ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светата
преподобна маченица
Евдокија
1 март / 14 март
Глас 8
Праведноста на твојата разумна душа,
приврзувајќи ја за љубовта Христова,
те направи ученик на Словото,
која распадливоста и убавините
и временските минливости со заборав си ги надминала:
со пост првите страсти ги умртви,
со страдање како второ начело демонот го посрами:
затоа Христос со двоен венец те удостои,
славна Евдокие,преподобна маченичке,
моли го Христа Бога да ги спаси нашите души.
Извор МПЦ – ОА
Тропар на светата
Христова маченица
Антонина
1 март / 14 март
Каде што делува благодатта,
плотското мудрување сила нема,
о света Антонино маченичке,
раните и молењата ништо не се,
кога се споредат со болката на душата,
која се моли за паднатоста човекова.
Затоа девственичке Христова,
име ти е вечно на небесата,
и постојано во срце на секоја душа христијанска,
за која ти се молиш непрестајно пред Бога.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар
на светата преподобна
Домнина нова
1 март / 14 март
Солзите на покајанието,
во радосни бисери на посинувањето,
благодатни утешни потоци,
кои душата кон Господа ја носат,
доби ти Домнино од Женикот Твој,
за Кого обручена беше уште во овој живот земен,
сега се радуваш и за нас се молиш – саду на Божјата милост.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (14.03.2023)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2023 лето Господово
Од Верскиот календар:
Преподобната маченичка Евдокија
Живееше во феникискиот град Илиопол во времето на царот Трајан. Беше прво голема развратница, а потоа покајничка, испосничка и најпосле маченичка. Од развратниот живот имаше собрано големо богатство. По Божја Промисла пресврт во нејзиниот живот беше направил некој стар монах Герман, и тоа не сакајќи. Дојден по работа во градот, отседна кај еден христијанин чија куќа граничеше со куќата на Евдокија. Кога ноќе тој според својот обичај почна да чита од Псалтирот и од една книга за Страшниот Суд, Евдокија го слушна и ја обзеде таков ужас што остана будна до изутрина. А штом се зазори испрати слуги да го измолат тој монах да дојде кај неа. Герман појде и меѓу нив започна долг разговор за она што старецот го читаше минатата ноќ и воопшто за верата и спасението. Како плод на тие разговори Евдокија го замоли месниот епископ да ја крсти. По Крштението сиот свој имот ѝ го предаде на Црквата за да им се раздаде на сиромасите, ги отпушти своите слуги и робови, а самата се повлече во еден женски манастир. И толку одлучно се посвети на монашкиот живот во послушание, трпеливост, бдеење, молитва и пост, што после тринаесет месеци ја избраа за игуманија. Во манастирот проживеа педесет и шест години и се удостои пред Бога да ѝ даде толкава благодат што и мртви воскреснуваше. Кога извесен кнез Викентиј покрена гонење на христијаните, ја убија и Света Евдокија со меч. Таа е прекрасен пример како еден сад на нечистотијата може да се очисти и да се освети, да се исполни со скапоцен небесен мирис, што е благодатта на Светиот Дух.
Светата маченичка Антонина
Родена во Никеја. Апсена и свирепо мачена за верата Христова. Бог ѝ ја спаси душата и ја прослави занавек меѓу небесните ангели и верниците на земјата.