Блажен и преблажен е оној кој не го повредил својот јазик преку озборување против ближниот, кој преку својот јазик не го осквернил своето срце и кој не се насладува од злоречие против другите, а се спротивставува на таа страст! Кој не зборува лошо за другите, тој се запазил себеси беспрекорен; таков човек не сретнува пречки и совеста му е чиста. Кој го одбегнува духот на злоречието, тој се запазил од зближување со зли луѓе и победил многу бесови. Кој не го придобил јазикот на злоречието – тој спечалил огромно богатство. Кој не е склон кон лошо зборување за другите – тој го избегнува братоубиството и таков човек не може да биде озборуван од другите. Кој одбегнува општење со злоречивите – тој ќе се вброи меѓу Ангелите. Кој не осквернил уши и јазик со лоши зборови – тој е исполнет со лекарството на љубовта. Кој не ја осквернува устата своја со злоречие – тој се насладува со плодовите на светиот Дух. Затоа навистина блажен, пак ќе кажам, преблажен е оној кој се запазил себеси од злоречие.
Кој што се насладува од злоречие кон другите, тој јасно покажува дека самиот е заробен од тоа за што ги озборува другите. Зашто, кој го озборува другиот, таквиот се озборува самиот себеси; тој е плотски човек, сплеткан во мрежата на светот. Во злоречивиот човек има се: и клевета, и злоба, и потслушнување – затоа тој се третира како братоубиец, без жал и немилосрден. Меѓутоа, кој секогаш има во себеси страв Божји и кај кого срцето е чисто, тој не сака да ги озборува другите, не се насладува на туѓи тајни и не наоѓа успокојување во падот на другите. Кој се научил на злоречие, треба да се искупи преку солзи и плач, зашто нема нешто позлобно од озборувањето. Не затоа ли и Светиот Апостол Павле, откако ги осудува порочните дела, ги предизвикува оние кои ги вршат и вели: „...ниту крадците, ни користољубците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат Царството Божјо“(1.Кор. 6,10).
Извор: http://www.mpc-svpetka.com/
Посети:{moshits}