Деновиве светските портали се преплавени од фотографиите на Македонецот Горан Анастасовски, чија специјалност е светот на животните
Па, иако на сите фотографии животните изгледаат како да се во дивина, сите до една се снимени во Зоолошката градина во Скопје во изминатите 12 години. Пред неколку дена 14 фотографии со негов потпис објави и порталот на познатата американска телевизија Еј-би-си њуз.
„Горан Анастасовски е слободен фотограф од Македонија, држава што се наоѓа во Јужна Европа. Тој ги слика животните повеќе од 12 години во Зоолошката градина во Скопје. И покрај тоа што животните се затворени во кафези, тој во своите слики ја доловува нивната дива страна, нивниот карактер и тие изгледаат како да се снимени во природна средина...“, објавено е на порталот на втората по големина телевизија во САД, што има 5,5 милиони посетители.
- Пред една недела мои фотографии беа објавени популарната веб-страница за занимливости Боред панда од САД, која има околу милион посети дневно, по што уште стотици други веб-страници ги презедоа сликите, од Русија до Мексико. Сепак, бев многу изненаден кога пред неколку дена на мојот фејсбук-профил добив порака од телевизијата Еј-би-си њуз, најголема во САД по Си-ен-ен, со молба да им дозволам на нивната интернет-платформа да објават неколку мои фотографии и краток текст за мене. Се разбира дека се согласив и многу сум горд на тоа. Сликите сѐ уште можат да се погледнат на http://abcnews.go.com/Lifestyle/photos/zoo-reflects-animal-personalities. Драго ми е што на нив децидно пишува дека сум од Македонија, а на секоја од 14 слики стои моето име - ни рече Горан Анастасовски.
Инаку, неговите фотографии, на кои се прикажани животните од Зоолошката градина во Скопје, Нешнал џиографик неколкупати ги прогласуваше за фотографии на неделата, а беа објавувани и во „Дејли њуз“ и на порталот на пребарувачот Јаху. Фотографија, пак, со мотиви од Матка беше прогласена за фотографија на неделата на агенцијата „Ројтерс“.
Првата негова фотографија е објавена пред 12 години во престижното списание „Дигитал камера ворлд“, а потоа се редеа: „Блог ис мајн“, руски „Телеграф“, Арт елефант, Анимал маскота и многу други.
Горан вели дека по огромниот интерес за неговите фотографии во целиот свет, и дома има сѐ повеќе работа, иако сѐ уште неговиот ангажман е аматерски, а не професионален. Но, сепак, едно ќе остане исто, тој и понатаму ќе биде редовен посетител на скопската зоолошка градина, каде што неговите четириножни пријатели ќе бидат во фокусот на неговиот објектив.
Извор: Нова Македонија