логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


 

Интервју со јеромонахот Кирил од мисионерскиот центар и монашка заедница „Свето Вознесение“ на Руската Задгранична Православна Црква во Мелбурн, Австралија


Човештвото, посебно западниoт свет, во денешното време наголемо тргнало да оди по широкиот пат. Тој дух на хедонизам и конформизам владее и во далечната Австралија. Монаштвото пак, е избор на одење по тесниот пат и сведоштво на Христос во овој свет. На овој континент постои голем глад за автентичен духовен живот, а малку вакви монашки центри кои би го задоволиле. Околу манастирите и монаштвото се собираат претежно млади луѓе, привлечени од ним дотогаш непознатото сведоштво на Христос и желни да ја запознаат што подобро православната вера, која за повеќето од нив е верата на нивните предци, и да ја живеат. Јеромонахот Кирил, млад Австралиец, е настојател на еден ваков мисионерски центар и монашко братство во Мелбурн, под омофорот на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Иларион од Руската Задгранична Православна Црква. Заради нашите многубројни обврски средбата постојано се одложува, и конечно успеваме да го реализираме интервјуто за „Премин“ на денот на Вознесението Христово, празникот на кој е посветен манастирот на о. Кирил.


Отец Кирил, благослови! Ќе нè запознаеш ли накратко со твоето потекло?


Отец Кирил: Божјиот благослов нека биде со сите вас! Ви благодарам за можноста да го споделам својот опит со вашите читатели. Се родив и пораснав во Мелбурн, Австралија и таму го поминав поголемиот дел од мојот живот. Од мешан брак сум: мојот татко и неговите предци се Грци, чија лоза може да се следи на различни места во рамките на она што порано беше Отоманска империја и пред тоа Византиско царство; а мојата мајка е Ерменка од египетска Александрија. Нејзините ерменски предци со текот на времето се населиле во Александрија кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, како резултат на нивното прогонство од Отоманската империја, слично на многу луѓе кои во тоа време бегале од систематскиот геноцид од страна на отоманските Турци. Сметам дека растев благословено, во љубовна атмосфера. Некаде на возраст од околу 15-16 години почнав повеќе да се интересирам за православната христијанска вера и да одам во различни парохии, претежно грчки православни, учествувајќи во активностите на нивните парохиски младински групи и здруженија.

По завршувањето на средното училиште и студирањето на Универзитетот и по неколку години ситни физички работи во светот, многу луѓе од парохиите во кои одев ме убедуваа да се запишам на богословски студии со цел да станам свештеник. Не го зедов ова така лекомислено и дури и го одложував ваквиот чекор низа години, сè додека не добив соодветна духовна поука и совети и, се разбира, после многу молитва.

Бидејќи бев во Грчката Православна Црква, одлучив да се запишам на нивниот богословски колеџ „Свети Андреј“ во Редферн, Сиднеј, кој е акредитирано училиште од сиднејскиот College of Divinity.

По дипломирањето на семинаријата, се вратив во Мелбурн со мисла да станам монах и свештеник во Руската Православна Црква заради нејзината силна мисионерска традиција. Со ова не велам дека православните Грци немаат мисионерска традиција, напротив, тие денес вложуваат огромни усилби во Божјото дело низ цела Африка и во делови од Азија. Но, мене отсекогаш особено ме привлекуваше Руската Православна Црква и нејзината понова традиција на мисионерска работа во места како Аљаска, Кина, Јапонија, Америка, и со светители како Герман Аљаски, Николај Јапонски и Јован Шангајски и Сан-Франциски; како и дури понеодамнешната работа во места како Индонезија и Уганда.

Јас го чувствував повикот, се разбира, за Австралија, за нашиот двор така да речам, и имав желба за мисионерска работа во Австралија и за служење на англиски јазик, бидејќи отсекогаш било традиција кај православните христијански мисионери уште од најрани времиња да одат и да го проповедаат словото Божјо на одреден народ на неговиот мајчин јазик. И тука сум сега, скоро четири години подоцна како јеромонах-мисионер на Руската Задгранична Православна Црква.


