„Дверите на покајанието отвори ми ги, Животодавче…“
Поимот покајание се изразува со грчкиот збор метаноја. Во буквална смисла, овој збор означува измена на својот ум, на своето мислење. Со други зборови, покајанието е промена на настроението, начинот на размислување, промена на човекот внатре во него самиот. Покајанието е преиспитување на своите гледишта, преобразување на сопствениот живот.
На кој начин се доаѓа до тоа? Исто онака, како кога мрачната одаја во која човек зачекорува за прв пат ја озаруваат сончеви зраци: додека се обидувал да ја разгледа одајата во темнина, таа нему му изгледала на еден начин [некаква], и многу од нештата што биле во неа тој не можел да ги препознае, па дури не ни претпоставувал што сè имало во неа. Многу од нештата изгледале потполно инакви во однос на нивниот вистински облик. Бил принуден да се движи мошне внимателно, оти не знаел каде сè би можел да се сопне. И гледај, одеднаш одајата се исполнува со светлина, и човекот гледа јасно, и се движи слободно.
Истово се случува и во духовниот живот.
Кога сме потонати во гревови, и кога нашиот ум е обземен единствено од секојдневните грижи, ние не забележуваме каква е вистинската состојба на нашата душа. Рамнодушни сме кон внатрешноста на нашето битие, и непрестајно талкаме по криви патишта, а за тоа не сме ни свесни.
И видете! Зрак од Божјата Светлина одеднаш продира во нашата душа. Колку само нечистотија ќе видиме во себеси! Колку само неправда, колку лаги! Многу од нашите постапки, за кои сме сметале дека се добри, ќе ни се покажат како недолични! И ќе ни стане јасно дека одиме по криви патишта. И ќе познаеме кој е правиот пат.
Ако тогаш станеме свесни за својата духовна ништожност, својата огревовеност, ако од длабочината на душата посакаме да се исправиме, значи дека сме близу до спасението. Од длабочините на душата да повикаме кон Бога: „Помилуј ме Боже, по Твојата голема милост!“, „Прости и спаси ме!“, „Дај ми благодат да ги согледам своите прегрешенија, и да не го осудувам братот свој!“
Сега, кога започнува Великиот Пост, добро е да побрзаме еден кон друг, проштевајќи си ја секоја навреда и сето она што нè натажувало. Постојано да ги имаме на ум евангелските зборови од Неделата на простувањето: „Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен; ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето, и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите.“
Извор: Кумановско- осоговска епархија