Христијанинот не смее да го отфрла својот живот, туку треба да го преобразува
(12.03.2014)
Ме прашувате за молитвата: Ако обврските ве спречуваат да посветите повеќе време на молитвата, тогаш, може ли човекот, во согласност со советот на св. Игнатиј, да ја замени количината со квалитет, бидејќи обврските и должностите го подготвуваат човекот за невнимателна молитва?
Ќе ви одговорам со зборовите на светите Отци, дека кај молитвата количината не е толку важна колку квалитетот.
За тој квалитет во молитвата, сигурно да надвладее над количината, човекот мора целиот свој живот и сите свои должности да ги посвети на Бога, и тој, сето тоа мора да го прави заради Божјата слава. Св. Василиј Велики добро ја изразил оваа мисла, преку следниве зборови: „Пофалбата кон Него е секогаш во мојата уста“. Изгледа Пророкот ветува нешто невозможно. Како може пофалбата кон Господа секогаш да биде во устата на човекот? Кај оној што е зафатен со обичните светски разговори, пофалбата не може да биде во неговата уста. Кога тој спие, исто така, е тивок. Како може, кога јаде и пие, неговата уста да изговара молитва?
Кажуваме дека внатрешниот човек има духовна уста, со помош на која е хранет, примајќи слово за живот, лебот кој слегува од небото. Навистина, Господ нѐ советува оваа уста да биде отворена за изобилна употреба на храната, за Вистината. Зашто е речено: „отвори ја својата уста и Јас ќе ја наполнам“. Поради ова, размислувањето за Бога, кога еднаш е зацврстено со печатот воден од силата на душата, може да се нарече пофалба кон Бога, која секогаш живее во неа.
Разумната личност, поттикната од апостолот, може сѐ да прави во Божја слава, така што секое дело, секој збор, што и да прави, да прави во Негова слава. Срцето на таквиот човек бдее, дури и кога тој спие, како што е напишано во Соломоновата песна: „Јас спијам, а моето срце е будно“.
Очигледно е, од ова што е напишано, дека советите на св. епископ Игнатиј се применливи не само во вашата ситуација, туку се и потребни за секој христијанин кој води активен духовен живот. Христијанинот не смее да го отфрла својот живот, туку треба да го преобразува. Кога сонцето ќе се појави на небото, целата природа се преобразува. Слично на тоа, кога размислувањето за Бога, сеќавањето на Него, е утврдено во нашето срце, тоа, слично на сонцето, почнува да свети и да го преобразува целокупниот наш живот. Таквиот живот не само што не ѝ го попречува патот на молитвата, туку нѐ води до молитвата, и во таквиот живот, дури и најкратката молитва е огнена.
Свети Теофан Полтавски
Извор: МПЦ-ОА