Зошто некој го одбира монашкиот живот наспроти сите удобности што ги нуди ова конформистичко општество? Ќе ни кажеш ли кој и како имаше најголемо влијание на твојата одлука да го живееш монашкиот подвиг?


Отец Кирил: Не можам да одговорам зошто некој го одбира монашкиот живот генерално. За некои луѓе изборот може да е од лични причини, кои тие не сакаат да ги споделат со други или пак не можат да ги преточат во зборови.

Во мојот случај, верувам дека ангелскиот живот ме одбра мене. Особено што претпочитам на сè да гледам во светлината на мисијата. За мене тоа беше природна (можеби не од телесна природа или од материјалниот свет, туку ‘природна’ во смисла дека монаштвото ме повикуваше во духовна смисла) насока при земањето на себе живот на мисионерска работа. Во таа смисла најголемо влијание мојот живот да го насочам кон монаштвото е Пресвета Троица.

Но прашањето зошто некој го одбира монашкиот живот, (особено во услови на живеење во свет кој се придржува до неправославни христијански вредности, морали, учења… итн, и во земја како што е секуларна Австралија, која има многу богатства и удобности), е прашање чиј одговор може да го разберат само другите православни христијани како и оние кои жеднеат да го надминат ова привремено земно постоење и копнеат по стабилност и постојаност во инаку променливиот свет на материјализам и релативност. Но, човек не мора задолжително да го одбере монашкиот живот од овие причини; треба само подлабоко да се внурне во практикувањето на својата православна христијанска вера и да живее што повеќе како православен христијанин. Монасите одбираат да го живеат овој начин на живот во најголема мера и го живеат православниот начин на живот во неговата полнота секогаш – со секој здив од нивниот живот.


Во Австралија нема многу православни монаси и манастири. Каква е твојата визија за иднината на монаштвото овде?


Отец Кирил: За да опстане и да преуспева Православната Црква каде и да е, мора да постојат центри на монаштвото. Духовно јаловото општество на секуларна Австралија од 21. век не е исклучок. И бидејќи Австралија е неправославна земја, (а таа е последниот населен континент на планетава што ја прими Светлината на Православието), улогата и иднината на монаштвото во оваа нација е витална. Тоа треба да биде како мисионерските манастири што се развиле во Византија, како што бил стариот Студитски манастир во Константинопол. Тој имал монаштво достојно за целосна пофалба, ако може така да кажеме. Во него се служел целиот циклус на дневни богослужби. Тој бил семинарија, иконописно ателје, место за духовно закрепнување како и веронаука. Неговите порти биле отворени за секој што сакал да го вкуси ангелскиот живот, како и православниот начин на живот во неговата полнота. Пред сè тоа биле обични луѓе. Но тоа не било само средиште кон кое луѓето биле привлечени или каде што им рекле да одат во посета. Самите монаси имале разни мисионерски послушанија, како што било излегувањето во светот и посетувањето луѓе на различни места и на различни собири со цел да се проповеда верата. Тие биле присутни во болниците, утешувајќи ги болните; тие биле присутни на пазарите, одржувајќи јавни семинари за православната вера и продавајќи православни предмети за издржување на нивниот манастир. Тие биле и на градските пристаништа да им посакаат добредојде на посетители од далечни места и да ги запознаат со православното христијанство. Овие монаси дури заминувале во земји надвор од ним познатиот свет од тоа време, во места како Северна Европа, Централна Азија и под-сахарска Африка. Овде тие, исто како Авраам во Стариот Завет, ќе поставеле жртвеник на Господ, и тука богослужеле во овие нови земји. Ова е правило број еден на мисионерството каде и да е, но особено овде во Австралија, каде што може да посетите кој било град и да видите дека датумот на изградба на многу административни згради, па дури и пабови, е постар од оној на изградбата на првата црква (од која било деноминација и да е таа).

