Св. Нил Мироточив
За покајанието
✤✣✤
О, човеку, зошто си заклучил дека е невозможно (после падот) да достигнеш спасение? Зошто мислиш дека веќе не треба да се бориш и подвизуваш, а не одлучуваш дека напротив уште повеќе ти следува да се бориш и подвизуваш за спасение? Охрабри се, не бој се, зашто Бог претрпе крст заради спасението твое! Како можеш после тоа да тврдиш дека нема спасение за тебе?
Зошто се плашиш од немоќните? Зошто ги сметаш за силни? Крстот Господов ќе ја сруши сета сила на нивното лукавство. Сето она нивно фалење со кое немоќно се правеа важни дека се силни! Се обидоа во една прилика немоќните лукаво, со фалба и хулење да се исмеат на еден преподобен отец (св. Антониј Велики). За да може на лукав начин преподобниот да го наведе на фалбаџиство и хула, ѓаволот му рече: „Како можам оче да се спасам?“ Ова прашање на ѓаволот за можноста на покајание за него, беше лукава намера преподобниот да се наведе на фалење и хула, зашто ако попуштеше на ова лукавство и примеше при срце такво нечуено нешто, како што е спасението на ѓаволот, неизбежно ќе паднеше во суетна гордост и фалење со ова невоможно нешто, а ако, пак, од друга страна ја отфрлеше како невозможна, ќе похулеше така на Творецот Кој во милосрдието би бил надминат од сопственото создание.
Преподобниот, кому ова му го откри благодатта на Светиот Дух, сфати дека е ова сплетка на соблазнителот, лукавиот Велзевул, па му одговори:
„Оди на висока гора, соблечи се, застани потполно соголен и излевај молби кон Бога, Царот Небески, за Он да ти го отпушти твоето лукаво мудрување“. Лукавиот му одговори на преподобниот: „Каква молитва да направам на високата гора и како да се соголам? И без тоа не носам облека! Како тоа велиш да се соголам?“
Светиот, пак, му одговори: „На висока гора соголи се, ослободувајќи се себеси од својата препреденост и лукаво мудрување, да немаш повеќе никакво лукавство во срцето свое. Така стој совршено гол на високата гора 40 дена и 40 ноќи (во житието стои 3 год.), немајќи никакво покривало на својата глава, односно никаква лукава помисла, подигај ги рацете свои и непрестајно во тие 40 дена повторувај: ’Помилуј, ме Боже, помилуј ме, Мене, кој сум потполно опустошување во Царството Твое! Кон Тебе, Господи се управени очите мои; на Тебе се надевав, не отфрлај ја душата моја!‘“
Преподобниот не успеа да го заврши својот говор, кога демонот разгневен викна: „Замолчи, расипано старче! Зар јас, на ништожниот Цар да се поклонам? А кој друг има царство какво што имаме ние? Во наши раце е третина од Неговото Царство и што Му останало Нему за да би можеле да Му се поклонуваме како на Цар?“
Тогаш на преподобниот му стана јасно дека ова е духот на хулата; се сети дека ѓаволот исто така се трудел во пустината да Го соблазни Христа и дека се фалел пред Него со гревовите човечки.
Сеќавајќи се на ова, преподобниот се помоли на Бога, го проколна демонот и тој како чад исчезна од кај него. Преподобниот Му оддаде слава на Бога за своето избавување од духот на хулата, кој намераваше со своите лукавства да го наведе подвижникот на хула и фалење и со тоа да го фрли во адската бездна, како што соборил мноштво монаси...
Значи, ѓаволите не пропаѓаат неповратно затоа што Бог не им проштева, туку затоа што не само што не се каат, туку и се гордеат со своите богомрски дела...
Зашто Бог не ја сака смртта на грешникот, туку да се обрати и да остани жив. На сите начини се трудеше Бог да не пропадне Јуда, зашто Јуда сепак, беше човек и Бог го чекаше Јудиното покајание, но Јуда не се одврза од јажето за да појде под Крстот и да Му рече: „Јас Те распнав, прости ми... Мојата злобна помисла Те искачи на Крст; биди милосрден спрема мене...“
Да ги беше рекол овие неколку зборови, исполнувајќи ги со дела на покајание, Христос би го примил. А со какви тоа дела да ги исполни?
Делата се овие: да плаче горко, да воздивнува ридајќи и жалосно плачејќи; Но Јуда не постапи така, не се фрли пред Христа, туку се фрли на земјата за да се обеси, не обрнувајќи внимание за тоа дека гранката три пати се свитка под него, и дека на Крстот го чекаше семилостивиот Христос!... Колку што благонаклон беше св. Василиј кон Јосиф, толку беше благонаклон и Христос кон Јуда, чекајќи од него покаен збор, но Јуда наместо тоа повеќе сакаше да ја стави јамката на грлото свое – Искариот!
Гледа Христос во далечината од Крстот, не ќе ли го здогледа Јуда... Он Кој копнее по спасението на луѓето, копнееше исто така и по Јудиното покајание и го бараше...
Извор:Бигорски манастир