(Извадок-Вест)
Моќта на иконата Патеводилка од манастирот на Царот
Чудотворната моќ на иконата Одигитрија или Патеводителка во црквата Св. Јован Претеча ја насликал св. Апостол Лука, Господов ученик. Иконата им помагала на болните да оздрават, а за време на Турско го куртулила
Ослепените војници на Самуил кога се враќале од Беласица, некаде во Демирхисарско минале крај едно село, во чија близина била црквичката што ја подигнал токму Царот во 1011 година. Војниците застанале да се одморат и да се помолат по тешката битка. Три века подоцна, на местото каде што била црквата бил подигнат манастир. Денес, селото низ кое минале ослепените војници и манастирот се вика Слепче.
Сместен на повеќе од 800 метри надморска височина, Слепчанскиот манастир е живеалиште на отецот Серафим и еден искушеник.
До манастирскиот комплекс води кривулеста асфалтирана угорнина. Мирот го нарушува само sуењето на инсекти и биењето на камбаните од манастирската црква Св. Јован Претеча и малата црквичка Св. Јован Благослов. Уште на самиот влез во манастирот се насетува белегот на историјата. Слепчанскиот манастир бил три пати запалуван и обновуван.
"Во 15 век го запалиле Албанците, до темел. Тие ги зеле сите драгоцености, а останале само свети мошти за кои не се знае чии биле. По Втората светска војна, биле пеплосани трпезаријата и фурната, а во 1972 година била запалена само десната страна на иконостасот", раскажува искушеникот во манастирот, кој не сакаше да се слика.
Слепчанскиот манастир меѓу народот е познат по легендите кои се раскажуваат за чодотворната моќ на иконата Одигитрија, која се наоѓа во манастирската црква Св. Јован Претеча. Иконата Одигитрија, што всушност значи Патеводителка, е симболот на оваа црква. Скоро сите што живеат во околината на Слепче, ја знаат приказната за чудата на Патеводителката.
Се вели дека во средниот век, иконата ја насликал св. Апостол Лука, кој бил Господов ученик. Има три примероци од оваа икона. Оригиналната се наоѓа во Света Гора, а една од двете копии е во црквата Св. Јован Претеча. Искушеникот раскажува дека кога св. Апостол Лука ја насликал иконата дошла Мајката Божја да ја види. И се допаднала иконата и ја благословила. Неколку века подоцна во селото Слепче на тројца многу болни луѓе на сон им се појавила Мајката Божја, која им дала аманет да одат и да се помолат пред Одигитрија. Болните ја послушале, се помолиле пред иконата. По неколку дена сосема оздравеле. Таа им го покажала патот за нивниот спас и затоа и се вика Патеводителка.
Уште една легенда е сврзана за чудотворната моќ на иконата. За време на Турско, некој турски војсководец сакал да го запали манастирот. Монасите го молеле да не го прави тоа, велејќи дека палењето манастир е божји грев. Тогаш турскиот војсководец им рекол: "Ако вашата вера е толку посилна од нашата, нека се случи чудо во манастирот. Еве, ќе фрлам чаша со вода од покривот на манастирот, и ако чашата не се скрши и ако не се истури ниту капка вода, манастирот нема да го запалиме. Инаку, сите ќе горите".
Се собрале монасите да се молат за спас на манастирот пред иконата Одигитрија. И навистина се случило чудо. Ниту стаклото се скршило, ниту капка вода се истурила, кога Турчинот ја фрлил чашата од покривот на манастирот. Така, манастирот куртулил од запалување, ја раскажува искушеникот приказната која со векови се врти во демирхисарскиот крај.
Заради чудотворната моќ на иконата, и денес постојано доаѓаат верници да преспијат во конаците и да се помолат во црквата Св. Јован Претеча. Во оваа црква, која не се знае кога е срушена, а во 19 век обновена, зачувани се единствени примероци на певници (црковни книги) кои се направени со ситна резба.
