Тропар на светиот
Христов исповедник
и чудотворец Агапит
епископ Синадски
18 февруари / 3 март
Величината на Божјата љубов,
над неверниот род човечки,
како најголемо чудо ја позна,
свети Агапите, пред Господ и луѓето смирувајќи се,
благодатта Христова преку тебе мноштво солзи исуши,
надеж и вера поврати,
и стадото го приведе кон познание на Живиот.
Затоа моли се - ти карпо на верата,
Он по твоите молитви да нѐ помилува.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Христов исповедник
Флавијан патријарх Цариградски
18 февруари / 3 март
Голема љубов има оној кој душата ја полага за вистината,
а поголема од неа – оној кој на братот простува,
и за него се моли пред престолот кој гревот го согорува,
о Христов исповедниче Флавијане,
честа небото не ти ја одзеде,
а Господ твоите свети молитви
нам како награда ни ги врати,
за од нив пред Него да бидеме закрилени,
во вечни векови.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
отец Лав папа Римски
18 февруари / 3 март
Велики јерарху и учителу,
проповедниче на вистината,
исповедниче на верата Православна,
Лаве оче наш премудри,
тебе на кого Христос Бог гревовите ти ги опрости,
те молиме ние верните во Господа,
да се застапиш за нас пред престолот на Пресвета Троица.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Православен календар за 03/03/2023
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2023 лето Господово
Од Верскиот календар:
Свети Лав I, папа Римски
Роден е во Италија од благочестиви родители. Најпрво беше ѓакон кај папата Сикст III, а по неговата смрт и покрај неговото противење го возведоа на престолот на римскиот папа. Кога Атила со Хуните дојде близу Рим и се подготвуваше веќе да го разори и запали овој град, Лав излезе пред него во архиерејска облека, го скроти гневот на хунскиот водач и ја оттргна пропаста од Рим. Колку што врз Атила подејствува советот на Светиот човек толку го уплаши и визијата на Светите апостоли Петар и Павле кои стоеја покрај Лав и со пламени сабји му се закануваа на Атила. Овој папа не само што го спаси Рим туку ја помогна и заштитата на Православието од Евтихиевата и Диоскоровата ерес. Таа ерес се состоеше во слевањето на Божествената и човечката природа кај Христос во една и следственото одрекување на двете волји во личноста на Спасителот. Заради ова беше свикан Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон, на којшто се прочита посланието на Светиот папа Лав, коешто тој прво го напиша па го положи на гробот на Св. Петар, а Св. Петар го исправи. Пред смртта четириесет дена помина во пост и молитва на гробот на апостолот Петар, молејќи го да му јави дали му се простени гревовите. Апостолот му се јави и му кажа дека сите гревови му се простени, освен гревовите на ракополагањето свештеници (во што се гледа колку тежок е гревот на недостојното ракополагање). Светителот повторно се предаде на молитва сѐ додека не беше известен дека и тие гревови му се простени. Тогаш мирно Му ја предаде душата на Господ. Свети Лав се упокои во 461 година.
Свети Флавијан
Патријарх Цариградски после Прокло. Современик на Св. папа Лав. Се бореше одлучно против Евтихиј и Диоскор, но не го дочека жив триумфот на Православието на Четвртиот Собор, зашто претходно на еден еретички собор го биеја и го газеа толку бездушно, што таму и умре.
Верен војник Христов, храбар бранител и исповедник на православната вера. Се упокои во 449 година. (www.mpc.org.mk)