23 јануари 2017 лето Господово
На празникот Крштение Господово во соборниот храм посветен на Света Троица во Тбилиси се одржа масовно крштение на деца.
Претстојателот на Грузиската Православна Црква, Католикос Патријархот Илија II, го изврши веќе 47 – то по ред масовно крштение на деца. Околу 800 деца станаа кумчиња на Патријархот на 19 јануари – денот кога Православната Црква слави еден од најголемите христијански празници – Богојавление. „Ви го честитам на сите овој свештен празник и нека благодатта на овој светол ден слезе врз сите луѓе. Сите наши семејства се многу среќни и задоволни што нашиот трет младенец стана кумче на самиот Патријарх на цела Грузија и јас сакам да му заблагодарам за тоа“, изјави за грузиски Sputnik, мајката на едно од децата, жителка на Тбилиси, Марија Ломсадзе.
Католикос Патријархот на цела Грузија ги крштева третите и секое следно дете во семејствата на родители кои се венчале во Црква. Цел на оваа иницијатива е подобрување на демографската состојба на земјата. Првата масовна крштевка на младенци во Грузија се случи на 19 јануари 2008 година, исто така во соборниот храм посветен на Света Троица. До ден денес Илија II е кум на повеќе од 30 илјади деца.
Извор: Православие.ру
Преземено од: Бигорски манастир