И би требало да биде како оддалечените мисионерски населби во рана христијанска Русија, востановени од монаси-мисионери и подоцна прераснати во манастири, кои пак, станале просветни центри за сите верни и од кои подоцна ќе се развијат села и цели градови – сето ова од почетниот православен христијански манастир.

За разлика од православното христијанство во Северна Америка, кое започна како мисија во Аљаска, присуството на Православието во Австралија се должи на имиграцијата и населувањето на народи од „традиционално“ православни земји од Балканот, Блискиот Исток и Источна Европа и, се разбира, Русија. Најраните православни богослужби биле служени во околината на Кирабили Поинт во Сиднеј од 1820 година наваму. Првично, Православните Цркви не ја гледаа Австралија како мисионерско поле. Православните христијани во Австралија сè до неодамна не живееја според преданието на светителите и евангелистите кои ги почитуваме. Додека прекуокеанските мисии ги поддржуваме давајќи одредена материјална помош, сè до неодамна ја игнориравме скоро во целост австралиската заедница околу нас. Но, благодарение на Господ, ситуацијата постепено се подобрува со тоа што сè поголем број луѓе активно учествуваат во сите аспекти од црковниот живот, вклучувајќи ги тука богословското образование, ракополагањата, веронауката… итн, како и со постојаниот прилив на Австралијци со најразличен социјален статус и занимање кои преминуваат во Православието. Но, за темелна евангелизација на цела Австралија, мора да се развијат овие центри на монаштво, кои ќе делуваат како бази за мисија и евангелизација во оваа духовно сиромашна и неисхранета земја. Австралија има огромни пространства пустина – но каде се православните пустински Отци и Мајки на Австралија? Ве молам, молете се за нас и молете се Господ да воздигне многу големи Отци и Мајки да ја донесат Светлината на Православието во Австралија.


Служиш при православната мисија и монашка заедница на Светото Вознесение. Те молам кажи ни нешто за твојата монашка заедница. Нејзината локација во центар на град е особено интересна за нас. Кои се предностите од ова за мирјаните и предизвиците за вашата заедница и за тебе лично, и како монах и како свештеник?


Отец Кирил: Свето Вознесение е и мисионерски центар и монашка заедница заради нашиот монашки статус, како и заради историјата и наследството што православните ги имаат и на кои се повикуваат од нивното богато минато, кое може да се пофали со цела литија монаси и монахињи – мисионери. На ова наследство сакаме да му последуваме и да го принесеме на пошироката австралиска заедница со Божја помош и со молитвите на верните, а за изградба на Неговото Царство и Неговата Црква овде во Австралија, која е последниот населен континент на планетава што ја прими Светлината на Православието.

Така, со благослов и целосна поддршка од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Иларион, Мисијата на Светото Вознесение е нова и неодамна востановена англо-јазична православна христијанска мисија и монашка заедница, под закрила на Епархијата за Австралија и Нов Зеланд на Руската Задгранична Православна Црква.

Привремено служиме во соборниот храм на Покровот на Пресвета Богородица во Ист Брансвик, додека не најдеме погодни простории во близината на централен Мелбурн за новиот мисионерски центар. Велам централен Мелбурн идеално, заради централната локација и лесниот пристап со јавен транспорт, а и лесно за мене, исто така, заради моите обврски на универзитетски свештенослужител при University of Melbourne, Parkville Campus и RMIT City Campus. Центарот ќе биде место каде што сите луѓе заинтересирани за православната вера ќе може да дојдат и да бидат сведоци на вистинско православно богослужење на англиски јазик, во молитвена и љубовна духовна атмосфера. Што се однесува до нашата монашка заедница, моментално сме во преговори да добиеме имот на периферијата на Мелбурн. Ако сè оди добро, и со Божја помош, се надеваме дека наскоро ќе имаме место каде што ќе можеме да го практикуваме ангелскиот живот во поголема мера, како и да ѝ понудиме на пошироката заедница можност да го доживее православното христијанство во неговата полнота. Тоа ќе биде прв машки манастир за РЗПЦ во Викторија и таков за кој се надеваме дека ќе биде обединувачка сила не само за сите наши монаси на РЗПЦ од Викторија туку и за сите православни христијани од кое било потекло.

