Трезвената молитва e соединета со постот!
Почетокот на ова добро и прекрасно дело се содржи во следново: прво треба да се стишуваат страстите, да не се прави она што не Му е угодно на Бога, на братот, она што самиот не го сакаш; потоа, да се чува срцето од похотни сласти и срамни распалувања, т.е. цврсто да се чува умот од помислите, со што тој секогаш би ја одржувал во срцето смиреномудреноста.
Од ова се раѓа молитвата, која ги победува и уништува мноштвото страсти и лукавите духови, па благодатта се зголемува. Како што постот и Исусовата молитва прочистуваат и јакнат, вразумуваат и сосредоточуваат, така трезвеноста претставува наследство, врв и крепост на молитвата. Трезвеноста на друг начин се нарекува чистота на умот, а злите помисли, распалувањето и похотната сласт – валканост на умот.
Без постот е невозможно да се зачува светоста, невозможно е телото да му се потчини на духот, па ни самата молитва нема да се вознесе и нема да има дејство, бидејќи падната природа ќе го надвладее телото и тоа ќе биде принудено да се распали. Од тоа распалување на телото доаѓаат мислите кои го валкаат умот; тие, пак, го возбудуваат и валкаат срцето, па така отстапува благодатта, а нечистите духови си дозволуваат да владеат со нас преку нивните сопствени желби, да го присилуваат телото за страстите, да го насочуваат умот да скита; или човекот, како да е врзан со конец, го држат неспособен за духовните желби и дела.
Но без ова, демоните не можат да нѐ победат, бидејќи тие прво се трудат на некој начин во нашиот ум да донесат затемнетост и заборав, па потоа да нѐ турнат во гревовната страст. Ние секогаш ќе се држиме за постот, како тивко пристаниште од внатрешните ѓаволски замки, бидејќи постот го чисти телото, ја храни и јакне молитвата, и ја прави силна како пламен. Трезвената молитва, соединета со постот, ги спалува демоните, како вжештена печка, и тие не можат да ѝ се приближат на целомудрената душа и да ѝ напакостат.
Преподобен Паисиј Величковски
За Преминпортал:
Блажески Дејан
Јуни 2022 лето Господово