ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светите маченици Христови
Лукилијан, Клавдиј, Ипатиј, Павле, Дионисиј и девственичката Павла
3 јуни / 16 јуни
Како на орел што се обновува младоста негова,
така верата во светиот Лукилијан обнови сила духовна,
заточен со светите младенци Клавдиј, Ипатиј, Павле, и Дионисиј,
заедно сите кон Бога благодарност вознесуваа
за обнова на нивните тела од мачењата.
Со мудрата девственичка Павла о свети, маченички венци добивте, исповедувајќи дека чистотата на срцето е над секое умно мудрување,
молете се свети маченици за овој род бунтовен човечки.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобниот отец
Атанасиј чудотворец
3 јуни / 16 јуни
Прекрасен си ти Атанасие преподобен
помеѓу светиите Христови,
и славно е името Господово
на устите на сиротите,
заради милоста подвижничка твоја.
Очниот вид го подари на немоќните и бедните,
а духовното светило ти стана собеседник,
со Јована и Андреа великите.
Радувај се и за нас моли се свет игумене.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Христов свештеномаченик
Лукијан и со него Максијан и Јулијан
3 јуни / 16 јуни
Светлината која дојде во светот,
преку тебе мачениче свети
го растера мракот на незнаењето од мнозина,
о, Лукијане војниче Христов, мудроста одозгора се појави
и на запад о, ѕвездо светлозарна Господова.
Прими денес и од нас благодарност и чествување
Божји угодниче и за нас моли се ревноста наша да не истине
и светилото да остане запалено.
Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (16.06.2024)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Остарен како незнабожец и идолски жрец Лукилијан како белокос старец ја позна христијанската вистина и се крсти. Неговото обраќање во христијанство предизвика голема возбуда меѓу незнабожците во Никомидија и беше изведен на суд, но бидејќи не сакаше да се одрече од својата нова вера, луто беше биен и претепан го фрлија во затвор. Во затворот најде четири момчиња: Клавдиј, Ипатиј, Павле и Дионисиј, заробени заради верата во Христа. Старецот им се израдува на момчињата и тие нему, и сите заедно го минуваа времето во побожни разговори, молитви и псалмопение. Кога ги изведоа од затворот, ги мачеа со разни маки и најпосле ги пратија во Византија, каде што момчињата беа од војниците исечени со меч, а Лукилијан од Евреите распнат на крст. Злобните Евреи целото тело му го избоцкаа со клинци. Некоја девица Паула јавно го зеде телото на маченикот и го погреба чесно. За ова беше обвинета, па мачена и на крајот ја исекоа. Од Господ прими два венци: на девственост и на мачеништво. Овие маченици пострадаа во времето на царот Аврелијан, меѓу 270 и 275 година.
Светиот свештеномаченик Лукијан
Римјанин, познат по своето благородничко потекло, по богатството и ученоста. Некое време бил ученик на Светиот апостол Петар. Подоцна папата Климент го испрати заедно со Дионисиј Ареопагит во Галија, за проповед на Евангелието, откако претходно го ракоположи за епископ. Лукијан многу ревносно ја сееше Христовата наука најпрво ширум Галија, а потоа и во Белгија. Кога злобниот цар Доментијан почна да ги прогонува христијаните, од Рим во Галија беше испратена специјална потера за да ги побара и да ги испофаќа христијанските мисионери. Тие прво го фатија и го убија Свети Дионисиј, а потоа тргнаа да го бараат и Свети Лукијан. Го најдоа во Белгија, заедно со неговите помошници, презвитерот Максијан и ѓаконот Јулијан, па на едно место ги убија овие двајцата, а на друго го заклаа Лукијан. Откако му ја исекоа главата, мртвото тело на Лукијан се дигна од земјата, ја зеде својата глава со рацете (слично како телото на Свети Дионисиј, а и на Свети Јован Владимир) и така отиде до она место каде што сакаше да биде погребан. Овде падна и го погребаа. Над неговите мошти подоцна изградија црква.