувањето да се споменува и чинот и степенот т.е.: „се причестува свештеноѓаконот“ или „јероѓаконот“ или „протоѓаконот“ или „архиѓаконот“, односно „се причестувам јас јерејот“ или „протојерејот“ или „игуменот“ или „архимандритот“. На Исток тоа го нема. На Исток ниту за време на причестувањето, како ни во текот на Големиот Вход, не се споменуваат чиновите или степените на свештенослужителите, туку се вели едноставно „ѓаконот“ или „јерејот“. Не треба ниту да се истакнува дека моментот на причестување не е момент за прибројување на своите одликувања и степени во црковната ерархија.
Треба да се укаже на една практична работа, а тоа е дека на Светата Трпеза треба да има две покривала или убруси за бришење (по Светата Причест): едниот служи при причестувањето на свештенослужителите, а другиот е наменет за употреба за време на причестувањето на мирјаните. Тие покривала, секако, не се перат, а кога ќе се истрошат, се горат, а пепелта се истура на предвиденото место под Чесната Трпеза.
По причестувањето на свештенослужителите следи причестувањето на верните. Свештеникот и ѓаконот треба да го исполнат следново:
1) Свештеникот да ја прочита благодарната молитва. Таа молитва не е истоветна во Литургијата на свети Јован Златоуст и во Литургијата на свети Василиј Велики.
Во Литургијата на свети Јован Златоуст таа гласи:
„Ти благодариме човекољубив Владико, добротвору на нашите души, што во денешниот ден не удостои со Твоите небесни и бесмртни Тајни. Исправи го патот наш (Изреки 3, 6), утврди не сите нас во стравот Твој, чувај го нашиот живот, зацврсти ги нашите чекори (Псал. 16, 5) по молитвите и молбите на славната Богородица и Секогаш дева Марија и на сите Твои Светии.“
Во Литургијата на свети Василие Велики таа гласи:
„Ти благодариме, Господе Боже наш (Откр. 11, 17), за причестувањето со светите, пречисти, бесмртни и небесни Тајни, што си ни ги дал заради добротворење, осветување и исцелување на нашите души. Ти сам, Владико на сите и на се, направи причестувањето со Светото Тело и Крвта на Твојот Христос (1. Кор. 10,16) да ни биде за вера непосрамна, за љубов нелицемерна (Рим. 12, 9), за умножување на мудроста (Проп. 1, 16), за исцеление на душата и на телото, за изгонување на секаков противник, за извршување на заповедите Твои, на благоугоден одговор на Страшниот Суд на Твојот Христос.“
Другите благодарни молитви (што ги има пет: „Ти благодарам, Господе Боже мој, што мене грешниот не ме отфрли...“, „Владико Христе Боже, Цару на вековите...“, „Создателу мој, Кој доброволно си ми го дал Телото Твое за храна...“, „Твоето свето Тело, Господе Исусе Христе Боже наш...„ и “Пресвета Владичице Богородице...“), ги читаат свештениците обично по Литургијата, или за себе во олтарот или, пак, некој од певницата на глас за сите оние кои тој ден се причестиле. Свештеникот особено треба да води сметка благодарните молитви (по Светата Причест) да се читаат и во тоа да ја воспитува својата паства.
2) Да ја испијат топлотата, да го изедат антидорот и да си ги измијат рацете. Тоа треба да се направи по употребата на Светите Дарови. Ако служи сам, свештеникот тоа го прави дури по завршувањето на Литургијата. Ако пак, Светите Дарови ги употребува ѓаконот, тогаш свештеникот може да ја испие топлотата и да си ги измие рацете веднаш по Светата Причест.
3) Да ги раздробат (во случај да има причесници) честиците НИ и КА и да ги положат во Светиот Путир. Ако нема причесници, тогаш ѓаконот целата содржина од дискосот (или свештеникот, ако само тој ја служи Литургијата) ја става во Светиот Путир за време на читањето на молитвите: "Откако го видовме Воскресението Христово...", "Свети се, свети се Нови Ерусалиме...", "О, голема и најсвета Пасхо, Христе..." и, конечно, "Измиј ги Господи со светата Крв Твоја, гревовите на овде спомнатите слуги Твои: по молитвите на Богородица и на сите Твои светии". Ако има причесници, свештеникот ги раскршува и во Светиот Путир ги става честиците НИ и КА, додека другите честици (на Богородица, честиците на деветте чинови и др.) ги става во Светиот Путир по причестувањето на верните, говорејќи ги притоа истите овие тропари.
Ова е особено важно од гледна точка на мистичното дејство. Соединувањето на честиците, како на прославените Светии, така и на сите други, со Крвта Христова, означува дека Мајката Божја, Светиите и сите христијани, чии имиња беа спомнати (на проскомидијата), тесно и живо учествуваат со присутните верници во благодарното (евхаристиско) спомнување на Смртта и Воскресението Господово. Господ ги мие со Својата Крв гревовите на сите оние кои се спомнати на проскомидијата. Нашата византиска Литургија за разлика од сите древни источни и западни литургии има, во симболична смисла, многу разработена проскомидија. Образот на Небесната и вселенската Литургија од почетокот до крајот ја проникнува нашата Литургија, отворајќи се пред духовниот поглед на оние што се молат: Спомнувањето на имињата на проскомидијата за многу верници е единствен начин на молитвено учество во Светата Литургија, иако факт е дека не сите, туку веројатно само мал број од нив, знаат што навистина се случува со честиците на проскомидијата, која е смислата на спомнувањето на имињата и која е вселенската и севремената смисла на Литургијата.
4) Ѓаконот (или свештеникот) по тоа треба внимателно да ги прегледа дискосот и самиот Свет Антиминс за на нив случајно да не останале трошки т.е. честици од Светото Тело. Со Антиминсниот сунѓер треба внимателно да се избрише дискосот и потоа од него да се соберат, како и од самиот Антиминс, сите честици во Светиот Путир.
Во чинот на причестување на свештенослужителите се забележуваат следниве разлики на нашиот (словенскиот) и грчкиот (литургискиот) поредок. Кај Грците свештеникот не го причестува ѓаконот веднаш по влевањето на топлотата, туку најпрво се причестува сам, а дури потоа (го причестува) ѓаконот. Ерусалимската редакција, освен тоа, меѓу молитвите пред Светата Причест ги содржи не само оние молитви кои ги има во нашите Служебници, туку дополнителните молитви кои се наоѓаат во нашите Правилници, и тоа: "Еве пристапувам кон божествената Причест...", "Човеку, ужасни се, гледајќи ја Крвта што обоготворува", "Ме осладости со љубовта Своја Христе..." и "Како ќе влезам во сјајот на Светите Твои, Владико Човекољупче, јас недостојниот..."
Освен тоа ерусалимската редакција пропишува при причестувањето од Светиот Путир да се говори: "Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.Амин" Со тоа се потврдува правилноста на ставот на митрополитот Филарет.
(Продолжува)
Прот. Владимир Амфитеатров- КУСИ ПОУКИ ЗА ОНИЕ КОИ СЕ ПРИЧЕСТУВААТ
Извор: Ѓаконија, Скопје 2002
Главен и одговорен уредник:
Митрополит Брегалнички г. Агатангел