Москва, 25 март (МИА) - Патријархот Московски и серуски Алексеј Втори изјави денеска дека идејата за создавање на т.н. Голема Албанија може да претставува темпирана бомба за Европа, која би го поткопала целиот систем на меѓународни односи формиран во послевоените децении.
Говорејќи на свеченото означување на почетокот на курсевите за стручно оспособување на соработниците на црковните прес-служби и новинарите на црковните медиуми, поглаварот на Руската православна црква се согласи со аналитичарите, кои предупредуваат дека со самопрогласената независност на Косово нема да престане процесот на дезинтеграција на Европа.
Тој додаде дека повеќето Европјани тоа „потсвесно го сфаќаат, но работат по сугестии на САД“.
Алексеј Втори изјави дека неодамна се сретнал со еден грчки министер кој му изразил стравување дека и албанските енклави во Грција можеби ќе бараат независност, соопшти прес-службата на Московската патријаршија.
- Сето тоа може да доведе во центарот на Европа да се појави голем извор на тензии, предупреди рускиот патријарх.
Алексеј Втори нагласи дека одлуките за Косово ги донесуваат луѓе кои никогаш не биле на Косово и не знаат што тоа претставува за Србите.
- Косово Поле за Србите има исто значење како и Куликово Поле за Русите. Косово Поле е обилно залеано со крвта на српскиот народ, таму се решава неговата историска судбина, изјави рускиот патријарх. ац/