Старец Порфириј Капсокаливит
Христијанската душа треба да биде истенчена, да е осетлива и чувствителна, да лета, некогаш да лета, да живее во „сни“. Да лета во бескрај, меѓу звездите, до Божјите величенства, во тишина.
Кој сака да биде христијанин, најпрво треба да стане поет. Тоа е тоа! Треба да сочувствуваш, да љубиш и да сочувствуваш. Да сочувствуваш со оној кој го љубиш. Љубовта се труди за љубената личност. Поднеси жртви. Ништо не земај во обзир, ниту заканите, ниту тешкотиите, а сето во име на љубовта. Љубовта спрема Христос е нешто сосема друго, бесконечно повозвишено.
Кога велиме љубов, не станува збор за добродетелите кои ќе ги стекнеме, туку за срцето кое ги љуби и Христа и ближните. Се’ насочуваме во тој правец. Гледајќи ја мајката со детенцето во раце, зарем не гледаме како го љуби и како нејзината душа е исполнета со копнеж? Зарем не гледаме како и’ блеска лицето додека во своите раце го држи своето ангелче? Божјиот човек сето тоа го гледа. Тоа остава впечаток на него и тој, духовно жеден, вели: камо среќа и јас да почувствувам таков копнеж за својот Бог, за својот Христос, за Пресветата Богородица, за светите Божји угодници! Да, така треба да Го возљубиме Христа Бога. Сакаш, сакаш и ја стекнуваш Божјата благодат.
Дали ние, меѓутоа, во себе имаме пламен на љубовта спрема Христос? Кога сме преморени, дали итаме да се одмориме во молитви кон Љубениот или Му се молиме со мака, со зборовите: о, сега уште морам да ја завршам и молитвата и молитвеното правило?…Што ни недостига и зошто така се чувствуваме? Ни недостига божествената љубов. Таква, изнудена молитва, нема вредност. Можеби, згора на тоа, да ни нанесе зло.
Извор: Маран Ата