На јужната и северната страна од црквата има отворени тремови, а на влезните врати се зачувани фрагментирани фрески од 15 век.
Црквата Св. Јован Претеча и манастирот се споменуваат уште од времето на поп Лука. Во едно писмо од попот се вели дека братството од манастирот било да го посети познатиот кратовски кнез Димитрие Пепик и дека овој манастир имал свој имот дури во Албанија, кој бил подарок од Косара, ќерка на Царот Самуил.
"Слепчанскиот манастир бил многу активен во 14 век. Тука постоела препишувачка школа. Имало и голема библиотека, во која се наоѓале црковни грчки книги кои биле преведувани и се користеле за потребите на Охридската архиепископија. Откриени биле и стари словенски книги, кои спаѓаат во позначајните остварувања на македонските монаси. Монахот Пахомиј, тука го препишувал минејот за месец јуни, примерок што сега се наоѓа во Света Гора. А, прочуениот монах, Висариот Дебарски, ги препишувал "Поученијата на Кирил Ерусалимски",
Манастирот некогаш бил дом на револуционерите за време на Турците. Во конаците, пак, за време на Втората светска војна, се произведувало оружје. А, по војната на местото на денешните нови конаци, била сместена душевната болница, која денес се наоѓа во Демир Хисар.
Како важен резбарски центар, тука, отседнувале и копаничарите од Крушево и Прилеп. Со плитка резба тие изработувале двери и певници. На манастирот му припаѓале познатите влезни врати на некогашната манастирска црква, двокрилна и еднокрилна, кои денес се наоѓаат во Уметничката галерија во Скопје. Меѓу значајните предмети е и познатиот Слепчански поменик од втората половина на 16 век, кој сега е во Народната библиотека во Софија.
Православен календар- 09. 07. 2008 г.
Празник на иконата Одигитрија
Оваа икона ја изработи на дрво самиот евангелист Лука. Кога ја виде, Пресвета Богородица ја благослови. Свети Лука му ја подари иконата на тој Теофил кому му ги пишуваше Делата Апостолски. Подоцна ја пренесоа од Антиохија во Ерусалим, а од Ерусалим ја зеде царицата Евдокија и ја испрати во Цариград до сестрата на царот, кај побожната Пулхерија на дар. Пулхерија ја положи во Влахернската црква, којашто самата ја имаше подигнато. Еднаш им се јави Пресвета Богородица на двајца слепци и ги доведе до црквата Влахерна пред Својата икона и овде на обајцата им го врати видот. Затоа оваа икона ја завикаа Одигитрија - Патеводителка. Кога војските на персискиот цар Хозрој и на скитскиот цар Каган удрија на Цариград, патријархот Сергиј ја изнесе оваа икона на градските бедеми и ја носеше по бедемите. Тогаш Пресвета Богородица ги спаси христијаните од нехристијаните. Непријателските војски се збунија, морето се возмути, корабите потонаа, непријателите што останаа во живот удрија во бегство. Оттогаш е востановен споменот на ова чудо на Пресвета Богородица во саботата на петтата седмица од Чесниот Пост со читање на Акатист. Во времето на иконоборството иконата беше пренесена во Светата обител на манастирот Пантократор и таму ја заѕидаа во ѕидот, а пред неа оставија кандило да гори. Како што ја заѕидаа потоа така и ја најдоа.
Богородица Душепазителка Литиска икона, Охрид, од 1260-1270 г.
Литиска икона, Охрид, 1312-1325 г.
Празник на Тихфинската икона
Оваа икона на Пресвета Богородица најпрво беше во Цариград, но седумдесет години пред падот на Цариград, во 1383, таа ненадејно се појави во воздухот во близина на градот Тихфин во северна Русија. На местото каде што се спушти беше устроена црква и обител. А според градот Тихфин се нарече Тихфинска. Безбројни чуда се случија од оваа чудотворна икона, особено исцеленија на мнозина болни.
Друго: