Да се стане свет, и со душата и со телото, тоа е нашиот повик
Што е христијанин? Христијанинот е човек кој живее со Христос и во Христос. Божествената заповед на Светото Евангелие Божјо: „Живејте достојно за Бог“ (Кол. 1, 10), за Бог Кој се воплоти и како Богочовек целиот остана во Својата Црква, која со Него живее и е во вечноста. А „достојно за Бог“ се живее кога се живее согласно Евангелието Христово. Затоа е и природна оваа божествена заповед на Светото Евангелие: „Живејте само достојно за Христовото Евангелие (Филип. 1, 27).
Живот согласно Евангелието, свет живот, божествен живот – тоа претставува природен и нормален живот за христијаните. Бидејќи христијаните, согласно својот повик, се свети. Таа благовест и заповед е проникната низ целото Евангелие Христово. Да се стане свет, и со душата и со телото, тоа е нашиот повик (види: 1. Сол. 5, 22-23). Тоа не е чудо, туку норма, правило на верата, логика и природа на евангелската вера. Јасна е и прејасна заповедта на Светото Евенгелие: „По примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки“ (1 Петар 1, 15). А тоа значи: по примерот на Христос = Светиот, Кој, воплотувајќи се и станувајќи човек, го покажа во Себе совршено светиот живот, и како таков им наредува на луѓето: „Бидете свети, бидејќи Јас сум свет“(1 Петар 1, 16). Он има право ова да го наредува, бидејќи станувајќи човек Он Самиот Свет им ги дава на луѓето сите божествени сили кои се потребни за свет и побожен живот во овој свет (види: Петар 1, 3). Со помош на верата, соединувајќи се духовно и благодатно со Светиот – со Господ Христос, христијаните ги добиваат од Него светите сили за да водат свет живот.
преподобен Јустин Ќелиски
Извор:
http://www.mpc.org.mk/svetootecko-predanie.asp?id=6663