Што се однесува до предизвиците за нашето братство и за мене како јеромонах, би рекол дека тоа се истите предизвици како и за секој православен христијанин, без разлика дали се работи за мирјанин или монах или оженет свештеник. За монахот тие би биле нешто понагласени отколку за другите, заради неговите завети на сиромаштво, целомудреност и послушание, но генерално предизвиците се исти за сите луѓе. И ние сите би требало да ги практикуваме овие монашки завети во помала или поголема мера во нашиот живот, во зависност од тоа кои сме, а со цел да се справиме со предизвикот на живот во светот, а во случајот со нашето братство – со живот во неправославно окружување: Сите ние може да практикуваме малку сиромаштво, односно да не бидеме толкави материјалисти и толку преокупирани со стекнување земни добра. Но тоа е голем предизвик во денешниов свет. Сите ние треба да практикуваме целомудреност: за оние што допрва треба да стапуваат во брак, ова значи да ја сочуваат девственоста; за оние што се во брак, ова значи да останат верни на својот брачен другар. Повторно ова е уште еден голем предизвик за луѓето во светот, кои се постојано бомбардирани со силно сексуализирана пропаганда и реклами. И сите ние би требало да практикуваме послушание: Послушание кон нашиот Господ и Неговата Црква. Послушание кон нашата од Бог примена Вера и кон оние со власт, како што се нашите архиереи и останатото свештенство и монаштво, нашите духовни отци и мајки итн. Ова исто така е подвиг зашто, како што вели апостол Павле, го знам она што е добро, но го чинам злото (сп. Рим. 7, 15). Тоа е подвиг, бидејќи ние мислиме дека се познаваме себеси, а некои се дури доволно горди за да веруваат дека знаат подобро од Црквата и од заповедите што нашиот Господ ни ги даде за наше сопствено добро, заштита, полза и, конечно, за наше спасение. Предизвикот и подвигот за сите нас е да бидеме способни да живееме во светот но да не бидеме од светот. Да бидеме способни да живееме во свет кој не е православен христијански, кој не се придржува до догмите и принципите на нашата православна христијанска вера, а да не се компромитираме како православни христијани и да не ја разводнуваме нашата Вера истовремено. Па дури и да живеевме во православна христијанска држава, проблемот тогаш ќе беше компромисот. Треба да се биде буден, да не се падне во тенкосетната состојба на духовна скаменетост или рамнодушност, туку секогаш да се одржува жив мисионерскиот дух. Со право тука би можеле да прашате, како да се справуваме со ваквите предизвици? Одговорот е мошне едноставен: Живејте го православниот начин на живот. Читајте ги житијата на нашите светители, кои се подвизуваа против светот. Ова се нашите примери. Тоа се луѓе кои се подвизуваа да живеат како православни христијани за време на римските, исламските и комунистичките прогони. Тоа е живот на молитва, пост и давање милостина. Живот на присуствување на црквените богослужби и причестување со Светите Тајни и на одење на поклонение во нашите манастири, за постојано да се очистуваме и осветуваме и да ја имаме силата во нашиот живот за да можеме да живееме во ваков свет. И се разбира, треба да се биде буден и да не се оди или да се прави нешто онаму каде што знаеме дека ќе се соочиме со слабост или искушение. И најважно од сè е дека мора да имаме љубов, милост и сочувство за нашите браќа и сестри. Може да зборуваме колку сакаме за мисии и манастири и за донесување на Светлината на Православието во Австралија и за предизвиците што сето ова ги носи со себе, но ако сето тоа е сторено без и најмалку љубов, смирение и сострадание, тогаш сè е залудно, затоа што сè што правиме е градење на трошни, варосани гробови кои ќе се срушат или ќе бидат оддувани од најслабиот ветер. Љубовта победува сè, вклучувајќи ги и предизвиците на живот во светот. А Кој е љубов? Реков Кој а не што, затоа што Љубов е Некој, а не нешто. Љубов е Самиот наш Господ. Љубовта може да го победи светот затоа што Самиот Господ рече: Не плашете се, зашто Јас го победив светот (Јован 16, 33).


