14.12.2012
Основање центар за книга како специјализирана и координативна институција, достапност на малцинските книжевни творци преку поддршка на двојазични електронски изданија, поддршка на маркетингот во издаваштвото, финансиска помош на странски издавачи за преводи на дела од македонската литература со високи книжевни вредности, објавување електронски изданија на печатени книги, одобрување на законската регулатива во издаваштвото, се само дел од решенијата што ги прифати Советот за култура за издавачката дејност, во рамките на националната стратегија, на вчерашната седница
- Издавачката дејност е високо на листата на приоритети на Министерството за култура, што се потврдува со поддршката на голем број проекти и на капитални проекти со кои настојуваме да ја пополниме евидентната празнина во македонската култура и литература, да ги доближиме делата на светските автори до македонските читатели, но преку овие проекти се трудиме да ги афирмираме и неоспорните македонски книжевни вредности во меѓународен контекст - рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Членовите предложиле поголем буџет за откуп на самостојно објавени изданија, зашто така ќе се зголеми библиотечниот фонд. Препорачано е и проектот 130 тома македонска книжевност да се преведе во антологиски приказ и на албански и на турски јазик. Советот заклучил покритично да се избираат списанијата што ќе добијат поддршка и тие да бидат подостапни до библиотеките, односно до читателите.