Ја вршиш и должноста на универзитетски свештенослужител. Ќе го споделиш ли со нас твојот опит од работата со младите?


Отец Кирил: Да, јас сум православен христијански свештенослужител при University of Melbourne во последниве три години, а при RMIT University веќе една година. И на двата универзитета работам со широк круг на луѓе, не секогаш само со младите студенти. Многумина од персоналот исто така доаѓаат да зборуваат со мене за нивните животни проблеми, како и од желба да навлезат подлабоко во нивните гледишта и идеи за религијата и духовноста. Ова е освежувачко нешто со оглед на тоа дека овие универзитети се востановени официјално како секуларни институции. Луѓето жеднеат за нешто поголемо. Многумина постојано поставуваат прашања за животот и што се случува откако ќе умреме. Оние што доаѓаат да зборуваат со мене кои се православни христијани најчесто знаат многу малку за нивната вера и сакаат да знаат повеќе за тоа што значи да се биде и да се живее како православен христијанин. Обично поминувам некое време со овие луѓе по отслужувањето Молебен и дури им одржувам часови по веронаука. На RMIT има многу исламски студенти и тие секогаш поставуваат прашања во врска со нашето верување во Света Троица. Добивам многу корисни совети за тоа како да комуницирам со исламските студенти од отец Даниел Бамбанг од Индонезија, кој премина во православно христијанство и чиј дедо беше имам. На University of Melbourne доаѓаме во контакт со многу протестанти-евангелисти и нивните прашања за иконите и иконописот. Многу е изненадувачко и да се види интересот што многу луѓе на Универзитетот го покажуваат за нашите икони, како и тоа дека биле привлечени кон Православната вера првично преку нашето иконописно предание. Универзитетскиот живот е многу активен и динамичен и човек може да го посвети целиот свој живот таму како одделно поле на пастирска грижа и мисија.

 

За крај, би сакал ли да им порачаш нешто на нашите читатели?


Отец Кирил: Секогаш имајте љубов кон Бог и меѓусебно. Начинот на љубов е да се биде добар кон другиот и да се носат тежините на другиот. А единствениот начин да се знае како да се љуби и да се знае што е добро е одењето во црква, присуството на богослужбите, причестувањето со Светите Тајни, молитвата, постот, давањето милостина и честите посети на нашите манастири и послушанието кон нашите црковни отци и мајки, за светост, очистување, осветување, за благослов и за да имаме вечна радост, мир и среќа.


Отец Кирил, ти благодарам многу што го сподели со нас твоето време и опит. Секогаш си добредојден гостин во нашите манастири.


Отец Кирил: Се молам да ја имате радоста и утехата на Светиот Дух секогаш во вашите срца и постојано да ја имате небесната помош за вашето богоугодно дело. Благодарам за поканата да ги посетам вашите манастири.

 

Разговорот го водеше игумен Гаврил од манастирот на свети Прохор Пчински во Мелбурн, Австралија.

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3125
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7597
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

15/11/2024 - петок

Светите маченици Акиндин, Пигасиј, Анемподист, Автониј, Елпидифор и другите со нив; Преподобен Маркијан Кирски; Светиот свештеномаченик Викторин, епископ Патавски;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св.бессребреници  и чудотворци Кузман и Дамјан 1/14 ноември 2024

Тропар на св.бессребреници и чудотворци Кузман и Дамјан 1/14 ноември 2024

Свети бессребреници и  чудотворци, Козмо и Дамјане, посетете ги нашите немоќи,   бесплатно примивте, бесплатно давајте ни.

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

О достославни ученици Христови,вие Бисерот го најдовте,радоста со родот човечки ја споделивте,со неа исполнети маките и прогоните за трици ги...

Тропар на св. Христови апостоли  Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Апостоли свети Христови,трагајќи по патот на слободата Христа го пронајдовте,со учењето за бесмртноста темнината на незнаењето ја осветливте,молете се о...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная